‚Ревносните објавители на Царството‘ радосно се собираат
СВЕТОТ го потресуваат морални, економски и политички кризи. Меѓутоа, сред сиот овој немир, Јеховините сведоци се собраа на мирни тридневни обласни конгреси „Ревносни објавители на Царството“. Почнувајќи од мај 2002, овие собири се одржаа во целиот свет.
Конгресите навистина се покажаа како радосни прилики. Да ја разгледаме накратко изградувачката програма темелена на Библијата.
Првиот ден ја нагласи ревноста на Исус
Темата на првиот ден од конгресот беше „Имитирај ја ревноста на нашиот Господ, Исус“ (Јован 2:17). Говорот „Радувајте се што сме собрани заедно како објавители на Царството“ срдечно ги покани сите присутни да ја споделат радоста што од секогаш била обележје на конгресите на Божјиот народ (Второзаконие 16:15). По овој говор следеа интервјуа со ревносни објавители на добрата вест.
Говорот „Сета твоја радост нека биде во Јехова“ го обработи Псалм 37:1—11 стих по стих. Бевме поттикнати да не се ‚лутиме‘ поради успехот што злобните навидум го имаат. Иако злите може лажно да нѐ претставуваат, со текот на времето Јехова ќе покаже кој навистина е негов верен народ. Говорот „Покажете се благодарни“ дискутираше за тоа како можеме да покажеме благодарност кон Бог. Сите христијани мораат да му принесуваат „жртва на фалба“ на Јехова (Евреите 13:15). Се разбира, колку време посветуваме на Јеховината служба зависи од нашата благодарност и од околностите.
Клучното предавање беше со наслов „Објавителите на Царството распламтени со ревност“. Тоа укажа на Исус Христос како најдобар пример на ревност за нас. Откако небесното Царство било воспоставено во 1914, на вистинските христијани им била потребна ревност за да ја објават таа добра вест. Говорникот се осврна на конгресот во Седар Поинт, Охајо (САД) во 1922 и нѐ потсети на историскиот повик: „Објавувај го Царот и неговото Царство!“ Со текот на времето, ревноста на Божјите верни слуги ги поттикнала да им ги објавуваат прекрасните вистини за Царството на сите нации.
Говорот „Биди бестрашен затоа што знаеш дека Јехова е со нас“, што беше изнесен првиот ден попладне, покажа дека Божјиот народ е посебна мета на Сатана. Меѓутоа, и покрај противењето на кое наидуваме, тоа што ќе размислуваме за многуте библиски и современи примери на вера ќе ни даде храброст бестрашно да се соочиме со испитите и искушенијата (Исаија 41:10).
Следен на програмата беше триделниот циклус предавања на тема „Пророштвото на Михеј нѐ зајакнува да одиме во Јеховино име“. Првиот говорник го спореди моралниот пад, религиозното отпадништво и материјализмот од времето на Михеј со нашево време. Тој изјави: „Нашата надеж за иднината ќе биде сигурна ако негуваме послушно срце и ако се погрижиме нашето однесување да биде свето, а нашиот живот исполнет со дела на побожна оддаденост — и ако никогаш не заборавиме дека Јеховиниот ден ќе дојде“ (2. Петрово 3:11, 12).
Вториот говорник во циклусот укажа на осудата на Михеј врз водачите на Јуда. Тие ги злоупотребувале сиромашните, беспомошни луѓе. Но, Михеј, исто така, го претскажал и триумфот на вистинското обожавање (Михеј 4:1—5). Оспособени од светиот дух на Јехова, решени сме да ја објавуваме оваа освежувачка порака на надеж. Но, што ако се чувствуваме спречени од болест или ограничени на некој друг начин? Третиот говорник рече: „Јеховините барања се разумни и достижни“. Тој продолжи да дискутира за различните аспекти на Михеј 6:8, каде што читаме: „Што бара Господ од тебе: да се прави само правда, да се љуби милосрдието и да се оди смирено со својот Бог“.
Затоа што распадот на светскиот морал може да влијае врз христијаните, сите ние извлековме корист од говорот со наслов „Задржи чистота чувајќи го своето срце“. На пример, тоа што остануваме чисти ќе ни помогне да имаме среќен брак. Како христијани, никогаш не смееме ни да помислиме на можноста да се впуштиме во сексуален неморал (1. Коринќаните 6:18).
Говорот „Чувај се од измама“ покажа дека е мудро на извртувањата, полувистините и чистите лаги што ги шират отпадниците да гледаме како на отров (Колошаните 2:8). На сличен начин, не смееме да се мамиме да размислуваме дека можеме да ги задоволиме своите грешни желби без штетни последици.
„Обожавај го единствениот вистински Бог“ беше насловот на последниот говор првиот ден. Додека условите во светот стануваат сѐ покритични, колку е охрабрувачки да се знае дека Јехова наскоро ќе го воспостави својот праведен нов свет! Кој ќе живее во него? Само оние што го обожаваат Јехова. За да ни помогне нам, на нашите деца и на нашите библиски студенти да ја постигнеме таа цел, говорникот ја објави новата книга за проучување Обожавај го единствениот вистински Бог. Колку бевме среќни што ја добивме!
Вториот ден ја истакна ревноста за она што е добро
Темата на вториот ден од конгресот беше „Бидете ревносни за она што е добро“ (1. Петрово 3:13). Првиот говорник дискутираше за дневниот библиски стих. Тој нагласи дека редовното, смисловно разгледување на дневниот стих ја зголемува нашата ревност.
Потоа следеше циклусот предавања „Објавители на Царството што ја слават својата служба“. Првиот дел ја истакна потребата исправно да се ракува со Божјата реч (2. Тимотеј 2:15). Тоа што делотворно ја користиме Библијата го отвора патот таа да „врши силно влијание“ во животот на луѓето (Евреите 4:12). Вниманието треба да го насочуваме на Библијата и убедливо да резонираме за неа. Вториот дел од циклусот нѐ поттикна секогаш одново да правиме повторни посети кај заинтересираните (1. Коринќаните 3:6). За брзо да го следиме покажаниот интерес потребни се подготовка и смелост. Третиот дел препорача да гледаме на сите лица што ги среќаваме како на потенцијални ученици и покажа дека ако се понуди библиска студија на прва посета може да се доживее радоста да им се помогне на поединци да станат ученици.
„Зошто ‚да се молиме непрестајно‘“ беше темата на следниот говор. Библијата ги поттикнува христијаните да бараат водство од Бог во секој аспект од животот. Треба да одвоиме време за лична молитва. Освен тоа, мораме да истраеме во молитвата, зашто Јехова може да допушти да се молиме некое време пред неговиот одговор да биде очигледен (Јаков 4:8).
Говорот „Духовниот разговор изградува“ нѐ поттикна да го користиме нашиот дар на говор за да извлечеме корист и ние и другите (Филипјаните 4:8). На брачните другари и на децата им треба духовен разговор секој ден. За таа цел, семејствата треба да се обидат да имаат барем еден заеднички оброк секој ден, што ќе им овозможи да водат изградувачки разговори.
Претпладневната програма заврши со охрабрувачкиот говор „Како преданието и крштавањето водат до спасение“. Кандидатите за крштавање стекнале спознание, практикувале вера, се покајале, се одвратиле од престапување и му се предале на Бог. Откако ќе се крстат, забележа говорникот, мораат да продолжат духовно да растат и да ја задржат својата ревност и добро однесување (Филипјаните 2:15, 16).
Истото попладне, во говорот „Биди скромен и задржи едноставно око“, беа нагласени две главни точки. Да бидеме скромни значи да имаме реалистично гледиште за нашите ограничувања и за нашата положба пред Бог. Скромноста ни помага да го задржиме нашето око „едноставно“ — сосредоточено на Божјето Царство, а не на материјалните работи. Ако го правиме ова, не треба да бидеме тегобно загрижени, зашто Јехова ќе се грижи за нашите потреби (Матеј 6:22—24, 33, 34).
Наредниот говорник покажа зошто треба ‚Да имаме целосна доверба во Јехова во време на неволја‘. Како можеме да се справиме со работи како што се некоја лична слабост и финансиски или здравствени проблеми? Да побараме практична мудрост од Јехова и да побараме помош од другите. Наместо да подлегнеме на паника или очај, треба да ја зајакнеме нашата доверба во Бог така што ќе ја читаме неговата Реч (Римјаните 8:35—39).
Последниот циклус предавања на конгресот беше на тема „Квалитетот на нашата вера испитан со разни искушенија“. Првиот дел нѐ потсети дека сите вистински христијани се соочуваат со прогонство. Тоа служи како сведоштво, ја зајакнува нашата вера и ни дава прилика да ја покажеме нашата лојалност кон Бог. Иако не ги доведуваме непотребно нашите животи во опасност, никогаш не би користеле небиблиски средства за да избегнеме прогонство (1. Петрово 3:16).
Вториот говорник во циклусот постави прашања во врска со неутралноста. Раните христијани не биле пацифисти, туку сфатиле дека нивната првенствена лојалност е кон Бог. На сличен начин, Јеховините сведоци денес цврсто се држат за начелото: „Не сте дел од светот“ (Јован 15:19). Бидејќи испитите на нашата неутралност можат брзо да дојдат, семејствата треба да одвојат време за да ги разгледаат библиските упатства на оваа тема. Како што третиот говор од овој циклус истакна, целта на Сатана не мора да биде да нѐ убие, туку да нѐ натера да станеме неверни. Со тоа што верно ќе претрпиме потсмевање, неморални притисоци, емоционална болка и болести, му донесуваме фалба на Јехова.
Срдечната покана „Приближи му се на Јехова“ беше насловот на последниот говор тој ден. Ние сме привлечени кон Јехова поради тоа што ги разбираме неговите главни особини. Тој ја користи својата неограничена моќ за да го заштити својот народ, особено во духовен поглед. Неговата правда не е груба туку го поттикнува да овозможи бескраен живот за секого што го прави она што е праведно. Божјата мудрост е очигледна од начинот на кој искористил несовршени луѓе да ја запишат Библијата. Најпривлечна е неговата љубов, која го поттикнала да направи подготовка за спасение на човештвото преку Исус Христос (Јован 3:16). Говорникот заврши објавувајќи го излегувањето на прекрасната нова книга Приближи му се на Јехова.
Третиот ден се сосредоточи на ревноста за добри дела
Темата на третиот ден од конгресот беше „Народ ревносен за добри дела“ (Тит 2:14). Утрото почна прекрасно со семејна дискусија за дневниот стих. Потоа следеше говорот „Дали твојата доверба е во Јехова?“ Нациите ја ставиле својата доверба на погрешно место, потпирајќи се на сопствената мудрост и сила. Меѓутоа, за разлика од нив, Јеховините слуги храбро и радосно се потпираат на него и покрај неволјите (Псалм 46:1—3, 7—11).
Точката со наслов „Млади — градете за иднината со Јеховината организација“ го разгледа прашањето: Како може една млада личност навистина да го извлече најдоброто од животот? Тоа не е можно ако се трча по пари, имот и углед. Нашиот Творец љубезно ги поттикнува младите да се сетат на него додека се сѐ уште млади. Говорникот интервјуираше некои што се дале себеси во христијанската служба додека биле млади и можевме да ја почувствуваме нивната радост. И, од колкава само корист беше што го добивме новиот трактат Млади — што ќе правите со својот живот?, наменет да им помогне на младите Сведоци да положат темел за вечна иднина со Јеховината организација!
Потоа следеше библиската драма што нѐ плени — „Стој цврсто во тешки времиња“. Таа ја следеше долгата кариера на Еремија од младоста па сѐ до уништувањето на Ерусалим, за кое тој ревносно пророкувал. Еремија се чувствувал неквалификуван за својата задача, но ја исполнил и покрај противењето, и Јехова го избавил (Еремија 1:8, 18, 19).
По драмата следеше говорот „Биди како Еремија — бестрашно објавувај ја Божјата реч“. Современите објавители на Царството честопати се мета на лажни информации и злобна пропаганда (Псалм 109:1—3). Меѓутоа, како Еремија, и ние можеме да излеземе на крај со обесхрабрувањето со тоа што ќе уживаме во Јеховината реч. И, уверени сме дека оние што се борат против нас нема да победат.
Навистина навремено беше јавното предавање со наслов „Се менува сцената на овој свет“. Нашето време е одбележано со драматични промени. Библијата прорекла дека таквите услови, вклучувајќи го и повикот за „мир и сигурност“ ќе води до Божјиот ден на суд што влева страв (1. Солуњаните 5:3). Тој ден ќе донесе прекрасни промени — крај на сите војни, криминалот, насилството, дури и на болеста. Затоа, наместо да имаме доверба во овој систем на работи, сега е времето да се стремиме кон побожна оддаденост и да задржиме чисто однесување.
По резимето на седмичната лекција од Стражарска кула следеше последниот говор на конгресот со наслов „Изобилувајте во добри дела како ревносни објавители на Царството“. Говорникот истакна колку програмата духовно нѐ поттикна и нѐ охрабри да се потпираме на Јехова. Како заклучок, бевме поттикнати да бидеме чисти, полни со љубов и ревносни објавители на Божјето Царство (1. Петрово 2:12).
Со дух како оној на Јеховините слуги од времето на Неемија, сигурно се вративме дома радувајќи се на богатите духовни благослови што ги добивме на обласниот конгрес „Ревносни објавители на Царството“ (Неемија 8:12). Зарем овој возбудлив конгрес не те исполни со радост и одлучност да останеш и понатаму ревносен објавител на Царството?
[Рамка/слика на страница 23]
Ново помагало за проучување!
На крајот на првиот конгресен ден, присутните беа восхитени поради излегувањето на новата книга Обожавај го единствениот вистински Бог. Таа е наменета да се проучува со оние што завршиле со проучување на книгата Спознание кое води до вечен живот и несомнено ќе ја зајакне верата на оние што се „исправно наклонети кон вечниот живот“ (Дела 13:48).
[Извор на слика]
Слика на насловната страница: фотографија на морнарицата на САД
[Рамка/слики на страница 24]
Помош да му се приближиме на Бог
Последниот говорник на вториот ден од конгресот го објави излегувањето на новата книга Приближи му се на Јехова. Таа вклучува четири главни дела, по еден за секоја од главните особини на Јехова — моќ, правда, мудрост и љубов. Секој дел од книгата има поглавје што покажува како Исус Христос живописно ги покажал Божјите особини на дело. Првенствената цел на оваа нова книга е да ни помогне нам и на нашите библиски студенти да изградиме поблизок и поцврст однос со Јехова Бог.
[Рамка/слики на страница 26]
Духовно водство за младите
Третиот ден од конгресот беше одбележан со излегувањето на специјалниот трактат со наслов Млади — што ќе правите со својот живот? Наменет да им помогне на младите Сведоци да донесат исправни одлуки во врска со својата иднина, овој трактат дава библиски совет за тоа како да се изгради вечна кариера во Јеховината служба.