Кој е виновен — ти или твоите гени?
НАУЧНИЦИТЕ напорно се трудат да пронајдат генетички причини за алкохолизмот, хомосексуалноста, промискуитетот, насилството, за други видови изопачено однесување, па дури и за самата смрт. Зарем не би било олеснување да се открие дека ние не сме одговорни за нашите постапки, туку сме само жртви на биологијата? Во самата човечка природа е да обвиниме некој друг или нешто друго за нашите грешки.
Ако се виновни гените, научниците нудат можност да ги изменат, отстранувајќи ги непожелните обележја преку генетички инженеринг. Неодамнешниот успех во скицирањето на целиот човечки геном им даде на таквите стремежи нов замав.
Меѓутоа, ова сценарио се темели на претпоставката дека нашата генетичка надареност е, всушност, дежурниот виновник за сите наши гревови и престапи. Дали научните детективи пронашле доволно докази за да подигнат парница против нашите гени? Очигледно, одговорот длабоко ќе влијае врз тоа како гледаме на себе и на својата иднина. Меѓутоа, пред да ги испитаме доказите, поучно ќе биде да фрлиме поглед на потеклото на човештвото.
Како започнало сето тоа
Повеќето луѓе се запознати, или барем чуле за извештајот во врска со запаѓањето во грев на првиот човечки пар, Адам и Ева, во градината Еден. Дали тие уште од почетокот биле направени со некаков вроден дефект во гените, со некаков недостаток во дизајнот поради кој имале предиспозиција кон грев и непослушност?
Нивниот Творец, Јехова Бог, чии дела се совршени, објавил дека неговото врвно земно создание било „многу добро“ (Битие 1:31; Второзаконие 32:4). Како понатамошен доказ дека бил задоволен од своето дело, тој им го дал својот благослов на првиот маж и жена и им дал упатство да се множат, да ја наполнат Земјата со човечки суштества и да се грижат за неговото земно создание — што секако не се постапки на некој кој не е сигурен во делото на своите раце (Битие 1:28).
Во врска со создавањето на првиот човечки пар, Библијата ни кажува: „Бог го создаде човекот во Својот лик, Тој го создаде во Божјиот лик; ги создаде машко и женско“ (Битие 1:27). Ова не значи дека луѓето биле создадени да личат на Бог во физичкиот изглед, зашто „Бог е Дух“ (Јован 4:24). Напротив, тоа значи дека човечките суштества биле надарени со побожни особини и чувство за морал, совест (Римјаните 2:14, 15). Исто така, тие биле лица со слободна волја, способни да одмерат извесна работа и да одлучат како ќе постапуваат.
Меѓутоа, нашите први родители не биле оставени без упатства. Напротив, биле предупредени за последиците од престапувањето (Битие 2:17). Значи, доказите покажуваат дека кога се соочил со морална одлука, Адам избрал да го прави она што во тоа време нему му изгледало умесно или корисно. Ја следел својата сопруга во престапувањето наместо да размисли за својот однос со Творецот или за долгорочните ефекти од неговото постапување. Исто така, подоцна се обидел да ја префрли вината врз Јехова, велејќи дека сопругата што Тој му ја дал го завела (Битие 3:6, 12; 1. Тимотеј 2:14).
Божјата реакција на гревот на Адам и Ева открива многу. Тој не се обидел да исправи некој „недостаток во дизајнот“ на нивните гени. Наместо тоа, го спровел она што им рекол дека ќе биде последица од нивните постапки, што на крајот водело до нивна смрт (Битие 3:17—19). Оваа рана историја фрла силна светлина врз природата на човечкото однесување.a
Доказите против биологијата
Научниците долго време се занимавале со огромната задача да пронајдат генетички причини и лекови за човечката патологија и однесување. По десетгодишна работа на шест тима истражувачи, бил изолиран генот поврзан со Хантингтоновата болест, иако истражувачите немаат поим како тој ген ја предизвикува болеста. Меѓутоа, известувајќи за ова истражување, Scientific American го цитирал харвардскиот биолог Еван Балабан, кој рекол дека ќе биде „многу потешко да се откријат гените за нарушувањата во однесувањето“.
Всушност, истражувањето што се обидува да ги поврзе конкретните гени со човечкото однесување е безуспешно. На пример, во Psychology Today, еден извештај за напорите да се пронајдат генетички причини за депресијата наведува: „Епидемиолошките податоци за водечките душевни болести јасно покажуваат дека тие не можат да се сведат на чисто генетички причини“. Извештајот наведува еден пример: „Стапката на депресија кај Американците до 75-годишна возраст, родени пред 1905, изнесува 1 процент. А од Американците родени половина век подоцна, 6 проценти станале депримирани до 24-годишна возраст!“ Затоа, тој заклучува дека само надворешни или социјални фактори можат да доведат до такви драматични промени за толку кратко време.
Што ни кажуваат овие и бројни други студии? Иако гените можеби играат улога во обликувањето на нашите личности, јасно е дека постојат и други влијанија. Главен фактор е нашата околина, која во денешно време претрпела радикални промени. Во врска со изложеноста на денешната младина на популарната забава, книгата Boys Will Be Boys (Момчињата ќе си бидат момчиња) забележува дека не е веројатно децата да развијат цврсти морални начела кога „растат гледајќи десетици илјади часови ТВ-шоуа и филмови во кои луѓето се напаѓани, стрелани, прободувани, им се вадени внатрешните органи, во кои се искасапени, им се дере кожата или им се сечат делови од телото, кога децата растат слушајќи музика што го велича силувањето, самоубиството, дрогата, алкохолот и биготизмот“.
Јасно, Сатана, „владетелот на овој свет“, создава околина која ги задоволува ниските желби. И кој може да го негира силното влијание што таквата околина го врши врз сите нас? (Јован 12:31; Ефешаните 6:12; Откровение 12:9, 12).
Коренот на неволјите на човештвото
Како што веќе видовме, проблемите на човештвото започнале откако првиот човечки пар згрешил. Каков бил резултатот? Иако генерациите што се потомци на Адам не се одговорни за неговиот грев, сепак, сите тие се родени со грев, несовршеност и смрт како свое наследство во животот. Библијата објаснува: „Поради тоа, како што преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, така и смртта се прошири на сите луѓе, бидејќи сите згрешија“ (Римјаните 5:12).
Несовршеноста дефинитивно го става човекот во неповолна положба. Но, тоа не го ослободува од целокупната морална одговорност. Библијата покажува дека оние што полагаат вера во Јеховината подготовка за живот и ги доведуваат своите животи во склад со Божјите мерила ќе го имаат неговото одобрување. Поради својата оддадена љубезност Јехова направил милостива подготовка да го искупи човештвото, да го купи назад, така да се каже, она што Адам го изгубил. Таа подготовка е откупната жртва на неговиот совршен Син, Исус Христос, кој рекол: „Бог толку многу го љубеше светот што го даде својот единороден Син за секој кој практикува вера во него, да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16; 1. Коринќаните 15:21, 22).
Апостол Павле изразил длабоко ценење за оваа подготовка. Тој извикал: „Беден човек сум јас! Кој ќе ме спаси од телото кое е подложно на оваа смрт? Му благодарам на Бог преку Исус Христос, нашиот Господ!“ (Римјаните 7:24, 25). Павле знаел дека ако подлегне на грев од слабост, би можел да бара Божје простување на темел на откупната жртва на Исус Христос.b
Како и во првиот век, денес многумина што порано воделе многу лош живот или чија ситуација изгледала безнадежна дошле до точно спознание на библиската вистина, ги направиле потребните промени и имаат изглед да добијат Божји благослов. Промените што тие морале да ги направат не биле лесни, и многумина сѐ уште мораат да се борат со штетни склоности. Но, со Божја помош, тие можат да го зачуваат интегритетот и да најдат радост во неговата служба (Филипјаните 4:13). Разгледај само еден пример на некој што направил драстични промени за да му угоди на Бог.
Охрабрувачко искуство
„Како момче во интернатско училиште се вплеткав во хомосексуални практики, иако никогаш не сметав дека сум хомосексуалец. Моите родители беа разведени, и копнеев по родителската наклоност што никогаш ја немав добиено. Откако го завршив училиштето, отидов во задолжителната воена служба. Во соседната касарна имаше група хомосексуалци. Им завидував на нивниот животен стил, па така почнав да се дружам со нив. По една година дружење со нив, почнав да се сметам за хомосексуалец. ‚Таков сум каков што сум‘, резонирав, ‚и не можам да сторам ништо околу тоа.‘
Почнав да го учам жаргонот на хомосексуалците и да одам во нивните клубови, каде што беа слободно достапни дрога и алкохол. Иако надворешно сѐ изгледаше многу возбудливо и привлечно, всушност, беше одвратно. Длабоко во себе чувствував дека ваквите врски се неприродни и немаат иднина.
Во едно гратче наидов на Сала на Царството на Јеховините сведоци додека состанокот беше во тек. Влегов и го сослушав говорот, во кој се зборуваше за условите во идниот Рај. Потоа се запознав со некои Сведоци и бев поканет на еден собир. Отидов, и тоа беше откровение за мене — видов среќни семејства како обожаваат заедно. Почнав да ја проучувам Библијата со Сведоците.
Иако тоа за мене значеше борба, почнав да го применувам она што го учев од Библијата. Успеав да се ослободам од сите мои нечисти практики. По 14 месеци проучување, му го предадов животот на Јехова и се крстив. За првпат во животот имав вистински пријатели. Можев да им помогнам и на други да ја научат вистината од Библијата, и сега служам како слуга помошник во христијанското собрание. Јехова навистина ме благослови.“
Ние сме одговорни
Обидот вината за нашето погрешно однесување да ја префрлиме на гените едноставно не функционира. Наместо да ни помогне да ги решиме или да ги совладаме проблемите, забележува Psychology Today, тој „може да нѐ научи на беспомошност, која е коренот на многуте наши проблеми. Наместо да ја намали појавата на овие проблеми, изгледа дека тој го потхранува нивниот раст“.
Точно е дека мораме да се бориме со големи непријателски сили, вклучувајќи ги и нашите сопствени грешни склоности и Сатановите напори да нѐ одврати од послушноста кон Бог (1. Петрово 5:8). Точно е и дека нашите гени можат да влијаат врз нас на еден или на друг начин. Но, сигурно не сме беспомошни. Вистинските христијани имаат силни сојузници — Јехова, Исус Христос, Божјиот свет дух, неговата Реч Библијата и христијанското собрание (1. Тимотеј 6:11, 12; 1. Јованово 2:1).
Пред нацијата Израел да влезе во Ветената земја, Мојсеј го потсетил народот на неговата одговорност пред Бог со зборовите: „Живот и смрт ти предложив јас, благослов и проклетство. Избери го животот, за да живееш ти и потомството твое: да Го сакаш Господа, твојот Бог, да го слушаш гласот Негов и да се приврзеш кон Него“ (Второзаконие 30:19, 20, ПСП). Слично и денес, секој одговорен поединец е обврзан да донесе лична одлука во врска со служењето на Бог и исполнувањето на неговите барања. Изборот е твој (Галатите 6:7, 8).
[Фусноти]
b Види ја книгата Спознание кое води до вечен живот, страници 62—69, издадена од Јеховините сведоци.
[Слики на страница 9]
Дали Адам и Ева имале предиспозиција кон грев поради некој дефект во нивните гени?
[Слики на страница 10]
Треба ли секој да ја прифати одговорноста за своите одлуки?
[Извор на слика]
Корисник на дрога: Godo-Foto
[Слика на страница 11]
Обидите да се пронајдат генетички причини за човечкото однесување се неуспешни
[Слика на страница 12]
Применувањето на она што го вели Библијата може да им помогне на искрените да се променат