„Кротките ќе ја наследат земјата“ — како?
„НАЈВЕРОЈАТНО Ви се познати охрабрувачките зборови на Исус дека ‚кротките ќе ја наследат земјата‘. Но, со оглед на сето она што луѓето си го прават еден на друг а и на земјата, што мислите, ќе им остане ли нешто на кротките?“ (Матеј 5:5; Псалм 37:11).
Мирјам, која е Јеховин сведок, го поставила ова прашање за да започне разговор за Библијата. Човекот на кого му се обратила одговорил дека, штом Исус го дал ова ветување, тогаш земјата мора да биде нешто што ќе вреди да се нарече наследство, а не опустошено купиште урнатини на кое не ќе може да се живее.
Тоа навистина бил оптимистичен одговор. Но, дали имаме причина да гледаме на работите на таков позитивен начин? Секако дека имаме, бидејќи Библијата ни дава цврсти причини да веруваме дека ова ветување ќе се оствари. Всушност, исполнувањето на ова ветување е тесно поврзано со Божјата намера со човештвото и со земјата. Освен тоа, имаме гаранција дека ако Бог има намера да направи нешто, тој и ќе го направи тоа (Исаија 55:11). Тогаш, која била Божјата намера со човештвото во почетокот, и како ќе се оствари?
Божјата вечна намера со земјата
Јехова Бог ја создал земјата со конкретна намера. „Вака зборува Господ, Творецот на небесата — Тој е Бог — Кој ја вообличи и ја создаде земјата, Кој ја зацврсти и не ја создаде пуста, туку ја вообличи за живеење: ‚Јас Сум Господ и нема друг‘ “ (Исаија 45:18). Значи, земјата била создадена со конкретна намера да биде населена со луѓе. Освен тоа, Божјата намера со земјата е таа да биде вечен дом за луѓето. „Земјата ја постави врз нејзините основи, не ќе се разлулее низ вечни времиња“ (Псалм 104:5; 119:90).
Намерата на Бог во врска со земјата исто така јасно се гледа и од налогот што тој ѝ го дал на првата човечка двојка. Јехова им рекол на Адам и на Ева: „Плодете се и множете се и наполнете ја земјата, и потчинете ја! Владејте над рибите во морето и над птиците во воздухот и над сите живи суштества што лазат по земјата“ (Битие 1:28). Земјата, која Бог им ја доверил на Адам и на Ева, требало да биде вечен дом за нив и за нивното потомство. „Небесата се Господови небеса“, изјавил псалмистот со векови подоцна, „а земјата им ја даде на човечките синови“ (Псалм 115:16).
За да можеле да имаат една таква прекрасна иднина, Адам и Ева, а и секој од нивните потомци, морале за свој Суверен да го прифатат Јехова Бог, Творецот и Животодавецот, и морале да бидат спремни да го слушаат. Јехова бил многу јасен во овој поглед кога на човекот му ја дал следнава заповед: „Јади слободно од секое дрво во градината, но да не јадеш од дрвото за познавање на доброто и злото! Во денот кога јадеш од него, навистина ќе умреш!“ (Битие 2:16, 17). За да можеле Адам и Ева да останат да живеат во градината Еден, морале да ѝ бидат послушни на оваа едноставна и јасно кажана заповед. Со тоа ќе покажеле дека се благодарни за сѐ што небесниот Татко направил за нив.
Кога Адам и Ева намерно не го послушале Бог прекршувајќи ја заповедта што им била дадена, тие всушност му свртеле грб на оној што им го дал сето она што го имале (Битие 3:6). Со оваа постапка, тие го изгубиле прекрасниот рајски дом не само за себе туку и за своето потомство (Римјаните 5:12). Дали непослушноста на првата двојка спречила да се исполни намерата за која Бог ја создал земјата?
Бог кој не се менува
Преку својот пророк Малахија, Бог изјавил: „Јас, Господ [Јехова, NW], не се менувам“ (Малахија 3:6). Во врска со овој стих, францускиот изучувач на Библијата Л. Филион забележал дека оваа изјава е тесно поврзана со остварувањето на Божјите ветувања. „Јехова можел да го уништи својот бунтовен народ“, напишал Филион, „но затоа што не се менува во однос на своите ветувања, тој, и покрај сѐ, верно ќе се држи на ветувањата што ги дал во минатото.“ Бог никогаш нема да ги заборави своите ветувања — без разлика дали им ги дал на поединци, на некоја нација или на целото човештво — и тој ќе ги исполни во свое време. „Тој си спомнува секогаш за Својот Завет, за словото што им го кажа на илјади поколенија“ (Псалм 105:8).
Но, како можеме да бидеме сигурни дека Јехова не ја променил намерата што уште во почетокот ја имал во врска со земјата? Можеме да бидеме сигурни, затоа што низ целата Божја инспирирана реч, Библијата, се спомнува неговата намера да им ја даде земјата на послушните луѓе (Псалм 25:13; 37:9, 22, 29, 34). Освен тоа, Писмото кажува дека оние што се благословени од Јехова ќе живеат во безбедност, и дека секој ќе си седи „под виновата лоза, и под својата смоква“ каде што „никој не ќе го плаши“ (Михеј 4:4; Езекиел 34:28). Оние што се избрани од Јехова „ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го уживаат нивниот плод“. Ќе бидат во мир дури и со полските ѕверови (Исаија 11:6—9; 65:21, 25).
Библијата дава претслика за Божјето ветување и на еден поинаков начин. За време на владеењето на цар Соломон, нацијата Израел уживала во период на мир и благосостојба. Под неговото владеење ‚Јуда и сиот Израел живееле без страв, секој под својата лоза и под својата смоква, од Дан до Вирсавеа, во текот на сиот Соломонов век‘ (1. Цареви 4:25). Библијата вели дека Исус е „повеќе од Соломон“, и во врска со неговото владеење псалмистот пророчки изјавил: „Во Негово време ќе цветаат правдата и големиот мир — сѐ додека постои месечината“. Во тоа време, ‚ќе има изобилство на жито во земјата, класјето по врвовите ќе шуми‘ (Лука 11:31; Псалм 72:7, 16).
Стоејќи си на зборот, Јехова Бог ќе се погрижи не само ветеното наследство да биде достапно туку и да биде обновено во сиот свој раскош. Во Откровение 21:4, Божјата реч ни кажува дека во ветениот нов свет, Бог „ќе ја избрише секоја солза од [човечките] очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка“. Она што ни е ветено е вистински Рај (Лука 23:43).
Како да го добиеме ветеното наследство
Преобразувањето на земјата во рај ќе се врши под една влада што ќе ја спроведува својата власт од небото, едно Царство чиј Цар е Исус Христос (Матеј 6:9, 10). Најпрво, тоа Царство ќе ги „уништи оние кои ја уништуваат земјата“ (Откровение 11:18; Даниел 2:44). Потоа, како „Кнез на Мирот“, Исус Христос ќе ги исполни овие пророчки зборови: „Неговата власт ќе се шири надалеку и не ќе има крај на мирот“ (Исаија 9:6, 7). Под тоа Царство, милиони луѓе, вклучувајќи ги и оние што ќе бидат вратени во живот преку воскресение, ќе имаат можност да ја наследат земјата (Јован 5:28, 29; Дела 24:15).
Кој ќе може да ужива во тоа прекрасно наследство? Размисли што рекол Исус: „Среќни се оние со благ нарав, бидејќи ќе ја наследат земјата“ (Матеј 5:5). Што значи да се биде со благ нарав, односно кроток? „Кроток“ или „благ“ во речниците обично се дефинира како „нежен, умерен, подложен, мирен, па дури и срамежлив. Меѓутоа, оригиналниот грчки збор што бил употребен има многу подлабоко значење. Тој збор „содржи нежност“, забележува New Testament Wordbook од Вилијам Беркли, „но зад нежноста стои сила со јакост на челик“. Тој означува умствен став што помага човек да претрпи штета без да се огорчи или да мисли како да врати со иста мера, а сето тоа е резултат на добриот однос што го има со Бог, и тој однос за него станува извор на сила (Исаија 12:2; Филипјаните 4:13).
Оној што е кроток понизно ги прифаќа Божјите мерила во сите аспекти од својот личен живот; не настојува да постапува како што тој мисли дека треба или како што ќе му кажат другите. Исто така, спремен е да учи и спремен е да биде поучен од Јехова. Псалмистот Давид напишал: „[Јехова] ги води кротките во правда, ги научува кротките на Својот пат“ (Псалм 25:9; Пословици 3:5, 6).
Ќе бидеш ли и ти меѓу „кротките“ што ќе ја наследат земјата? Ако го запознаваш Јехова и неговата волја така што трудољубиво ќе ја проучуваш неговата Реч и ако го применуваш во пракса она што го учиш, и ти ќе можеш со душа да очекуваш да го наследиш земниот рај и засекогаш да живееш во него (Јован 17:3).
[Слика на страница 5]
Намерата на Бог во врска со земјата јасно се гледа од налогот што им го дал на Адам и на Ева
[Слика на страници 6 и 7]
Мирот и безбедноста на владеењето на Соломон се претслика на ветеното наследство
[Извори на слики]
Овци и ридот во заднина: Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.; Арапски орикс (африканска антилопа): Hai-Bar, Yotvata, Israel; земјоделец ора: Garo Nalbandian
[Слика на страница 7]
Пред нас лежи еден праведен нов свет — ќе бидеш ли и ти таму?