Нашите деца — скапоцено наследство
„Еве, синовите се наследство од Јехова; плодот на утробата е награда“ (ПСАЛМ 127:3, NW).
1. Како се родило првото бебе?
РАЗМИСЛИ за чудесните процеси што ги овозможил Јехова Бог преку начинот на кој ги создал првите маж и жена. И таткото, Адам, и мајката, Ева, дале дел од себе што во матката на Ева се развило во потполно оформена нова личност — првото бебе (Битие 4:1). И до ден-денес, зачнувањето и раѓањето на едно дете нѐ исполнуваат со восхит и многу луѓе ги нарекуваат вистинско чудо.
2. Зошто би рекол дека она што се случува во матката на една бремена жена е чудо?
2 За околу 270 дена, првобитната клетка што се создала во мајката како резултат на нејзиното соединување со таткото станува бебе кое се состои од билиони клетки. Таа првобитна клетка содржи информации што се потребни за да се создадат повеќе од 200 видови клетки. Следејќи ги тие чудесни информации, кои човекот не може потполно да ги разбере, овие неверојатно сложени клетки се развиваат баш по тој редослед и баш на таков начин што е потребен за да се создаде едно ново живо суштество!
3. Зошто многу луѓе што размислуваат се согласуваат со тоа дека Бог мора да е заслужен за раѓањето на едно ново човечко суштество?
3 Што би рекол, кој е вистинскиот создател на бебето? Сигурно дека тоа е Оној што го создал и самиот живот. Библискиот псалмист во песна рекол: „Знајте дека Јехова е Бог. Тој нас нѐ направи, а не ние самите“ (Псалм 100:3, NW). Родители, вие добро знаете дека тоа што имате такво скапоцено бебенце не се должи на вашата генијалност. Само еден Бог со бескрајна мудрост би можел да биде заслужен за чудесното создавање на еден нов живот — ново човечко суштество. Во текот на илјадници години, луѓето што размислуваат му го припишувале на Големиот Творец создавањето на детето во мајчината утроба. А ти? (Псалм 139:13-16).
4. Која човечка маана никогаш не може да му се припише на Јехова?
4 Но, дали Јехова е некаков бесчувствителен Творец што едноставно започнал еден биолошки процес со кој мажите и жените можат да имаат потомство? Некои луѓе се бесчувствителни, но Јехова никогаш не е таков (Псалм 78:38-40). Во Псалм 127:3 (NW) Библијата вели: „Еве, синовите [и ќерките] се наследство од Јехова; плодот на утробата е награда!“ Сега да разгледаме што е наследство и што докажува тоа.
Наследство и награда
5. Зошто децата се наследство?
5 Наследството е нешто слично на еден подарок. Родителите честопати работат многу и напорно за да им остават некакво наследство на своите деца. Може да станува збор за пари, имот или за некој скапоцен посед. Како и да е, тоа е доказ за љубовта на родителот. Библијата вели дека Бог им ги дал на родителите децата како наследство. Тие се подарок што им го дал со љубов. Ако си родител, дали би рекол дека со своите постапки покажуваш дека децата ги сметаш за подарок што ти го дал Творецот на универзумот?
6. Каква била Божјата намера кога им дал способност на луѓето да имаат деца?
6 Кога Јехова го дал овој подарок, имал намера Земјата да биде населена со потомци на Адам и Ева (Битие 1:27, 28; Исаија 45:18). Јехова не го создал секој човек поединечно, како што ги создал милионите ангели (Псалм 104:4; Откровение 4:11). Наместо тоа, Бог одлучил да ги создаде луѓето со способност да раѓаат деца што ќе личат на своите родители. Една мајка и еден татко имаат прекрасна можност да родат и да се грижат за една таква нова личност. Како родители, дали му се заблагодарувате на Јехова што овозможил да му се радувате на ова скапоцено наследство?
Учи од примерот на Исус
7. За разлика од она што го прават некои родители, како покажал Исус интерес и сочувство за „човечките синови“?
7 За жал, сите родители не ги сметаат децата за награда. Мнозина многу малку сочувствуваат со своите деца. Тие родители го немаат ставот на Јехова ниту на неговиот Син (Псалм 27:10; Исаија 49:15). За разлика од нив, размисли за тоа каков интерес покажал Исус за децата. Уште пред да дојде на Земјата како човек — кога бил моќна духовна личност на небото — Библијата вели дека негова ‚радост биле човечките синови‘ (Пословици 8:31). Толку многу ги сакал луѓето што спремно го дал својот живот како откупнина за да можеме да добиеме вечен живот (Матеј 20:28; Јован 10:18).
8. Како Исус им дал добар пример на родителите?
8 Додека бил на Земјата, Исус дал особено добар пример за родителите. Да видиме што направил. Тој одвојувал време за децата, дури и кога бил многу зафатен или бил под притисок. Ги гледал додека си играле на пазарот и, за да даде поука, искористил некои работи што видел дека ги прават (Матеј 11:16, 17). На своето последно патување за Ерусалим, Исус знаел дека ќе страда и дека ќе биде убиен. Затоа, кога луѓето му ги носеле децата да го видат, учениците на Исус, можеби за да го заштитат од додатен притисок, се обиделе да ги вратат децата. Но, Исус ги прекорил. Тој им се ‚радувал‘ на децата, што се гледа од неговите зборови: „Пуштете ги дечињата да доаѓаат кај мене; не обидувајте се да ги запрете“ (Марко 10:13, 14).
9. Зошто она што го правиме може да биде уште поважно од она што го зборуваме?
9 Можеме да учиме од примерот на Исус. Како реагираме кога децата доаѓаат кај нас — дури и кога сме зафатени? Дали реагираме како Исус? Она што им е потребно на децата, особено од нивните родители, е она што Исус спремно сакал да им го даде — своето време и внимание. Точно, важни се зборовите како, на пример, „те сакам“. Сепак, делата зборуваат погласно од зборовите. Својата љубов не ја покажувате само со она што го велите туку уште повеќе со она што го правите. Таа се покажува со времето, вниманието и грижата што им ги посветувате на децата. Сепак, дури и ако го правите сето тоа, можеби нема да постигнете видливи резултати, или барем не толку брзо колку што би сакале вие. Потребна е стрпливост. Можеме да научиме да бидеме стрпливи ако се угледаме на Исус во начинот на кој постапувал со своите ученици.
Стрпливоста и љубовта на Исус
10. Како Исус им дал на своите ученици лекција за понизноста, и каков бил резултатот во почетокот?
10 Исус добро знаел дека неговите ученици постојано се расправале за тоа кој од нив е поважен. Еден ден, откако со своите ученици пристигнал во Капернаум, ги прашал: „ ,За што се расправавте патем?‘ Тие молчеа бидејќи патем меѓу себе се расправаа кој е поголем“. Наместо остро да ги прекори, Исус стрпливо им дал практичен пример за да ги научи на понизност (Марко 9:33-37). Дали тој пример ги дал саканите резултати? Не веднаш. Околу шест месеци подоцна, Јаков и Јован ја натерале мајка си да побара од Исус да ги постави на истакната положба во Царството. И во таа прилика Исус стрпливо го исправил нивното размислување (Матеј 20:20-28).
11. а) Која вообичаена задача не ја извршиле Исусовите апостоли откако пристигнале во една горна соба заедно со Исус? б) Што направил Исус, и дали во тоа време неговите напори родиле плод?
11 Наскоро дошла Пасхата во 33 од н.е., и Исус се состанал насамо со своите апостоли за да ја прослават. Кога пристигнале во горната соба, ниеден од 12-те апостоли не се понудил да направи еден вообичаен гест, да им ги измие нозете на другите — ниска задача што ја извршувал еден од слугите или некоја од жените во куќата (1. Самоил 25:41; 1. Тимотеј 5:10). Колку ли се разжалостил Исус кога видел дека неговите ученици сѐ уште покажувале дека копнеат по висока положба и позиција! Затоа, Исус му ги измил нозете на секого од нив и потоа од срце ги замолил да го следат неговиот пример и да им служат на другите (Јован 13:4-17). Дали тие го направиле тоа? Библијата вели дека подоцна истата вечер ‚настанала вжештена препирка околу тоа кој од нив да се смета за најголем‘ (Лука 22:24).
12. Како можат родителите да бидат како Исус кога ги воспитуваат своите деца?
12 Родители, кога вашите деца не реагираат на советот што им го давате, дали сфаќате како се чувствувал Исус? Забележете дека Исус не кренал раце од своите апостоли, иако тие не се поправале толку брзо. Со текот на времето, неговата стрпливост дала плод (1. Јованово 3:14, 18). Родители, треба да покажувате љубов и стрпливост како Исус, и никогаш да не се откажувате од обидите да ги воспитувате своите деца.
13. Зошто родителот не треба грубо да го врати детето што дошло да го праша нешто?
13 Децата треба да чувствуваат дека нивните родители ги сакаат и дека се интересираат за нив. Исус сакал да знае за што размислуваат неговите ученици, па затоа ги слушал кога имале прашања. Ги прашал што мислат за извесни работи (Матеј 17:25-27). Да, доброто поучување вклучува внимателно да се слуша и да се покажува искрен интерес. Ако детето сака да праша нешто, на родителот можеби ќе му дојде грубо да му рече: „Тргни се! Не ли гледаш дека сум зафатен?“ Но, треба да се совлада и, ако навистина е зафатен, треба да му рече на детето дека ќе разговараат подоцна. Потоа родителите мораат да најдат време навистина да разговараат за тоа. На тој начин детето ќе почувствува дека родителот е вистински заинтересиран за него и ќе му биде полесно да му се довери.
14. Што можат родителите да научат од Исус во врска со покажувањето љубов кон своите деца?
14 Дали е на место родителите да покажат љубов со тоа што ќе ги гушкаат своите деца? И на тоа поле родителите можат да учат од Исус. Библијата вели дека тој ‚ги зел децата в прегратка и почнал да ги благословува, положувајќи ги рацете врз нив‘ (Марко 10:16). Што мислиш, како реагирале децата? Сигурно дека им било многу мило и биле привлечени кон Исус! Родители, ако постои вистинска љубов и наклоност помеѓу вас и децата, тие побрзо ќе реагираат на вашите напори да ги дисциплинирате и да ги поучите.
Колку време да им се посвети
15, 16. Кое е едно раширено сфаќање за воспитувањето на децата, и како што се чини, од што произлегло?
15 Некои се прашуваат дали на децата навистина им треба родителите со љубов да им посветуваат многу време и внимание. Едно сфаќање за воспитувањето на децата што многу вешто се пропагира е наречено квалитетно време. Оние што се застапуваат за ова тврдат дека на децата не им треба родителите да им посветуваат многу време сѐ додека ограниченото време што го минуваат со нив е содржински исполнето, добро промислено и испланирано. Дали сфаќањето за квалитетно време е исправно, смислено за доброто на децата?
16 Еден писател што разговарал со многу деца рекол дека тие „најмногу сакале родителите да им посветат повеќе време“ и „целосно внимание“. Значајно е тоа што еден универзитетски професор забележал: „Терминот [квалитетно време] настанал поради вината што ја чувствувале родителите. Луѓето си наоѓале оправдување за да бидат помалку време со своите деца“. Колку време треба да им посветат родителите на децата?
17. Што им е потребно на децата од родителите?
17 Библијата не го дава одговорот на тоа прашање. Меѓутоа, родителите во Израел биле поттикнати да им зборуваат на децата кога биле дома, кога оделе по патот, кога легнувале и кога станувале (Второзаконие 6:7). Тоа јасно покажува дека родителите треба да комуницираат со своите деца и постојано да ги учат секој ден.
18. Како Исус ги искористил приликите да ги поучи своите ученици, и што можат родителите да научат од тоа?
18 Исус успешно ги поучувал своите ученици додека јадел со нив, додека патувал со нив, па дури и кога се одморале заедно. Тој ја користел секоја прилика да ги поучи (Марко 6:31, 32; Лука 8:1; 22:14). Слично, христијанските родители треба да ја користат секоја прилика за да воспостават и да одржуваат добра комуникација со своите деца и да ги учат на Јеховините патишта.
Што и како да ги учиш
19. а) Што друго е потребно освен да им се посветува време на децата? б) За што треба родителите првенствено да ги учат децата?
19 За да ги подигнеш успешно своите деца, потребно е нешто повеќе отколку само да им посветиш време. Многу е битно и што ги учиш. Забележи како Библијата нагласува што треба да биде тоа. „Овие зборови што ти ги заповедам денес“, стои во неа, „нека ти се врежат во срцето. Всадувај ги во своите синови“. Кои се „овие зборови“ за кои треба да бидат поучени децата? Очигледно, тоа се зборовите што се спомнати претходно, имено: „Љуби го Јехова, својот Бог, со сето срце, со сета душа и со сета сила!“ (Второзаконие 6:5-7, NW). Исус рекол дека таа заповед е најважната од сите Божји заповеди (Марко 12:28-30). Родителите првенствено треба да ги учат децата за Јехова и да им објаснат зошто само тој е достоен да го сакаме и да му бидеме оддадени со сето срце.
20. За што им заповедал Бог на родителите во минатото да ги поучуваат своите деца?
20 Меѓутоа, „овие зборови“ што родителите се поттикнати да ги учат своите деца вклучуваат повеќе отколку само да го сакаат Бог со сета душа. Ќе забележиш дека, во претходното поглавје од Второзаконие, Мојсеј ги повторува законите што ги напишал Бог на камените плочи — Десетте заповеди. Во тие закони се вклучени заповедите да не се лаже, да не се краде, да не се убива и да не се прави прељуба (Второзаконие 5:11-22). Значи, на родителите во минатото им било нагласено дека треба да всадат морални вредности во своите деца. И христијанските родители денес треба да им дадат на децата слична поука за да им помогнат да имаат сигурна, среќна иднина.
21. На што се мислело со упатството ‚да се всадат‘ Божјите зборови во децата?
21 Забележи дека на родителите им е кажано како да ги поучуваат своите деца за „овие зборови“, односно заповеди: „Всадувај ги во своите синови“. Зборот „всадува“ значи да се поучува некого и да му се вреже нешто со постојано повторување или опомени: да се втисне или да се зацврсти во умот. Значи, Бог всушност им кажува на родителите да си направат план за библиска поука што има за цел да ги вреже духовните работи во умот на децата.
22. Што требало да прават родителите во Израел за да ги поучуваат своите деца, и што значело тоа?
22 За да си направат таков план, потребно е родителите да вложат напор. Во Библијата стои: „Врзи ги [„овие зборови“, или заповеди од Бог] на својата рака како знак, и нека ти бидат како запис меѓу очите! Напиши ги на довратниците на својата куќа и на своите врати!“ (Второзаконие 6:8, 9). Тоа не значи дека родителите треба дословно да ги пишуваат Божјите закони на довратниците и на вратите, да врзат еден примерок на рацете на своите деца и да им стават друг примерок меѓу очите. Напротив, се мисли на тоа родителите постојано да ги потсетуваат своите деца на Божјите учења. Тие треба да ги поучуваат толку редовно и постојано како Божјите учења да се цело време пред очите на децата.
23. Што ќе разгледаме во статијата за следната седмица?
23 Кои се некои особено важни работи за кои родителите треба да ги поучат своите деца? Зошто е многу важно денес децата да бидат поучени и оспособени да се заштитат? Каква помош имаат сега родителите за да можат делотворно да ги поучуваат своите деца? Овие и други прашања што загрижуваат многу родители ќе ги разгледаме во следната статија.
Како би одговорил?
• Зошто родителите треба да ги сметаат своите деца за нешто скапоцено?
• Што можат да научат од Исус родителите и другите?
• Колку време треба да им посветат родителите на своите деца?
• За што треба да бидат поучени децата, и како треба да се прави тоа?
[Слика на страница 10]
Што можат да научат родителите од Исусовиот начин на поучување?
[Слики на страница 11]
Кога и како родителите во Израел требало да ги поучуваат своите деца?
[Слики на страница 12]
Родителите треба постојано да ги потсетуваат своите деца на Божјите учења