Зошто треба да се молиш?
„БАРАТЕ, а сепак не добивате, бидејќи барате со погрешна цел . . . Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:3, 8). Овие зборови на Исусовиот ученик Јаков веројатно нѐ поттикнуваат да размислиме за причините поради кои се молиме.
Молитвата не е само средство да му кажеме на Бог што ни треба. Во својата прочуена Проповед на гората, Исус рекол: ‚Вашиот Татко знае што ви треба уште пред да го замолите‘. Сепак, Исус го рекол и ова: „Постојано молете, и ќе ви се даде“ (Матеј 6:8; 7:7). Значи, Јехова сака да му кажеме што сметаме дека ни е потребно. Но, молитвата вклучува многу повеќе од тоа.
Вистинските пријатели не комуницираат само кога им треба нешто. Тие се заинтересирани еден за друг, и нивното пријателство расте кога ги изразуваат своите чувства. На сличен начин, целта на молитвата е поголема отколку само да се бараат неопходните работи. Таа пружа прилика да го зајакнеме својот однос со Јехова така што ќе му ја изразиме својата длабока оддаденост.
Да, Бог ни ја дал предноста на молитвата за да можеме да му се приближиме. Тоа ќе биде случај само ако му ги изразиме личните чувства наместо да рецитираме молитви научени напамет. Какво само задоволство е да се разговара со Јехова во молитва! Освен тоа, една библиска изрека вели: „Мила Му е молитвата на праведните“ (Пословици 15:8).
„А за мене милина е да бидам во Божја близина [да му се приближам на Бог, NW]“, пеел псалмистот Асаф (Псалм 73:28). Но, за да му се приближиме на Бог мора да правиме повеќе отколку само да се молиме. Забележи како тоа може да се види од следниов извештај:
„Еден од [Исусовите] ученици му рече: ‚Господи, научи нѐ да се молиме‘“. Во одговорот Исус рекол: „Кога се молите, кажете: ‚Татко, нека се свети името твое. Нека дојде царството твое‘“ (Лука 11:1, 2). Би можеле ли и ние да се молиме смисловно на ваков начин ако најпрвин не научиме кое е Божјето име и како треба да се свети тоа? И би можеле ли да се молиме во склад со овие зборови на Исус ако не сме разбрале што е Божјето Царство? Можеме да ги разбереме овие работи ако внимателно ја испитаме Библијата. Спознанието добиено на таков начин ќе ни помогне да го запознаеме Бог и да ги разбереме неговите патишта. Освен тоа, запознавањето со Јехова Бог ќе ни помогне да се чувствуваме уште поблиски и пооддадени на него. Тоа пак, од своја страна, ќе ни помогне послободно да зборуваме со него во молитва.
Молитвата може да ги реши проблемите
Развивањето близок однос со Јехова ќе ни помогне во решавањето на проблемите. Забележи како ова било случај во секоја од следниве околности. Тие илустрираат дека оние кои се молеле, можеле да го зајакнат својот однос со Јехова.
Во Бразил една жена по име Марија му се молела на Бог за помош. Порано сакала да се бунтува против прифатените мерила на однесување делумно поради лицемерството кое го гледала во општеството. Марија дури ги напуштила сопругот, децата и домот. Почнала да зема и дрога. Но, кога не успеала да пронајде среќа, му го отворила своето срце на Бог и се молела за помош.
Набрзо ја посетиле двајца Јеховини сведоци и ѝ оставиле едно издание од Стражарска кула кое содржело материјал за тоа од колкава вредност е прифаќањето на божественото водство. Тоа го трогнало нејзиното срце, и уште истиот ден почнала да ја проучува Библијата со Сведоците. Ова конечно водело до обновување на нејзиниот семеен живот. Како што учела за Јехова, сакала да ја покаже својата љубов кон него. „Се менував на подобро“, рекла Марија. „Мојот сопруг и семејството во почетокот приговараа на тоа што ја проучував Библијата. Но, како што ги гледаа промените што ги правев, почнаа да ме охрабруваат на тоа.“ Подоцна, Марија му го предала својот живот на Слушачот на молитвите за да му служи.
Иако имал прекрасна сопруга и напреден бизнис во Боливија, Хозе бил несреќен. Поради неговата вонбрачна врска, сопругата го напуштила. Претерано пиел и се чувствувал бескорисен. Хозе вели: „Почнав да се молам со сето срце, прашувајќи го Бог што да правам за да му се допаднам. Набрзо, на работното место ме посетија Јеховини сведоци и ми понудија бесплатна библиска студија, но одбив. Ова се случи трипати. Секојпат кога се молев за помош, доаѓаа тие. Конечно, решив следниот пат да ги сослушам. Ја имав прочитано Библијата и имав многу прашања, но Сведоците секогаш имаа задоволителни одговори. Тоа што учев за Јехова ми даде нова смисла во животот, а моите пријатели Сведоци беа толку охрабрувачки примери! Ја напуштив девојката, како и другарите со кои пиев. Набрзо им се вратив на сопругата и на децата. Се крстив во почетокот на 1999“.
Во Италија, Тамара имала проблеми во бракот, па затоа се молела за мудрост. Развила агресивен став, бидејќи била тепана и исфрлена од семејството на 14-годишна возраст. Тамара вели: „Најдов Библија и почнав да ја читам. Една вечер прочитав дека ‚да најдеш мудрост е како да си нашол скриено богатство‘. Се помолив за таа мудрост (Пословици 2:1—6). Следното утро ме посетија Јеховини сведоци. Почнав да ја проучувам Библијата со нив, но ми беше потребно некое време за да го применам во пракса она што го учев. Конечно, решив да го следам христијанскиот пат на живот и се крстив. Сега, заедно со мојот сопруг, им помагам на другите да извлечат корист од Божјата мудрост“.
Беатрис била од високото друштво во Каракас (Венецуела). Сепак, била разведена и вознемирена. Така очајна, еднаш поминала неколку часа во молитва. Следното утро некој заѕвонил на вратата. Изнервирана, ѕирнала низ шпионката и видела двајца луѓе со актовки. Се преправала дека не е дома, но пред да си заминат, тие ѝ оставиле леток под вратата. „Запознајте ја Вашата Библија“, стоело на него. Дали е можно нивната посета да била поврзана со молитвите претходната ноќ? Ги повикала да се вратат. Наскоро почнала да ја проучува Библијата, и подоцна се крстила. Најпосле среќна, денес Беатрис ги поучува другите за тоа како да најдат среќа.
Кармен се молела во врска со нејзината борба со сиромаштијата. Имала десет деца и маж пијаница, Рафаел. „Се обидував да заработам пари така што им перев облека на другите“, рекла Кармен. Но, навиката на Рафаел да пие сѐ повеќе се влошувала. „Беше така сѐ додека не почнавме да ја проучуваме Библијата со Јеховините сведоци. Тогаш маж ми почна да се менува. Дознавме за ветувањето за Царството — дека наскоро Јехова ќе го отстрани светот на сиромаштија и угнетување. Моите молитви до Бог конечно беа одговорени!“ Учењето за Јеховините патишта му помогнало на Рафаел да престане со пиењето и да ја облече „новата личност“ (Ефешаните 4:24). Тој и неговото семејство можеле да го подобрат својот стандард на живеење. Рафаел вели: „Можеби не сме богати, и немаме сопствен дом, но го имаме она што ни е неопходно за живот, и среќни сме“.
Кога сите молитви ќе бидат одговорени
Дали молењето на овие луѓе било од некаква корист? Секако! И дали забележа дека во повеќето случаи, молитвите им биле одговорени кога некој од христијанското собрание им помогнал да му се приближат на Јехова Бог преку проучување на Библијата? (Дела 9:11).
Значи, имаме добри причини да се молиме. Наскоро ќе биде одговорена молитвата да дојде Божјето Царство и да се врши неговата волја на Земјата (Матеј 6:10). Откако Бог ќе ја исчисти нашата Земјина топка од оние кои му се противат, „земјата ќе се исполни со знаење за Господа“ (Исаија 11:9). Тогаш, сите оние кои го љубат Јехова ќе уживаат во „славната слобода на Божјите деца“ — и нивните молитви сигурно ќе бидат одговорени (Римјаните 8:18—21).
[Слика на страница 7]
Дали знаеш зошто треба да се молиме?