Колку е силна твојата вера?
„Вие преку вашата вера стоите“ (2. КОРИНЌАНИТЕ 1:24).
1, 2. Зошто мораме да имаме вера, и како може таа да стане посилна?
ЈЕХОВИНИТЕ слуги знаат дека мораат да имаат вера. Всушност, ‚без вера е невозможно да му се угоди на Бог‘ (Евреите 11:6). Затоа, мудро се молиме за свет дух и за вера, која е дел од неговите пожелни плодови (Лука 11:13; Галатите 5:22, 23). Имитирањето на верата на соверниците може исто така да ја зајакне оваа особина кај нас (2. Тимотеј 1:5; Евреите 13:7).
2 Нашата вера ќе стане поцврста ако продолжиме да се стремиме по правецот што им го покажува Божјата реч на сите христијани. Верата може да ни се зголеми ако секојдневно ја читаме Библијата и марливо го проучуваме Писмото со помош на публикациите што ни ги обезбедува ‚верниот настојник‘ (Лука 12:42—44; Исус Навин 1:7, 8). Се храбриме меѓусебно со нашата вера преку редовното присуство на христијанските состаноци, собири и конгреси (Римјаните 1:11, 12; Евреите 10:24, 25). Исто така, нашата вера е зајакната кога им зборуваме на другите во службата (Псалм 145:10—13; Римјаните 10:11—15).
3. Во поглед на верата, каква помош добиваме од христијанските старешини полни со љубов?
3 Давајќи библиски совети и охрабрување, христијанските старешини полни со љубов ни помагаат да ја изградиме верата. Тие имаат дух како оној на апостол Павле, кој им рекол на коринќаните: „[Ние] сме соработници на вашата радост, бидејќи вие преку вашата вера стоите“ (2. Коринќаните 1:23, 24). Еден друг превод гласи: „Работиме со вас за да ве израдуваме, затоа што вашата вера е силна“ (Contemporary English Version). Праведните живеат поради верата. Се разбира, никој друг не може да практикува вера наместо нас или да нѐ направи лојални чувари на интегритетот. Во овој поглед, мораме да ‚го носиме својот сопствен товар‘ (Галатите 3:11; 6:5).
4. Како можат библиските извештаи за верните Божји слуги да ни помогнат да ја зајакнеме својата вера?
4 Писмото изобилува со извештаи за оние што имале вера. Можеби сме запознати со многу нивни извонредни дела, но што е со верата што ја покажувале од ден на ден, можеби во текот на еден долг животен век? Ако сега размислиме за тоа како ја покажале оваа одлика во околности слични на нашите, тоа може да ни помогне да си ја зајакнеме верата.
Верата ни дава храброст
5. Каков доказ од Писмото постои дека верата нѐ зајакнува храбро да ја објавуваме Божјата реч?
5 Верата нѐ зајакнува да ја објавуваме Божјата реч со храброст. Енох храбро го претскажал извршувањето на божествениот суд. „Гледај!“, рекол тој, „Јехова дојде со своите свети миријади за да изврши суд над сите, и да ги прогласи за виновни сите безбожни поради сите нивни безбожни дела што ги извршија на безбожен начин и поради сите шокантни работи што ги зборуваа безбожните грешници против него“ (Јуда 14, 15). Кога ги слушнале тие зборови, безбожните непријатели на Енох сигурно сакале да го убијат. Сепак, тој со смелост зборувал отворено со вера, а Бог ‚го зел‘ заспивајќи го во смрт, веројатно без да дозволи тој да ги доживее нејзините болки (Битие 5:24; Евреите 11:5). Ние не доживуваме такви чуда, но Јехова одговара на нашите молитви за да можеме да ја објавуваме неговата Реч со вера и храброст (Дела 4:24—31).
6. Како му помогнале на Ное верата и храброста што му ги дал Бог?
6 Со вера Ное ‚изградил арка за спасение на своето домаќинство‘ (Евреите 11:7; Битие 6:13—22). Ное бил и ‚проповедник на праведноста‘, кој храбро им го објавувал Божјето предупредување на луѓето што живееле во негово време (2. Петрово 2:5). Тие сигурно се потсмевале на неговата порака за некаков претстоен Потоп, исто како што некои луѓе се потсмеваат кога им даваме библиски доказ дека сегашниов систем на работи наскоро ќе биде уништен (2. Петрово 3:3—12). Меѓутоа, исто како Енох и Ное, и ние можеме да објавуваме таква порака поради нашата вера и храброста што ни ја дава Бог.
Верата нѐ прави стрпливи
7. На кој начин Авраам и други личности покажале вера и стрпливост?
7 Потребна ни е вера и стрпливост, особено додека го очекуваме крајот на овој злобен систем. Меѓу оние ‚кои преку вера и стрпливост ќе ги наследат ветувањата‘ е богобојазливиот патријарх Авраам (Евреите 6:11, 12). Со вера тој го напуштил градот Ур, со сите негови предности, и станал странец во една туѓа земја што му ја ветил Бог. Исак и Јаков биле наследници на истото ветување. Меѓутоа, ‚сите овие умреле во вера, иако не го добиле исполнувањето на ветувањата‘. Со вера тие ‚тежнееле по едно подобро место, односно она кое му припаѓа на небото‘. Затоа, Бог ‚им подготвил град‘ (Евреите 11:8—16). Да, Авраам, Исак и Јаков — како и нивните побожни сопруги — стрпливо го чекале Божјето небесно Царство, под кое ќе бидат воскреснати за живот на земјата.
8. И покрај кои работи покажале стрпливост и вера Авраам, Исак и Јаков?
8 Авраам, Исак и Јаков не ја изгубиле верата. Тие не ја добиле во посед Ветената земја и не доживеале сите нации да бидат благословени преку семето на Авраам (Битие 15:5—7; 22:15—18). Иако ‚градот чиј градител е Бог‘ требало да стане реалност дури откако ќе поминеле векови, овие мажи продолжиле да покажуваат вера и стрпливост во текот на целиот свој живот. Сигурно дека треба да го правиме истото сега, кога месијанското Царство веќе е реалност на небото (Псалм 42:5, 11; 43:5).
Верата ни дава највозвишени цели
9. Како влијае верата врз целите?
9 Верните патријарси никогаш не го усвоиле изопачениот ханански начин на живот, бидејќи имале многу повозвишени цели. На сличен начин, верата и нам ни дава духовни цели што ни помагаат да се спротивставиме на тоа да се претопиме во светот што лежи во моќта на злобниот, Сатана Ѓаволот (1. Јованово 2:15—17; 5:19).
10. Од каде знаеме дека Јосиф се стремел по една многу повозвишена цел отколку да стекне углед во светот?
10 Со божествено водство, Јакововиот син Јосиф служел како управител над храната во Египет, но тој немал цел да биде славен човек во овој свет. Со вера во исполнувањето на Јеховините ветувања, 110-годишниот Јосиф им рекол на своите браќа: „Еве, јас ќе умрам скоро, но Бог, навистина, ќе се сети за вас и ќе ве изведе од земјава во земјата што им ја вети, под заклетва, на Авраама, Исака и Јакова“. Јосиф замолил да биде погребан во земјата на ветувањето. Кога умрел, бил балсамиран и положен во мртовечки сандак во Египет. Но, кога Израелците биле избавени од египетското ропство, пророкот Мојсеј наредил да се понесат Јосифовите коски за да се погребат во Ветената земја (Битие 50:22—26; Излез 13:19). Верата како онаа на Јосиф треба да нѐ поттикне да се стремиме по далеку повозвишени цели отколку да стекнеме углед во светот (1. Коринќаните 7:29—31).
11. На кој начин Мојсеј дал доказ дека имал духовни цели?
11 Мојсеј ‚избрал да биде малтретиран заедно со Божјиот народ наместо да го има привременото уживање на гревот‘ како високо образован член на египетското кралско семејство (Евреите 11:23—26; Дела 7:20—22). Поради тоа изгубил углед во светот и можеби величествен погреб во накитен мртовечки сандак во некое прочуено место во Египет. Но, од каква вредност би било тоа во споредба со предноста да се биде ‚Божји човек‘, посредник на сојузот на Законот, Јеховин пророк и писател на Библијата? (Езра 3:2). Дали посакуваш угледен напредок во светот или, пак, верата ти дала многу повозвишени духовни цели?
Верата води до наградувачки живот
12. Како влијаела верата врз животот на Раав?
12 Верата не само што им дава на луѓето највозвишени цели туку им дава и наградувачки живот. Раав од Јерихон сигурно не наоѓала голема смисла во својот живот на блудница. Сепак, колку само се променило тоа кога почнала да практикува вера! Таа била ‚прогласена за праведна со дела [на вера], откако гостољубиво ги примила гласниците [од Израел] и ги испратила по друг пат‘, така што тие им избегале на своите ханански непријатели (Јаков 2:24—26). Признавајќи го Јехова како вистински Бог, Раав покажала вера и на тој начин што го напуштила својот живот на проституција (Исус Навин 2:9—11; Евреите 11:30, 31). Таа се омажила за слуга на Јехова, а не за неверен Хананеец (Второзаконие 7:3, 4; 1. Коринќаните 7:39). Раав имала величествена предност да стане предок на Месијата (1. Летопис 2:3—15; Рут 4:20—22; Матеј 1:5, 6). Исто како другите, од кои некои напуштиле неморален живот, таа ќе добие уште една награда — воскресение за живот на рајска земја.
13. Каков грев направил Давид во поглед на Витсавеја, но каков став покажал?
13 Откако го напуштила својот грешен живот, изгледа дека Раав продолжила да живее праведно. Меѓутоа, некои што долго време му биле предадени на Бог направиле тешки гревови. Цар Давид извршил прељуба со Витсавеа, дал да се убие нејзиниот сопруг во битка и потоа ја зел за жена (2. Самоил 11:1—27). Каејќи се со голема болка, Давид го молел Јехова: „Не одземај го Твојот Свет Дух од мене“. Давид не го изгубил Божјиот дух. Тој имал вера дека Јехова, во својата милост, нема да презре „скршено и здробено срце“ поради гревот (Псалм 51:11, 17, NW; 103:10—14, NW). Поради нивната вера, Давид и Витсавеја имале наградувачко место во лозата на Месијата (1. Летописи 3:5; Матеј 1:6, 16; Лука 3:23, 31).
Вера зајакната со уверување
14. Какви уверувања добил Гедеон, и како може да влијае овој извештај врз нашата вера?
14 Иако одиме по вера, понекогаш може да ни биде потребно уверување во божествената помош. Тоа било случај со судијата Гедеон, еден од оние „кои со вера поразија царства“ (Евреите 11:32, 33). Кога Мадијамците и нивните сојузници го нападнале Израел, Божјиот дух го обзел Гедеон. Сакајќи да добие уверување дека Јехова е со него, тој предложил да го испита Бог со едно волнено руно оставено на гумно во текот на ноќта. При првиот испит, роса се појавила само на руното, додека земјата останала сува. При вториот испит било обратно. Зајакнат од овие уверувања, претпазливиот Гедеон дејствувал со вера и ги поразил непријателите на Израел (Судии 6:33—40; 7:19—25). Ако бараме уверување кога се соочуваме со некоја одлука, тоа не значи дека ни недостига вера. Ние, всушност, покажуваме вера консултирајќи ја Библијата и христијанските публикации и молејќи се за водство од светиот дух кога донесуваме одлуки (Римјаните 8:26, 27).
15. Како може да ни помогне тоа што ќе размислуваме за верата на Варак?
15 Верата на судијата Варак била зајакната со уверување во облик на охрабрување. Пророчицата Девора го поттикнала да преземе иницијатива да ги ослободи Израелците од угнетувањето на хананскиот цар Јавин. Со вера и со уверување во божествената поддршка, Варак повел 10.000 слабо опремени мажи во битка и ги победил Јавиновите многу поголеми сили со кои командувал Сисар. Победата била прославена со восхитувачката песна на Девора и Варак (Судии 4:1—5:31). Девора го охрабрила Варак да дејствува како израелски водач наименуван од Бог, и тој бил еден од Јеховините слуги кои преку вера ‚ги растерале војските на туѓинци‘ (Евреите 11:34). Размислувањето за тоа како Бог го благословил Варак затоа што дејствувал со вера може да нѐ поттикне на акција ако сме малку колебливи во врска со исполнувањето на некоја предизвикувачка доделба во Јеховината служба.
Верата унапредува мир
16. Каков добар пример дал Авраам стремејќи се по мир со Лот?
16 Исто како што верата ни помага да исполниме тешки доделби во Божјата служба, таа унапредува мир и спокојство. Остарениот Авраам му дозволил на својот помлад внук Лот да ги избере најдобрите пасишта кога нивните овчари се карале и станало неопходно тие да се поделат (Битие 13:7—12). Авраам сигурно се молел со вера за Божја помош во решавањето на овој проблем. Наместо да ги стави на прво место своите сопствени интереси, тој мирољубиво ги средил работите. Ако се најдеме во расправија со некој наш христијански брат, да се молиме со вера и ‚да бараме мир‘, имајќи го на ум примерот за љубезен обѕир што го дал Авраам (1. Петрово 3:10—12).
17. Зошто можеме да речеме дека еден очигледен расцеп во кој биле вклучени Павле, Варнава и Марко бил надминат на мирољубив начин?
17 Разгледај како применувањето на христијанските начела со вера може да ни помогне да унапредуваме мир. Токму пред Павле да тргне на своето второ мисионерско патување, Варнава се согласил на предлогот повторно да ги посетат собранијата во Кипар и Мала Азија. Меѓутоа, Варнава сакал да го поведат со себе и неговиот братучед Марко. Павле не се согласил затоа што Марко ги напуштил во Памфилија. Дошло до „жесток излив на гнев“ и таа расправија довела до тоа да се одвојат. Варнава го повел Марко со себе на Кипар, додека Павле го избрал Сила како свој придружник и ‚поминал низ Сирија и Киликија, јакнејќи ги собранијата‘ (Дела 15:36—41). Со текот на времето, очигледниот расцеп бил надминат, бидејќи Марко бил со Павле во Рим и апостолот зборувал позитивно за него (Колошаните 4:10; Филемон 23, 24). Кога Павле бил затвореник во Рим, некаде во 65 н.е., му рекол на Тимотеј: „Земи го Марко и доведи го со себе зашто ми е корисен во службата“ (2. Тимотеј 4:11). Изгледа дека Павле го направил својот однос со Варнава и Марко предмет на неговите молитви со вера, а од тоа произлегло спокојството што е поврзано со „мирот Божји“ (Филипјаните 4:6, 7).
18. Што веројатно се случило во случајот со Еводија и Синтихија?
18 Се разбира, бидејќи сме несовршени, „сите ние се спрепнуваме многу пати“ (Јаков 3:2). Се појавиле проблеми помеѓу две христијанки, за кои Павле напишал: „Еводија ја поттикнувам и Синтихија ја поттикнувам да бидат со ист ум во Господ . . . помагај им на тие жени кои рамо до рамо со мене се бореа во добрата вест“ (Филипјаните 4:1—3). Најверојатно овие побожни жени го решиле својот проблем на мирољубив начин применувајќи го советот како што е оној запишан во Матеј 5:23, 24. Примената на библиските начела со вера многу ќе придонесе да унапредуваме мир денес.
Верата ни помага да истраеме
19. Која тешка ситуација никогаш не ја уништила верата на Исак и Ревека?
19 Со вера можеме да истраеме и во неволји. Можеби сме вознемирени затоа што некој крстен член на нашето семејство покажал непослушност кон Бог стапувајќи во брак со неверник (1. Коринќаните 7:39). Исак и Ревека страдале затоа што нивниот син Исав се оженил со безбожни жени. Хетејките им ‚станале извор на огорчение‘ — и тоа толку многу што Ревека рекла: „Ми здодеа мојот живот заради овие жени Хетејки. Ако и Јаков се ожени со некоја Хетејка, какви што се домороткиве, зошто ми е тогаш животот!“ (Битие 26:34, 35; 27:46). Сепак, оваа тешка ситуација никогаш не ја уништила верата на Исак и Ревека. Да задржиме силна вера ако некои тешки околности ни станат предизвик.
20. Кои примери на вера ги имаме во Рут и Ноемина?
20 Остарената вдовица Ноемина била Јудејка и знаела дека извесни Јудејки ќе родат синови што ќе бидат прататковци на Месијата. Меѓутоа, бидејќи нејзините синови умреле без деца а таа ја одминала возраста кога може да роди дете, можноста нејзиното семејство да биде дел од лозата на Месијата навистина била сосема недостижна. Сепак, нејзината овдовена снаа, Рут, му станала сопруга на остарениот Воз, му родила син и станала предок на Исус, Месијата! (Битие 49:10, 33; Рут 1:3—5; 4:13—22; Матеј 1:1, 5). Верата на Ноемина и Рут ги надживеала неволјите и им донела радост. И ние ќе имаме огромна радост ако задржиме вера наспроти неволји.
21. Што прави за нас верата и на што треба да бидеме решени?
21 Иако не можеме да кажеме што ќе донесе новиот ден за секого од нас, со вера можеме да излеземе на крај со секаков предизвик. Верата нѐ прави храбри и стрпливи. Ни дава највозвишени цели и наградувачки живот. Верата има позитивно влијание врз нашиот однос со другите и ги надживува неволјите. Затоа, да бидеме „од оние кои имаат вера за сочувување на душата во живот“ (Евреите 10:39). Со сила од нашиот љубезен Бог, Јехова, и на негова слава, да продолжиме да практикуваме силна вера.
Како би одговорил?
• Кој библиски доказ го имаме дека верата може да нѐ направи храбри?
• Зошто можеме да речеме дека верата ни дава наградувачки живот?
• Како верата унапредува мир?
• Кој доказ го имаме дека верата ни помага да истраеме во неволји?
[Слики на страница 16]
Верата им дала на Ное и на Енох храброст да ги објавуваат Јеховините пораки
[Слики на страница 17]
Верата како онаа на Мојсеј нѐ поттикнува да се стремиме по духовни цели
[Слики на страница 18]
Уверувањето во божествена помош ја зајакнало верата на Варак, Девора и Гедеон