Чистота — што, всушност, значи тоа?
ПОРАДИ шокантно нехигиенските услови во Европа и во Соединетите Држави во 18 и 19 век, мисионерите од тој период го проповедале она што би можело да се нарече „доктрина на чистотата“. Оваа доктрина ја изедначила валканоста со грев, а било речено дека чистотата го доведува човек поблизу до Бог. Можеби оттаму станала популарна аксиомата: „Чистотата е веднаш до побожноста“.
Вакво гледиште зазела Армијата на спасот, која ја основале Вилијам и Катерина Бут. Според книгата Health and Medicine in the Evangelical Tradition (Здравјето и медицината во евангелската традиција), еден од нивните најрани слогани бил: „Сапун, супа и спасение“. Потоа, кога Луј Пастер и други ја покажале со сигурност врската меѓу болестите и бактериите, само биле додадени поттик и научна основа на плановите за подобро општо здравје.
Некои од мерките што веднаш биле преземени вклучувале да не се бара сведокот на суд да ја бакне Библијата и да се укине постоење на заедничка чаша за пиење во училиштата и на железничките станици. Биле вложени напори заедничкиот пехар за причесна на верските служби да се замени со поединечни шолји. Да, овие рани пионери изгледа постигнале приличен успех во менувањето на ставовите на луѓето кон чистотата. Тоа било случај до таа мера што една писателка резултатот го нарекла „љубовна врска со чистотата“.
Меѓутоа, оваа „љубовна врска со чистотата“ изгледа била само површна. Не поминало долго време и претприемливите трговци го претвориле обичниот сапун во производ за разубавување. Вештите реклами ги наведувале купувачите да веруваат дека користењето извесни лични хигиенски производи ќе му даде на корисникот општествен статус на кој другите би можеле само да му позавидат. Телевизијата ја поддржува оваа фантазија. Ретко може да се види како успешните и славни луѓе прикажувани на рекламите и во сапунските опери ја чистат куќата, како го метат дворот, како собираат ѓубре или го чистат она што го оставаат зад себе нивните миленичиња — мачиња и кучиња.
Исто така, постојат луѓе што резонираат дека одењето на работа им ги плаќа сметките, додека домашната работа или другите работи поврзани со чистење не им донесуваат финансиска корист. А со оглед на тоа што не добиваат никаква парична награда, зошто да се грижат за околината? Еден резултат од ова е тоа што некои луѓе денес мислат дека чистотата се состои само од лична хигиена.
Божјето гледиште за чистотата
Не постои сомневање дека тие рани напори да се поучува за чистотата помогнале да се подобрат животните услови на луѓето. И со право, зашто чистотата е особина што му припаѓа и потекнува од светиот и чистиот Бог, Јехова. Тој нѐ учи да си помогнеме на тој начин што ќе станеме свети и чисти во сите наши патишта (Исаија 48:17; 1. Петрово 1:15).
Јехова Бог е пример во тој поглед. Чистотата, како и неговите други невидливи особини, јасно се гледа во Божјето видливо творештво (Римјаните 1:20). Забележуваме дека самото создание не предизвикува трајно загадување. Земјата со многуте нејзини еколошки циклуси е чудо на самочистење, и е наменета за чисто, здраво живеење. Таква чиста работа може да дојде само од Дизајнер што е умствено чист. Значи, од ова можеме да заклучиме дека обожавателите на Бог треба да бидат чисти во сите аспекти на својот живот.
Четири аспекти на чистотата
Библијата идентификува четири аспекти на чистотата кон кои треба да се стремат обожавателите на Бог. Да ги разгледаме еден по еден.
Духовна. Оваа чистота би можела да се смета за најважна, зашто е поврзана со изгледите на еден човек да добие вечен живот. Меѓутоа, ова е често најзапоставуваниот аспект на чистотата. Едноставно речено, да се биде духовно чист значи никогаш да не се преминува линијата што Бог ја повлекол меѓу вистинското обожавање и лажното, зашто Бог го смета секој вид лажно обожавање за нечисто. Апостол Павле напишал: „,Излезете од нивната средина и одвојте се‘, вели Јехова, ‚и престанете да го допирате она што е нечисто‘; ‚и јас ќе ве примам‘“ (2. Коринќаните 6:17). Ученикот Јаков е исто така многу конкретен во тој поглед: „Обликот на обожавање кој е чист и неизвалкан од гледна точка на нашиот Бог и Татко е овој: . . . да се чуваш без дамка од светот“ (Јаков 1:27).
Бог јасно покажал дека не го одобрува мешањето на лажното обожавање со неговото чисто обожавање. Лажното обожавање честопати вклучува нечисти практики и одвратни идоли и богови (Еремија 32:35). Затоа, вистинските христијани се поттикнати да избегнуваат секаква вмешаност во нечистото обожавање (1. Коринќаните 10:20, 21; Откровение 18:4).
Морална. И овде Бог повлекува јасна линија меѓу чистото и нечистото. Во целина, светот стана таков каков што е опишан во Ефешаните 4:17—19: „Умствено се во темнина и отуѓени од животот кој му припаѓа на Бог . . . Откако изгубиле секакво морално чувство, се предале на распуштено однесување за да вршат секаков вид нечистота со алчност“. Таквото неморално размислување се изразува на многу начини, очигледни и подмолни, па затоа христијаните треба да се чуваат.
Љубителите на Бог знаат дека проституцијата, хомосексуалноста, предбрачниот секс и порнографијата се прекршување на Јеховиното мерило за морална чистота. Меѓутоа, овие практики се секојдневие во светот на забавата и модата. Затоа христијаните мораат да се чуваат од таквите трендови. Носењето многу куса, отворена облека на христијанските состаноци или на друштвените собири свртува непотребно внимание кон човечкото тело и покажува застранување од чесноста. Освен што во христијанското друштво внесува нечисто световно размислување, таквото облекување има потенцијал да создаде кај другите нечисти мисли. Ова е подрачје на коешто христијаните треба напорно да работат за да покажуваат ‚мудрост одозгора‘ (Јаков 3:17).
Умствена. Тајните скривалишта на нечиј ум не треба да бидат ризница на нечисти мисли. Исус предупредил на нечистото размислување кога рекол: „Секој кој постојано гледа на жена на таков начин што чувствува страст кон неа, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (Матеј 5:28; Марко 7:20—23). Овие зборови подеднакво важат и за гледање порнографски слики и филмови, читање извештаи за разуздани сексуални активности и слушање сугестивни текстови на песни. Значи, христијаните мораат да избегнуваат да се загадат по пат на негување нечисти мисли што би можеле да поттикнат нечист, несвет говор и постапки (Матеј 12:34; 15:18).
Физичка. Светоста и физичката чистота се тесно поврзани во Библијата. На пример, Павле напишал: „Љубени, да се исчистиме од секоја валканост на телото и духот, усовршувајќи ја светоста во Божји страв“ (2. Коринќаните 7:1). Според тоа, вистинските христијани треба да настојуваат да си го одржуваат телото, домот и околината чисти и уредни, колку што им дозволуваат околностите. Дури и таму каде што не е толку лесно достапна вода за миење или капење, христијаните треба да се обидуваат да сторат сѐ што можат за да се држат чисти и претставителни.
Физичката чистота исклучува и употреба на тутун во каков и да било облик, прекумерно пиење алкохол и каков и да било облик на злоупотреба на дрога, што го загадува и оштетува телото. Пастирот опишан во Песната на Соломон го ценел пријатниот мирис на облеката на суламската девојка (Песна над песни 4:11). Грижата за нашата лична хигиена е нешто љубезно, бидејќи сакаме да избегнуваме непријатно да им мирисаме на луѓето околу нас. Парфемите и колонските води можат да бидат пријатни, но не се замена за редовното капење и за чистата облека.
Да задржиме урамнотежено гледиште
Кога станува збор за физичката чистота, луѓето можат да одат во крајности. Од една страна, фанатичноста за чистотата може да ни ја одземе радоста на животот. Исто така, може да ни одземе многу драгоцено време. Од друга страна, пак, поправките на нечистиот и неуреден дом може да нѐ чинат скапо. Практичниот, разумен пристап на одржување на нашиот дом чист и претставителен лежи негде меѓу овие две крајности.
Да го одржуваме едноставен. Домовите или собите кои се пренатрупани со расфрлани предмети се тешки за чистење, а нечистотата не може лесно да се открие во таква пренатрупана средина. Скромните, ненатрупани домови одземаат помалку време за чистење. Едноставниот начин на живот високо се препорачува во Библијата: „Кога имаме храна и покрив, да бидеме задоволни со тоа“ (1. Тимотеј 6:8).
Да го одржуваме уреден. Чистиот дом е одговорност на сите што живеат во него. Неуредните домови честопати почнуваат како неуредни соби. Уредноста значи сѐ да си биде на свое место. Место за нечиста облека, на пример, не треба да биде подот во спалната. И што е уште посериозно, играчките и алатите оставени наоколу се потенцијална опасност. Многу несреќи во домот се должат на неуредни навики.
Јасно, чистотата и христијанскиот начин на живот се неразделиви. Во врска со побожниот начин на живот, пророкот Исаија зборува за „свет пат“. И ја додава отрезнувачката мисла дека „нечистиот не ќе помине по него“ (Исаија 35:8). Да, негувањето добри навики на чистота сега дава силни докази за нашата вера во Божјето ветување дека наскоро тој ќе воспостави чиста рајска Земја. Потоа, во сите делови на оваа прекрасна планета, сите луѓе ќе го слават Јехова Бог на тој начин што целосно ќе им се повинуваат на неговите совршени мерила за чистота (Откровение 7:9).
[Слика на страница 6]
Чистиот дом е одговорност на сите што живеат во него
[Слика на страница 7]
Земјата е чудо на самочистење