Свет со искривено гледиште за лојалноста
ПЕТОК е, топла вечер во Тел Авив, Израел. Еден млад човек ѝ се придружува на група младинци што чекаат пред ноќен клуб. Неколку минути подоцна, разорна експлозија ја разнесува толпата.
И друг бомбаш-самоубиец си го дал својот живот и насилно ги одзел животите на уште 19 други млади луѓе. „Делови од тела насекаде, сите од млади луѓе, толку млади — најстраотната сцена што некогаш сум ја видел“, им кажало подоцна едно медицинско лице на новинарите.
„Тоа се особини на кои сите им се восхитуваат, особини како што е лојалноста . . . кои имаат поголема веројатност и да започнат војни и да го отежнат нивното завршување“, напишал Турстан Бруин во The Lancet. Да, од крстоносните војни на христијанството до погромот на нацистичка Германија, човечката историја е извалкана со крвопролевања извршени во името на лојалноста.
Пораст на бројот на жртвите на нелојалноста
Неоспорно е дека фанатичната лојалност може да биде деструктивна, но недостигот на лојалност, исто така, може да го растргне општеството. Да се биде лојален значи да се биде верен на некоја личност или кауза и подразбира цврста приврзаност наспроти секое искушение да се напушти или да се издаде таа личност или кауза. Иако повеќето луѓе велат дека се восхитуваат на таквата лојалност, општеството страда од огромен недостиг на лојалност на најосновното ниво — во семејниот круг. Стапката на развод нагло се зголемува, поттикната од нагласокот што се става врз тоа лично да си исполнет, од стресовите и притисоците на секојдневниот живот и ефектите од сѐ пораширеното сексуално неверство. И, како жртвите при експлозијата во Тел Авив, честопати невини жртви се младите.
„Во голем број случаи, образованието на детето е тоа што страда како последица на нестабилноста во семејството предизвикана од развод, одвојување или самохрани родители“, вели еден извештај. Се чини дека момчињата во семејства со самохрана мајка се во особена опасност од неуспех во образованието, самоубиство и малолетнички криминал. Секоја година, еден милион деца во Соединетите Држави минуваат низ развод на своите родители и секоја година половина од децата што се раѓаат од венчани родители во оваа земја веројатно ќе станат жртви на развод пред да наполнат 18 години. Статистиката покажува дека изгледите се исто толку жални и за многу младинци во другите делови од светот.
Лојалност — премногу благородно мерило?
Актуелниот распад на традиционалната лојалност прави зборовите на цар Давид да одговараат повеќе од кога и да било порано: „Помогни, Господи, зашто ги снема побожните [лојалните, NW], нема повеќе верност меѓу луѓето“ (Псалм 12:1). Зошто недостигот на лојалност е толку раширен? Роџер Розенблат, пишувајќи за списанието Time, коментира: „Иако лојалноста претставува благородно мерило, во нашата човечка природа едноставно има премногу страв, сомневање во самиот себе, опортунизам и амбиција за да очекуваме нашиот слаб човечки род да се држи за него“. Опишувајќи го времето во кое живееме, Библијата отворено вели: „Луѓето ќе бидат себељубиви . . . нелојални, без природна наклоност“ (2. Тимотеј 3:1—5).
Со оглед на силното влијание што лојалноста — или недостигот од неа — го има врз размислувањето и постапките на една личност, можеби ќе прашаме: „Кој со право ја заслужува нашата лојалност?“ Обрни внимание што има да каже следната статија во врска со ова прашање.
[Извор на слика на страница 3]
Фотографија горе: © AFP/CORBIS