ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w01 1/7 стр. 24-30
  • Го ставивме Јехова на испит

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Го ставивме Јехова на испит
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Прв контакт со Библиските студенти
  • Како ја пронајдовме вистината во тие брошурки
  • Решен да бидам пионер
  • „Ќе го ставам Јехова на испит“
  • Специјални пионери во текот на II светска војна
  • Рамнотежа меѓу семејството и службата
  • Лекции што ги научивме низ годините
  • Дали Бог е одговорен за нашите проблеми?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
  • Благословите од пионерската служба
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Пионерите даваат, но и примаат благослови
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
  • Пионерската служба ни го зајакнува односот со Бог
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2013
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
w01 1/7 стр. 24-30

Животна приказна

Го ставивме Јехова на испит

РАСКАЖАЛ ПОЛ СКРИБНЕР

„Добро утро, г-ѓо Стакхаус. Утрово правам нарачки за велигденски торти, и сигурен сум дека ќе Ви биде драго да нарачате за Вашето семејство.“ Беше рана пролет во 1938, а јас бев во Атко (Њу Џерси, САД) и разговарав со една од најдобрите муштерии што ги имав во мојата маршрута додека продавав за General Baking Company. На мое изненадување, г-ѓа Стакхаус ме одби.

„МИСЛАМ дека не би била заинтересирана“, рече таа. „Ние не славиме Велигден.“

Сега не знаев што да мислам. Не слават Велигден? Се разбира, првото правило во продавањето е дека муштеријата секогаш има право. Што понатаму? „Па,“ се осмелив, „оваа торта е многу убава, а јас знам дека Вам ви се допаѓаат нашите производи. Зар мислите дека Вашето семејство нема да ужива иако, ух, не славите Велигден?“

„Мислам не,“ повтори таа, „но јас имав намера да разговарам за нешто со Вас, г-не Скрибнер, и можеби ова е добра шанса за тоа.“ Тој разговор сосема ми го смени животот! Г-ѓа Стакхаус, член на друштвото (односно собранието) на Јеховините сведоци Берлин (Њу Џерси), ми објасни од каде потекнува славењето на Велигден и ми даде три џебни брошурки. Нивните наслови беа: Safety (Сигурност), Uncovered (Разоткриени) и Protection (Заштита). Си заминав дома со брошурките, љубопитен, но малку воздржан. Она што ми го рече г-ѓа Стакхаус ми беше малку познато, и тоа од детството.

Прв контакт со Библиските студенти

Роден сум на 31 јануари 1907, а во 1915, кога имав осум години, татко ми умре од рак. Затоа, мајка ми и јас отидовме да живееме кај нејзините родители во една голема куќа во Малден (Масачусетс). Таму, на третиот кат, живееја вујко ми Бенџамин Рансом и неговата сопруга. Вујко Бен беше поврзан со Меѓународните библиски студенти, како што тогаш беа познати Јеховините сведоци, уште пред да започне 20 век. Тој многу ми се допаѓаше, но останатите од семејството на мајка ми, кои беа методисти, мислеа дека тој е чуден. Со години подоцна, пред да се разведе од него, неговата сопруга успеа за кратко време да го стави во лудница поради неговите религиозни верувања! Поради тоа што лекарите во болницата брзо открија дека сѐ беше во ред со паметот на вујко Бен, го пуштија, извинувајќи му се.

Вујко Бен ме водеше со себе на состаноците на Меѓународните библиски студенти во Бостон, особено кога имаше гостувачки говорници или во некои посебни прилики. Еднаш гостувачки говорник беше токму Чарлс Тејз Расел, кој го надгледуваше делото на проповедање во тоа време. Другпат, посебен настан беше прикажувањето на „Фото-драмата за создавањето“. Иако тоа беше во далечната 1915, до ден-денес јасно се сеќавам на сликата како Авраам го поведе Исак на планината за да го принесе како жртва (Битие, 22. поглавје). Сѐ уште можам да ги видам Авраам и Исак како се влечат кон брдото со товар дрва, додека Авраам има потполна доверба во Јехова. Бидејќи бев сираче, тоа ми остави голем впечаток.

Потоа вујко Бен и неговата сопруга се преселија во Мејн, а мајка ми се премажи и се преселивме во Њу Џерси. Така, долго време не го видов вујко Бен. Во текот на моите тинејџерски години ја запознав Мерион Неф, едно од осумте деца во едно презвитеријанско семејство кое уживав да го посетувам. Честопати во недела навечер го минував времето со тоа семејство и со младинската група од нивната црква, така што конечно и самиот станав презвитеријанец. Сепак, некои работи што ги имав научено на состаноците на Библиските студенти ми останаа в глава. Мерион и јас се венчавме во 1928, а нашите ќерки Дорис и Луиз се родија во 1935 и 1938. Со едно мало дете и едно новороденче, обајцата чувствувавме потреба од духовно водство во подигањето на нашето семејство.

Како ја пронајдовме вистината во тие брошурки

Мерион и јас сакавме да се придружиме на некоја црква, па смисливме план. Секоја недела наизменично, еден од нас остануваше дома со децата додека другиот посетуваше некоја потенцијална црква. Една недела, Мерион беше на ред да остане дома, но јас се понудив да ги чувам децата наместо неа, така што можев да ја прочитам брошурката Сигурност, првата од трите што ми ги даде г-ѓа Стакхаус. Кога почнав, не можев да престанам! Станував сѐ поубеден дека пронајдов нешто што не може да го понуди ниедна црква. Следната седмица се случи истото. Бев спремен да бидам беби-ситер додека ја читав втората брошурка, Разоткриени. Она што го читав ми изгледаше некако познато. Зар ова беше она во кое верува вујко Бен? Нашето семејство сметаше дека неговата религија е луда. Што ќе помисли Мерион? Не требаше да се грижам. Кога си дојдов од работа, неколку дена откако ја прочитав брошурката Разоткриени, Мерион ме изненади со зборовите: „Ги прочитав брошурките што ги донесе дома. Навистина се интересни“. Какво олеснување!

На последната страница од брошурките имаше информации во врска со неодамна објавената книга Enemies (Непријатели), едно огнено разоткривање на лажната религија. Одлучивме да ја набавиме. Меѓутоа, пред да ја дадеме нарачката во пошта, на нашата врата чукна еден Сведок и ни ја понуди токму таа книга. И таа си го направи своето! Престанавме да ги посетуваме црквите и почнавме да одиме на состаноците на друштвото на Јеховините сведоци Камден (Њу Џерси). Само по неколку месеци, в недела, на 31 јули 1938, една група од 50 лица, меѓу кои бев и јас, се состанавме на тревникот на сестра Стакхаус — во куќата каде што се обидував да продадам велигденски торти — и го слушнавме снимениот говор за крштавање од судијата Ратерфорд. Потоа се преслековме во куќата, и 19-мина се крстивме во еден поток во близината.

Решен да бидам пионер

Набргу по моето крштавање, една од сестрите во друштвото ми зборуваше за луѓето кои се нарекуваат пионери, чија главна активност е јавната служба. Веднаш станав љубопитен и наскоро запознав едно цело семејство пионери. Еден постар човек, брат Каниг, неговата сопруга и нивната возрасна ќерка беа пионери во едно соседно собрание. Како татко на младо семејство, јас бев импресиониран од длабоката радост што ја имаше семејството Каниг во службата. Честопати застанував кај нив, го паркирав моето пекарско комбе и поминував извесно време со нив во службата од куќа до куќа. Набрзо и самиот посакав да бидам пионер. Но, како? Мерион и јас имавме две мали деца, а мојата работа бараше премногу од мене. Всушност, бидејќи во Европа започна II светска војна и сѐ повеќе млади луѓе во Соединетите Држави ѝ се придружуваа на војската, имаше сѐ повеќе работа за нас што останавме на цивилните работни места. Бев поттикнат да преземам повеќе маршрути за продавање, и знаев дека со таков распоред никогаш не би можел да станам пионер.

Кога разговарав со брат Каниг за мојата желба да бидам пионер, тој ми рече: „Само продолжи да се трудиш во Јеховината служба, и задржи ја својата цел пред него во молитва. Тој ќе ти помогне да ја постигнеш“. Повеќе од една година го правев токму тоа. Честопати размислував за стихови како, на пример, Матеј 6:8, кој нѐ уверува дека Јехова ги знае нашите потреби уште пред да побараме нешто од него. И постојано се обидував да го следам советот од Матеј 6:33, да продолжам да го барам најнапред Божјето Царство и неговата праведност. Ме храбреше и брат Мелвин Винчестер, зонски слуга (сега наречен покраински надгледник).

Зборував со Мерион за моите цели. Разговаравме за зборовите од Малахија 3:10 (NW), каде сме охрабрени да го ставиме Јехова на испит и да видиме дали тој нема врз нас да излее благослов. Ме охрабри нејзиниот одговор: „Ако сакаш да бидеш пионер, не воздржувај се заради мене. Јас можам да се грижам за девојчињата додека ти пионериш. И така во материјален поглед не ни треба многу“. По 12 години брак, веќе знаев дека Мерион е штедлива и внимателна домаќинка. Низ годините, таа ми беше прекрасен партнер-пионер, а една од тајните за нашиот успех во скоро 60-те години полновремена служба беше нејзината способност да биде задоволна со малку и да направи тоа да изгледа како да е многу.

До летото 1941, по многу месеци молитви и планирање, Мерион и јас заштедивме извесна сума пари и купивме патничка приколка долга 5,5 метри во која можеше да живее нашето семејство. Ја напуштив работата и, во јули 1941, станав општ пионер, и во полновремена служба сум сѐ досега. Мојата прва задача беа десет постојки на автопатот 50 меѓу Њу Џерси и Сент Луис (Мисури), каде што во почетокот на август требаше да се одржи нашиот конгрес. Ми беа испратени имиња и адреси од браќа кои живееја по должината на тој пат, па јас им пишував однапред, информирајќи ги кога да ме очекуваат. Требаше, кога ќе дојдеме на конгресот, да го најдам пионерскиот деск и да добијам друга доделба.

„Ќе го ставам Јехова на испит“

Ја натоваривме нашата мала патничка приколка со литература и отидовме на нашиот последен состанок во Камден за да се збогуваме со браќата. Со две многу мали девојчиња за кои требаше да се грижиме и без дестинација на повидок по конгресот, нашите планови сигурно им изгледаа нереалистични на некои браќа, па неколкумина од нив ми рекоа: „Брзо ќе се вратиш“. Се сеќавам дека им велев: „Па, не велам дека нема. Јехова рекол дека ќе се грижи за мене, а јас ќе го ставам Јехова на испит“.

По шест децении пионерење во 20 градови од Масачусетс до Мисисипи, можеме да кажеме дека Јехова направи повеќе отколку што само го одржа ветувањето. Благословите што ги излеа врз Мерион, мене и врз нашите две ќерки далеку надминуваат сѐ на кое можевме да се надеваме во 1941. Во нив спаѓа тоа што нашите две ќерки служат како верни пионерки во соседни собранија и што (според последниот број) имаме речиси 100 духовни синови и ќерки раштркани по целиот источен брег на Соединетите Држави. Јас проучував со 52 лица што му го предадоа својот живот на Јехова Бог, а Мерион со 48.

Во август 1941, стигнавме во Сент Луис и таму го сретнав брат Т. Џ. Саливан од Бетел. Тој го имаше моето писмо за ординирање, кое ми беше потребно поради тоа што се надвиснуваше војна и заради регрутацијата. Му реков на брат Саливан дека жена ми поминува во службата исто толку време колку и јас и дека и таа би сакала да пионери со мене. Иако пионерскиот деск на конгресот сѐ уште не беше поставен, брат Саливан на самото место потпиша Мерион да биде пионер и нѐ праша: „Каде ќе пионерите по конгресот?“ Не знаевме. „Тогаш, не грижете се,“ рече тој, „на конгресот ќе сретнете некого од подрачје во кое има потреба од пионери, и сѐ ќе се среди. Само пишете ни и информирајте нѐ каде сте, и ќе ја добиете доделбата.“ Така и се случи. Испадна дека брат Џек Девит, поранешен зонски слуга, познаваше некои луѓе во Њу Маркет (Вирџинија), кои имале пионерски дом каде што биле потребни уште неколку пионери. Така, по конгресот, се упативме кон Њу Маркет.

Во Њу Маркет имавме посебно изненадување. Кој требаше да дојде од Филаделфија за да ни се придружи во пионерското дело, ако не Бенџамин Рансом! Да, вујко Бен! Колкава само радост беше да се работи со него во службата од куќа до куќа по 25 години откако го посеа тоа семе на вистината во моето срце уште во Бостон! И покрај тоа што многу години се соочуваше со рамнодушност, исмејување, па дури и со прогонство од семејството, вујко Бен никогаш не ја изгуби љубовта кон Јехова и кон неговата служба.

Уживавме во осуммесечниот престој во пионерскиот дом во Њу Маркет. Во тоа време, меѓу другото, научивме како да разменуваме литература за пилиња и јајца. Потоа, вујко Бен, Мерион и јас, со уште тројца други, бевме доделени да служиме како специјални пионери во Хановер (Пенсилванија) — првата од шесте доделби што ги имавме во Пенсилванија од 1942 до 1945.

Специјални пионери во текот на II светска војна

Во текот на II светска војна имаше периоди кога моравме да се соочиме со непријателство поради нашиот неутрален став, но Јехова не престана да нѐ поддржува. Еднаш во Провинстаун (Масачусетс), нашиот стар Бјуик се расипа, па морав неколку километри да пешачам низ едно многу непријателски настроено католичко соседство за да направам една повторна посета. Поминав покрај група млади хулигани кои ме препознаа и почнаа да довикуваат. Поитав додека покрај ушите ми прелетуваа камења, надевајќи се дека младите не ме следат. Пристигнав до куќата на интересентот без да ме повредат. Но, станарот, почитуван член на Американската легија, ми се извини со зборовите: „Вечерва не можам да Ве примам, заборавив дека треба да одиме в град на кино“. Срцето ме стегна кога се сетив дека бандата кај аголот што фрлаше со камења ме чека да се вратам. Меѓутоа, се израдував кога господинот додаде: „Зошто да не одите натаму заедно со нас? Можеме да си разговараме по патот“. Така му дадов сведоштво и безбедно ја поминав кризната точка.

Рамнотежа меѓу семејството и службата

По војната имавме неколку доделби во Вирџинија, во кои спаѓаше и осумгодишниот престој како специјални и општи пионери во Шарлотсвил. До 1956 девојчињата веќе пораснаа и се омажија, а Мерион и јас повторно бевме на пат, служејќи како пионери во Харисонбург (Вирџинија) и како специјални пионери во Линконтон (Северна Каролина).

Во 1966 бев доделен во патувачкото дело, патувајќи од собрание до собрание и храбрејќи ги браќата, како што брат Винчестер ме храбреше мене во Њу Џерси во 1930-тите. Две години служев во една покраина од собранија во Тенеси. Тогаш Мерион и јас бевме замолени да се вратиме на нашата најголема љубов, а тоа е специјалната пионерска служба. Од 1968 до 1977 служевме како специјални пионери на крајниот југ, од Џорџија до Мисисипи.

Во Истман (Џорџија) бев доделен како собраниски надгледник (сега наречен претседавачки надгледник) како замена за Пауел Киркленд, еден драг постар брат кој многу години служеше како покраински надгледник, но имаше нарушено здравје. Тој имаше големо ценење и даваше голема поддршка. Неговата поддршка беше многу важна, бидејќи во собранието имаше неслога и беа вклучени неколку истакнати лица. Спорното прашање се вжешти, па минав многу време молејќи му се на Јехова. Ми доаѓаа на ум стихови како, на пример, Пословици 3:5, 6: „Надевај се на Господа со сето свое срце и не се потпирај врз сопствениот разум. Мисли на Него на сите свои патишта и Тој ќе ги исправи твоите патеки“. Работејќи напорно да ги задржиме отворени линиите на комуникација, можевме да го обединиме собранието со добри резултати за сите.

До 1977 веќе почнавме по малку да ги чувствуваме последиците од староста, и повторно бевме доделени во подрачјето на Шарлотсвил, каде што живееја нашите ќерки со семејствата. Ни причинува радост што последниве 23 години работиме во ова подрачје, каде што помогнавме во основањето на собранието Ракерсвил (Вирџинија) и гледавме како децата и внучињата на нашите први библиски студенти стануваат собраниски старешини, пионери и бетелити. Мерион и јас сѐ уште можеме да одржуваме добар распоред за службата на теренот, а јас имам предност активно да служам како старешина во собранието Исток во Шарлотсвил, да водам Студија на книга и да држам јавни предавања.

Низ годините, доживувавме проблеми, како и секој човек. На пример, и покрај нашите напори, при крајот на тинејџерските години, Дорис духовно ослабе и се омажи за човек кој не беше Сведок. Но, таа никогаш во потполност не ја изгуби својата љубов кон Јехова, а нејзиниот син Бил веќе 15 години служи во Бетел во Волкил (Њујорк). Сега Дорис и Луиз се вдовици, но радосно служат во нашата близина како општи пионерки.

Лекции што ги научивме низ годините

Јас научив да применувам неколку едноставни правила за успех во служењето на Јехова: Задржи едноставен живот. Биди пример со сите свои постапки, вклучувајќи го и приватниот живот. Применувај ги упатствата од „верниот и разборит роб“ во сѐ (Матеј 24:45).

Мерион состави краток, но делотворен список со предлози како успешно да се пионери додека истовремено се подигаат деца: Направи и задржи функционален распоред. Пионерската служба нека ти биде вистинска кариера. Постојано храни се здраво. Одморај се доволно. Не претерувај со рекреацијата. Направи ја вистината, заедно со сите обележја на службата, пријатно искуство во животот на твоите деца. Направи им ја службата интересно искуство во секое време.

Сега сме во своите 90-ти години. Поминаа 62 години откако го чувме говорот за нашето крштавање на тревникот пред куќата на г-ѓа Стакхаус, и поминавме 60 години во полновремена служба. Мерион и јас можеме искрено да кажеме дека сме потполно и длабоко задоволни од нашиот дел во животот. Многу сум благодарен за охрабрувањето што го добив како млад татко да ги ставам духовните цели на прво место и да продолжам да работам на нив, и благодарен сум ѝ на мојата драга сопруга Мерион, како и на ќерките, за нивната поддршка низ годините. Иако немаме материјално богатство, честопати на себе го применувам Проповедник 2:25: „Кој може да јаде, кој може да се насладува, повеќе од мене?“

Навистина, во нашиот случај Јехова преобилно го исполни своето ветување што се наоѓа во Малахија 3:10. Тој навистина ‚излеа врз нас благослов со полна мерка‘!

[Рамка/слика на страница 29]

СПОМЕНИ ОД ВОЕНИТЕ ГОДИНИ

Речиси 60 години по војната, целото семејство има живи спомени од тие години.

„Пенсилванија знаеше да биде студена“, се сеќава Дорис. „Една ноќ беше 35 Целзиусови степени под нулата.“ Луиз додава: „На задното седиште од нашиот стар Бјуик, Дорис седеше на моите нозе, а потоа јас на нејзините, за да не ни замрзнат“.

„Но, никогаш не се чувствувавме сиромашни или лишени од нешто“, вели Дорис. „Знаевме дека се селиме почесто од повеќето луѓе, но секогаш бевме добро нахранети и имавме прекрасна, речиси нова облека што ни ја даваа некои пријатели од Охајо, од нивните девојчиња кои беа малку постари од нас.“

„Мајка ми и татко ми направија да се чувствуваме сакани и ценети“, истакнува Луиз, „и со нив поминувавме многу време во службата. Тоа правеше да се чувствуваме посебно и многу блиски со нив.“

„Имав Бјуик спешл 1936“, раскажува Пол, „а тие автомобили беа познати по тоа што им пукаа оските. Мислам дека моторот беше премногу јак во однос на останатиот дел од автомобилот. Се чинеше дека тоа секогаш се случуваше во најстудената ноќ од месецот, и тогаш морав да одам во отпад за да побарам друга оска. Станав експерт за заменување на оски.“

„Не заборавај ги потрошувачките бонови“, вели Мерион. „Сѐ беше ограничено — месото, бензинот, автомобилските гуми, сѐ. Секогаш кога ќе добиевме нова доделба, моравме да одиме во локалниот одбор и да поднесеме молба за потрошувачки бон. Можеа да поминат и месеци пред да го добиеме, и се чинеше дека секогаш кога конечно ќе го добиевме бонот, бевме испраќани на нова доделба, па моравме да почнуваме од почеток. Но, Јехова секогаш се грижеше за нас.“

[Слика]

Мерион и јас со Дорис (лево) и Луиз, 2000

[Слика на страница 25]

Со мајка ми во 1918, кога имав 11 години

[Слика на страница 26]

Со Луиз, Мерион и Дорис во 1948, кога девојчињата се крстија

[Слика на страница 26]

Фотографија од нашата венчавка, октомври 1928

[Слика на страница 26]

Моите ќерки (на крајот лево и десно) и јас на Јенки стадион, 1955

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели