ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w03 1/10 стр. 24-28
  • Јехова ги привлекува понизните кон вистината

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Јехова ги привлекува понизните кон вистината
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Средба со еден странец
  • Три жални настани
  • Привлечена кон вистината
  • Среќни теократски активности
  • Воодушевена од меѓународното братство
  • Радосна служба како двојка
  • Благословена да го видам порастот
  • Од обожавање на императорот до вистинското обожавање
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
  • Бевме тим
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
  • Ми беше помогнато да ја совладам срамежливоста
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2000
  • Дали се огласуваш кога некој те повикува?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
w03 1/10 стр. 24-28

Животна приказна

Јехова ги привлекува понизните кон вистината

РАСКАЖАЛА АСАНО КОШИНО

Во 1949, само неколку години по Втората светска војна, еден висок, пријатен странец го посети семејството за коешто работев во градот Кобе. Тој беше првиот мисионер на Јеховините сведоци што дојде во Јапонија. Неговата посета ми овозможи да ја чујам библиската вистина. Но, дозволете ми најпрво да ви кажам нешто за моето потекло.

РОДЕНА сум во 1926, во едно мало село во северната префектура Окајама. Бев петто од осум деца. Татко ми беше предаден ревен верник во богот на локалното шинтоистичко светилиште. Па така, ние децата уживавме во прослави и семејни собирања за време на религиозните празници преку целата година.

Додека растев, имав многу прашања во врска со животот, но нешто што најмногу ме загрижуваше беше смртта. Според традицијата, луѓето мораа да си умрат дома а децата да бидат покрај смртната постела на членовите на семејството. Се чувствував бескрајно тажна кога почина баба ми, а потоа и брат ми, кој немаше ни една година. За мене беше застрашувачки дури и да помислам на смртта на моите родители. ‚Зарем ова е сѐ? Можно ли е животот да има поголема смисла?‘ Бев желна да дознаам.

Во 1937, кога бев шесто одделение, почна кинеско-јапонската војна. Мажите беа регрутирани и испраќани на бојното поле во Кина. Учениците ги испраќаа своите татковци или браќа, извикувајќи „банзаи!“ (да живее) императорот. Луѓето беа уверени дека победник во таа војна ќе биде Јапонија, божествената нација, и нејзиниот император, жив бог.

Не помина многу време и семејствата почнаа да добиваат од фронтот известувања за загинатите. Ништо не можеше да ги утеши ужалените семејства. Омразата во нивните срца растеше, и се радуваа кога на страната на непријателот имаше големи жртви. Но, во исто време си мислев: ‚Сигурно и луѓето на страната на непријателот, кога ќе умрат нивните сакани, страдаат исто толку колку и ние‘. Додека да завршам основно училиште, војната се прошири длабоко во Кина.

Средба со еден странец

Бидејќи бевме земјоделци, нашето семејство отсекогаш беше сиромашно, но татко ми ми дозволи да продолжам со школувањето сѐ додека немаше никакви трошоци. Па така, во 1941 се запишав во училиштето за девојки во градот Окајама, оддалечен околу 100 километри. Целта на училиштето беше да обезбеди образование за девојки што ќе станат добри сопруги и мајки, и ги доделуваше ученичките да живеат кај богати семејства во градот како помошнички на домаќинката. Претпладне ученичките учеа така што работеа во овие домови, а попладне одеа во училиште.

По формалностите за добредојде во училиштето, мојата учителка, облечена во кимоно, ме одведе во една голема куќа. Но, од некоја непозната причина, госпоѓата не ме прими. „Тогаш, ќе одиме ли до куќата на г-ѓа Кода?“ ме праша учителката. Ме одведе до една куќа во западен стил и поѕвони на ѕвончето. По некое време, излезе една седокоса госпоѓа. Бев запрепастена! Таа не беше Јапонка, а јас никогаш во мојот живот немав видено некој западњак. Учителката ме претстави на г-ѓа Мод Кода и брзо си замина. Влечејќи ги моите торби, нервозно влегов во куќата. Подоцна дознав дека г-ѓа Мод Кода е Американка омажена за Јапонец кој студирал во Соединетите Држави. Таа предаваше англиски во економските училишта.

Уште следното утро почна мојот живот исполнет со работа. Сопругот на г-ѓа Кода страдаше од епилепсија, а јас морав да ѝ помагам во грижата околу него. Бидејќи воопшто не разбирав англиски, се загрижив малку. Ми олесна кога г-ѓа Кода почна да ми зборува на јапонски. Секој ден ги слушав како си разговараат на англиски и полека-полека ушите ми се навикнаа на тој јазик. Ми се допаѓаше пријатната атмосфера во куќата.

Бев воодушевена од оддаденоста на Мод кон нејзиниот болен сопруг. Тој сакаше да ја чита Библијата. Подоцна дознав дека оваа брачна двојка го набавила јапонското издание на книгата The Divine Plan of The Ages (Божествениот план на вековите) од една продавница за стари книги и дека е претплатена на англиското издание на Стражарска кула веќе неколку години.

Еден ден добив Библија како подарок. Бев среќна зашто првпат во животот имав моја сопствена Библија. Ја читав на пат до и од училиште, но малку разбирав. Бидејќи бев воспитана како јапонски шинтоист, Исус Христос ми изгледаше многу далечен. Не ни сфатив дека тоа беше почетокот на нешто што на крајот ќе доведе до тоа да ја прифатам библиската вистина, која ќе одговори на моите прашања во врска со животот и смртта.

Три жални настани

Двете години како помошничка брзо поминаа и морав да се збогувам со семејството Кода. Откако го завршив училиштето, се приклучив на женската доброволна бригада и учествував во производството на униформи за морнарицата. Почнаа воздушните напади на американските бомбардери В-29 и, на 6 август 1945, врз Хирошима беше фрлена атомска бомба. Неколку дена подоцна добив телеграма и дознав дека мајка ми е сериозно болна. Се качив на првиот воз за дома. Штом се симнав од возот, еден роднина ме пречека и ми кажа дека мајка ми починала. Умре на 11 август. Она од што со години се плашев се оствари! Никогаш повеќе нема да разговара со мене ниту ќе ми се насмевне.

На 15 август, поразот на Јапонија стана реалност. Така, морав да се соочам со три жални вести, и сето тоа во рок од десет дена: прво, експлозијата на атомската бомба, смртта на мајка ми и историскиот пораз на Јапонија. Утешно беше барем тоа што знаев дека луѓето нема повеќе да умираат во војна. Со празнина во срцето, ја напуштив фабриката и се вратив во мојот дом на село.

Привлечена кон вистината

Еден ден, неочекувано добив писмо од Мод Кода од Окајама. Ме замоли ако можам да ѝ помогнам околу домашните работи, зашто требаше да отвори училиште на англиски. Се мислев што да направам, но ја прифатив нејзината покана. Неколку години подоцна, се преселив со семејството Кода во Кобе.

Во почетокот на летото 1949, еден висок, пријатен господин го посети семејството Кода. Се викаше Доналд Хаслет и беше дојден од Токио да најде дом за мисионери во Кобе. Тој беше првиот мисионер на Јеховините сведоци во Јапонија. Најде куќа и, во ноември 1949, неколку мисионери пристигнаа во Кобе. Еден ден, петмина од нив дојдоа кај семејството Кода. Двајца од нив, Лојд Бери и Перси Излоб, околу десет минути им зборуваа на англиски на оние што беа собрани во куќата. На мисионерите Мод им беше позната како христијанска сестра која очигледно беше охрабрена од дружењето. Токму тогаш бев мотивирана да научам англиски.

Со помош од ревносните мисионери, постепено почнав да ги разбирам основните библиски вистини. Ги најдов одговорите на прашањата што ги имав уште од детството. Да, Библијата ја нуди надежта за вечен живот во рај на земјата и ветувањето за воскресение на „сите оние што се во спомен-гробовите“ (Јован 5:28, 29; Откровение 21:1, 4). Му бев благодарна на Јехова што ја направил таа надеж возможна преку откупната жртва на неговиот Син, Исус Христос.

Среќни теократски активности

Од 30 декември 1949 до 1 јануари 1950 во мисионерскиот дом во Кобе се одржа првиот теократски собир во Јапонија. Јас отидов со Мод. Големата куќа порано ја поседувале нацистите и имаше импресивен поглед на Копненото Море и на островот Аваџи. Со моето ограничено спознание од Библијата, не сфатив баш многу од она што беше кажано. Сепак, бев длабоко импресионирана од мисионерите кои слободно се дружеа со Јапонците. На тој собир, на јавното предавање имаше вкупно 101 присутен.

Набрзо потоа, решив да учествувам во службата на теренот. Ми беше потребна храброст за да одам од куќа до куќа, зашто по природа бев срамежлива. Едно утро, брат Лојд Бери дојде кај нас и ме зеде во служба. Почна од куќата што беше веднаш до куќата на сестра Кода. Додека ја слушав неговата презентација, буквално се криев зад него. Кога по вторпат отидов во служба, работев со двајца други мисионери. Една постара Јапонка нѐ покани внатре, нѐ слушаше и подоцна нѐ послужи со по една чаша млеко. Се согласи да има домашна библиска студија и по некое време стана крстена христијанка. Бев охрабрена кога гледав како напредува.

Во април 1951, брат Натан Х. Нор од седиштето во Бруклин, првпат ја посети Јапонија. На јавното предавање што го одржа во аудиториумот Кјурицу во Канда, Токио, дојдоа околу 700 луѓе. На овој специјален состанок, сите присутни се радуваа на излегувањето на јапонското издание на Стражарска кула. Следниот месец, брат Нор го посети Кобе и на специјалниот состанок таму се крстив како симбол на моето предание на Јехова.

Околу една година подоцна, бев охрабрена да започнам со полновремена служба, пионерска служба. Во тоа време во Јапонија имаше само неколку пионери, и се прашував како ќе се издржувам финансиски. Исто така размислував што ќе се случи со моите изгледи за брак. Но, тогаш сфатив дека служењето на Јехова треба да биде на прво место во животот, па така, во 1952, се приклучив во пионерските редови. За среќа, додека пионерев, можев да работам со скратено работно време за сестра Кода.

Отприлика во тоа време, мојот брат, за кого мислев дека загинал во војната, се врати со своето семејство од Тајван. Моето семејство никогаш не покажа интерес за христијанството, но со пионерска ревност, почнав да им ги испраќам нашите списанија и брошури. Подоцна, брат ми со семејството се пресели во Кобе поради неговата работа. „Ги прочита ли списанијата?“ ја прашав снаа ми. На мое изненадување, таа рече: „Интересни списанија се“. Таа почна да ја проучува Библијата со еден од мисионерите, а мојата помала сестра, која живееше со нив, ѝ се придружи во студијата. Со текот на времето, и двете станаа крстени христијанки.

Воодушевена од меѓународното братство

Набрзо потоа, бев вчудовидена кога добив покана да присуствувам на 22-от клас на библиската школа Гилеад на Watchtower. Брат Цутому Фукасе и јас бевме првите Јапонци што беа поканети на школата. Во 1953, пред да почне класот, можевме да присуствуваме на Собирот „Општеството на новиот свет“ што се одржа на стадионот Јенки во Њујорк. Бев многу воодушевена од меѓународното братство на Јеховиниот народ.

Петтиот ден од конгресот, делегатите од Јапонија, повеќето мисионери, требаше да носат кимона. Бидејќи кимоното што го испратив претходно не стигна навреме, го позајмив кимоното на сестра Нор. За време на сесијата почна да врне, и се загрижив дека кимоното може да се натопи. Токму во тој момент, некој зад мене нежно префрли мантил за дожд преку мене. „Знаеш ли кој е тоа?“, ме праша една сестра што стоеше до мене. Подоцна дознав дека тоа беше брат Фредерик В. Франц, член на Водечкото тело. Колку само ја почувствував срдечноста на Јеховината организација!

Дваесет и вториот клас на Гилеад беше навистина меѓународен клас, со 120 студенти од 37 земји. Иако постоеја јазични бариери, потполно уживавме во меѓународното братство. Еден снежен ден во февруари 1954, дипломирав и бев доделена пак во Јапонија. Една друга студентка од класот, Ингер Брант, сестра од Шведска, требаше да ми биде партнер во Нагоја. Таму им се придруживме на групата мисионери што поради војната беа евакуирани од Кореја. Неколкуте години што ги поминав во мисионерска служба беа многу скапоцени за мене.

Радосна служба како двојка

Во септември 1957 бев поканета да служам во Бетелот во Токио. Како канцеларија на подружницата во Јапонија служеше една двоспратна дрвена куќа. Во подружницата имаше само четири члена, вклучувајќи го и брат Бери, надгледникот на подружницата. Другите од фамилијата беа мисионери. Бев доделена да работам како преведувач и коректор, плус да чистам, перам, готвам итн.

Делото во Јапонија растеше и во Бетел беа поканети повеќе браќа. Еден од нив стана надгледник во собранието во коешто служев. Во 1966 тој брат, Џунџи Кошино, и јас се венчавме. Откако се венчавме, Џунџи беше доделен во покраинското дело. Ни претставуваше радост што запознававме толку многу браќа и сестри додека патувавме во разни собранија. Бидејќи ми беше доделено и да преведувам по нешто, тоа го правев во домот во којшто престојувавме преку седмицата. Додека патувавме, освен нашите куфери и другите торби, моравме да ги носиме и тешките речници.

Во покраинското дело уживавме повеќе од четири години и видовме како организацијата продолжува да расте. Подружницата се пресели во Нумазу, а со години подоцна во Ебина, каде што се наоѓаат сегашните објекти на подружницата. Џунџи и јас долго време уживаме во бетелската служба и сега работиме со фамилија од околу 600 членови. Во мај 2002, пријателите во Бетел љубезно ги прославија моите 50 години во полновремената служба.

Благословена да го видам порастот

Во 1950, кога почнав да му служам на Јехова, во Јапонија објавителите се броеја на прсти. Сега има повеќе од 210.000 објавители на Царството. И навистина, илјадници луѓе слични на овци беа привлечени кон Јехова, исто како што бев и јас.

Четирите браќа и сестри мисионери што нѐ посетија во домот на сестра Кода во 1949, како и сестра Мод Кода, сите верно го завршија својот животен пат. Истото беше случај и со брат ми, кој беше слуга помошник, и снаа ми, која уживаше во пионерската служба околу 15 години. Какви се изгледите за иднината на моите родители, од чијашто смрт се плашев како дете? Библиското ветување за воскресение ми дава надеж и утеха (Дела 24:15).

Кога ќе погледнам наназад, сметам дека мојата средба со Мод во 1941 беше пресвртница во мојот живот. Да не се сретнев со неа во тоа време и да не се оѕвиев на нејзината покана повторно да работам за неа по војната, веројатно ќе живеев на нашата фарма во тоа далечно село и немаше да имам никаков контакт со мисионерите во тие рани денови. Колку многу сум му благодарна на Јехова што ме привлече кон вистината преку Мод и раните мисионери!

[Слика на страница 25]

Со Мод Кода и нејзиниот сопруг. Јас сум напред лево

[Слика на страница 27]

Со мисионерите од Јапонија на стадионот Јенки во 1953. Јас сум на крајот лево

[Слики на страница 28]

Во Бетел со мојот сопруг, Џунџи

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели