Исусовото воскресение на обвинителна клупа
„Можам отворено да ви кажам дека иако можеме да бидеме апсолутно сигурни дека Исус живеел . . . не можеме со истата сигурност да кажеме дека Бог го подигнал од мртвите.“ Така рекол највисокиот прелат на Англиканската црква, надбискупот од Кантербери.
ХРИСТИЈАНСКИОТ апостол Павле немал такви сомневања. Во 15. поглавје од своето прво инспирирано писмо до сохристијаните во древниот Коринт, Павле напишал: „Јас меѓу првите работи ви го предадов она што и јас го примив, дека Христос умре за нашите гревови во склад со Писмото; и дека беше погребан, да, дека стана на третиот ден според Писмото“ (1. Коринќаните 15:3, 4).
Верата во воскресението на Исус Христос била таа што ги поттикнала неговите ученици да го проповедаат евангелието низ целиот грчко-римски свет — „на сето создание што е под небото“ (Колошаните 1:23). Всушност, Исусовото воскресение е самиот темел на христијанската вера.
Но, уште од самиот почеток, воскресението на Исус наишло на сомневање и неверување. За Евреите, општо земено, било богохулство тврдењето на Исусовите следбеници дека овој прикован човек бил Месијата. А на повеќето образовани Грци, кои верувале во бесмртност на душата, им била одбивна и самата идеја за воскресение (Дела 17:32-34).
Лица кои денес се сомневаат
Во изминативе години некои изучувачи кои се исповедуваат како христијани издале книги и статии во кои го отфрлаат воскресението на Исус како бајка и подбуцнале огнена дебата на оваа тема. Во својата потрага по „историскиот Исус“, разни изучувачи се препираат дека евангелските извештаи за празниот гроб и за Исусовите појавувања по воскресението се чиста измислица, смислена долго по неговата смрт со цел да се поддржат тврдењата за неговата небесна моќ.
На пример, размисли за гледиштата на германскиот изучувач Герд Лидеман, професор по Нов завет и автор на книгата What Really Happened to Jesus—A Historical Approach to the Resurrection (Што навистина му се случило на Исус — историски пристап кон воскресението). Тој тврди дека Исусовото воскресение е „една празна формула“ што мора да ја отфрли секој кој има „научно гледиште за светот“.
Професор Лидеман смета дека појавувањето на воскреснатиот Христос на апостол Петар било една визија која била последица од претераната жалост и вина на Петар поради тоа што се одрекол од Исус. Според Лидеман, исто така Исусовото појавување во една прилика пред повеќе од 500 верници било случај на „масовна екстаза“ (1. Коринќаните 15:5, 6). Со неколку збора, многу изучувачи ги сведуваат библиските извештаи за воскреснатиот Исус на низа субјективни искуства кои кај учениците создале обновено чувство на духовна самодоверба и мисионерска ревност.
Се разбира, многумина имаат мал интерес за академски двобој. Меѓутоа, една дискусија за Исусовото воскресение треба да нѐ интересира сите нас. Зошто? Бидејќи, ако тој не бил воскреснат, тогаш христијанството има крив темел. Од друга страна, пак, ако воскресението на Исус навистина е историски факт, тогаш христијанството се темели на вистина. Под такви околности, не се оправдани само тврдењата на Христос туку и неговите ветувања. Освен тоа, ако има воскресение, смртта не е голем победник туку непријател кој може да се порази (1. Коринќаните 15:56).
[Извор на слика на страница 3]
Од Self-Pronouncing Edition of the Holy Bible, која ги содржи Кинг Џејмс и Ревидираната верзија