Ние сме од оние кои имаат вера
Проповедање на Царството на Алтиплано во Перу
МЕЃУ источните и западните венци на Андите — каде што се среќаваат Боливија и Перу — лежи Алтиплано. Неговото име значи „висорамнина“ или „плато“. Поголемиот дел од него лежи во Боливија.
Алтиплано е широк 100 километри, а долг над 1000 километри и неговата просечна висина изнесува околу 3.700 метри над морското ниво. Ако се качиш на авион кој лета во тој правец од Лима, крајбрежниот главен град на Перу, ќе го поминеш прекриениот со снег Ел Мисти, вулкан кој се издига меѓу облаците во висина од 5.822 метри. Во висина од над 6.000 метри се издигнуваат далечните снежни врвови на Невадо Ампато и Невадо Коропуна. Одеднаш на видик се задава едно огромно плато — јужниот Алтиплано во Перу.
Главен град на перуанскиот Алтиплано е Пуно, сместен во северозападниот дел на езерото Титикака, највисокото пловно езеро во светот. Бидејќи регионот се наоѓа на висина од над 3 километри, на посетителите им е потребно извесно време за да можат да се адаптираат на реткиот воздух. Покрај езерото Титикака живеат Кечуа и Ајмара Индијанците. Може да се види како тие, облечени во разнобојни црвени, зелени или плави облеки, работат на своите чакри, односно мали фарми. Иако главен јазик во Перу е шпанскиот, на Алтиплано исто така се зборуваат Кечуа и Ајмара.
Предводење во делото на проповедање
Многу понизни, вредни луѓе кои зборуваат кечуа и ајмара неодамна дојдоа до точно спознание на библиската вистина. Ова во голема мера се должи на Јеховиниот богат благослов врз ревносните напори на полновремените објавители на Царството кои служат како специјални пионери.
На пример, специјалните пионери Хозе и Силвија биле доделени во градот Путина, на околу 50 километри од езерото Титикака. Во рок од два месеца, Силвија водела 16 домашни библиски студии, а Хозе 14. За само шест месеци, бројот на собраниски објавители пораснал од 23 на 41. Во меѓувреме, присутноста на состаноците се зголемила од 48 на најголем број од 132.
„Кога во овие изолирани заедници започнавме со собраниски состаноци“, вели Хозе, „сметавме дека е практично да започнеме со Состанок за јавност и Собраниска студија на книга. Тоа им олеснува на новозаинтересираните лица да почнат да ги посетуваат состаноците.“
Две сестри — едната пионерка — првпат ја однеле добрата вест во изолираната заедница Мунани, на околу 20 километри од Путина. Таму започнале библиска студија со еден слеп човек по име Лусио.a Тој го поканил својот брат Мигел, лаички католички мисионер и водач на заедницата од едно блиско подрачје. Кога еден пријател го запрашал Мигел зошто секоја седмица оди во Мунани, тој рекол дека тоа го прави за да научи за Јехова и за неговата Реч. Потоа било поставено прашањето: „Зошто тогаш не ја проучуваме Библијата овде?“ Поради интересот што го покажувале луѓето од заедницата на Мигел, набрзо Сведоците организирале да се одржуваат состаноци таму.
Мигел почнал да го споделува со другите она што го учел. Но, што ќе стане со неговата положба на лаички католички мисионер и заменик управител? На еден состанок одржан во општинската сала, тој ја објавил својата оставка како католички мисионер. Ќе биде ли назначено некое друго лице? Некој меѓу присутните рекол: „Зошто ни треба друг мисионер кога ја учиме вистината?“ Се разбира, со ова се укажувало на работите за кои учеле Јеховините сведоци. Некое друго лице додало: „Ние не се сложуваме со тоа само ти да дадеш оставка. Зошто да не дадеме оставка сите?“ Тогаш сите присутни едногласно извикале: „Сите даваме оставка!“
Кратко после тоа, на еден состанок на заедницата се дискутирало за идолите и распетијата. Еден човек ги замолил сите присутни да прочитаат во Второзаконие 7:25, каде се вели: „Изгори ги ликовите на нивните богови! Не лакоми за среброто и златото што е на нив; не земај го, за да не бидеш заведен од него; зашто тоа би Му било гадно на Господа, твојот Бог“.
Потоа човекот ги замолил оние кои се за горење на сите идоли да кренат рака. Сите раце веднаш биле горе (Дела 19:19, 20). Сега, 23 од 25-те семејства во таа заедница ја проучуваат Божјата реч. Две лица служат како некрстени објавители, и пет брачни пара планираат да го легализираат својот брак за да имаат чиста положба пред Јехова (Тит 3:1; Евреите 13:4).
Поучување со касети
Со оглед на тоа што на Алтиплано писменоста е на ниско ниво, од голема помош — па дури и за водење домашни библиски студии — се видео и аудиокасетите на Watch Tower на локалните јазици. Со помош на аудиокасета, една специјална пионерка по име Дора водела студии со брошурата Што бара Бог од нас? Пуштајќи по еден пасус, таа му поставува прашања на библискиот студент за штотуку ислушаниот материјал.
Една радиостаница редовно емитува делови од брошурата Бара на јазикот кечуа. Истото го прави и со делови од списанието Разбудете се! на шпански. Така, многу луѓе ја препознаваат пораката за Царството и сакаат да научат уште повеќе кога Јеховините сведоци ги посетуваат во нивните домови.
Алтиплано е далеку од очите на светот, општо земено, но не е далеку од очите на Бог. Благодарение на Јеховината љубов кон човештвото, многу луѓе кои живеат високо на Алтиплано кој се наоѓа на Андите стануваат дел од мноштвото кое го слави неговиот величествен дом на вистинско обожавање (Агеј 2:7).
[Фуснота]
a Во оваа статија некои имиња се изменети.