Научете ги своите деца да го сакаат Јехова
„Какви што се стрелите во раката на јунакот, такви се синовите на младоста“ (ПСАЛМ 127:4).
1, 2. Во која смисла децата се како ‚стрели во раката на јунакот‘?
СТРЕЛЕЦОТ се подготвува да гаѓа во метата. Внимателно ја мести стрелата и го оптегнува лакот, напнувајќи ги мускулите. И покрај напорот, тој внимателно и стрпливо нишани во целта, а потоа ја пушта стрелата! Дали таа ќе ја погоди целта? Ова зависи од неколку фактори. Меѓу другото, многу е важно колку е вешт стрелецот, како дува ветрот и каква е стрелата.
2 Цар Соломон рекол дека децата се како „стрелите во раката на јунакот“ (Псалм 127:4). Да размислиме што може да значи оваа споредба. Стрелецот ја држи стрелата во рацете релативно кратко време. За да ја погоди целта, мора брзо да ја пушти. Слично на ова, и родителите имаат само релативно кратко време за да им помогнат на своите деца од сѐ срце да го засакаат Јехова. Понекогаш им се чини дека, додека да трепнат, децата веќе пораснале и започнуваат свој живот (Матеј 19:5). Дали родителите ќе ја погодат целта — односно, дали децата ќе продолжат да го сакаат Бог и да му служат и откако ќе заминат од дома? Одговорот на ова прашање зависи од многу фактори. Три од нив се: колку е вешт родителот, во каква атмосфера расте детето, и како реагира на воспитанието што го добива. Да ги испитаме подетално овие три фактори. Прво ќе разгледаме некои од обележјата на еден вешт родител.
Вештите родители даваат добар пример
3. Зошто родителот мора да ги поткрепи своите зборови со дела?
3 Исус дал одличен пример за родителите бидејќи го правел она што го зборувал (Јован 13:15). Тој ги осудил фарисеите бидејќи тие ‚зборувале, а не извршувале‘ (Матеј 23:3). За да ги мотивираат децата да го сакаат Јехова, родителите мора да постапуваат во склад со она што го зборуваат. Штом зборовите не се поткрепени со дела, тие се бескорисни, исто како што е бескорисен еден лак за стрелање што нема жица (1. Јованово 3:18).
4. Кои прашања треба да си ги постават родителите, и зошто?
4 Зошто е толку важно родителот да поучува со пример? Исто како што возрасните можат да научат да го сакаат Бог гледајќи го примерот на Исус, така и децата можат да научат да го сакаат Јехова со тоа што ќе го гледаат добриот пример на своите родители. Друштвото во кое се наоѓа детето може или да влијае добро врз него или да му ги ‚расипе добрите навики‘ (1. Коринќаните 15:33). Во поголемиот дел од животот на детето — а најмногу во раното детство, кое е многу важен период бидејќи тогаш се обликува неговата личност — најблиското и највлијателното друштво за едно дете се неговите родители. Затоа, родителите треба да се прашаат: ‚Какво друштво сум јас за моето дете? Дали тоа може да учи од мојот пример и да стекне добри навики? Каков пример му давам во поглед на важните работи, како што се молитвата и проучувањето на Библијата?‘
Вештите родители се молат со своите деца
5. Што можат да научат децата додека ги слушаат молитвите на родителот?
5 Твоите деца можат да научат многу за Јехова додека те слушаат како се молиш. До каков заклучок ќе дојдат ако те слушаат како му се заблагодаруваш на Бог пред да јадете или кога ја проучувате Библијата? Веројатно ќе сфатат дека Јехова се грижи за нашите физички потреби — и затоа треба да му бидеме благодарни — но и дека нѐ поучува за вистините од Библијата. Ова се навистина скапоцени поуки (Јаков 1:17).
6. Како можат родителите да им помогнат на децата да почувствуваат дека Јехова е заинтересиран за нив?
6 Меѓутоа, ако се молиш заедно со семејството и во други прилики, а не само пред да јадете и кога проучувате, и ако во тие молитви конкретно спомнуваш и некои работи што се однесуваат на тебе и на децата, ќе постигнеш уште повеќе. Ќе им помогнеш да почувствуваат дека Јехова е дел од вашето семејство и дека е многу заинтересиран за секого од вас (Ефешаните 6:18; 1. Петрово 5:6, 7). Еден татко вели: „Се молевме заедно со нашата ќерка уште откако се роди. Додека растеше, се молевме за работи поврзани со изборот на друштвото и за други нешта што беа важни за неа. Сѐ додека не се омажи, не помина ниту еден ден без да се молиме со неа“. Можеш ли и ти да се молиш заедно со твоите деца секој ден? Можеш ли да им помогнеш да почувствуваат дека Јехова им е Пријател кој не се грижи само за нивните физички и духовни потреби, туку дека му се важни и нивните чувства? (Филипјаните 4:6, 7).
7. Што треба да знаат родителите за да можат да се молат за конкретни работи?
7 Се разбира, за да се молиш за конкретни работи, треба да знаеш што се случува во животот на детето. Забележи што рекол еден татко кој одгледал две деца: „На крајот од секоја седмица, си поставував две прашања: ‚Кои работи им се вртеа во главата на моите деца оваа седмица? Кои убави работи им се случија?‘“ Родители, можете ли и вие да си поставите вакви прашања и потоа да спомнете дел од одговорите кога се молите заедно со вашите деца? Ако направите така, ќе ги научите децата не само да му се молат на Јехова — Оној што ги слуша молитвите — туку и да го сакаат (Псалм 65:2).
Вештите родители им помагаат на децата редовно да проучуваат
8. Зошто родителите мора да им помогнат на децата да стекнат навика редовно да ја проучуваат Божјата реч?
8 Како може ставот што го има родителот кон проучувањето на Библијата да влијае врз односот што детето го има со Бог? За да може една врска или пријателство меѓу две лица да се зацврстува и да опстане, тие не треба само да зборуваат туку мора и да слушаат. Ние слушаме што ни кажува Јехова кога ја проучуваме Библијата со помош на публикациите кои ни ги подготвува ‚верниот роб‘ (Матеј 24:45-47; Изреки 4:1, 2). Според тоа, ако имаат желба да им помогнат на своите деца да изградат едно трајно пријателство со Јехова и навистина да го сакаат, родителите треба да ги научат редовно да ја проучуваат Божјата реч.
9. Како можеш да им помогнеш на децата да стекнат навика редовно да проучуваат?
9 Како може да им се помогне на децата да стекнат навика редовно да проучуваат? И во овој случај, тие најдобро можат да учат од примерот на родителот. Дали децата те гледаат како редовно ја читаш и ја проучуваш Библијата? Нема сомнение, сигурно си многу зафатен околу грижата за децата и се прашуваш како да најдеш време да читаш и да проучуваш. Но, запрашај се: ‚Дали децата гледаат како секој ден седам пред телевизорот?‘ Ако е така, би можел ли да искористиш дел од тоа време да им дадеш добар пример за тоа дека треба да се проучува?
10, 11. Зошто родителите треба редовно да ја проучуваат Библијата со целото семејство?
10 Друг практичен начин на кој родителите можат да ги научат децата да го слушаат Јехова е сите заедно редовно да ја проучуваат Библијата како семејство (Исаија 30:21). Но, можеби некој ќе рече: ‚Зошто да се проучува Библијата како семејство кога родителите и така и така редовно ги носат децата на собраниски состаноци?‘ Има неколку добри причини. Јехова им ја дал првенствено на родителите одговорноста да ги поучуваат своите деца (Изреки 1:8; Ефешаните 6:4). Кога се проучува Библијата како семејство, децата учат дека обожавањето на Бог не е нешто формално што се прави само во јавност, туку дека е суштински дел од животот на целото семејство (5. Мојсеева 6:6-9).
11 Освен тоа, кога целото семејство ја проучува Библијата, родителите можат да ѕирнат во главите на своите деца и да видат што мислат тие за работи поврзани со Бог и со моралот. На пример, додека децата се мали, родителите можат да ја проучуваат со нив книгата Учи од Големиот Учител.a Во речиси секој пасус од оваа публикација наменета за проучување на Библијата има прашања на кои треба да одговори детето и да каже што мисли во врска со тоа што го пишува таму. Ако ги разгледуваат и стиховите што се наведени во книгата, родителите ќе можат да им помогнат на децата да ги согледуваат работите и ‚да разликуваат добро и зло‘ (Евреите 5:14).
12. Како можат родителите да го приспособат семејното проучувањето на потребите на децата, и што си утврдил дека е корисно во овој поглед?
12 Како што децата растат, нивните потреби се менуваат. Затоа, проучувај го со нив она што најмногу ќе им користи. Забележи како еден брачен пар им помогнал на своите млади ќерки да решат дали да одат на некоја забава што ја организирало училиштето. Таткото вели: „Им кажавме на девојчињата дека, кога следниот пат ќе проучуваме, јас и мајка им ќе бидеме во улога на деца, а тие ќе бидат во улога на родители. Едната ќе биде таткото, а другата мајката, но двете мораат да истражуваат заедно за да ни дадат совет во врска со училишната забава“. Каков бил резултатот од ова? „Се зачудивме кога видовме колкава зрелост покажаа нашите ќерки (во својата улога на родители) додека ни објаснуваа (нам како на нивни деца) зошто не би било библиски ниту мудро да одиме на таа забава“, вели таткото. „А нѐ одушевија и нивните предлози за тоа што друго би можеле да правиме наместо да одиме на забавата. Сето ова многу ни помогна да сфатиме како размислуваат и што сакаат тие.“ Се разбира, за да се проучува редовно и да се изнаоѓаат теми што одговараат на потребите на семејството потребна е истрајност, а и фантазија. Но, вреди да се вложи труд затоа што сигурно ќе има добри резултати (Изреки 23:15).
Пријатна атмосфера
13, 14. а) Како можат родителите да придонесат за мирољубива домашна атмосфера? б) Какви добри резултати може да има ако родителот признае дека згрешил?
13 Поголеми се шансите една стрела да ја погоди целта ако стрелецот нишани и ја фрла во мирни временски услови. Слично на тоа, и на децата ќе им биде полесно да го засакаат Јехова ако во семејството владее мирољубива домашна атмосфера. „Плодот на праведноста се сее во мир и ќе го соберат оние што творат мир“, напишал Јаков (Јаков 3:18). Што можат да сторат родителите во овој поглед? Мажот и жената мора да имаат цврст и добар брак. Ако тие се сакаат и се почитуваат, полесно ќе им биде да ги научат и своите деца да ги сакаат и почитуваат другите, а и Јехова (Галатите 6:7; Ефешаните 5:33). Љубовта и почитта се предуслов за мир. А брачните другари што живеат во мир еден со друг ќе можат полесно да ги решаваат проблемите што можеби ќе се појават во семејството.
14 Се разбира, денес на Земјата нема совршени бракови, па затоа нема ни совршени семејства. Има ситуации кога родителите пропуштаат да покажат некој од плодовите на духот во постапките со своите деца (Галатите 5:22, 23). Што треба да направат родителите ако се случи тоа? Ако признаат дека згрешиле, дали детето помалку ќе ги почитува? Размисли за примерот на апостол Павле. Тој им бил како духовен татко на мнозина (1. Коринќаните 4:15). Сепак, отворено си признал дека направил некои грешки (Римјаните 7:21-25). Тоа што бил понизен и искрен не ја намалува нашата почит кон него — напротив, ја зголемува. И покрај грешките што ги направил, Павле можел со увереност да му ги напише следниве зборови на собранието во Коринт: „Угледајте се на мене, како што и јас се угледав на Христос“ (1. Коринќаните 11:1). Ако и ти ги признаваш своите грешки, твоите деца веројатно ќе преминат преку нив.
15, 16. Зошто треба родителите да ги воспитуваат децата да ги сакаат своите христијански браќа и сестри, и како можат да го сторат тоа?
15 Што друго можат да сторат родителите за децата да растат во атмосфера која ќе им помогне да го засакаат Јехова? Апостол Јован напишал: „Ако некој каже: ‚Го сакам Бог‘, а го мрази својот брат, тој е лажливец. Зашто, кој не го сака својот брат, кого го гледа, не може да го сака Бог, кого не го гледа“ (1. Јованово 4:20, 21). Значи, ако ги воспитуваш децата да ги сакаат своите христијански браќа и сестри, ти ги учиш да го сакаат Бог. Родителите треба да се прашаат: ‚Дали кога зборувам за собранието, главно зборувам за добрите работи или, пак, секогаш имам некој негативен коментар?‘ Од каде можеш да знаеш? Па, слушај внимателно што зборуваат твоите деца за состаноците и за членовите на собранието. Најверојатно во нивните зборови ќе го препознаеш твоето сопствено размислување.
16 Што можат да сторат родителите за да им помогнат на децата да ги сакаат своите духовни браќа? Петар, татко на двајца тинејџери, вели: „Уште додека нашите синови беа мали, редовно викавме на гости духовно зрели браќа и сестри, и уживавме да се дружиме со нив. Нашите деца растеа крај луѓе што го сакаат Јехова, и сега и самите гледаат дека службата за Бог носи голема радост во животот“. Денис, кој е татко на пет ќерки, вели: „Ги поттикнувавме девојчињата да се спријателат со постарите пионери во собранието и, секогаш кога можевме, ги викавме на гости патувачките надгледници и нивните жени“. Можеш ли и ти да сториш нешто за да им помогнеш на твоите деца да го сметаат собранието за свое пошироко семејство? (Марко 10:29, 30).
Каква е одговорноста на детето
17. Што мора на крајот да одлучат децата?
17 Да се вратиме пак на споредбата со стрелецот. Иако можеби е вешт, тешко дека ќе ја погоди целта ако стрелата што ја фрла е искривена. Се разбира, родителите ќе дадат сѐ од себе за да ја исправат искривената стрела, односно ќе се потрудат да го исправат погрешното размислување на детето. Но, на крајот, децата се тие што мора да одлучат дали ќе му дозволат на светот да ги искриви како што сака или ќе му дозволат на Јехова ‚да ги исправи нивните патеки‘ (Изреки 3:5, 6; Римјаните 12:2).
18. Какво влијание може да има одлуката на детето врз другите?
18 Иако родителите имаат многу сериозна одговорност да ги воспитуваат децата ‚со стега од Јехова и да им помогнат да го усвојат неговиот начин на размислување‘, сепак, на крајот, детето само треба да одлучи каква личност ќе стане (Ефешаните 6:4). Затоа, деца, прашајте се: ‚Ќе го прифатам ли воспитанието што со љубов ми го даваат мајка ми и татко ми?‘ Ако го прифатиш, ќе го избереш најдобриот начин на живот. Твоите родители ќе бидат многу среќни поради тоа. А што е најважно од сѐ, ќе го израдуваш срцето на Јехова (Изреки 27:11).
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци.
Се сеќаваш ли?
• Како родителите можат да дадат добар пример во поглед на молитвата и проучувањето на Библијата?
• Како можат родителите да придонесат за мирољубива домашна атмосфера?
• Каква одлука треба да донесат децата, и како таа ќе влијае врз другите?
[Слика на страница 28]
Дали му покажуваш со пример на детето дека треба да проучува?
[Слика на страница 29]
Сите се среќни кога владее мирољубива семејна атмосфера