Животна приказна
Ми беше помогнато да ја совладам срамежливоста
РАСКАЖАЛА РУТ Л. УЛРИК
Повеќе не можев да издржам и заплакав токму на прагот на свештеникот. Тој штотуку истури еден куп лажни обвиненија против Чарлс Т. Расел кој служеше како прв претседател на Watch Tower Bible and Tract Society. Дозволете да ви објаснам на кој начин јас, уште како девојче, правев такви посети кај луѓето.
РОДЕНА сум во 1910 година во едно многу религиозно семејство на фарма во Небраска (САД). Нашето семејство заеднички ја читаше Библијата после секој појадок и вечера. Татко ми беше управник на неделното училиште во методистичката црква во гратчето Винсајд, оддалечено околу 6 километри од нашата фарма. Имавме коњска кочија со завеси на прозорците, па така сеедно какво беше времето можевме да одиме в црква во недела наутро.
Кога имав околу осум години, моето братче, кое беше уште бебе, се разболе од детска парализа, и мајка ми го одведе на лекување во еден санаториум во Ајова. И покрај нејзината лојална грижа, братчето умре додека беа таму. Но, во меѓувреме, во Ајова мајка ми се запознала со една Библиска студентка, како што тогаш се нарекуваа Јеховините сведоци. Воделе многу разговори, и мајка ми дури отишла со госпоѓата на некои состаноци на Библиските студенти.
Кога се врати дома, мајка ми донесе со себе неколку тома од Studies in the Scriptures (Студии на Писмото) кои ги имаше издадено Watch Tower Society. Набрзо се увери дека Библиските студенти поучуваат за вистината и дека учењата за бесмртност на човечката душа и за вечно мачење на злобните не се точни (1. Мојсеева 2:7; Проповедник 9:5, 10; Језекиил 18:4).
Меѓутоа, татко ми беше многу вознемирен и се противеше на обидите на мајка ми да оди на состаноците на Библиските студенти. Тој и понатаму нѐ земаше мене и мојот постар брат Кларенс со себе в црква. Но, кога татко ми не беше дома, мајка ми ја проучуваше Библијата со нас. Како резултат на тоа, ние децата имавме добра прилика да ги споредиме учењата на Библиските студенти со учењата на нашата црква.
Кларенс и јас редовно го посетувавме неделното училиште во црквата, и тој на наставничката ѝ поставуваше прашања на кои таа не можеше да му одговори. Кога се враќавме дома, ѝ кажувавме на мајка ми и тоа водеше до долги дискусии на овие теми. На крај, престанав да одам в црква и почнав да присуствувам на состаноците на Библиските студенти со мајка ми, а недолго после тоа и Кларенс го стори истото.
Се справувам со срамежливоста
Во септември 1922 мајка ми и јас присуствувавме на знаменитиот конгрес на Библиските студенти во Седар Поинт (Охајо). Сѐ уште можам да го видам огромниот бајрак кој се развиткуваше додека Џозеф Ф. Ратерфорд, тогашниот претседател на Watch Tower Society, ги поттикна присутните, повеќе од 18.000, со зборовите на бајракот: „Објавувајте ги Царот и Царството“. Бев длабоко трогната и ја почувствував итноста да им кажувам на другите за добрата вест за Божјето Царство (Матеј 6:9, 10; 24:14).
На конгресите кои се одржаа од 1922 до 1928 беа усвоени низа резолуции, и пораките од нив беа вклучени во десетиците милиони трактати кои Библиските студенти ги разнесуваа до луѓето ширум светот. Јас бев висока и слаба — ме нарекуваа ‘рт — и итав од куќа до куќа делејќи ги овие печатени пораки. Навистина уживав во ова дело. Сепак, разговорот на врата, лично да им зборувам на другите за Божјето Царство беше нешто сосема друго.
Знаете, јас бев толку срамежлива што дури се плашев кога мајка ми покануваше сурија роднини секоја година. Исчезнував во мојата спална и седев таму. Еднаш, мајка ми сакаше да се сликаме цело семејство, и ме викна да излезам. Бидејќи не сакав да им се придружам, врескав додека таа дословно ме влечеше од мојата соба.
Меѓутоа, дојде денот кога во чантата одлучно ставив библиска литература. Секогаш одново си велев: „Јас не можам да го правам тоа“, но следниот момент си велев: „Морам“. На крај, тргнував да проповедам. После тоа, бев толку среќна што сум собрала храброст да отидам. Најголема радост ми беше што ја завршував таа работа, а не самото нејзино вршење. Отприлика во тоа време го сретнав свештеникот што го спомнав на почетокот и си заминав откај него плачејќи. Како што времето поминуваше, со Јеховина помош можев да разговарам со луѓето на нивната врата, и мојата радост се зголемуваше. Потоа, во 1925, го симболизирав моето предание на Јехова со крштавање во вода.
Започнувам со полновремена служба
Кога имав 18 години купив кола со парите што ги наследив од една тетка и почнав со пионерење, како што е наречена полновремената служба. После две години, во 1930, партнерката и јас добивме проповедничка доделба. Дотогаш и Кларенс почна да пионери. Набрзо потоа тој ја прифати поканата да служи во Бетел, светската централа на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк).
Некаде во тоа време нашите родители се раздвоија, па мајка ми и јас направивме станбена приколка и почнавме да пионериме заедно. Тогаш во Соединетите Држави настапи Големата Депресија. Беше голем предизвик да се продолжи со пионерското дело ‚ но ние бевме одлучни да не престанеме. Дававме библиска литература во замена за кокошки, јајца и градинарски производи, како и за работи како што се стари батерии и алуминиумски отпад. Отпадот го продававме за да купиме бензин за колата и да ги покриеме другите трошоци. Исто така, научив да ја подмачкувам колата и да го менувам маслото за да заштедиме пари. Гледавме како Јехова, верен на своето ветување, наоѓаше начин да ни помогне да ги совладаме препреките (Матеј 6:33).
Кон мисионерски доделби
Во 1946 бев поканета во седмиот клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower која беше сместена во близина на Саут Лансинг (Њујорк). Дотогаш мајка ми и јас веќе пионеревме заедно повеќе од 15 години, па сепак таа не сакаше да ме попречува во приликата да добијам обука во мисионерското дело. Затоа ме охрабри да ја прифатам предноста да отидам на школата Гилеад. После дипломирањето, Марта Хес од Пиорија (Илиноис) и јас станавме партнерки. Заедно со уште други две за една година бевме доделени во Кливленд (Охајо), додека чекавме на нашата доделба во странство.
Таа доделба дојде во 1947. Марта и јас бевме доделени на Хаваите. Бидејќи беше лесно некој да се пресели на тие острови, дојде и мајка ми која живееше во наша близина, во градот Хонолулу. Здравјето ѝ се влошуваше, па така, покрај грижата за моите мисионерски активности ѝ помагав и нејзе. Можев да се грижам за неа сѐ до нејзината смрт на Хаваите во 1956 година кога имаше 77 години. Кога пристигнавме, на Хаваите имаше околу 130 Сведоци, но до времето кога умре мајка ми, имаше над илјада, и веќе немаше потреба од мисионери.
Потоа, Марта и јас добивме писмо од Watch Tower Society со кое ни беше понудена доделба во Јапонија. Главна грижа ни беше дали на наша возраст би можеле да го научиме јапонскиот јазик. Тогаш веќе имав 48 години, а Марта беше само четири години помлада од мене. Но, го оставивме тоа во Јеховини раце и ја прифативме доделбата.
Веднаш после меѓународниот конгрес во 1958 на стадионите Јенки и Поло Граундз во Њујорк Сити, заминавме со брод за Токио. Удирани од тајфун, наближувавме кон пристаништето Јокохама, каде нѐ пречекаа Дон и Мејбел Хаслет, Лојд и Мелба Бери и други мисионери. Во тоа време во Јапонија имаше само 1.124 Сведоци.
Веднаш почнавме да учиме јапонски и да учествуваме во службата од врата до врата. Користејќи ја англиската азбука, ги запишувавме нашите јапонски презентации кои ги читавме. Како одговор станарите ќе речеа „Јорошии десу“ или „Кеко десу“ за кои научивме дека значат „фино е тоа“ или „добро е тоа“. Но, не знаевме секогаш дали станарот е заинтересиран или не, бидејќи истите зборови се користеа и за да се изрази одбивање. Значењето зависеше од тонот на гласот на човекот или од неговиот израз на лицето. Ни беше потребно време за да научиме да ги протолкуваме тие работи.
Искуства кои ми го греат срцето
Сѐ уште борејќи се со јазикот, еден ден бев во посета на станбената населба на компанијата Мицубиши и се запознав со една 20-годишна жена. Таа добро напредуваше во библиското спознание и во 1966 се крсти. После една година почна да пионери и набрзо потоа беше наименувана како специјален пионер. Во таа служба е до ден-денес. Секогаш ми беше инспирација кога ја гледав како од својата младост па наваму времето и енергијата продолжи да ги користи во полновремената служба.
Заземањето став за библиската вистина е предизвик кој е особено голем за луѓето кои живеат во нехристијанско општество. Сепак, илјадници лица успешно се соочија со овој предизвик, вклучувајќи и извесен број од оние со кои јас ја проучував Библијата. Тие се ослободија од скапите будистички олтари и шинто полици кои традиционално се наоѓаат во јапонските домови. Бидејќи роднините понекогаш погрешно ги толкуваат таквите постапки како непочитување на мртвите предци, потребна е храброст за новите да го прават тоа. Нивните храбри постапки потсетуваат на постапките на раните христијани кои се откажале од предмети поврзани со лажното обожавање (Дела 19:18—20).
Се сеќавам на една библиска студентка, домаќинка, која планираше со семејството да се исели од Токио. Сакаше да се пресели во нов дом во кој нема да има предмети поврзани со паганското обожавање. Затоа му кажа на сопругот за своите желби, и тој спремно соработуваше. Таа радосно ми кажа за тоа, но потоа се сети дека имала спакувано една голема, скапа мермерна вазна која ја купила бидејќи ѝ било речено дека таа ќе ѝ носи среќа во домот. Бидејќи се сомневаше во поврзаноста на вазната со лажното обожавање, ја скрши со чекан и ја фрли.
Кога ја гледав оваа жена и други како спремно се ослободуваа од скапи предмети поврзани со лажното обожавање и како храбро почнуваа нов живот на служба на Јехова, за мене беше многу наградувачко искуство кое ми донесуваше задоволство. Редовно му благодарам на Јехова што повеќе од 40 години можев да се радувам на мисионерската служба во Јапонија.
Современи „чуда“
Кога ќе се свртам кон минатото, на моите повеќе од 70 години поминати во полновремена служба, се воодушевувам на работите кои ми личат на современи чуда. Како млада девојка која се мачеше со срамежливоста, никогаш не ни помислував дека целиот живот би можела да го поминам преземајќи иницијатива да разговарам со луѓето за едно Царство за кое повеќето не сакаат да чујат ништо. Сепак, не само што можев да го правам тоа, туку видов како стотици, ако не и илјадници го прават истото. И го правеа толку делотворно што оние малку повеќе од илјада Сведоци колку што ги имаше во Јапонија кога пристигнав во 1958, пораснаа на над 222.000 денес!
Кога Марта и јас првпат пристигнавме во Јапонија, бевме доделени да живееме во канцеларијата на подружницата во Токио. Во 1963 на тоа место беше изграден шесткатен објект на подружницата, и оттогаш живееме таму. Во ноември 1963 бевме меѓу оние 163 присутни на говорот за свечено отворање кој го одржа надгледникот на нашата подружница Лојд Бери. Дотогаш во Јапонија достигнавме бројка од 3.000 Сведоци.
Беше задоволство да се види како делото на проповедање на Царството драматично расте, достигнувајќи повеќе од 14.000 во 1972 кога во градот Нумазу беше довршена една нова проширена подружница. Но, во 1982 во Јапонија имаше над 68.000 објавители на Царството, и беше изграден еден многу поголем објект на подружницата во градот Ебина, на 80 километри од Токио.
Во меѓувреме беше реновирана поранешната зграда на подружницата која се наоѓа во центарот на Токио. Со текот на времето, таа почна да служи како мисионерски дом за над 20 мисионери кои служеа во Јапонија 40 или 50 години или подолго, во кои спаѓаме мојата долгогодишна партнерка Марта Хес и јас. Во нашиот дом живее и еден лекар со својата сопруга која е болничарка. Тие внимаваат на нас, грижејќи се со љубов за нашите здравствени потреби. Неодамна на персоналот беше додадена уште една болничарка, а во текот на денот доаѓаат христијански сестри како помошнички на болничарките. По двајца членови на бетелската фамилија од Ебина доаѓаат наизменично за да ни подготвуваат оброци и да го чистат нашиот дом. Јехова е навистина добар со нас (Псалм 33:8, 10).
Една врвна точка од мојот мисионерски живот се случи минатиот ноември, 36 години после свеченото отворање на зградата во која сега живееме повеќето од нас кои сме долгогодишни мисионери. На 13 ноември 1999 бев меѓу оние над 4.486, вклучувајќи и стотици долгогодишни Сведоци од 37 земји кои присуствуваа на свеченото отворање на проширените објекти на подружницата во Јапонија на Watch Tower Bible and Tract Society во Ебина. Моментално во фамилијата од таа подружница има околу 650 лица.
Во текот на речиси 80-те години откако плашливо почнав да одам од куќа до куќа разнесувајќи библиски пораки, Јехова ми беше зајакнувачка помош. Тој ми помогна да ја совладам срамежливоста. Цврсто верувам дека Јехова може да го употреби секого кој полага доверба во него, па дури и оние кои се крајно срамежливи како мене. И каков само задоволителен живот водев разговарајќи со непознати за нашиот Бог Јехова!
[Слика на страница 21]
Со мајка ми и Кларенс кој нѐ посетуваше од Бетелот
[Слика на страница 23]
Членови на нашиот клас проучуваат на тревникот на школата Гилеад во близина на Саут Ленсинг (Њујорк)
[Слика на страница 23]
лево: јас, Марта Хес и мајка ми, на Хаваите
[Слика на страница 24]
десно: членови на нашиот мисионерски дом во Токио
[Слика на страница 24]
долу: Со мојата долгогодишна партнерка Марта Хес
[Слика на страница 25]
Нашите проширени објекти на подружницата во Ебина беа свечено отворени минатиот ноември