ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w09 1/1 стр. 25-29
  • Тој учел од своите грешки

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Тој учел од своите грешки
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Пророк од Галилеја
  • „Стани, оди во Ниневија“
  • Јехова му одржува лекција на својот своеглав пророк
  • Милост и избавување за Јона
  • Учел од своите грешки
    Угледајте се на нивната вера
  • Јона учи за Јеховиното милосрдие
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Научил да биде милостив
    Угледајте се на нивната вера
  • Тој научил да биде милостив
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
w09 1/1 стр. 25-29

Угледајте се на нивната вера

Тој учел од своите грешки

ЈОНА сакал да ги стивне тие ужасни звуци. Тоа не бил само звукот на силниот ветар што фучел низ бродските едра и јажиња, ниту звукот на огромните бранови, кои со татнеж удирале по бродот додека секоја даска чкрипела и крцкала. Многу пострашни за Јона биле извиците на морнарите — капетанот и неговата посада, кои давале сѐ од себе за да го спасат бродот да не потоне. Јона бил сигурен дека тие луѓе ќе умрат — и тоа поради него!

Како се нашол во оваа очајна ситуација? Па, тој тешко му згрешил на својот Бог, Јехова. Што направил? Можел ли да поправи нешто? Можеме да научиме многу од одговорот на овие прашања. На пример, она што му се случило на Јона ќе ни помогне да сфатиме дека дури и оние што имаат вистинска вера може да згрешат — но и да го поправат тоа.

Пророк од Галилеја

Кога луѓето ќе помислат на Јона, изгледа дека најчесто се концентрираат на неговите негативни особини, како што е непослушноста што ја покажувал одвреме-навреме, па дури и тврдоглавоста. Но, Јона не бил само таков. Сети се, Јехова Бог го избрал да му служи како пророк. Јехова немало да му довери таква одговорна задача ако Јона бил неверен или неправеден.

Од 2. Царевите 14:25 учиме нешто за потеклото на Јона. Тој бил од Гат-Ефер, кој се наоѓал на само 4 километри од Назарет, градот во кој Исус Христос пораснал околу осум века подоцна.a Јона служел како пророк во времето кога Јеровоам II бил цар на десетплеменското царство Израел. Илија веќе одамна умрел, а умрел и неговиот наследник, Елисеј, за време на владеењето на татко му на Јеровоам. Иако Јехова ги употребил тие луѓе за да го збришат обожавањето на Ваал, Израел пак застранил. Сега земјата повторно била под влијание на еден цар што ‚го правел она што е зло во Јеховини очи‘ (2. Царевите 14:24). Затоа, на Јона сигурно не му било лесно и едноставно да ја врши својата служба. Сепак, тој верно истрајал.

Но, еден ден животот на Јона тргнал во сосема друг правец. Тој добил задача од Јехова што му се чинела многу тешка. Што побарал Бог од него?

„Стани, оди во Ниневија“

Јехова му рекол на Јона: „Стани, оди во Ниневија, големиот град, и објави им осуда на неговите жители, зашто лошотијата нивна стигна до мене“ (Јона 1:2). Не е тешко да се види зошто оваа задача го плашела Јона. Ниневија се наоѓала околу 800 километри на исток, и до неа можело да се стигне по еден копнен пат по кој веројатно би требало да пешачи месец дена. Меѓутоа, тешкотиите што со себе ги носело тоа патување можеби биле најлесниот дел од задачата. Во Ниневија, Јона требало да им ја пренесе Јеховината порака на осуда на Асирците, кои сееле ужас со своето насилство, па дури и крволочност. Ако Божјиот народ не сакал да го слуша Јона, тогаш што можел да очекува од тие безбожници? Како можел да си помине еден единствен Јеховин слуга во огромната Ниневија, која подоцна била наречена ‚крволочен град‘? (Наум 3:1, 7).

Можеби на Јона му поминале низ главата сите тие мисли. Не знаеме точно за што сѐ размислувал. Но, со сигурност знаеме дека побегнал. Јехова му рекол да оди на исток, а Јона тргнал на запад, и тоа колку што можел подалеку. Отишол во пристанишниот град Јопа, каде што нашол брод за Тарсис. Некои изучувачи велат дека Тарсис се наоѓал во Шпанија. Ако е така, Јона сакал да побегне околу 3.500 километри подалеку од Ниневија. Патот до другиот крај на Големото Море — како што тогаш се нарекувало Средоземното Море — можел да трае и цела година! Јона навистина бил решен да избега од местото каде што го испратил Јехова!

Дали ова значи дека Јона бил кукавица? Не треба избрзано да дојдеме до таков заклучок. Како што ќе видиме, тој знаел да покаже исклучителна храброст. Но, како и сите ние, Јона бил несовршен човек што се борел со многу слабости (Псалм 51:5). Кој од нас никогаш не се плаши од ништо?

Понекогаш може да ни се чини дека Бог бара од нас да направиме нешто што ни изгледа претешко, па дури и невозможно. Можеби ни е страв да ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство, како што се бара од христијаните (Матеј 24:14). Лесно може да ја заборавиме длабоката вистина што ја кажал Исус: „За Бог сѐ е возможно“ (Марко 10:27). Ако понекогаш и самите го губиме од вид тој факт, веројатно сфаќаме зошто на Јона му било тешко да го послуша Јехова. Но, кои биле последиците од неговото бегство?

Јехова му одржува лекција на својот своеглав пророк

Можеме да си замислиме како Јона се сместува на бродот — веројатно феникиски товарен брод. Тој гледал како капетанот и неговата посада се растрчале за да го подготват бродот за тргнување и како испловуваат од пристаништето. Додека брегот лека-полека исчезнувал од видикот, Јона можеби си помислил дека избегал од опасноста што толку многу го плашела. Но, одеднаш времето се сменило.

Силни ветришта го разбранувале морето. Разбеснетите бранови биле толку високи што дури и денешните бродови би изгледале како играчки во споредба со нив. Колку брзо тој дрвен брод, мал и кршлив, се изгубил меѓу тие високи бранови што бесно се кревале и спуштале! Дали тогаш на Јона веќе му било јасно она што го запишал подоцна — дека ‚Јехова подигнал силен ветар на морето‘? Тоа не го знаеме. Но, тој видел дека морнарите почнале да ги повикуваат своите богови и знаел дека од нив не може да очекуваат никаква помош. Извештајот вели: „Изгледаше дека бродот ќе се разбие“ (Јона 1:4; 3. Мојсеева 19:4). А зар Јона можел да се осмели да му се моли на Богот од кого бегал?

Бидејќи се чувствувал немоќен да помогне, Јона слегол под палубата на бродот и си нашол место да легне. Таму цврсто заспал.b Капетанот го нашол, го разбудил и му рекол да му се моли на својот Бог, како што правеле сите други. Бидејќи биле уверени дека имало нешто натприродно во таа бура, морнарите фрлиле ждрепка за да видат кој од луѓето на бродот би можел да е причина за нивната неволја. Јона сигурно се стресувал од страв секојпат кога ждрепката ги елиминирала другите патници еден по еден. Наскоро вистината излегла на виделина. Јехова ја пуштил бурата поради еден човек — Јона — и ждрепката го покажала тоа! (Јона 1:5-7).

Јона им раскажал на морнарите сѐ. Им кажал дека е слуга на семоќниот Бог, Јехова, и дека тоа е Богот од кого што бегал и кого го навредил, а со тоа ги довел сите во голема опасност. Луѓето биле запрепастени, и во нивните очи Јона можел да прочита страв и ужас. Го прашале што треба да му направат за да го спасат бродот и себеси. Што им одговорил тој? Јона можеби затреперил и од самата помисла дека се дави во тоа студено, разбеснето море. Но, како можел да дозволи поради него сите тие луѓе да завршат со иста таква смрт кога знаел дека може да ги спаси? Затоа рекол: „Земете ме и фрлете ме в море, па ќе ви се смири морето. Зашто, знам дека поради мене се крена на вас оваа голема бура“ (Јона 1:12).

Не би се рекло дека ова се зборови на кукавица, зарем не? Јехова сигурно се израдувал кога видел колкава храброст и самопожртвуваност покажал Јона во тие тешки моменти. Гледаме и колку цврста вера имал. И ние можеме да бидеме такви ако го ставиме доброто на другите пред своето (Јован 13:34, 35). Кога гледаме дека некој е во неволја, сеедно дали физички, емоционално или духовно, дали се жртвуваме за да му помогнеме? Кога правиме така, Јехова многу се радува!

Можеби и морнарите биле трогнати од таа постапка бидејќи во почетокот не сакале да го послушаат. Напротив, правеле сѐ што можеле за да се спасат од бурата — но напразно. Луњата станувала сѐ посилна. На крајот, виделе дека немаат друг избор. Молејќи го Јехова, Богот на Јона, да биде милостив кон нив, го зеле Јона и го фрлиле во морето (Јона 1:13-15).

Милост и избавување за Јона

Јона паднал во разбеснетите бранови. Можеби едно време се напрегал да остане на површината, претајќи со раце и со нозе додека низ запенетата вода гледал како бродот брзо се оддалечува. Но, силните бранови го поклопиле и струите го повлекле надолу. Додека тонел сѐ подлабоко, чувствувал дека е изгубена секаква надеж.

Подоцна Јона опишал како се чувствувал во тие моменти. Низ главата брзо му поминале разни слики. Со тага помислил дека никогаш повеќе нема да го види прекрасниот Јеховин храм во Ерусалим. Имал чувство дека пропаѓа кон дното на морето, близу до темелите на планините, и дека се заплеткал во морски треви. Му се чинело дека тоа навистина ќе биде негов гроб (Јона 2:2-6).

Но, чекај малку! Во близина мрднало нешто — некое огромно, темно, живо суштество. Му се приближило и се фрлило на него. Една огромна вилица широко се отворила и го проголтала!

Тоа мора да е крај. Сепак, Јона почувствувал нешто многу чудно. Сѐ уште бил жив! Не бил ниту здробен, ниту сомелен во желудникот на рибата, дури не се ни задушувал. Не, во него сѐ уште имало животен здив, иако се наоѓал на место што би можело да стане негов гроб. Полека, Јона се исполнил со страхопочит. Без сомнение, неговиот Бог Јехова бил тој што ‚испратил една голема риба да го голтне‘c (Јона 1:17).

Минувале минути, часови. Таму, во најцрниот мрак, Јона си ги средувал мислите и му се молел на Јехова Бог. Неговата молитва, целосно запишана во второто поглавје од неговата книга, ни открива многу работи. Таа покажува дека Јона добро ги познавал светите списи, бидејќи честопати се осврнувал на псалмите. Исто така, од неа се гледа една многу убава особина на Јона — благодарноста. Тој заклучил: „А јас ќе ти благодарам и жртви ќе ти принесувам. Сѐ што заветував, ќе исполнам. Спасението е од Јехова“ (Јона 2:9).

Јона сфатил дека Јехова може да спаси кого сака, каде сака и кога сака. Дури и таму каде што бил, „во утробата на рибата“, Јехова го нашол и го спасил својот слуга кој бил во неволја (Јона 1:17). Само Јехова може три дена и три ноќи да зачува некого жив и здрав во утробата на голема риба. Добро е и ние денес да мислиме на тоа дека Јехова е ‚Бог, во чии раце е нашиот здив‘ (Даниел 5:23). Секој наш здив, самиот наш живот, му го должиме нему. Дали сме благодарни? Ако е така, зар не треба да му бидеме послушни на Јехова?

А Јона? Дали научил да ја покаже својата благодарност кон Јехова со тоа што ќе му биде послушен? Да. По три дена и три ноќи, рибата го вратила Јона на брегот и ‚го изблувала на копно‘ (Јона 2:10). Замисли си — по сето тоа патешествие, Јона не морал дури ни да плива до брегот! Се разбира, морал да си го најде патот од таа плажа, сеедно каде била. Но, набргу неговата благодарност била ставена на испит. Во Јона 3:1, 2 читаме: „Потоа по вторпат му дојде на Јона Јеховината реч: ‚Стани, оди во Ниневија, големиот град, и објави го она што ти велам да му го објавиш!‘“ Што направил Јона?

Сега не се колебал. Во Библијата читаме: „Тогаш Јона стана и отиде во Ниневија според речта Јеховина“ (Јона 3:3). Да, тој послушал. Јасно е дека научил нешто од своите грешки. И во овој поглед треба да се угледаме на неговата вера. Сите грешиме и не правиме сѐ како што треба (Римјаните 3:23). Но, дали се откажуваме или, пак, учиме од своите грешки и повторно послушно му служиме на Бог?

Дали Јехова го наградил Јона за послушноста? Да, го наградил. Како прво, изгледа по извесно време Јона дознал дека тие морнари преживеале. Бурата стивнала веднаш по самопожртвуваната постапка на Јона, а морнарите ‚ги обзел голем страв од Јехова‘ и му принеле жртви нему наместо на своите лажни богови (Јона 1:15, 16).

Една уште поголема награда добил нешто подоцна. Исус кажал дека времето што Јона го поминал во големата риба е пророчка слика за времето кое и самиот требало да го помине во гробот (Матеј 12:38-40). Колку ли ќе се радува Јона кога ќе дознае за тој благослов откако ќе биде воскреснат на Земјата! (Јован 5:28, 29). Јехова сака да те благослови и тебе. Ќе учиш ли и ти од своите грешки, исто како што учел Јона, и ќе бидеш ли послушен и несебичен како него?

[Фусноти]

a Вредно е да се забележи дека Јона потекнува од галилејски град бидејќи фарисеите дрско рекле за Исус: „Истражи, па ќе видиш дека никаков пророк нема да дојде од Галилеја!“ (Јован 7:52). Многу преведувачи и истражувачи велат дека фарисеите дошле до општ заклучок дека ниту еден пророк никогаш не дошол ниту ќе дојде од безначајната Галилеја. Ако е така, тие луѓе ги игнорирале и историјата и пророштвата (Исаија 9:1, 2).

b Септуагинтата јасно покажува колку длабоко заспал Јона со тоа што додава дека тој ’рчел. Меѓутоа, наместо да си помислиме дека Јона заспал затоа што не се интересирал за она што се случувало, да се потсетиме дека луѓето што се многу потиштени понекогаш ги обзема длабок сон. Кога Исус поминувал низ најтешките моменти од животот во градината Гетсиманија, Петар, Јаков и Јован ‚заспале од жалост‘ (Лука 22:45).

c Хебрејскиот збор за „риба“ е преведен на грчки јазик со „морски ѕвер“ или „огромна риба“. Иако не може точно да се одреди за каква морска риба станувало збор, забележано е дека во Средоземното Море има толку големи ајкули што можат да проголтаат цел човек. На други места има уште поголеми ајкули — кит-ајкулата може да достигне должина и до 15 метри — па дури и повеќе!

[Рамка/слика на страница 29]

Јона и критичарите

▪ Дали навистина се случило она што е запишано во библиската книга Јона? Уште од старо време оваа книга била мета на критичарите. Во денешно време, вишите критичари честопати ја отфрлаат како бајка, легенда, мит или измислица. Еден писател од 19 век известил дека некој свештеник го објаснил записот за Јона и големата риба како чудна алегорија, односно симболика: Јона отседнал во некој хотел во Јопа што се викал „Кај китот“. Кога немал доволно пари да плати, газдата го исфрлил. На тој начин Јона бил „голтнат“, а подоцна „изблуен“ од „кит“! Изгледа дека за Јона се поопасни библиските критичари отколку што била големата риба!

Зошто многу луѓе ја ставаат под знак прашалник оваа библиска книга? Затоа што во неа се зборува за чуда. Изгледа дека многу критичари гледаат на чудата со оваа голема предрасуда: Такви работи се невозможни. Но, дали е навистина разумно да се гледа така на работите? Прашај се: ‚Верувам ли во првата реченица од Библијата?‘ Таа гласи: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1:1). Милиони интелигентни луѓе во светот мудро ја прифаќаат оваа едноставна вистина. Но, на некој начин, во тие едноставни зборови се вклучени многу повеќе чуда отколку сите други чуда кои подоцна биле запишани во Библијата.

Размисли за следново: Кои работи од книгата на Јона би биле невозможни за Оној што ги создал небото и сите чудесни облици на живот на Земјата? Да предизвика бура? Да натера една огромна риба да проголта човек? Или да ја наведе истата таа риба да го изблуе човекот што го голтнала? Ништо од ова не е тешко за Оној што има неограничена моќ (Исаија 40:26).

Понекогаш се случуваат чудни работи дури и без Бог да се вмеша во некоја ситуација. На пример, се вели дека во 1758 год., некој морнар паднал од брод во Средоземното Море и го проголтала ајкула. Меѓутоа, на ајкулата било пукано од топ. Погодена, рибата го повратила морнарот, кој бил извлечен жив и речиси без никаква повреда. Точно, би можеле да кажеме дека ова е необично, дури и неверојатно — но не и чудо. Зар Бог не може да ја употреби својата моќ за да направи нешто многу повеќе?

Исто така, скептичарите тврдат дека никој не може три дена да остане жив во риба без да се задуши. Меѓутоа, луѓето биле доволно паметни за да измислат боци со компримиран воздух за да можат подолго време да останат под вода. Зар Бог не можел да ја употреби својата бескрајно поголема моќ и мудрост за да го одржува Јона во живот и тој да може да дише три дена? Како што еден од Јеховините ангели ѝ рекол на Марија, мајка му на Исус, „за Бог ништо од она што ќе го каже, не е невозможно“ (Лука 1:37).

Што друго потврдува дека книгата на Јона е точен историски запис? Јона дал детален и реалистичен опис на бродот и посадата. Во Јона 1:5 читаме дека морнарите фрлале предмети од бродот за да го олеснат. Древните историчари, па дури и рабинскиот закон, покажуваат дека било вообичаено да се прави такво нешто кога имало невреме. И описот на Ниневија што го дал Јона се совпаѓа со историските и археолошките докази. Но, најсилен доказ е тоа што Исус Христос се осврнал на трите дена што Јона ги поминал во големата риба како на пророштво за периодот од три дена што и самиот тој ќе го поминел во гробот (Матеј 12:38-40). Сведоштвото на Исус потврдува дека она што го запишал Јона е точно.

„За Бог ништо од она што ќе го каже, не е невозможно“ (ЛУКА 1:37)

[Слика на страница 26]

На барање на Јона, морнарите го зеле и го фрлиле во морето

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели