Колку е важна чистотата?
ЗА РАЗЛИЧНИ луѓе чистотата значи различно нешто. На пример, кога мајката ќе му каже на едно мало дете да си ги измие рацете и лицето, тоа можеби мисли дека е доволно да ги држи прстите под пуштена славина и да си ги навлажни усните. Но, мајката знае подобро. Таа го враќа малиот во бањата и му ги трие рацете и лицето со доста сапун и вода — и покрај неговите гласни протести!
Се разбира, мерилата за чистота не се исти во целиот свет, и луѓето растат со различни концепти за чистотата. Во минатото, чистата, добро уредена околина во училиштето во многу земји им помогнала на учениците да развијат добри навики за чистота. Денес, дворовите на некои училишта се толку полни со отпадоци и шут, што повеќе личат на ѓубриште отколку на место за игра или вежби. А како е со училницата? Дарен, домаќин во една австралиска гимназија, коментирал: „ Сега и во училницата гледаме нечистотија“. Некои ученици сметаат дека упатството „собери го“ или „исчисти го“ значи дека се казнети. Проблемот се состои во тоа што некои наставници го користат чистењето како средство за казнување.
Од друга страна, пак, возрасните не се секогаш добар пример за чистота, било во секојдневниот живот било во деловниот свет. На пример, многу јавни места се оставаат неуредни и непријатни за гледање. Некои индустрии ја загадуваат природната средина. Меѓутоа, загадувањето не го предизвикуваат безличните индустрии и бизниси, туку луѓето. Иако главната причина за светскиот проблем со загадувањето и многуте негови лоши ефекти веројатно е алчноста, дел од проблемот се должи на нечистите лични навики. Еден поранешен генерален директор на австралискиот Комонвелт го поддржал овој заклучок кога рекол: „Сите прашања во врска со општото здравје се сведуваат на земање предвид на еден маж, една жена, едно дете“.
Сепак, некои сметаат дека чистотата е лична работа и дека не треба да интересира никого друг. Дали е навистина така?
Важноста на чистотата не може доволно да се нагласи кога станува збор за нашата храна — сеедно дали ја купуваме на пазар, ја јадеме во ресторан или сме на оброк во домот на некој пријател. Од оние што ја подготвуваат или ја сервираат храната што ја јадеме се очекува високо мерило на чистота. Нечистите раце — нивни или наши — можат да бидат причина за многу болести. А што е со болниците — местото што очекуваме да биде чисто? The New England Journal of Medicine известил дека немиените раце кај лекарите и медицинските сестри се објаснување зошто кај болничките пациенти доаѓа до инфекции чие лекување чини дури десет милијарди долари годишно. Со право очекуваме никој да не ни го загрозува здравјето со своите нечисти навики.
Исто така, многу сериозно е кога некој — намерно или непромислено — ни ги загадува резервите со вода. А колку е безбедно некој да шета бос по плажа кога може да се видат оставени шприцеви од зависниците од дрога и други работи? Можеби од уште поголема важност е прашањето: Дали практикуваме чистота во нашиот дом?
Во својата книга Chasing Dirt (Гонење на нечистотијата), Сјуелен Хој прашува: Дали сме чисти како што бевме некогаш? Таа одговара: „Веројатно не“. Како главна причина, ги наведува променливите општествени вредности. Бидејќи дома поминуваат сѐ помалку време, луѓето едноставно плаќаат некој друг да им чисти. Како последица од тоа, задржувањето чиста околина повеќе не е од лична важност. „Јас не ја чистам кадата — јас се чистам себеси“, рекол еден човек. „Иако куќата ми е нечиста, барем јас сум чист.“
Меѓутоа, чистотата е многу повеќе отколку само надворешниот изглед. Таа е сеопфатна етика на здраво живеење. Исто така, таа е состојба на умот и срцето, која го вклучува нашиот морал и нашето обожавање. Да видиме како.