Божиќ — зошто дури и на Ориентот?
ЕДНО старо ориентално верување потсетува на божиќниот Дедо Мраз. Тоа е корејското верување во некојси Човангшин, а нешто слично може да се најде кај Кинезите и кај Јапонците.
Човангшин бил сметан за бог кој е одговорен за кујната, бог на огнот поврзуван со древното корејско обожавање на огнот. (Во старо време, Корејците внимателно пренесувале вжарени јагленчиња и се грижеле никогаш да не изгаснат.) Се верувало дека овој бог во текот на една година постојано го набљудува однесувањето на членовите на семејството, и после тоа низ кујнскиот шпорет и оџакот се вознесува на небото.
Наводно Човангшин се пријавувал кај царот на небото на 23-ти од лунарниот месец декември. Се очекувало на крајот од годината да се врати низ оџакот и шпоретот, донесувајќи награди и казни во склад со однесувањето на секој поединец. На денот на неговото враќање, членовите на семејството требало да запалат свеќи во кујната и на други места низ куќата. Сликите на тој бог на кујната имаат уште една сличност со Дедо Мраз — бил насликан во црвено! Постоел обичај снаата да сплете еден пар традиционални корејски чорапи и на краткодневицата да ѝ ги даде на свекрвата. Целта била да ја симболизира својата желба свекрвата да има долг живот, бидејќи од тој датум деновите стануваат подолги.
Зарем не забележуваш некои сличности меѓу штотуку споменатите работи и Божиќ? Тие имаат слични приказни и обичаи: оџак, свеќи, давање подароци, чорапи, старец во црвена облека и датум. Сепак, тие сличности сами по себе не се објаснување за брзото прифаќање на Божиќ во Кореја. Верувањето во Човангшин речиси избледнело до времето кога Божиќ бил првпат воведен во Кореја. Всушност, повеќето Корејци денес не ни знаат дека некогаш постоело такво верување.
Сепак, ова илустрира како обичаите поврзани со краткодневицата и крајот на годината се рашириле низ целиот свет по различни патеки. Во четвртиот век н. е., црквата која преовладувала во Римската Империја го променила името на Сатурналија, паганскиот римски празник за раѓањето на богот-сонце, и истиот го направила дел од Божиќ. Божиќната прослава се свела на заживување на локалните обичаи со поинаква етикета. Како било можно тоа?
Улогата на давањето подароци
Давањето подароци е еден обичај кој никогаш не исчезнал. Корејците долго време наоѓале голема радост во давањето и добивањето подароци. Тоа била една причина за популаризирање на божиќната прослава во Кореја.
После II светска војна, за американските војници кои биле стационирани во Кореја и кои сакале да ги зајакнат своите врски со луѓето, црквите биле места каде што се среќавале и делеле подароци и помош. Тоа се случувало особено на денот на Божиќ. Многу деца оделе в црква од љубопитност, и таму за првпат биле изложувани на чоколадни подароци. Како што можеш и да сфатиш, после тоа многу од нив со нетрпение го очекувале следниот Божиќ.
За таквите деца, Дедо Мраз бил американски војник со долга црвена капа. Изреки 19:6 вели: „Мнозина им се умилкуваат на големците, и секој му е пријател на човекот, кој дава подароци“. Да, давањето подароци се покажало многу делотворно. Но, како што можеш да заклучиш од овој стих, таквите подароци не гарантираат трајно пријателство. Дури и во Кореја, за многумина искуствата со црквата биле сведени само на вкус на чоколадо во нивните помлади години. Но, Божиќ не бил заборавен. Паралелно со брзиот економски пораст, напредокот на комерцијализмот и божиќното давање подароци во Кореја послужиле само како средство за зголемување на потрошувачката. Трговците го искористиле Божиќ за да си го зголемат профитот.
Тоа пружа увид во Божиќ на Ориентот денес. Специјално за божиќната купувачка треска се измислуваат нови производи. Со плановите за реклами се започнува уште во средината на летото. На крајот од годината прометот е највисок, бидејќи се остварува со купување божиќни подароци, картички и музички касети. Па, рекламите ќе придонесат просечниот младинец да се чувствува бедно ако остане дома и не добие никакви подароци за Бадник!
Со наближувањето на Божиќ, продавниците и трговските центри во Сеул се полнат со луѓе дојдени за да купуваат подароци, а приказната е иста и во другите градови на Ориентот. Има застој во сообраќајот. Хотелите, деловните области, рестораните и ноќните клубови се преполни со муштерии. Можат да се чујат звуци од бучни веселби и гласно пеење. На Бадник, пијани мажи и жени се тетерават низ улиците на кои е расфрлано ѓубре.
Вака изгледа сето тоа. Божиќ на Ориентот повеќе не е празник во кој предводат луѓе кои се исповедуваат како христијани. Очигледно во Кореја, како и на други места, комерцијализмот презел водство овој празник на христијанскиот свет да се искористи на најдобар можен начин. Тогаш, дали само комерцијализмот е виновен за тоа што Божиќ е во толкав несклад со духот на Христос? Вистинските христијани треба подлабоко да навлезат во сериозното спорно прашање кое овде е вклучено.
Потеклото на Божиќ
Едно диво животно ставено во кафез во зоолошка градина сѐ уште е ѕвер. И би било сериозна грешка да се верува дека ќе се припитоми само затоа што извесно време било во кафез и навидум ужива со своите младенчиња. Можеби си чул извештаи за тоа како биле нападнати работници во зоолошка градина.
Во некој поглед истото може да се рече и за прославата на Божиќ. Во почетокот таа била „ѕвер“ кој живеел надвор од христијанството. Под насловот „Врска со римската Сатурналија“, The Christian Encyclopedia (на корејски)a во врска со Божиќ забележува:
„Паганските Сатурналија и Брумалија биле премногу длабоко вкоренети во народниот обичај за да бидат отстранети со христијанското влијание. Признавањето на недела (денот на Фебус и Митра како и Господовиот ден) од страна на императорот Константин . . . можеби ги навело христијаните од четвртиот век да мислат дека е пригодно да направат роденденот на Синот Божји да се совпаѓа со роденденот на физичкото сонце. Паганскиот празник со својата распуштеност и веселба бил толку популарен што христијаните биле среќни што можеле да имаат изговор да продолжат со неговото прославување и понатаму со мала промена во духот или во самиот начин“.
Што мислиш, дали до таквиот развој дошло без никакво противење? Истата енциклопедија вели: „Христијанските проповедници од Западот и од Блискиот Исток протестирале против недоличната лекомисленост со која бил прославуван Христовиот роденден додека, пак, христијаните од Месопотамија ги обвиниле своите браќа од запад за идолопоклонство и обожавање на сонцето поради тоа што го усвоиле овој пагански празник како христијански“. Навистина, нешто не било во ред уште од самиот почеток. „Сепак, празникот бил брзо прифатен и на крај станал толку цврсто утврден што дури и протестантската револуција од шеснаесеттиот век не можела да го исфрли“, забележува енциклопедијата.
Да, во црквата која преовладувала бил воведен празник на богот-сонце кој не бил дел од вистинското христијанство. Иако добил поинакво име, сепак неговиот пагански карактер останал. Тоа, пак, помогнало да се спои паганството со номиналните христијански цркви и да се расипе духовноста на поединците. Историјата потврдува дека со развојот на христијанскиот свет, првобитниот став „љуби ги непријателите“ бил заменет со морална деградација и насилнички војни.
Со текот на времето било јасно дека и покрај своето фалсификувано име, Божиќ го одразувал своето паганско потекло со лумпување, претерано пиење, веселба, танцување, давање подароци и украсување на домовите со зимзелени дрвја. Заради крајната цел на комерцијализмот — поголема продажба — Божиќ е искористен на секој можен начин. Средствата за јавно информирање го фалат; јавноста едноставно се забавува. Една специјализирана продавница за долна облека во центарот на Сеул стигнала и на телевизиските вести бидејќи на својот излог ставила божиќно дрво накитено со долна облека. Атмосферата на Божиќ била забележлива, но немало никаков знак на „Изразување добредојде на Христос“.
Духовен увид во Божиќ
Што учиме од ваквата историска заднина и развој? Ако некоја кошула или блуза е погрешно закопчана од самиот почеток, единствен начин да се исправи ситуацијата е да се почне одново. Зарем не е така? И покрај оваа вистина, некои аргументираат дека иако има пагански корени во обожавањето на сонцето, Божиќ е прифатен од христијанскиот свет. Затоа мислат дека празникот е осветен како роденден на Христос и проткаен со ново значење.
Можеме да научиме скапоцена лекција од еден историски настан кој се случил во древната Јуда. Во 612 пр. н. е. Јудејците вовеле паганско обожавање на сонцето во ерусалимскиот храм. Дали таквото паганско обожавање било осветено со тоа што се вршело на местото посветено на чистото обожавање на Јехова Бог? Во врска со обожавањето на сонцето кое се практикувало во ерусалимскиот храм, библискиот писател Језекиил напишал: „Па ме воведе во внатрешниот двор на домот Господен, а таму пред вратата на храмот Господен, меѓу тремот и жртвеникот, до дваесет и пет мажи . . . со лицето кон исток, и се клањаат на сонцето спрема исток. И ми рече: ‚Гледаш ли, сине човечки. Малку ли е тоа за домот Јудин, да вршат такви гадотии, какви што се вршат овде? Но тие и земјата ја наполнија со бесчестие, и двојно Ме разгневуваат, и, ете, тие принесуваат гранки под носевите свои‘“ (Језекиил 8:16, 17).
Да, наместо да биде осветен, тој пагански облик на обожавање го изложил на опасност целиот храм. Такви практики продреле во Јуда и придонеле во таа земја да преовладува насилство и морална деградација. Слично е и во христијанскиот свет каде на Божиќ во преден план избиваат практики вкоренети во обожавањето на сонцето на Сатурналија. Значајно е тоа што неколку години откако Језекиил ја добил таа визија, Ерусалим го доживеал Божјиот суд — претрпел уништување од страна на Вавилонците (2. Летописи 36:15—20).
Можеби ти е интересен описот на малиот Исус од корејскиот изучувач, раскажан во претходната статија. Но, факт е дека заради тоа што доаѓа од лице кое нема точно спознание за Христос, реакцијата е полноважна. Тоа можеби ќе ги наведе луѓето кои го прославуваат Божиќ на сериозно размислување. Зошто? Затоа што Божиќ многу потфрла да го претстави Христос на исправен начин. Всушност, тој ја замаглува неговата сегашна вистинска положба. Исус повеќе не е бебе во јасли.
Библијата секогаш одново подвлекува дека сега Исус е Месијата, моќниот Цар на Божјето небесно Царство (Откровение 11:15). Тој е спремен да им стави крај на сиромаштијата и бедата за кои некои луѓе не забораваат во текот на божиќната сезона додека даваат прилози во добротворни организации.
Искрено кажано, Божиќ не им користел ниту на земјите од христијанскиот свет ниту на другите земји, вклучувајќи ги и оние од Ориентот. Наместо тоа, тој го свртел вниманието од вистинската христијанска порака за Царството Божје и за крајот на сегашниов зол систем (Матеј 24:14). Те покануваме да се информираш кај Јеховините сведоци за тоа како ќе дојде тој крај. Од нив можеш да научиш за вечните благослови кои потоа ќе дојдат на Земјата, под водство на Божјето Царство и на владејачкиот Цар, Исус Христос (Откровение 21:3, 4).
[Фуснота]
a Темелено на The New Schaff-Herzog Encyclopedia of Religious Knowledge.
[Истакната мисла на страница 6]
Божиќ потпомогнал да се воведе паганството во номиналните христијански цркви
[Слика на страница 5]
Многу деца ги посетувале црквите од љубопитност и добивале чоколадни подароци. Потоа, со нетрпение го очекувале следниот Божиќ
[Слика на страница 7]
Бадник во центарот на Сеул (Кореја)
[Слика на страница 8]
Христос повеќе не е бебе, туку моќен Цар на Божјето Царство