Учителите на Божјата реч поттикнати да го исполнат својот налог
СТОТИЦИ илјади учители се собраа за поука во последниве месеци. Започнувајќи во мај минатата година, се собраа на стотици обласни конгреси на Јеховините сведоци низ целиот свет — „Учители на Божјата реч“. Делегатите беа поттикнати да се поучуваат самите, да станат уште поквалификувани и да го исполнат својот налог како учители.
Дали присуствуваше на некој од овие конгреси? Ако да, несомнено ја ценеше извонредната духовна храна што беше поделена на овие собири за обожавање на вистинскиот Бог, Јехова. Зошто сега не ни се придружиш во повторувањето на поучната програма од конгресот?
Прв ден — Инспирираното Писмо корисно за поучување
Конгресниот претседавач им изрази срдечно добредојде на делегатите со говорот: „Бидете поучени, вие учители на Божјата реч“. Учејќи од Јехова „Величествениот Поучувач“, Исус Христос станал Голем Учител (Исаија 30:20, NW; Матеј 19:16). За да напредуваме како учители на Божјата реч, и ние мораме да бидеме поучени од Јехова.
Потоа следеше делот „Поучувањето за Царството донесува добар плод“. Преку интервјуа со искусни учители на Божјата реч, беше истакнато кои се радостите и благословите од правењето ученици.
Како следно беше изнесен еден мотивирачки говор со наслов: „Поттикнати од ‚величествените Божји работи‘“. Во првиот век, „величествените работи“, кои го вклучувале Божјето Царство, ги подбудувале луѓето на акција (Дела 2:11). И ние можеме да ги поттикнеме луѓето на акција објавувајќи им ‚величествени работи‘ како што се библиските учења за откупнината, за воскресението и за новиот сојуз.
Следниот говор „Најди радост во Јеховината праведност“ ги охрабри сите (Псалм 35:27, NW). Ние добиваме помош да се стремиме кон праведност учејќи да го љубиме она што е праведно и да го мразиме она што е зло, проучувајќи ја Библијата, активно спротивставувајќи се на духовно штетните влијанија и негувајќи понизност. Таквите чекори ќе ни помогнат да се заштитиме од нездравите друштва, од материјалистичките вредности на светот и од неморалната и насилничка забава.
Клучното предавање со наслов „Целосно опремени како учители на Божјата реч“ нѐ потсети дека Јехова нѐ прави негови квалификувани министри преку својата Реч, својот свет дух и преку својата земна организација. Во врска со употребата на Божјата реч, говорникот нѐ опомена: „Наша цел е да ја земеме библиската порака од отпечатената страница и да ја врежеме во срцата на оние што нѐ слушаат“.
Првиот циклус на конгресот имаше наслов: „Да се поучуваме себеси додека ги поучуваме другите“. Уводниот дел нагласи дека треба да се држиме за истото високо мерило на христијански морал за кое ги поучуваме другите. Следниот дел нѐ опомена да ‚ракуваме исправно со речта на вистината‘ (2. Тимотеј 2:15). За да се поучуваме себеси, животоважно е редовно и марливо лично да ја проучуваме Библијата, без разлика колку време веќе му служиме на Бог. Последниот дел од циклусот покажа дека Ѓаволот нѐ набљудува и бара ставови како што се гордост, дух на независност, чувство на самоважност, љубомора, завист, горчина, огорченост и барање маани. Меѓутоа, ако енергично му се спротивставиме на Ѓаволот, тој ќе побегне од нас. За да му се спротивставиме, треба да му се приближиме на Бог (Јаков 4:7, 8).
Навремениот говор „Гади се од светската зараза од порнографија“ ни покажа како да се справиме со таа омаловажувачка закана за нашата духовност. Пророкот Хабакук за Јехова рекол: „Твоите очи се пречисти, за да гледаат зло. Ти не можеш да ги гледаш беззаконијата“ (Хабакук 1:13). Треба да се ‚гадиме од злото‘ (Римјаните 12:9). Родителите беа опоменати да ги надгледуваат своите деца при нивното користење Интернет и гледање телевизија. Оние што се привлечени кон порнографија, рече говорникот, треба да побараат помош од некој духовно зрел пријател. Исто така, ќе биде корисно да медитираме и да научиме напамет стихови како што се Псалм 97:10; Матеј 5:28; 1. Коринќаните 9:27; Ефешаните 5:3, 12; Колошаните 3:5 и 1. Солуњаните 4:4, 5.
Следниот говор, „Божјиот мир нека те чува“ нѐ утеши со уверувањето дека кога сме притиснати од тегобни грижи, можеме нашиот товар да го фрлиме на Јехова (Псалм 55:22). Ако му ги излееме нашите срца во молитва, Јехова ќе ни го даде „мирот Божји“, смиреност и внатрешно спокојство кое е резултат на нашиот скапоцен однос со него (Филипјаните 4:6, 7).
Првиот ден заврши со еден посебно среќен призвук, со говорот: „Јехова го разубавува својот народ со светлина“, во кој беше објаснето исполнувањето на Исаија, 60. поглавје. Среде моменталната темнина на светот, ‚странците‘ — големото мноштво од лица слични на овци што се појавило — ја уживаат Јеховината светлина заедно со помазаните христијани. Укажувајќи на стихови 19 и 20, говорникот објасни: „Јехова нема да ‚зајде‘ како сонцето или да „се затемни“ како месечината. Тој ќе продолжи да го разубавува својот народ со тоа што ќе фрла светлина врз него. Какво прекрасно уверување е тоа за нас што живееме во последните денови од овој помрачен свет!“ На крајот од говорот, говорникот го објави излегувањето на книгата Пророштвото на Исаија — светлина за целото човештво, том два. Дали веќе заврши со читање на оваа нова публикација?
Втор ден — Соодветно оспособени да поучуваме други
По дискусијата за дневниот стих за вториот ден, со длабок интерес го сослушавме вториот циклус на конгресот: „Министри преку кои другите стануваат верници“. Говорниците во овој триделен циклус ја истакнаа секоја од трите фази вклучени во помагањето на луѓето да станат верници — ширење на пораката за Царството, негување на пронајдениот интерес и поучување на заинтересираните да го држат она што Христос го заповедал. Со помош на интервјуа и одглумени искуства, можевме конкретно да видиме како да ги поучуваме другите да станат ученици.
Темата на следниот дел беше: „На твојата истрајност додај ѝ побожна оддаденост“. Говорникот покажа дека она што на крајот вреди е ‚да истраеме до крај‘ (Матеј 24:13). Треба да ги користиме сите Божји подготовки — молитвата, личната студија, состаноците и службата — за да изградиме побожна оддаденост. Треба да спречиме световните желби и активности постепено да влијаат врз нашата побожна оддаденост или да ја уништат.
Како можат луѓето што се измачуваат и се натоварени да најдат освежување денес? Говорот „Да најдеме освежување под Христовиот јарем“ даде одговор на тоа прашање. Исус љубезно ги поканил своите следбеници да дојдат под неговиот јарем и да учат од него (Матеј 11:28—30). Ние можеме да дојдеме под Исусовиот јарем на тој начин што тесно ќе го следиме неговиот пример на водење едноставен, урамнотежен живот. Главните точки на оваа презентација беа збогатени преку интервјуа со лица што го поедноставиле својот живот.
Една од врвните точки на големите собири на Јеховините сведоци е крштавањето на новопредадени слуги на Бог. Братот што го изнесе говорот „Крштавањето води до поголеми предности во поучувањето“ им изрази срдечно добредојде на кандидатите за крштавање и ги покани да имаат удел во поголеми предности на службата. Новокрстените учители на Божјата реч, кои ги исполнуваат библиските квалификации, можат да посегнат по различни одговорности во собранието.
„Имитирај го Големиот Учител“ беше насловот на првиот говор тоа попладне. Исус со еони на небото внимателно го набљудувал и го имитирал својот Татко, станувајќи на тој начин Голем Учител. Додека бил на Земјата, користел делотворни техники на поучување, како што се длабоки прашања и едноставни, но живи илустрации. Исус своето поучување го темелел на Божјата реч и зборувал со одушевеност, срдечност и авторитет. Зарем не бевме поттикнати да го имитираме Големиот Учител?
Еден друг поттикнувачки говор: „Дали си спремен да им служиш на другите?“ нѐ охрабри да го имитираме Исусовиот пример во служењето на другите луѓе (Јован 13:12—15). Говорникот директно ги поттикна квалификуваните мажи да бидат како Тимотеј во искористувањето на приликите да им помагаат на другите (Филипјаните 2:20, 21). Родителите беа охрабрени да ги имитираат Елкан и Ана во помагањето на своите деца да тежнеат по полновремена служба. А младите беа опоменати да ги имитираат примерите на Исус Христос и на младиот Тимотеј со тоа што спремно ќе се даваат себеси (1. Петрово 2:21). Бевме поттикнати и од зборовите на оние што ги искористиле приликите да им служат на другите.
Темата на третиот циклус беше „Извлечи поцелосна корист од теократското образование“. Првиот говорник нагласи колку е важно да ја зголемиме должината на нашата концентрација. За да ја постигнеме таа цел, можеме да почнеме со кратки периоди на лично проучување и да пробаме да ги продолжиме. Исто така, тој ги охрабри присутните да бараат стихови и да прават белешки во текот на состаноците. Вториот говорник нѐ предупреди на потребата да се држиме цврсто за „образецот на здрави зборови“ (2. Тимотеј 1:13, 14). За да се заштитиме од неморалните презентации во медиумите, човечките филозофии, вишиот критицизам и отпадничките учења, мораме да откупуваме време за лично проучување и за посетување на состаноците (Ефешаните 5:15, 16). Последниот говорник од циклусот ја истакна потребата да ги практикуваме работите што сме ги научиле за да можеме да извлечеме целосна корист од теократското образование (Филипјаните 4:9).
Колку само бевме возбудени кога го чувме говорот „Нови подготовки за нашиот духовен напредок“! Се радувавме кога дознавме дека наскоро ќе биде издадена една нова книга со наслов Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба. Нашите очекувања се зголемија додека говорникот ја изложуваше нејзината содржина. Во врска со делот од книгата во кој се наоѓаат неколку точки за совет, тој рече: „Овој нов учебник не зазема световен пристап кон презентирањето на 53-те аспекти на доброто читање, говорење и поучување. Пристапот се темели на библиски начела“. Оваа книга ќе покаже како пророците, Исус и неговите ученици покажале добри вештини на поучување. Да, овој учебник и новите обележја на Теократската школа за служба сигурно ќе ни помогнат да бидеме подобри учители на Божјата реч.
Трет ден — Бидете учители со оглед на времето
По дискусијата за дневниот стих од последниот ден, сите обрнаа грижливо внимание на последниот конгресен циклус: „Пророштвото на Малахија нѐ подготвува за Јеховиниот ден“. Малахија пророкувал речиси сто години по враќањето на Евреите од Вавилон. Тие повторно западнале во отпадништво и злоба, обесчестувајќи го Јеховиното име со тоа што ги игнорирале неговите праведни закони и со тоа што за жртва принесувале слепи, сакати и болни животни. Освен тоа, се разведувале од жените на својата младост, можеби за да се женат со туѓинки.
Првото поглавје од пророштвото на Малахија нѐ уверува во Јеховината љубов кон неговиот народ. Тоа ја истакнува потребата да имаме побожен страв од Бог, како и ценење за светите работи. Јехова очекува да му го дадеме нашето најдобро, да го обожаваме од несебична љубов. Нашата света служба не треба да биде само формалност, и мораме да му положиме сметка на Бог.
Применувајќи го второто поглавје од Малахија на нашево време, вториот говорник од циклусот праша: „Дали ние лично внимаваме ‚да не се најде неправедност на нашите усни‘?“ (Малахија 2:6). Оние што предводат во поучувањето треба да бидат сигурни дека она што го кажуваат се темели цврсто на Божјата реч. Треба да го мразиме неверството, како што се неправедни разводи (Малахија 2:14—16).
Говорејќи на темата „Кој ќе го преживее Јеховиниот ден?“, последниот говорник од циклусот ни помогна да се подготвиме за Јеховиниот ден. „Колку е само утешно за Јеховините слуги сознанието дека Малахија, 3. поглавје, 17. стих, има главно исполнување врз нив!“ — извика говорникот. „Таму пишува: ‚Мои ќе бидат, моја печалба — говори Господ над Воинствата. Во Денот што го подготвувам ќе им бидам милостив како што таткото му е милостив на синот, кој му служи‘.“
Една друга врвна точка на конгресот беше костимираната драма „Почитувај го Јеховиниот авторитет“ во која беа прикажани синовите на Кореј. И покрај бунтовничкиот став на нивниот татко кон Мојсеј и Арон, тие му останале лојални на Јехова и на неговите претставници. Кореј и неговите следбеници изгинале, но синовите на Кореј преживеале. Следниот говор „Лојално подложи се на божествениот авторитет“ ја објасни примената на содржината од драмата на секого од нас. Говорникот предупреди на шесте подрачја на кои Кореј и неговите следбеници потфрлиле: не го поддржувале лојално Јеховиниот авторитет; дозволиле гордоста, амбицијата и љубомората да завладеат со нив; се сосредоточиле на несовршеностите на оние што се наименувани од Јехова; развиле став на жалење; станале незадоволни од своите предности во службата и дозволиле пријателството или семејните врски да имаат предност над лојалноста кон Јехова.
„Кој ги поучува сите нации за вистината?“ — беше темата на јавното предавање. Вистината за која беше дискутирано, не е вистината воопшто туку вистината за Јеховината намера за која Исус Христос дал сведоштво. Говорникот ја разгледа вистината во врска со верувањата, вистината што се однесува на начинот на обожавање и вистината во врска со личното однесување. Со оваа споредба на христијаните од првиот век со Јеховините сведоци денес, нашето уверување дека ‚Бог навистина е меѓу нас‘ беше навистина зајакнато (1. Коринќаните 14:25).
По резимето на студиската статија на Стражарска кула за таа седмица, сите присутни учители на Божјата реч беа поттикнати на акција со заклучниот говор: „Итно да го исполниме нашиот налог да поучуваме“. Краткиот преглед на програмата нагласи колку е важно да го користиме Писмото во поучувањето, начините на кои можеме да станеме квалификувани учители и потребата да имаме доверба во вистината за која ги поучуваме другите. Говорникот нѐ опомена ‚нашиот напредок да биде видлив‘ и да ‚обрнуваме постојано внимание на себе и на своето поучување‘ (1. Тимотеј 4:15, 16).
Каква само духовна гозба уживавме на Обласниот конгрес „Учители на Божјата реч“! Да го имитираме нашиот Величествен Поучувач, Јехова, и нашиот Голем Учител, Исус Христос, додека ги поучуваме другите за Божјата реч.
[Рамка/слики на страница 28]
Нови публикации за да се задоволат посебните потреби
Делегатите на Обласниот конгрес „Учители на Божјата реч“ воодушевено примија две публикации што треба да бидат од голема помош во поучувањето на луѓето за библиската вистина во извесни делови на светот. Трактатот со наслов Дали имаш бесмртен дух? ќе биде корисна алатка во побудувањето разговори со оние што живеат во земји каде што на локалните јазици не се прави разлика меѓу „душа“ и „дух“. Новиот трактат јасно покажува дека духовна сила се разликува од духовно суштество и дека кога умираат, луѓето не стануваат духовни суштества.
Брошурата Задоволувачки живот — како да се постигне беше објавена на крајот од вториот конгресен ден. Оваа брошура беше подготвена со цел да се започнат библиски студии со оние што немаат претстава за Творец како личност и за божествено инспирирана книга. Дали веќе ги употреби овие нови публикации во твојата служба?
[Слики на страница 26]
Во Милано (Италија) и на конгресите низ целиот свет беа крстени стотици лица
[Слика на страница 29]
Присутните беа трогнати од драмата „Почитувај го Јеховиниот авторитет“