Биди радосен со среќниот Бог
„На крајот, браќа, продолжете да се радувате . . . и Богот на љубовта и на мирот ќе биде со вас“ (2. КОРИНЌАНИТЕ 13:11).
1, 2. а) Зошто на многумина им недостига радост во животот? б) Што е радоста, и како можеме да ја негуваме?
ВО ОВИЕ мрачни денови, многу луѓе не гледаат некоја голема причина да се радуваат. Кога ќе ги погоди трагедија нив или некого што сакаат, можеби се чувствуваат како древниот Јов кој рекол: „Човек кого жена го родила е кусовечен и полн со неволји“ (Јов 14:1). Христијаните не се имуни на стресовите и напнатоста од овие „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“, и не е за изненадување тоа што верните слуги на Јехова понекогаш се обесхрабруваат (2. Тимотеј 3:1).
2 Сепак, христијаните можат да бидат радосни, па дури и кога се наоѓаат под испити (Дела 5:40, 41). За да разбереме како е ова можно, најпрвин да разгледаме што е радоста. Радоста се дефинира како „емоција подбудена од добивање или очекување нешто добро“.a Како резултат на тоа, ако одвоиме време за да ги преброиме нашите сегашни благослови, додека истовремено медитираме за радостите кои нѐ очекуваат во Божјиот нов свет, можеме да бидеме радосни.
3. Во која смисла може да се рече дека секој има барем некои причини за радост?
3 Секој си има некои благослови за кои треба да биде благодарен. Можеби поглаварот на едно семејство ја изгубил работата. Секако, загрижен е. Сака да ги обезбеди своите сакани. Сепак, ако е физички јак и има добро здравје, може да биде благодарен. Ако најде вработување, ќе може напорно да работи. Од друга страна, пак, една христијанка можеби е погодена од некоја исцрпувачка болест. Сепак, може да биде благодарна за поддршката од љубезните пријатели и членовите на семејството кои ѝ помагаат со достоинство и храброст да се соочи со болеста. И сите вистински христијани, без оглед на нивните околности, можат да се радуваат на предноста што го познаваат Јехова, „среќниот Бог“, и Исус Христос, „среќниот и единствениот Моќник“ (1. Тимотеј 1:11; 6:15). Да, Јехова Бог и Исус Христос се крајно среќни. Тие ја задржуваат својата радост и покрај фактот што околностите на Земјата се далеку поинакви од она што било Јеховина намера во почетокот. Од нивниот пример можеме да научиме како да ја задржиме радоста.
Тие никогаш не ја изгубиле радоста
4, 5. а) Како реагирал Јехова кога се побуниле првите луѓе? б) На кој начин Јехова задржува позитивен став кон човештвото?
4 Во градината Едем, Адам и Ева уживале блескаво здравје и поседувале совршени умови. Имале продуктивна работа и идеална околина за тоа. А најдобро било тоа што ја имале предноста редовно да комуницираат со Јехова. Божјата намера била да уживаат среќна иднина. Но, нашите прародители не биле задоволни од сите овие добри дарови; го украле забранетиот плод од „дрвото за познавање на доброто и злото“. Овој чин на непослушност го положил темелот за сета несреќа која ние, нивните потомци, ја доживуваме денес (Битие 2:15-17; 3:6; Римјаните 5:12).
5 Меѓутоа, Јехова не дозволил неблагодарниот став на Адам и Ева да му ја одземе радоста. Тој бил сигурен дека срцата барем на некои нивни потомци ќе бидат поттикнати да му служат. Всушност, толку бил сигурен во тоа што уште пред на Адам и Ева да им се роди првото дете ја објавил својата намера да ги искупи нивните послушни потомци! (Битие 1:31; 3:15). Во вековите што следеле, мнозинството од човештвото чекорело по стапките на Адам и Ева, но Јехова не му свртел грб на човечкото семејство поради таквата раширена непослушност. Напротив, го сосредоточил вниманието на мажите и жените што ‚му го радувале срцето‘, оние што вложувале вистински напори да му угодат бидејќи го љубеле (Пословици 27:11; Евреите 6:10).
6, 7. Кои фактори му помогнале на Исус да остане радосен?
6 А што е со Исус — како ја задржал тој радоста? Како моќно духовно суштество на небото, Исус имал можност да ги набљудува активностите на мажите и жените на Земјата. Нивните несовршености биле очигледни, па сепак, Исус ги љубел (Пословици 8:31). Подоцна, кога дошол на Земјата и ‚престојувал меѓу‘ луѓето, неговото гледиште за човештвото не се сменило (Јован 1:14). Што му овозможило на совршениот Божји Син да задржи такво позитивно гледиште за грешното човечко семејство?
7 Пред сѐ, Исус имал разумни очекувања и од себеси и од другите. Тој знаел дека нема да го преобрати светот (Матеј 10:32-39). Затоа, се радувал кога макар едно единствено искрено лице поволно реагирало на пораката за Царството. Иако однесувањето и ставот на неговите ученици понекогаш не биле баш задоволителни, Исус знаел дека тие во душата навистина сакале да ја вршат Божјата волја, и ги љубел заради тоа (Лука 9:46; 22:24, 28-32, 60-62). Значајно е тоа што во молитва до својот небесен Татко, позитивниот правец на неговите ученици до тој момент Исус го резимирал вака: „Тие ја држеа твојата реч“ (Јован 17:6).
8. Наброј некои начини на кои можеме да ги имитираме Јехова и Исус кога станува збор за задржувањето на радоста.
8 Несомнено сите ние ќе извлечеме корист ако размислуваме за примерот што Јехова Бог и Христос Исус го дале во тој поглед. Дали можеме уште поцелосно да го имитираме Јехова можеби на тој начин што нема да станеме претерано загрижени кога работите не испаѓаат така како што сме се надевале? Можеме ли уште потесно да ги следиме стапките на Исус на тој начин што ќе задржиме позитивно гледиште за нашиве сегашни околности, како и со тоа што ќе имаме разумни очекувања од себе и од другите? Да видиме како некои од овие начела би можеле на практичен начин да се применат на едно подрачје кое на ревносните христијани насекаде им е драго на срце — службата на теренот.
Задржи позитивно гледиште за службата
9. Како пак се распламтила радоста на Еремија, и како неговиот пример може да ни помогне?
9 Јехова сака да бидеме радосни во неговата служба. Нашата радост не треба да зависи од резултатите што ги постигнуваме (Лука 10:17, 20). Пророкот Еремија со години проповедал на непродуктивно подрачје. Кога се сосредоточувал на негативната реакција на луѓето, ја губел радоста (Еремија 20:8). Но, кога медитирал за убавината на самата порака, неговата радост пак се распламтувала. Еремија му рекол на Јехова: „Кога ми дојдоа Твоите зборови, јас ги голтав: Твоите зборови го восхитија и го зарадуваа моето срце. Зашто се викав со твоето Име, о Господи“ (Еремија 15:16). Да, Еремија се радувал на предноста да ја проповеда Божјата реч. Можеме и ние.
10. Како можеме да ја задржиме радоста во службата дури и ако нашето подрачје во моментов не е баш продуктивно?
10 Дури и ако мнозинството одбива да се одѕвие на добрата вест, ги имаме сите причини да бидеме радосни додека учествуваме во службата на теренот. Сети се дека Јехова очигледно бил сигурен дека некои луѓе ќе бидат поттикнати да му служат. Слично на Јехова, никогаш не треба да се откажеме од надежта дека на крајот барем некои ќе го сфатат спорното прашање и ќе ја прифатат пораката за Царството. Не смееме да заборавиме дека околностите на луѓето се менуваат. Кога ќе се соочи со некоја неочекувана загуба или криза, дури и најзадоволниот поединец може да почне сериозно да размислува за смислата на животот. Дали ќе бидеш таму да помогнеш кога некое лице ќе стане ‚свесно за своите духовни потреби‘? (Матеј 5:3). Па, можеби некој на твоето подрачје ќе биде спремен да ја сослуша добрата вест следниот пат кога ќе го посетиш!
11, 12. Што се случило во еден град, и што можеме да научиме од тоа?
11 Составот на нашето подрачје може исто така да се смени. Земи еден пример. Во едно гратче живеела една тесно поврзана група млади брачни парови со деца. Кога Јеховините сведоци доаѓале, на секоја врата наидувале на иста реакција: „Не нѐ интересира!“ Ако некој навистина покажел интерес за пораката за Царството, соседите не губеле време за да го одвратат од натамошен контакт со Сведоците. Излишно е да се каже дека таму било предизвик да се проповеда. Сепак, Сведоците не се откажале; продолжиле и понатаму да проповедаат. Со каков резултат?
12 Со текот на времето, многу деца од тој град пораснале, стапиле во брак и таму си основале свои семејства. Увидувајќи дека нивниот начин на живот не им донесува вистинска среќа, некои од овие млади возрасни луѓе почнале да трагаат по вистината. Ја пронашле кога поволно реагирале на добрата вест што ја објавувале Сведоците. Така, по многу години, малото собрание почнало да расте. Замисли си ја само радоста на објавителите на Царството кои не се откажале! Нека упорноста во споделувањето на пораката за славното Царство ни донесе радост и нам!
Соверниците ќе те поддржат
13. Кому можеме да му се обратиме кога сме обесхрабрени?
13 Кога се зголемуваат притисоците или животот ти задава тежок удар, каде можеш да се обратиш за утеха? Милиони предадени Јеховини слуги се обраќаат најпрвин кај Јехова во молитва, а потоа кај своите христијански браќа и сестри. Додека бил на Земјата, самиот Исус ја ценел поддршката од своите ученици. Ноќта пред да умре, тој за нив зборувал како за ‚тие кои останале со него во неговите искушенија‘ (Лука 22:28). Се разбира, тие ученици биле несовршени, но нивната лојалност била утеха за Божјиот син. И ние можеме да црпиме сила од сообожавателите.
14, 15. Што му помогнало на еден брачен пар да излезе на крај со смртта на својот син, и што учиш ти од нивното искуство?
14 Еден христијански брачен пар, Мишел и Дијан, научиле колку скапоцена може да биде поддршката од нивните браќа и сестри. Кај нивниот 20-годишен син Џонатан, христијанин полн со живот и ветувања, била поставена дијагноза: мозочен тумор. Лекарите смело се обидувале да го спасат, но физичката состојба на Џонатан се влошила до тој степен што доцна едно попладне заспал во смрт. Мишел и Дијан биле скршени. Сфатиле дека Состанокот за служба, предвиден за таа вечер, скоро ќе заврши. Сепак, во очајничка потреба од утеха, го замолиле старешината, кој бил со нив, да ги придружува до Салата на Царството. Стигнале токму во моментот кога собранието било информирано за смртта на Џонатан. По состанокот, уплаканите родители биле опкружени од своите браќа и сестри, кои ги прегрнувале и ги тешеле. Дијан се присетува: „Кога пристигнавме во салата, се чувствувавме празни, но колкава само утеха добивме од браќата — колку само тие нѐ поткренаа! Иако не можеа да ни ја оттргнат болката, ни помогнаа да собереме храброст за да го издржиме ударот од притисокот!“ (Римјаните 1:11, 12; 1. Коринќаните 12:21-26).
15 Несреќата предизвикала Мишел и Дијан уште повеќе да се зближат со своите браќа. Исто така, предизвикала уште повеќе да се зближат и меѓу себе. Мишел вели: „Научив уште повеќе да ја ценам мојата драга сопруга. Во моменти кога сме обесхрабрени, разговараме меѓу себе за библиската вистина и за тоа како Јехова нѐ поддржува“. Дијан додава: „Надежта за Царството сега ни значи уште повеќе“.
16. Зошто е важно да преземеме иницијатива да им кажеме на браќата за нашите потреби?
16 Да, нашите христијански браќа и сестри можат да ни служат како „зајакнувачка помош“ во тешките моменти во животот и со тоа да ни помогнат да ја задржиме радоста (Колошаните 4:11). Се разбира, тие не можат да ни ги читаат мислите. Затоа, кога ни треба поддршка, добро е да им кажеме. Тогаш можеме да изразиме вистинско ценење за која било утеха што нашите браќа можат да ни ја дадат, гледајќи на неа како на утеха од Јехова (Пословици 12:25; 17:17).
Погледни во твоето собрание
17. Со какви предизвици се соочува една самохрана мајка, и како гледаме на луѓето како неа?
17 Колку поодблиску гледаш во соверниците толку повеќе ќе научиш да ги цениш и да наоѓаш радост во нивното друштво. Погледни во собранието. Што можеш да видиш? Има ли некоја мајка самохран родител, која се бори да ги подигне децата на патот на вистината? Дали си размислувал за добриот пример што го дава таа? Обиди се да си замислиш некои од проблемите со кои се соочува. Една самохрана мајка по име Џенин спомнува некои од нив: осаменост, непожелни додворувања од мажите на работа, драстично ограничен буџет. Но, најголемата од сите пречки, вели таа, е грижата за емоционалните потреби на нејзините деца, бидејќи секое дете си е посебно. Џенин изнесува и еден друг проблем: „Може да биде вистински предизвик да се отфрли склоноста синот да го сметаш за поглавар на домаќинството со цел да се потполни отсуството на сопруг. Имам ќерка, и тешко ми е да запомнам дека не треба да ја оптоварувам со моите интимни проблеми“. Како и илјадници богобојазливи самохрани родители, Џенин работи полно работно време и се грижи за домаќинството. Исто така, ја проучува Библијата со своите деца, ги обучува за служба и ги носи на собраниските состаноци (Ефешаните 6:4). Колку само мора да е среќен Јехова кога секојдневно ги набљудува напорите на ова семејство да го задржи интегритетот! Зар не ни причинува радост во срцето што ги имаме таквите меѓу нас? Да, навистина.
18, 19. Илустрирај како можеме да го продлабочуваме нашето ценење за членовите на собранието.
18 Погледни уште еднаш во твоето собрание? Можеш да видиш и верни вдовици или вдовци кои ‚никогаш не изостануваат‘ од состаноците (Лука 2:37). Дали некогаш се осамени? Се разбира. Нив многу им недостигаат брачните партнери! Но, остануваат зафатени во Јеховината служба и покажуваат личен интерес за другите. Нивниот стабилен, позитивен став ја зголемува радоста на собранието! Една христијанка, која повеќе од 30 години служи во полновремена служба, ја дала оваа забелешка: „Една од работите на кои најмногу се радувам е кога гледам како постари браќа и сестри, кои поднеле многу испити, сѐ уште верно му служат на Јехова!“ Да, постарите христијани меѓу нас се големо охрабрување за помладите.
19 Што е со новите, кои од неодамна почнале да се дружат со собранието? Зар не сме поттикнати кога на состаноците ја изразуваат својата вера? Помисли на напредокот што го постигнале откако почнале да ја проучуваат Библијата. Јехова сигурно е многу задоволен од нив. Дали сме и ние задоволни? Дали го изразуваме нашето одобрување, пофалувајќи ги за нивните напори?
20. Зошто може да се рече дека секој член на собранието игра важна улога во него?
20 Дали си во брак, самец или самохран родител? Дали си момче или девојче без татко (или без мајка), вдовица или вдовец? Дали си лице кое многу години е поврзано со собранието или, пак, од неодамна си почнал? Биди сигурен дека твојот верен пример нѐ охрабрува сите нас. И кога се придружуваш во пеењето на некоја песна на Царството, кога даваш коментар или кога изнесуваш некоја ученичка задача во Теократската школа за служба, твојот придонес ја зголемува нашата радост. Што е уште поважно, тоа го радува Јеховиното срце.
21. За што имаме многу причини, но кои прашања се поставуваат?
21 Да, дури и во овие бурни времиња можеме да бидеме радосни во обожавањето на нашиот среќен Бог. Имаме многу причини да се одѕвиеме на охрабрувањето на Павле: „Продолжете да се радувате . . . и Богот на љубовта и на мирот ќе биде со вас“ (2. Коринќаните 13:11). Но, што ако се соочуваме со природна катастрофа, прогонство или сурови економски проблеми? Дали е можно да ја задржиме радоста дури и во такви ситуации? Заклучоци за тоа извлечи самиот додека ја разгледуваш следната статија.
[Фуснота]
a Види Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), том 2, страница 119, издаден од Јеховини сведоци.
Можеш ли да одговориш?
• Како е опишана радоста?
• Како може задржувањето позитивен став да ни помогне да останеме радосни?
• Што може да ни помогне да имаме позитивно гледиште за нашето собраниско подрачје?
• Во кој поглед ги цениш браќата и сестрите во твоето собрание?
[Слики на страница 10]
Луѓето на нашето подрачје можат да се сменат
[Слика на страница 12]
Со какви предизвици се соочуваат некои поединци во твоето собрание?