Труди се да гледаш на другите онака како што гледа Јехова
„Бог не гледа како што гледа човекот“ (1. САМОИЛ 16:7).
1, 2. На кој начин Јеховиното гледиште за Елијав се разликувало од гледиштето на Самоил, и што можеме да научиме од тоа?
ВО 11 век пр.н.е., Јехова го испратил пророкот Самоил на тајна задача. Му заповедал на овој пророк да појде во куќата на еден човек по име Јесеј и да помаза еден од Јесеевите синови за иден цар на Израел. Кога Самоил го здогледал првородениот син на Јесеј, Елијав, бил сигурен дека го нашол оној кого Бог го избрал. Но, Јехова рекол: „Не гледај на неговата надворешност, ни на неговиот висок раст, зашто го отфрлив. Бог не гледа како што гледа човекот: човекот гледа на лице, а Господ гледа што е во срцето“ (1. Самоил 16:6, 7). Самоил не гледал на Елијав онака како што гледал Јехова.a
2 Колку само е лесно луѓето да згрешат во својата проценка на другите! Од една страна, можеби ќе бидеме измамени од лица што однадвор се симпатични, но однатре се бескрупулозни. Од друга страна, пак, можеби сме строги и крути во нашата проценка на искрени лица чии карактерни црти нѐ нервираат.
3, 4. а) Ако се појави проблем помеѓу двајца христијани, што треба да биде одлучен да стори секој од нив? б) Кои прашања треба да си ги поставиме кога имаме сериозно несогласување со некој соверник?
3 Можат да се појават проблеми кога сме брзи во донесувањето суд за другите — дури и за оние што ги познаваме со години. Можеби си имал сериозна расправија со некој христијанин што некогаш ти бил близок пријател. Дали би сакал да го премостиш јазот? Што ќе ти помогне во тоа?
4 Зошто не погледнеш на твојот христијански брат или сестра малку подобро и од позитивен аспект? Исто така, стори го тоа во светло на Исусовите зборови: „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото кој ме испрати“ (Јован 6:44). Потоа, прашај се: ‚Зошто Јехова ја привлекол оваа личност кон својот Син? Кои пожелни особини ги има? Дали сум ги превидел или потценил тие особини? Зошто воопшто сме станале пријатели? Што ме привлекло кон оваа личност?‘ Во почетокот можеби ќе ти биде тешко да мислиш на добрите работи, особено ако извесно време си негувал повредени чувства во себе. Меѓутоа, тоа е еден многу битен чекор за да го премостите јазот помеѓу вас. За да илустрираме како може да се направи тоа, да ги разгледаме позитивните страни на двајца мажи што понекогаш се прикажани во негативно светло. Тоа се пророкот Јона и апостол Петар.
Искрен поглед на Јона
5. Каков налог му бил даден на Јона, и како реагирал тој?
5 Јона служел како пророк во северното царство Израел во деновите на цар Јеровоам II, синот на Јоас (2. Цареви 14:23—25). Еден ден, Јехова му заповедал на Јона да го напушти Израел и да отпатува во Нинивија, главниот град на моќната асирска империја. Која била неговата задача? Да ги предупреди нејзините жители дека тој величествен град ќе биде уништен (Јона 1:1, 2). Наместо да го следи Божјето упатство, Јона побегнал! Се качил на брод што одел за Тарсис, далеку од Нинивија (Јона 1:3).
6. Зошто Јехова го избрал Јона да оди во Нинивија?
6 Што ти доаѓа на ум кога ќе помислиш на Јона? Дали го сметаш за непослушен пророк? Еден површен поглед на него можеби ќе доведе до таков заклучок. Но, дали Бог го поставил Јона за пророк затоа што бил непослушен? Секако дека не! Јона мора да имал некои пожелни особини. Да разгледаме што направил тој како пророк.
7. Под какви околности Јона му служел на Јехова во Израел, и како влијае ова спознание врз твоето гледиште за него?
7 Јона, всушност, верно и напорно служел во Израел, многу неприемливо подрачје. Пророкот Амос, кој живеел отприлика во исто време со Јона, ги опишал Израелците од тоа време како материјалистички настроени љубители на уживања.b Во таа земја се случувале лоши работи, но Израелците биле сосема рамнодушни на тоа (Амос 3:13—15; 4:4; 6:4—6). Сепак, од ден на ден, Јона верно го извршувал својот налог да им проповеда. Ако си објавител на добрата вест, сигурно знаеш колку е тешко да им се зборува на луѓе што се самозадоволни и апатични. Според тоа, иако сме свесни за слабостите на Јона, да не ги превидиме верноста и истрајноста, особини што ги покажал додека им проповедал на неверните Израелци.
8. Со какви предизвици ќе се соочел еден израелски пророк во Нинивија?
8 Задачата да оди во Нинивија вклучувала еден уште потежок предизвик. За да дојде до тој град, Јона требало да патува околу 800 километри пеш — напорно патување што ќе траело околу еден месец. Штом ќе стигнел таму, пророкот ќе морал да им проповеда на Асирците, кои биле познати по својата суровост. Садистичкото мачење било често обележје на нивното војување. Тие дури и се фалеле со својата свирепост. Не е чудо што Нинивија била наречена ‚крвнички град‘! (Наум 3:1, 7).
9. Кога на морнарите им се заканила силна бура, кои особини ги покажал Јона?
9 Без желба да ја послуша Јеховината заповед, Јона се качил на брод што го однел многу далеку од неговата задача. Сепак, Јехова не се откажал од својот пророк ниту, пак, направил подготовка некој да го замени. Наместо тоа, Јехова решил да го вразуми Јона. Бог предизвикал да настане силна бура на морето. Бродот на кој се наоѓал Јона бил фрлан ваму-таму од брановите. Ќе загинеле невини луѓе, и тоа само поради Јона! (Јона 1:4). Како ќе реагира Јона? Бидејќи не сакал морнарите на бродот да го изгубат животот поради него, Јона им рекол: „Земете ме и фрлете ме во морето, па ќе ви се смири морето“ (Јона 1:12). Тој немал никаква причина да мисли дека Јехова ќе го спаси од морето кога морнарите конечно го фрлиле од бродот (Јона 1:15). Меѓутоа, Јона бил спремен да плати, ако требало и со својот живот, за да не загинат морнарите. Зарем овде не ги гледаме особините храброст, понизност и љубов?
10. Што се случило откако Јехова ја обновил задачата на Јона?
10 На крајот, Јехова го спасил Јона. Дали тогашните постапки на Јона го направиле неподобен за тоа некогаш повторно да му служи на Бог како негов претставник? Не, Јехова милостиво и со љубов го обновил налогот на овој пророк да им проповеда на Нинивијците. Кога Јона пристигнал во Нинивија, храбро им кажал на тамошните жители дека нивната голема расипаност го привлекла Божјето внимание и дека нивниот град ќе биде уништен за 40 дена (Јона 1:2; 3:4). Откако ја чуле директната порака на Јона, Нинивијците се покајале и нивниот град бил поштеден.
11. Што покажува дека Јона научил една скапоцена лекција?
11 Јона сѐ уште немал исправно гледиште. Но, преку еден практичен пример, Јехова стрпливо му помогнал да научи дека Тој гледа зад надворешноста. Јехова го испитува срцето (Јона 4:5—11). Јона научил скапоцена лекција, а тоа јасно се гледа од искрениот извештај што го запишал самиот тој. Неговата спремност да извести за своите недостатоци дури и во непријатни детали, дава натамошен доказ за неговата понизност. За да се признае грешка потребна е храброст!
12. а) Од каде знаеме дека и Исус го има Јеховиното гледиште за луѓето? б) Какво гледиште сме охрабрени да задржиме за луѓето на кои им ја проповедаме добрата вест? (Види ја рамката на 18. страница.)
12 Со векови подоцна, Исус Христос позитивно се изразил во врска со еден настан од животот на Јона. Тој рекол: „Зашто како што Јона беше во утробата на огромната риба три дни и три ноќи така ќе биде и Синот човечки во срцето на земјата три дни и три ноќи“ (Матеј 12:40). Откако ќе воскресне, Јона ќе дознае дека времето што Исус го поминал во гробот било споредено со овој мрачен период од животот на пророкот. Зарем не сме радосни што му служиме на еден Бог што не се откажува од своите слуги кога тие прават грешки? Псалмистот напишал: „Како што таткото ги милува синовите, така Господ ги милува оние, кои се бојат од Него. Зашто знае добро како сме создадени, си спомнува дека сме прав“ (Псалм 103:13, 14). Всушност, овој „прав“ — вклучувајќи ги и несовршените луѓе денес — може да постигне многу со поддршка на Божјиот свет дух!
Урамнотежено гледиште за Петар
13. Кои особини на Петар можеби ќе ти дојдат на ум, но зошто Исус го избрал за апостол?
13 Сега, накратко да разгледаме уште еден пример, примерот на апостол Петар. Ако треба да го опишеш Петар, дали веднаш ќе помислиш на такви карактеристики како што се непромисленост, избувливост, па дури и дрскост? Понекогаш Петар навистина покажувал такви особини. Меѓутоа, дали Исус ќе го изберел Петар за еден од своите 12 апостоли ако Петар навистина бил непромислен, избувлив или дрзок човек? (Лука 6:12—14). Секако дека не! Исус јасно гледал зад тие пропусти и ги согледал позитивните особини на Петар.
14. а) Што би можело да биде објаснување за тоа што Петар навидум зборувал многу отворено? б) Зошто треба да бидеме благодарни што Петар често поставувал прашања?
14 Понекогаш Петар играл улога на говорник во името на другите апостоли. Некои би можеле да го сметаат ова како доказ за недостиг на скромност. Но, дали тоа мора да е така? Се смета дека Петар можеби бил постар од другите апостоли — можеби постар и од самиот Исус. Ако е така, тоа би можело да објасни зошто Петар толку често бил првиот што зборувал (Матеј 16:22). Меѓутоа, треба да се разгледа уште еден фактор. Петар бил духовен човек. Неговата жед за знаење го поттикнала да поставува прашања. И, ние имаме корист од тоа. Исус дал неколку скапоцени изјави како одговор на прашањата на Петар и тие се зачувани во Библијата. На пример, Исус зборувал за „верниот настојник“ како одговор токму на една изјава на Петар (Лука 12:41—44). Размисли и за прашањето на Петар: „Ние оставивме сѐ и те следевме; што, всушност, ќе има за нас?“ Тоа водело до Исусовото зајакнувачко ветување: „Секој кој оставил куќи или браќа или сестри или татко или мајка или деца или земја поради моето име, ќе добие многупати повеќе и ќе наследи вечен живот“ (Матеј 15:15; 18:21, 22; 19:27—29).
15. Зошто може да се рече дека Петар навистина бил лојален?
15 Петар имал уште една добра особина — бил лојален. Кога многу од учениците престанале да го следат Исус затоа што не разбрале едно негово учење, Петар бил тој што прозборел во името на 12-те апостоли и рекол: „Господи, кај кого да отидеме? Ти имаш зборови на вечен живот“ (Јован 6:66—68). Колку само мора да му биле мили тие зборови на Исус! Подоцна, кога една толпа дошла да го уапси Господарот, повеќето од апостолите избегале. Меѓутоа, Петар оддалеку го следел мноштвото и влегол право во дворот на првосвештеникот. Храброста била таа што го одвела таму, а не плашливоста. Додека Исус бил сослушуван, Петар се придружил на една група Евреи што се грееле крај разгорениот оган. Една од робинките на првосвештеникот го препознала и го обвинила дека бил со Исус. Точно, Петар се одрекол од својот Господар, но да не заборавиме дека лојалноста и грижата за Исус биле тие што го довеле Петар во таа опасна ситуација, ситуација со која повеќето од апостолите не се осмелиле да се соочат (Јован 18:15—27).
16. Од која практична причина ги разгледавме позитивните особини на Јона и на Петар?
16 Позитивните особини на Петар далеку ги надминувале неговите недостатоци. Истото важи и за Јона. Мораме да се извежбаме себеси да бидеме попозитивни додека ги проценуваме нашите денешни духовни браќа и сестри, исто како што сега погледнавме од попозитивен аспект на Јона и на Петар отколку што обично би гледале. Тоа ќе води до подобри односи со нив. Зошто постои вистинска потреба од ова?
Примена на лекцијата денес
17, 18. а) Зошто би можело да дојде до несогласување меѓу христијаните? б) Кој библиски совет може да ни помогне да ги решиме несогласувањата со соверниците?
17 Денес обединето му служат на Јехова мажи, жени и деца од сите економски слоеви и со секакво образование и расно потекло (Откровение 7:9, 10). Колкав само широк спектар на личности гледаме во христијанското собрание! Бидејќи му служиме на Бог во блиска поврзаност, неизбежно е понекогаш да дојде до несогласувања (Римјаните 12:10; Филипјаните 2:3).
18 Иако не сме слепи за недостатоците на нашите браќа, ние не се сосредоточуваме на нив. Се трудиме да го имитираме Јехова, за кого псалмистот пеел: „Ако си спомнуваш, Господи, за гревот, Господи, кој ќе опстане?“ (Псалм 130:3). Наместо постојано да размислуваме за карактерните црти што би можеле да предизвикаат поделби, ние „се стремиме кон она што служи за мир и кон она што е за взаемно изградување“ (Римјаните 14:19). Настојуваме да гледаме на луѓето онака како што гледа Јехова, гледајќи зад нивните маани и сосредоточувајќи се на нивните добри особини. Таквото постапување ни помага ‚да се поднесуваме еден со друг‘ (Колошаните 3:13).
19. Изнеси практични чекори што може да ги направи еден христијанин кога решава сериозни несогласувања.
19 Што ако се појават недоразбирања што едноставно не можеме да ги решиме во своето срце? (Псалм 4:4). Дали тоа е случај помеѓу тебе и некој соверник? Зошто не се обидеш да ја расчистиш работата? (Битие 32:13—15). Прво, пристапи му на Јехова во молитва, барајќи водство од него. Потоа, мислејќи на добрите особини на тоа лице, пристапи му „со благост која ѝ припаѓа на мудроста“ (Јаков 3:13). Кажи му дека сакаш да се смирите. Сети се на инспирираниот совет: ‚Бидете брзи на слушање, бавни на зборување, бавни на гнев‘ (Јаков 1:19). Советот да бидеме ‚бавни на гнев‘ укажува на тоа дека другата личност може да стори или да рече нешто што би можело да те налути. Ако се случи тоа, моли го Јехова за помош да задржиш самосовладување (Галатите 5:22, 23). Дозволи твојот брат да каже што има и внимателно слушај. Не прекинувај го, дури и ако не се согласуваш со сѐ што ќе рече тој. Неговото гледиште можеби е погрешно, но тоа сепак си е негово гледиште. Обиди се да гледаш на проблемот од негова гледна точка. Тоа може да вклучува да се погледнеш себеси со очите на твојот брат (Пословици 18:17).
20. Кога ќе ги решаваш несогласувањата, кои натамошни чекори веројатно ќе водат до помирување?
20 Кога ќе ти биде тебе редот да зборуваш, биди љубезен (Колошаните 4:6). Кажи му на твојот брат што цениш кај него. Извини му се за улогата што ти си ја одиграл во недоразбирањето. Ако твоите понизни напори доведат до тоа да се помирите, заблагодари му се на Јехова. Ако не, продолжи да го молиш Јехова за водство додека бараш други прилики да се смирите (Римјаните 12:18).
21. Како ти помогна оваа дискусија да гледаш на другите онака како што гледа Јехова?
21 Јехова ги љуби сите свои слуги. Нему му е угодно да нѐ користи сите нас во својата служба и покрај нашите несовршености. Додека учиме сѐ повеќе за неговото гледиште за другите, нашата љубов кон браќата и сестрите ќе расте. Ако нашата љубов кон некој сохристијанин почнала да се гаси, можеме повторно да ја разгориме. Колкав само благослов ќе добиеме ако вложиме одлучен напор да покажуваме позитивно гледиште кон другите — да, да гледаме на нив онака како што гледа Јехова!
[Фусноти]
a Подоцна станало очигледно дека убавиот Елијав ги немал потребните способности за да биде погоден цар на Израел. Кога филистејскиот џин Голијат им упатил предизвик на Израелците да се борат, Елијав, како и другите мажи од Израел, го фатило страв (1. Самоил 17:11, 28—30).
b Поради некои клучни победи и повторното заземање на поранешна територија, како и поради данокот што веројатно се собирал како резултат на тоа, Јеровоам II очигледно сторил многу за да го зголеми богатството на северното царство (2. Самоил 8:6; 2. Цареви 14:23—28; 2. Летописи 8:3, 4; Амос 6:2).
Како би одговорил?
• Како гледа Јехова на недостатоците на своите верни слуги?
• Кои позитивни особини на Јона и на Петар можеш да ги наброиш?
• Кое гледиште кон твоите христијански браќа си одлучен да го задржиш?
[Рамка на страница 18]
Мисли на тоа како гледа Бог на другите
Додека медитираш за библискиот извештај за Јона, дали ја увидуваш потребата одново да погледнеш на луѓето на кои редовно им ја проповедаш добрата вест? Можеби изгледаат самозадоволни или апатични, исто како Израелците, или можеби се противат на Божјата порака. Сепак, како гледа на нив Јехова Бог? Дури и некои поединци што се угледни во овој систем на работи можеби еден ден ќе се свртат кон Јехова, исто онака како што царот на Нинивија се покајал како резултат на проповедањето на Јона (Јона 3:6, 7).
[Слика на страница 15]
Дали гледаш на другите онака како што гледа Јехова?
[Слика на страници 16 и 17]
Исус нашол да каже нешто позитивно за искуството на Јона