Добро запознај ја Божјата волја „со спремен ум“
КАКО слуги на Јехова, сите сакаме да ја стекнеме Неговата милост. Затоа, со сите сили се напрегаме да ја зајакнеме нашата вера и ревносно да му служиме. Меѓутоа, апостол Павле ни го свртува вниманието на една опасност, која им се заканувала и на некои Евреи во негово време. Во врска со нив, тој напишал: „Ревносно се трудат да му угодат на Бог, но не знаат точно што е неговата волја“ (Рим. 10:2). Значи, нашата вера во Јехова и нашата служба за него не треба да се темелат само на чувства. Напротив, треба добро да го познаваме нашиот Творец и точно да знаеме што е неговата волја.
Во едно друго свое писмо, Павле кажал дека колку повеќе ќе се трудиме да го запознаеме Бог толку повеќе ќе се однесуваме како што сака тој. Освен тоа, се молел Христовите следбеници ‚да се исполнат со добро познавање‘ на Божјата волја ‚за да водат живот достоен на Јехова и така потполно да му угодат‘ додека ‚донесуваат плод во секое добро дело и сѐ подобро го запознаваат‘ (Кол. 1:9, 10). Зошто е толку важно ‚добро да го запознаеме Бог‘? И зошто треба сѐ подобро да го запознаваме?
Што е неопходно за да имаме вера
За да имаме вера во Бог, мора добро да го познаваме него и неговата волја која ни е откриена во Библијата. Без тоа, нашата вера во Јехова ќе биде како кула од карти која може да се сруши и на најслабо ветре. Павле нѐ поттикнува да му служиме на Бог „користејќи го својот разум“ и да ‚го обновиме својот ум‘ (Рим. 12:1, 2). Во ова ќе ни помогне редовното проучување на Библијата.
Ева, општ пионер од Полска, признава: „Ако не ја проучувам редовно Божјата реч, ќе престанам да го запознавам Јехова. Многу брзо ќе почнам да заборавам што значи да се биде христијанин и мојата вера во Бог ќе ослабне — ќе почнам духовно да тонам“. Никогаш да не дозволиме да ни се случи вакво нешто! Да го разгледаме сега примерот на еден човек кој сѐ подобро го запознавал Јехова, и така ја стекнал Неговата милост.
„Колку го сакам твојот закон!“
Во поемата, која денес стои во нашата Библија како Псалм 119, се опишани чувствата кои псалмистот ги имал кон Јеховините закони, опомени, заповеди и одредби. Тој напишал: „Ќе покажам дека ги сакам твоите одредби... Ги сакам твоите опомени“. Потоа додал: „Колку го сакам твојот закон! Цел ден размислувам за него“ (Пс. 119:16, 24, 47, 48, 77, 97).
Изразите ‚сака‘ и ‚размислува‘ покажуваат дека псалмистот целосно се внел во Божјата реч, уживал додека длабоко размислувал за неа. Со овие зборови, тој истакнал колку многу сакал да го проучува Божјиот закон. Таа љубов не се прелевала само од едно срце кое било полно со емоции. Напротив, тој имал искрена желба ‚да размислува‘ за законот со цел подобро да ги разбере Јеховините зборови. Од неговиот став можеме да видиме дека сакал, колку што е можно подобро, да го запознае Бог и Неговата волја.
Јасно е дека љубовта што псалмистот ја чувствувал кон Божјата реч извирала од дното на неговата душа. Затоа е добро да се прашаме: ‚Дали ова е случај и со мене? Дали уживам да читам и да размислувам за дел од Библијата секој ден? Дали свесно се трудам да ја читам Божјата реч и дали му се молам на Јехова пред да почнам со читањето?‘ Ако можеме да одговориме потврдно на овие прашања, веројатно ‚сѐ подобро го запознаваме Бог‘.
Ева вели: „Постојано се трудам да проучувам сѐ подлабоко. Откако ја добивме брошурата ‚Запознај ја „добрата земја“‘, ја користам речиси секогаш кога проучувам. Се трудам повеќе да истражувам и од Увид во Светото писмо (Insight on the Scriptures), како и од други публикации во кои е обработена темата што ја проучувам“.
Размисли и за примерот на Војчек и Малгожата, кои имаат прилично многу семејни обврски. Како успеваат да најдат време — меѓу сите други работи — и лично да ја проучуваат Библијата? „Секој од нас одвојува време лично да ја проучува Библијата кога ќе може. А потоа, во нашите секојдневни разговори и кога проучуваме како семејство, дискутираме за некои интересни и охрабрувачки мисли на кои сме наишле додека сами сме истражувале.“ Длабокото лично проучување им носи радост и им помага ‚сѐ подобро да го запознаваат Бог‘.
Проучувај со спремен ум
Како христијани, ние сме уверени дека е Божја волја „најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тим. 2:3, 4). Овој факт уште повеќе нагласува колку е важно да ја читаме Библијата и да се трудиме ‚да ја разбереме‘ (Мат. 15:10). Но, за да ја постигнеме оваа цел, треба да проучуваме со отворен и спремен ум. Ваков став покажале и древните Веријци кога Павле им ја проповедал добрата вест. За нив се вели: „Многу горливо ја примија речта и секој ден ги истражуваа Писмата за да видат дали е тоа така“ (Дела 17:11).
Дали го следиш примерот на Веријците и дали ја проучуваш Библијата со спремен и отворен ум, не дозволувајќи ништо да ти го одвлекува вниманието? Дури и да не е баш љубител на проучувањето, еден христијанин сепак може да се потруди да биде како Веријците во овој поглед. Освен тоа, како што стареат, некои луѓе имаат обичај сѐ помалку да читаат и да проучуваат, но тоа не мора да биде случај и со христијаните. Без оглед на возраста, можеш да најдеш начин да проучуваш без нешто да ти го одзема вниманието. А додека читаш, би било добро внимателно да бараш информации кои би можел да ги споделиш со другите. На пример, можеш ли да си поставиш за цел да му спомнеш на својот брачен другар или на некој близок сохристијанин што си прочитал или што си научил додека си проучувал? Тоа ќе ти помогне да ти се врежат тие мисли во умот и во срцето, а истовремено ќе имаат позитивно влијание и врз другите.
Кога проучуваш, би било добро да го следиш примерот на Езра, еден древен Божји слуга, кој ‚го подготвил своето срце да го истражува Јеховиниот закон‘ (Езра 7:10). Како можеш да го сториш ова? Добро е најпрво да си создадеш услови за проучување. А потоа седни и помоли го Јехова да ти даде водство и мудрост (Јак. 1:5). Прашај се: ‚Што сакам да научам од материјалот што го проучувам?‘ Додека читаш, внимателно барај ги клучните мисли. Би можел да правиш кратки белешки или да ги потцрташ деловите кои особено би сакал да ги запомниш. Размисли како би можел да ги употребиш тие мисли кога проповедаш, кога донесуваш одлуки или кога ги храбриш соверниците. Пред да завршиш со проучувањето, накратко резимирај го она што си го научил бидејќи тоа ќе ти помогне да не го заборавиш.
Ева објаснува како проучува: „Кога ја читам Библијата, ги гледам паралелните стихови и барам информации во Индексот и во Библиотеката на CD-ROM. Си правам белешки за она што може да ми се најде во службата“.
Некои веќе долги години со задоволство ја проучуваат Библијата и се задлабочуваат во духовните работи (Изр. 2:1-5). Сепак, поради многуте одговорности, понекогаш им е тешко да најдат време за лично проучување. Ако е ова случај и со тебе, кои промени би можел да ги направиш во својот распоред?
Како да најдам време?
Сигурно ќе се сложиш дека ти е полесно да најдеш време за активностите во кои уживаш. Мнозина сфатиле дека една работа што им помага да се посветат на личното проучување е тоа што си поставиле реалистични цели, на пример, да ја прочитаат целата Библија. Мора да признаеме, можеби нѐ плаши и самата помисла дека треба да читаме долги родословија, детални описи на древниот храм или, пак, тешки пророштва кои ни се чини дека немаат никаква врска со секојдневниот живот. Сепак, обиди се да преземеш практични чекори за да ја постигнеш својата цел. На пример, пред да истражуваш некој дел од Библијата кој изгледа потежок, би можел да прочиташ во кое време и во какви околности се случувале настаните опишани таму и како би можеле тие информации практично да се применат. Таков корисен материјал можеш да најдеш во книгата „Све је Писмо од Бога надахнуто и корисно“, која сега е достапна на речиси 50 јазици.
Добро е да ја вклучиш и фантазијата додека ја читаш Библијата. Ова ќе ти помогне да добиеш претстава за личностите и за настаните за кои читаш. Доколку ги примениш само овие неколку предлози, веројатно ќе ти биде многу попријатно кога ќе проучуваш и ќе извлечеш многу поголема корист. Освен тоа, ќе бидеш многу поспремен и следниот пат да одвоиш време за проучување. Ќе ти биде полесно и да ја читаш Библијата секој ден.
Овие предлози можат да ни помогнат на сите нас на лично ниво, но што може да стори едно семејство кое има доста обврски? Па, зошто не седнете да поразговарате во опуштена атмосфера за тоа кои сѐ користи би можеле да ги имате ако проучувате како семејство? Притоа можат да ви паднат на ум практични идеи како, на пример, да станувате неколку минути порано секој ден, или во одредени денови, за да разгледате дел од Библијата. Можеби од тој разговор ќе сфатите дека мора да направите некои промени во семејниот распоред. На пример, некои семејства увиделе дека за нив е добро да го разгледуваат дневниот стих или да читаат дел од Библијата на крајот од заедничките оброци. Пред некој да стане за да ја раскрене масата или да си замине по своја работа, семејството одвојува 10 до 15 минути за да дискутира за Библијата или да чита од неа според распоредот. Во почетокот, ова можеби нема да биде лесно, но набрзо би можело да стане дел од семејната рутина што ќе им причинува големо задоволство на сите.
Војчек и Малгожата објаснуваат што му помогнало на нивното семејство: „Порано времето ни го крадеа неважни работи. Потоа решивме да го скратиме времето што го трошевме на праќање и-мејлови. Прекинавме и со некои хобија и одредивме посебен ден за подлабоко проучување на Библијата“. Ова семејство воопшто не жали што ги направило тие промени, а истото може да биде случај и со твоето семејство.
Навистина вреди подобро да ја запознаеме Божјата волја!
Ако длабоко ја проучуваме Божјата реч, ќе донесуваме „плод во секое добро дело“ (Кол. 1:10). Кога длабокото проучување ќе ти биде и тебе важен дел од животот, твојот напредок ќе можат да го видат сите. Ќе станеш духовна личност која многу добро ги разбира библиските вистини. Ќе донесуваш поурамнотежени одлуки и подобро ќе знаеш како да им помогнеш на другите, без да одиш во крајности, како што обично прават оние што не се добро информирани. Но, пред сѐ, ќе се зближиш уште повеќе со Јехова. Подлабоко ќе ги цениш неговите особини и ова ќе се види кога и на другите ќе им зборуваш за него (1. Тим. 4:15; Јак. 4:8).
Без оглед на твојата возраст или искуство, стори сѐ што можеш за да уживаш во Божјата реч и длабоко да ја проучуваш со спремен ум. Биди уверен дека Јехова нема да го заборави твојот труд (Евр. 6:10). Тој ќе го излее својот богат благослов врз тебе.
[Рамка на страница 13]
КОГА ‚ДОБРО ГО ЗАПОЗНАВАМЕ БОГ‘...
...ја зајакнуваме нашата вера во него и водиме живот достоен на Јехова (Кол. 1:9, 10)
...стекнуваме разборитост и можеме да бидеме проникливи и да донесуваме разумни одлуки (Пс. 119:99)
...со сѐ поголемо задоволство им помагаме на другите да се зближат со Јехова (Мат. 28:19, 20)
[Слики на страница 14]
Пожелно е да најдеш место каде што ќе можеш во мир да проучуваш, иако тоа можеби не е лесно
[Слика на страница 15]
Некои семејства читаат дел од Библијата по заедничкиот оброк