Браќа што развиле различни ставови
ОДЛУКИТЕ што ги донесуваат родителите неизбежно влијаат врз нивните деца. Ова е случај денес исто како што било и во градината Еден. Бунтовниот правец на Адам и Ева имал длабок ефект врз целото човештво (Битие 2:15, 16; 3:1—6; Римјаните 5:12). Сепак, сите ние имаме прилика да изградиме добар однос со нашиот Творец, ако го избереме тоа. Ова го илустрира извештајот за Каин и Авел, првите браќа во човечката историја.
Не постои библиски запис за тоа дека Бог зборувал со Адам и Ева откако биле истерани од Еден. Сепак, Јехова не се повлекол од нивните синови. Каин и Авел дознале што се случило несомнено од своите родители. Можеле да ги видат ‚херувимите со пламенен меч, кој се вртел околу, како го штитат патот кон дрвото на животот‘ (Битие 3:24). Овие мажи биле сведоци и на вистинитоста на Божјата изјава дека потта и болката ќе станат дел од животот (Битие 3:16, 19).
Каин и Авел сигурно биле свесни за Јеховините зборови упатени на змијата: „Јас ќе поставам непријателство помеѓу тебе и жената, помеѓу твоето семе и нејзиното Семе: Тој ќе ти ја сотрува главата, а ти ќе Му ја сотруваш петицата“ (Битие 3:15). Она што Каин и Авел го знаеле за Јехова би им овозможило да развијат еден одобрен однос со него.
Тоа што размислувале за Јеховиното пророштво и за неговите особини како љубезен Добротвор мора да создало кај Каин и кај Авел желба за божествено одобрување. Но, до која мера ќе ја негувале таа желба? Дали ќе одговореле на својата вродена желба да го обожаваат Бог и да ја развијат својата духовност до степен да практикуваат вера во него? (Матеј 5:3).
Браќата принесуваат жртви
Со текот на времето, Каин и Авел му принеле жртви на Бог. Каин дал плодови од земјата, а Авел принел првенци од своето стадо (Битие 4:3, 4). Тогаш овие мажи можеби биле на возраст од околу 100 години, зашто Адам имал 130 години кога му се родил третиот син, Сит (Битие 4:25; 5:3).
Нивните приноси покажувале дека Каин и Авел ја признале својата грешна состојба и дека ја сакале Божјата наклоност. Тие сигурно барем малку размислувале за Јеховиното ветување во врска со змијата и за Семето на жената. Колку точно време и напор посветиле Каин и Авел за да развијат одобрен однос со Јехова не е наведено. Но, Божјата реакција на нивните жртви дава увид во најдлабоките мисли на секој од нив.
Некои изучувачи велат дека Ева го сметала Каин за „семето“ што ќе ја уништи змијата, зашто кога го родила, рекла: „Добив машко чедо со помош на Господа!“ (Битие 4:1). Ако и Каин мислел така, сосема бил во заблуда. Од друга страна, пак, Авеловата жртва била проследена со вера. Затоа, ‚со вера Авел му принел на Бог жртва со поголема вредност отколку Каин‘ (Евреите 11:4).
Духовниот увид на Авел и недостигот на увид кај Каин не биле единствената разлика меѓу овие браќа. Имало разлика и во ставовите. Затоа, ‚Господ погледнал милостиво на Авела и на неговата жртва, а ни поглед не свртел кон Каина и кон неговата жртва‘. Веројатно Каин само површно размислил за својата жртва и едноставно ја принел механички. Но, Бог не одобрувал само формално обожавање. Кај Каин се развило лошо срце, и Јехова проникнал дека тој има погрешни мотиви. Реакцијата на Каин кога му била отфрлена жртвата била одраз на вистинскиот дух што го поседувал. Наместо да гледа да ги исправи работите, ‚Каин се налутил многу, и лицето му се сменило‘ (Битие 4:5). Неговото однесување откривало злобни мисли и намери.
Предупредување и реакција
Знаејќи го ставот на Каин, Бог го советувал со зборовите: „Зошто си лут? Зошто ти е сменето лицето? Зашто ако работиш право, светиш од насмеаност. А ако не работиш право, гревот ти лежи пред врата, што дебне врз тебе; но уште можеш да му се спротивиш“ (Битие 4:6, 7).
Во ова има лекција за нас. Всушност, гревот дебне на вратата спремен да нѐ проголта. Сепак, Бог ни дал слободна волја и можеме да избереме да го правиме она што е исправно. Јехова го повикал Каин да ‚работи право‘, но не го присилил да се смени. Каин самиот си го избрал патот.
Инспирираниот извештај продолжува: „Каин пак му рече на својот брат Авел: ‚Ајде да излеземе!‘ И откако се најдоа во полето, Каин скокна на брата си Авела и го уби“ (Битие 4:8). На тој начин Каин станал непослушен, ладнокрвен убиец. Кога Јехова го прашал: „Каде е брат ти Авел?“ тој не покажал ни трага од каење. Наместо тоа, на еден ладен и дрзок начин, возвратил: „Не знам . . . зар сум јас чувар на својот брат?“ (Битие 4:9). Таа отворена лага и одрекување на одговорноста ја разоткрила бездушноста на Каин.
Јехова го проколнал Каин и го протерал од околината на Еден. Клетвата што веќе била прогласена над земјата изгледа уште повеќе требало да дојде до израз во случајот на Каин, а Земјата немало да раѓа кога тој ќе ја обработувал. Тој требало да биде скитник и бегалец на Земјата. Жалбата на Каин поради суровоста на казната изразувала немир дека некој ќе му се одмазди заради убиството на неговиот брат, но сепак не покажал искрено каење. Јехова поставил „знак“ за Каин — веројатно свечена одредба што ја знаеле и држеле другите и што била предвидена да се спречи негово убиство од одмазда (Битие 4:10—15).
Тогаш Каин ‚отишол од пред Господовото лице во земјата Нод, источно од Еден‘ (Битие 4:16). Откако зел сопруга од своите сестри или внуки, тој изградил град што го нарекол Енох, според името на својот првороден син. Ламех, потомок на Каин, се покажал насилнички настроен како и неговиот безбожен предок. Но, семејната лоза на Каин била збришана во Потопот од времето на Ное (Битие 4:17—24).
Поуки за нас
Од извештаите за Каин и Авел можеме да научиме многу. Апостол Јован ги поттикнува христијаните да се сакаат еден со друг, ‚не како Каин, кој потекнувал од злобниот и го убил својот брат‘. Каиновите ‚дела биле зли, а делата на неговиот брат — праведни‘. Исто така, Јован наведува: „Секој кој го мрази својот брат е човекоубиец, а вие знаете дека ниеден човекоубиец нема во себе вечен живот“. Да, начинот на кој постапуваме со сохристијаните има влијание врз нашиот однос со Бог и врз нашите изгледи за живот. Не можеме да мразиме кој и да е од соверниците и сепак да уживаме Божје одобрување (1. Јованово 3:11—15; 4:20).
Каин и Авел сигурно имале слично воспитание, но на Каин му недостигала вера во Бог. Всушност, тој го покажал духот на Ѓаволот, првобитниот ‚човекоубиец и татко на лагата‘ (Јован 8:44). Патот на Каин покажува дека сите ние имаме избор, дека оние што избираат да грешат се одвојуваат од Бог и дека Јехова ги спроведува своите судови врз оние што не се каат.
Авел пак, од своја страна, практикувал вера во Јехова. Навистина, ‚со вера Авел му принел на Бог жртва со поголема вредност отколку Каин, и со вера добил сведоштво дека е праведен, бидејќи Бог посведочил за неговите дарови‘. Иако Писмото не содржи ниеден збор што го кажал Авел, тој преку својата примерна вера „сѐ уште зборува“ (Евреите 11:4).
Авел бил првиот во долгата низа чувари на интегритетот. Неговата крв, која ‚викала кон Господа од земјата‘ не е заборавена (Битие 4:10; Лука 11:48—51). Ако практикуваме вера како Авел, и ние можеме да уживаме скапоцен и траен однос со Јехова.
[Рамка на страница 22]
ЗЕМЈОДЕЛЕЦ И ПАСТИР
Обработувањето на Земјата и грижата за животните биле некои од првобитните одговорности што Бог му ги дал на Адам (Битие 1:28; 2:15; 3:23). Неговиот син Каин се занимавал со земјоделство, а Авел станал пастир (Битие 4:2). Меѓутоа, со оглед на тоа што храната на луѓето се состоела исклучително од овошје и зеленчук сѐ до после Потопот, зошто да се одгледуваат овци? (Битие 1:29; 9:3, 4).
За да напредуваат, на овците им е потребна грижа од човек. Занимањето на Авел сведочи дека човекот ги одгледувал овие домашни животни уште од почетокот на историјата на човештвото. Писмото не кажува дали првите луѓе користеле животинско млеко како извор на храна, но дури и оние што се на вегетаријанска исхрана можат да ја користат волната од овците. А кога овците умираат, нивната кожа служи за корисни цели. На пример, за да ги облече Адам и Ева, Јехова обезбедил „облеки од кожи“ (Битие 3:21).
Во секој случај, изгледа разумно да се претпостави дека Каин и Авел во почетокот соработувале. Произведувале нешто што на другите во семејството им било потребно за да се облечат и добро да се нахранат.
[Слика на страница 23]
Каиновите ‚дела биле зли, а делата на неговиот брат — праведни‘