„Септуагинтата“ — корисна во минатото и сега
ЕДЕН влијателен човек од Етиопија патувал од Ерусалим накај дома. Додека со својата двоколка патувал по пустинскиот пат, читал наглас од еден религиозен свиток. Објаснувањето на зборовите што ги читал имало толкаво влијание врз него што оттогаш па натаму неговиот живот се променил (Дела 8:26—38). Човекот го читал Исаија 53:7, 8 од првиот превод на Библијата — грчката Септуагинта. Ова дело одиграло толку важна улога во ширењето на библиската порака низ вековите што било наречено библиски превод што го променил светот.
Кога и во какви околности била подготвена Септуагинтата? Зошто имало потреба од таков превод? Колку корисна се покажала низ вековите? Што може, ако воопшто може, да нѐ научи Септуагинтата денес?
Подготвена за Евреите што зборувале грчки
Во 332 пр.н.е., кога Александар Велики навлегол во Египет откако го уништил феникискиот град Тир, бил поздравен како избавител. Таму го основал градот Александрија, центар на ученоста во древниот свет. Сакајќи да ја прошири грчката култура меѓу луѓето што живееле во освоените земји, Александар го вовел општиот грчки јазик (коине) во целото негово огромно царство.
Во трети век пр.н.е., Александрија станала дом на голем број Евреи. Многу Евреи што по изгнанството во Вавилон живееле во распрснати колонии надвор од Палестина се преселиле во Александрија. Колку добро го познавале овие Евреи хебрејскиот јазик? Cyclopedia на Меклинток и Стронг вели: „Добро е познато дека откако Евреите се вратиле од заробеништво во Вавилон, затоа што во голема мера го изгубиле познавањето на древниот хебрејски, текстовите од Мојсеевите книги во синагогите во Палестина им биле објаснувани на халдејски јазик . . . Евреите од Александрија веројатно имале уште помало познавање на хебрејскиот; нивен секојдневен јазик бил александрискиот грчки јазик“. Изгледа дека атмосферата во Александрија била погодна за преведување на Хебрејските списи на грчки јазик.
Аристобулиј, Евреин што живеел во вториот век пр.н.е., напишал дека една верзија на хебрејскиот закон била преведена на грчки и била завршена за време на владеењето на Птоломеј Филаделфиј (285—246 пр.н.е.). Мислењата за тоа што мислел Аристобулиј со „закон“ се разликуваат. Некои мислат дека едноставно укажувал на Пентатеухот, додека други велат дека можеби на ум ги имал комплетните Хебрејски списи.
Во секој случај, традицијата вели дека околу 72 еврејски изучувачи биле вклучени во тој прв писмен превод на Писмото од хебрејски на грчки. Подоцна почнал да се користи приближниот број 70. Оттука, верзијата била наречена Септуагинта, што значи „седумдесет“ и е означена со LXX, римски број за 70. До крајот на вториот век пр.н.е., сите книги од Хебрејските списи можеле да се читаат на грчки. Така, името Септуагинта почнало да се однесува на комплетните Хебрејски списи преведени на грчки.
Корисна во првиот век
Септуагинтата во голема мера ја користеле Евреите што зборувале грчки пред и по времето на Исус Христос и неговите апостоли. Мнозина од Евреите и прозелитите што на Пентекост 33 н.е. се собрале во Ерусалим биле од области во Азија, Египет, Либија, Рим и Крит — подрачја на кои луѓето зборувале грчки. Без сомнение, тие обично читале од Септуагинтата (Дела 2:9—11). На тој начин, оваа верзија имала големо влијание врз ширењето на добрата вест во првиот век.
На пример, кога зборувал со луѓе од Киринеја, Александрија, Киликија и Азија, ученикот Стефан рекол: „Јосиф испрати и го повика оттаму [Ханаан] Јаков, својот татко, и сите негови роднини, седумдесет и пет души на број“ (Дела 6:8—10; 7:12—14). Хебрејскиот текст од Битие 46. поглавје вели дека бројот на роднините на Јосиф бил седумдесет. Но, Септуагинтата го користи бројот седумдесет и пет. Изгледа дека Стефан цитирал од Септуагинтата (Битие 46:20, 26, 27).
Додека за време на своето второ и трето мисионерско патување патувал низ Мала Азија и Грција, апостол Павле им проповедал на мнозина не-Евреи кои се плашеле од Бог и на ‚Грци кои го обожавале Бог‘ (Дела 13:16, 26; 17:4). Овие луѓе се плашеле од Бог или го обожавале затоа што стекнале некакво спознание за него од Септуагинтата. Кога им проповедал на овие луѓе што зборувале грчки, Павле честопати цитирал или парафразирал делови од тој превод (Битие 22:18; Галатите 3:8).
Христијанските грчки списи содржат околу 320 директни цитати и комбиниран збир од можеби 890 цитати и укажувања од Хебрејските списи. Повеќето од нив се темелат на Септуагинтата. Како резултат на тоа, цитатите земени од тој превод, а не од хебрејските манускрипти, станале дел од инспирираните Христијански грчки списи. Колку значаен факт е тоа! Исус прорекол дека добрата вест за Царството ќе се проповеда по целата населена земја (Матеј 24:14). За да се постигне тоа, Јехова ќе дозволи неговата инспирирана Реч да биде преведена на различни јазици што ги читаат луѓето низ целиот свет.
Корисна денес
Септуагинтата останува вредна и денес и се користи за да помогне да се откријат грешките на препишувачите што можеби се вовлекле во хебрејските манускрипти што биле препишани подоцна. На пример, извештајот од Битие 4:8 (ПСП) вели: „И Каин му рече на својот брат Авела: ‚Да појдеме в поле!‘ А кога беа во полето, Каин скокна на Авела, братот свој, и го уби“.
Дел-реченицата „Да појдеме в поле“ ја нема во хебрејските манускрипти што датираат од десеттиот век н.е. Меѓутоа, вклучена е во постари манускрипти на Септуагинтата и во неколку други рани референтни дела. Хебрејскиот текст го има зборот што обично воведува говор, но не следат никакви зборови. Што можеби се случило? Битие 4:8 содржи две последователни реченици што завршуваат со хебрејскиот термин за изразот „в поле“. Cyclopedia на Меклинток и Стронг укажува: „Окото на хебрејскиот препишувач веројатно било измамено од [истиот] збор . . . со кој завршувале двете реченици“. Според тоа, препишувачот можеби го прескокнал првото спомнување на дел-реченицата што завршува со изразот „в поле“. Очигледно, Септуагинтата, како и некои други постари манускрипти што сѐ уште постојат, може да биде корисна во откривањето на грешките во подоцнежните преписи на хебрејскиот текст.
Од друга страна, пак, и преписите на Септуагинтата се подложни на грешки, и понекогаш се користи хебрејскиот текст за да се исправи грчкиот. На тој начин, како резултат на споредувањето на хебрејските манускрипти со грчките и со преводи на други јазици се откриваат грешки при преведувањето како и грешки на препишувачите, и тоа нѐ уверува во точниот превод на Божјата реч.
Комплетни копии на Септуагинтата што постојат денес датираат уште од четврти век н.е. Таквите манускрипти и подоцнежни копии не го содржат божественото име, Јехова, што на хебрејски е претставено со Тетраграматонот (ЈХВХ). Секаде каде што во хебрејскиот текст се појавувал Тетраграматонот, во овие копии е заменет со грчките зборови за „Бог“ и „Господ“. Меѓутоа, едно откритие во Палестина од пред околу 50 години фрли светлина врз оваа тема. Една екипа што ги истражувала пештерите во близина на западниот брег на Мртвото Море открила фрагменти од еден древен кожен свиток од 12-те пророци (од Осија до Малахија) напишан на грчки. Овие записи датираат од периодот помеѓу 50 пр.н.е. и 50 н.е. Во овие рани фрагменти, Тетраграматонот не бил заменет со грчките зборови за „Бог“ и „Господ“. Според тоа, била потврдена употребата на божественото име во раните верзии на Септуагинтата.
Во 1971 година беа објавени фрагменти од еден древен папирусен свиток (Fouad 266 papyri). Што откриле овие делови од Септуагинтата што датираат од вториот или првиот век пр.н.е.? И во нив било зачувано божественото име. Овие рани фрагменти од Септуагинтата даваат силен доказ дека Исус и неговите ученици од првиот век го знаеле и го употребувале Божјето име.
Денес Библијата е најпреведуваната книга во историјата. На повеќе од 90 проценти од човечкото семејство барем некој нејзин дел им е достапен на мајчин јазик. Особено сме благодарни за еден точен превод на современ јазик, Превод Нов свет на Светото писмо, кој сега е достапен комплетно или некои делови од него на повеќе од 40 јазици. Превод Нов свет на Светото писмо — со референции содржи стотици фусноти што се осврнуваат на Септуагинтата и на други древни манускрипти. Навистина, Септуагинтата и понатаму е од интерес и има вредност за библиските проучувачи од нашето време.
[Слика на страница 26]
Ученикот Филип објаснил еден пасус што бил прочитан од „Септуагинтата“
[Слики на страница 29]
Апостол Павле честопати цитирал од „Септуагинтата“