Зошто не можеме да опстанеме сами
„Подобро им е на двајцата отколку на еден . . . Ако падне едниот, другиот ќе го поткрене“ (цар Соломон)
ЦАР Соломон од древниот Израел изјавил: „Подобро им е на двајцата отколку на еден, зашто имаат подобра плата за својот труд. Ако падне едниот, другиот ќе го поткрене а тешко му на едниот! Ако падне, нема никој да го крене“ (Проповедник 4:9, 10). Со ова, овој мудар набљудувач на човечкото однесување ја нагласил нашата потреба за друштво и колку е важно да не се изолираме себеси. Меѓутоа, ова не било само човечко мислење. Изјавата на Соломон е резултат на божествена мудрост и инспирација.
Не е мудро да се изолираме себеси. Луѓето си требаат еден на друг. На сите нам ни се потребни силата и помошта што можеме да ги добиеме од другите луѓе. „Кој се изолира, оди по своите себични желби“, вели една библиска пословица. „Се спротивставува на секоја мудрост“ (Пословици 18:1, NW). Затоа не е чудно што социолозите ги охрабруваат поединците да се придружат на некоја група и да се интересираат за другите.
Меѓу советите за заживување на општествениот живот, професор Роберт Путнам спомнува „зајакнување на влијанието на верата во Бог“. Јеховините сведоци се истакнуваат во овој поглед бидејќи, низ целиот свет, ја уживаат заштитата на собранијата што наликуваат на семејства. Во склад со зборовите на апостол Петар тие ‚имаат љубов кон целата заедница од браќа‘, кои имаат „страв од Бог“ (1. Петрово 2:17). Сведоците исто така ја избегнуваат изолацијата и нејзините штетни последици затоа што, поради многуте позитивни активности поврзани со вистинското обожавање, се вклучени во тоа да им помагаат на своите ближни да ја научат вистината што се наоѓа во Божјата реч, Библијата (2. Тимотеј 2:15).
Љубовта и дружењето го промениле нивниот живот
Јеховините сведоци сочинуваат една обединета заедница во која секој член игра важна улога. На пример, разгледај го случајот на Мигел, Фројлан и Алма Рут, тројца членови на едно латинскоамериканско семејство. Тие биле родени со болест на коските што доведува до џуџест раст. Сите тројца се врзани за инвалидска количка. Како влијаело врз нивниот живот дружењето со Сведоците?
Мигел коментира: „Минував низ периоди на криза, но кога почнав да се дружам со Јеховиниот народ, мојот живот се промени. Многу е опасно да се изолираш. Дружењето со соверниците на христијанските состаноци, тоа што можам да бидам со нив секоја седмица, многу ми помогна да се чувствувам задоволен“.
Алма Рут додава: „Порано имав периоди на голема депресија; се чувствував многу тажна. Но, кога дознав за Јехова, почувствував дека можам да имам близок однос со него. За мене тоа стана највредното нешто во животот. Моето семејство многу нѐ поддржува и тоа нѐ обедини уште повеќе“.
Таткото на Мигел љубезно го научил да чита и да пишува. Потоа Мигел им помогнал да научат да читаат и да пишуваат и на Фројлан и Алма Рут. Ова било неопходно за нивната духовност. „Тоа што научивме да читаме ни беше од голема корист зашто тогаш можевме да се храниме духовно читајќи ја Библијата и библиски темелените публикации“, вели Алма Рут.
Сега Мигел служи како христијански старешина. Фројлан ја прочитал Библијата деветпати. Алма Рут ја зголемила својата служба за Јехова служејќи како пионер, или полновремен објавител на Царството од 1996. Таа коментира: „Оваа цел ја постигнав со Јеховин благослов, зашто ја имам поддршката на моите драги сестри кои ми помагаат не само да проповедам туку и да поучувам помагајќи ми да ги водам 11-те библиски студии што можев да ги започнам“.
Уште еден добар пример е Емилија, која имала несреќа по што морала да користи инвалидска количка зашто ѝ се повредени нозете и ‘рбетот. Јеховините сведоци во Мексико Сити ја проучувале Библијата со неа и таа се крстила во 1996. Емилија вели: „Пред да ја запознаам вистината сакав да се убијам; не сакав да живеам повеќе. Чувствував голема празнина и плачев ден и ноќ. Но, кога почнав да се дружам со Јеховиниот народ, ја почувствував љубовта на браќата. Ме охрабри личниот интерес што го покажуваа за мене. Еден од старешините ми е како брат или како татко. Тој и некои слуги помошници ме носат на состаноците и во делото на проповедање во мојата инвалидска количка.
Хозе, кој се крстил како Јеховин сведок во 1992, живее сам. Има 70 години, а се пензионирал во 1990. Хозе порано страдал од депресија, но откако еден Сведок му проповедал веднаш почнал да доаѓа на христијанските состаноци. Му се допаднало она што го чул и видел таму. На пример, го забележал пријателството меѓу браќата и почувствувал дека се заинтересирани за него како личност. Сега старешините и слугите помошници од неговото собрание се грижат за него (Филипјаните 1:1; 1. Петрово 5:2). Таквите соверници му се „зајакнувачка помош“ (Колошаните 4:11). Го носат на доктор, го посетуваат дома и емоционално го поддржувале за време на неговите четири операции. Тој вели: „Тие се грижат за мене. Тие ми се вистинско семејство. Уживам во нивното друштво.“
Има вистинска среќа во давањето
Кога цар Соломон рекол дека „подобро им е на двајцата отколку на еден“, тој штотуку зборувал за тоа колку е бесполезно да ја посветиш целата енергија за да стекнеш материјални богатства (Проповедник 4:7—9). Тоа е токму она по што многумина се стремат денес, иако тоа значи да ги жртвуваат човечките односи како во така и надвор од семејството.
Тој дух на лакомост и себичност довел до тоа мнозина да се изолираат себеси. Тоа не им донело ниту среќа ниту задоволство во животот, зашто фрустрацијата и безнадежноста се вообичаени меѓу оние што му подлегнуваат на овој дух. Спротивно на тоа, извештаите што штотуку беа раскажани ги покажуваат добрите резултати од дружењето со оние што му служат на Јехова и што се мотивирани од љубов кон него и кон своите ближни. Редовното присуство на христијанските состаноци, поддршката и грижата на сохристијаните и ревносното учество во службата се важни фактори за да им се помогне на овие поединци да ги совладаат негативните чувства што се поврзани со изолацијата (Пословици 17:17; Евреите 10:24, 25).
Затоа што зависиме еден од друг, нормално е да чувствуваме задоволство кога правиме работи за другите. Алберт Ајнштајн, чијашто работа им донела корист на другите, рекол: „Вредноста на еден човек . . . треба да се гледа по тоа што го дава а не по тоа што може да го добие“. Ова е во склад со овие зборови на нашиот Господ Исус Христос: „Повеќе среќа има во давањето отколку во примањето“ (Дела 20:35). Затоа, иако е добро да се прима љубов, исто така здраво е да се покажува љубов кон другите.
Еден патувачки надгледник што со години ги посетува собранијата за да им даде духовна помош и што помогнал да се изградат места за состаноци за христијаните кои немаат многу средства, вака ги изразил своите чувства: „Радоста што им служам на моите браќа и што можам да им ги видам лицата на кои се чита благодарност ме поттикнува и понатаму да барам прилики да помагам. Од искуство можам да кажам дека покажувањето личен интерес за другите е клучот за среќата. И знам дека како старешини, треба да бидеме како ‚заветрина . . . како потоци во сува земја, како сенка во жедна пустина‘“ (Исаија 32:2).
Колку е мило кога се живее заедно!
Се разбира, има големи благослови и вистинска среќа кога им се помага на другите и се бара друштвото на оние што му служат на Јехова. „Ете“, извикал псалмистот, „колку е добро и колку е мило кога браќата живеат заедно“ (Псалм 133:1). Семејното единство е важен фактор за меѓусебна поддршка, како што е покажано во случајот на Мигел, Фројлан и Алма Рут. И каков само благослов е да се биде во единство во вистинското обожавање! Откако им дал совет на христијанските сопрузи и сопруги, апостол Петар напишал: „На крајот, бидете сите едномислени, покажувајте сочувство, имајте братска наклоност, нежна сочувствителност, понизност на умот“ (1. Петрово 3:8).
Искреното пријателство донесува големи благослови, како емоционално така и духовно. Обраќајќи им се на своите соверници, апостол Павле поттикнува: „Зборувајте им утешно на депримираните, поддржувајте ги слабите, бидете долготрпеливи спрема сите . . . секогаш стремете се да го правите она што е добро еден на друг и на сите други“ (1. Солуњаните 5:14, 15).
Затоа, барај практични начини да им правиш добро на другите. ‚Прави им добро на сите, а особено на оние кои ти се сродни по верата‘, зашто тоа ќе му даде вистинско значење на твојот живот и ќе придонесе да бидеш задоволен (Галатите 6:9, 10). Исусовиот ученик Јаков напишал: „Ако некој брат или сестра се голи и немаат доволно храна за тој ден, а некој од вас им рече: ‚Одете во мир, грејте се и добро најадете се‘, но не им го давате она што им е потребно за телото, од каква корист е тоа?“ (Јаков 2:15, 16). Одговорот на тоа прашање е очигледен. Мораме да ‚гледаме со личен интерес не само на сопствените работи туку со личен интерес и на туѓите‘ (Филипјаните 2:4).
Освен што материјално им помагаат на другите кога има посебна потреба или кога ќе се случи некоја несреќа, Јеховините сведоци се многу зафатени за да им бидат од корист на луѓето на еден многу важен начин — така што ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14). Учеството на повеќе од 6.000.000 Сведоци во објавувањето на оваа порака на надеж и утеха е доказ дека се искрено, љубезно заинтересирани за другите. Но, давањето помош од Светото Писмо исто така помага да се задоволи една друга човечка потреба. Која е таа потреба?
Да се задоволи една важна потреба
За да уживаме вистинска среќа, мораме да имаме исправен однос со Бог. Речено е: „Фактот што човекот, секаде и во секое време, од почетокот па до денес, чувствува нагон да повикува нешто што верува дека е повозвишено и помоќно од него самиот, покажува дека религијата е вродена и дека треба да биде научно признаена . . . Треба да застанеме со страхопочит, зачуденост и длабока почит и да ја видиме универзалноста на човечката потрага и вера во некое врховно битие“ (Man Does Not Stand Alone [Човекот не може да опстане сам, од А. Креси Морисон]).
Исус Христос изјавил: „Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби“ (Матеј 5:3). Луѓето не успеваат најдобро кога се подолго време изолирани од другите луѓе. Меѓутоа, многу посериозно е ако се изолираме од нашиот Творец (Откровение 4:11). Стекнувањето и применувањето на „знаењето за Бога“ треба да биде важен елемент во нашиот живот (Пословици 2:1—5). Навистина, треба да бидеме решени да ги задоволиме нашите духовни потреби, зашто не можеме да опстанеме сами и одвоени од Бог. Среќниот и вистински наградувачки живот зависи од добриот однос со Јехова, ‚Сѐвишниот на целата земја‘ (Псалм 83:18).
[Слика на страница 5]
Мигел: „Минував низ периоди на криза, но кога почнав да се дружам со Јеховиниот народ, мојот живот се промени“
[Слика на страница 5]
Алма Рут: „Кога дознав за Јехова, почувствував дека можам да имам близок однос со него“
[Слика на страница 6]
Емилија: „Пред да ја запознаам вистината . . . чувствував голема празнина“
[Слика на страница 7]
Дружењето со вистинските обожаватели помага да ги задоволиме нашите духовни потреби