Јеховината реч е жива
Избрани стихови од Посланијата до Солуњаните и до Тимотеј
НОВОТО собрание во Солун се соочило со противење уште откако било формирано при посетата на апостол Павле. Затоа, кога Тимотеј — веројатно во своите 20-ти години — се враќа оттаму со добар извештај, Павле е поттикнат да им напише писмо на Солуњаните за да ги пофали и да ги охрабри. Ова писмо, кое веројатно било напишано кон крајот на 50 год. од н.е., било првото кое Павле го напишал под водство на светиот дух. Кратко потоа, тој им пишува и второ писмо на христијаните во Солун. Овој пат, исправа едно погрешно гледиште кое го имале некои браќа, и ги поттикнува сите да останат цврсти во верата.
Десетина години подоцна, Павле се наоѓа во Македонија, а Тимотеј е во Ефес. Павле му пишува на Тимотеј и го охрабрува да остане во Ефес за да води духовна борба со лажните учители во самото собрание. Откако христијаните се соочуваат со бран на противење по пожарот што уништил голем дел од Рим во 64 год. од н.е., Павле му го пишува своето второ писмо на Тимотеј. Тоа е последното писмо што го пишува под водство на духот. Нам денес можат многу да ни користат охрабрувањето и советите што Павле ги дал во овие четири писма (Евр. 4:12).
„ДА БДЕЕМЕ“
Павле ги пофалува Солуњаните за нивните „дела поттикнати од вера“, за нивниот „труд поттикнат од љубов“ и за нивната истрајност. Им вели дека тие се неговата „надеж... радост“ и ‚круна со која ќе се гордее‘ (1. Сол. 1:3; 2:19).
Откако ги охрабрува христијаните во Солун да се тешат со надежта за воскресение, Павле вели: „Јеховиниот ден доаѓа токму како крадец во ноќта“. Затоа ги советува ‚да бдеат‘ и да бидат трезвени (1. Сол. 4:16-18; 5:2, 6).
Одговорени библиски прашања:
4:15-17 — Кои се тие што ќе бидат ‚однесени во облаците за да се сретнат со Господарот во воздухот‘, и како се случува ова? Тоа се помазаните христијани кои се живи во текот на Христовата присутност во царска моќ. Тие ‚се сретнуваат со Господарот‘ Исус во невидливите небеса. Но, за да се случи ова, мора најпрво да умрат и да воскреснат како духовни суштества (Рим. 6:3-5; 1. Кор. 15:35, 44). Со оглед на тоа што Христовата присутност веќе е започната, помазаните христијани што умираат денес не остануваат мртви. Тие се „однесени“, или воскреснати во истиот миг (1. Кор. 15:51, 52).
5:23 — На што мислел Павле кога се молел ‚духот и душата и телото‘ на браќата да „бидат зачувани“? Павле, всушност, зборувал за духот, душата и телото на целокупното христијанско собрание, во кое тогаш спаѓале и помазаните христијани во Солун. Наместо само да се моли собранието да биде зачувано, тој се молел да биде зачуван неговиот „дух“, односно став. Исто така се молел и за неговата „душа“, односно неговиот живот или постоење, како и за неговото „тело“ кое се состоело од помазаници (1. Кор. 12:12, 13). Според тоа, оваа молитва нагласува колку многу бил заинтересиран Павле за собранието.
Поуки за нас:
1:3, 7; 2:13; 4:1-12; 5:15. Добриот совет вклучува заслужена пофалба, како и охрабрување да се подобруваме.
4:1, 9, 10. Јеховините слуги треба и понатаму духовно да напредуваат.
5:1-3, 8, 20, 21. Додека наближува Јеховиниот ден, треба „да бидеме трезвени и на градите да го ставиме оклопот на верата и љубовта и да го ставиме шлемот — надежта во спасението“. Освен тоа, треба да обрнеме сериозно внимание на Божјата пророчка реч, Библијата.
„БИДЕТЕ НЕПОКОЛЕБЛИВИ“
Некои во собранието, кои го извртеле она што Павле го кажал во своето прво писмо, очигледно тврдат дека ‚присутноста на Господарот‘ само што не почнала. За да го исправи тоа гледиште, Павле објаснува што мора „да дојде... најнапред“ (2. Сол. 2:1-3).
Павле советува: „Бидете непоколебливи и држете се за преданијата за кои бевте поучени“. Тој им заповеда ‚да се тргнат од секој брат што живее неуредно‘ (2. Сол. 2:15; 3:6).
Одговорени библиски прашања:
2:3, 8 — Кој е „човекот на беззаконието“, и како ќе биде уништен? Овој симболичен ‚човек‘ кој, всушност, се состои од повеќе лица, е свештенството на христијанскиот свет. Оној што е овластен да ги објави Божјите судови против злобните и да заповеда да бидат погубени е „Речта“ — Божјиот Главен Гласноговорник, Исус Христос (Јован 1:1). Затоа може да се каже дека Исус ќе го уништи човекот на беззаконието „со здивот на својата уста“.
2:13, 14 — Како помазаните христијани биле ‚избрани за спасение од почетокот‘? Јехова ја претскажал класата на помазаници кога кажал дека има намера потомството на жената да му ја смачка главата на Сатана (1. Мој. 3:15). Освен тоа, Јехова ги изнел и барањата што мораат да ги исполнат тие, делото што ќе го вршат и испитите низ кои ќе поминат. На тој начин ги повикал на „тоа спасение“.
Поуки за нас:
1:6-9. Јехова ги извршува своите судови селективно.
3:8-12. Не треба да ја користиме близината на Јеховиниот ден како изговор да не работиме за да се издржуваме во службата. Ако безделничиме, би можеле да станеме мрзливи и да почнеме ‚да се мешаме во туѓи работи‘ (1. Пет. 4:15).
„ЧУВАЈ ГО ОНА ШТО ТИ Е ДОВЕРЕНО“
Павле го советува Тимотеј ‚да води добра војна, чувајќи ги верата и чистата совест‘. Апостолот ги наведува условите за некој да биде именуван во собранието. Павле исто така го советува Тимотеј да ‚ги избегнува измислените прикаски, кои го сквернават она што е свето‘ (1. Тим. 1:18, 19; 3:1-10, 12, 13; 4:7).
„Немој да прекоруваш постар човек“, пишува Павле. Тој го поттикнува Тимотеј: „Чувај го она што ти е доверено и избегнувај ги празните разговори, кои го сквернават она што е свето, и противречното таканаречено спознание“ (1. Тим. 5:1; 6:20).
Одговорени библиски прашања:
1:18; 4:14 — Какви ‚пророштва‘ биле дадени во врска со Тимотеј? Можеби ова биле некои пророштва во врска со идната улога на Тимотеј во христијанското собрание, кои биле кажани под водство на светиот дух кога Павле ја посетил Листра на своето второ мисионерско патување (Дела 16:1, 2). Врз основа на овие ‚пророштва‘, старешинството во собранието ‚ги положило рацете‘ врз младиот Тимотеј, и со тоа го одвоило за посебна служба.
2:15 — Како жените „ќе ги заштити раѓањето“? Раѓањето и грижата за децата, како и водењето на домаќинството може да ја „заштити“ жената да не биде без работа и да почне да ‚озборува и да се меша во туѓи работи‘ (1. Тим. 5:11-15).
3:16 — Која е светата тајна на оддаденоста на Бог? Со векови останало тајна дали можат луѓето да му бидат совршено послушни на Јехова како на врховен владетел или не. Исус го дал одговорот со тоа што му останал потполно верен на Бог сѐ до својата смрт.
6:15, 16 — Дали овие зборови се однесуваат на Јехова Бог или на Исус Христос? Овие зборови се однесуваат на оној чие појавување го опишуваат, имено, на Исус Христос (1. Тим. 6:14). Во споредба со луѓето кои владеат како цареви и господари, Исус е ‚единствениот Владетел‘, и само тој е бесмртен (Дан. 7:14; Рим. 6:9). Откако се вознел на невидливото небо, ниту еден човек не „може да го види“ со своите дословни очи.
Поуки за нас:
4:15. Сеедно дали сме станале христијани неодамна или одамна, треба да се трудиме да напредуваме и да го зацврстуваме своето пријателство со Бог.
6:2. Ако работиме кај некој соверник, наместо да го искористуваме на каков и да е начин, треба да му служиме уште поспремно отколку на некој што не е дел од собранието.
„ПРОПОВЕДАЈ ЈА БОЖЈАТА РЕЧ И ПРАВИ ГО ТОА СО ЧУВСТВО НА ИТНОСТ“
За да го подготви Тимотеј за тешките времиња што го очекуваат, Павле пишува: „Бог не ни даде дух кој нѐ прави плашливи, туку дух кој ни дава сила, љубов и разборитост“. Потоа го советува Тимотеј: „Робот на Господарот не смее да се кара, туку треба да биде благ кон сите, оспособен да поучува“ (2. Тим. 1:7; 2:24).
„Остани во она што си го научил и во кое си се уверил“, му вели Павле на Тимотеј. Бидејќи се шират отпаднички учења, апостолот го советува помладиот надгледник: „Проповедај ја Божјата реч и прави го тоа со чувство на итност... укорувај, прекорувај, опоменувај“ (2. Тим. 3:14; 4:2).
Одговорени библиски прашања:
1:13 — Што се „здравите зборови“? Тоа се ‚зборовите на нашиот Господар Исус Христос‘, односно вистинските христијански учења (1. Тим. 6:3). Сѐ што поучувал и сѐ што правел Исус било во согласност со Божјата реч, па според тоа, изразот ‚здрави зборови‘ пошироко може да се однесува на сите библиски учења. Тие можат да ни помогнат да сфатиме што бара Јехова од нас. Ако го применуваме она што сме го научиле од Библијата, може да кажеме дека „здравите зборови“ ни се пример кој го следиме.
4:13 — Што биле „пергаментите“? Изразот „пергаментите“ се однесува на штавена кожа на која може да се пишува текст. Можно е Павле да барал Тимотеј да му донесе некои свитоци што содржеле делови од Хебрејските списи за да може да ги проучува додека бил затворен во Рим. Некои од свитоците можеби биле од папирус, но други биле пергаменти.
Поуки за нас:
1:5; 3:15. Главната причина зошто Тимотеј имал вера во Исус Христос, односно вера што влијаела врз сѐ што правел, било тоа што уште од мал бил поучен за Библијата во својот дом. Многу е важно членовите на семејството сериозно да размислат како ја исполнуваат оваа одговорност кон Бог и кон своите деца.
1:16-18. Кога нашите соверници минуваат низ испити, се соочуваат со прогонство или, пак, се затворани, да се молиме за нив и да сториме сѐ што можеме да им помогнеме (Изр. 3:27; 1. Сол. 5:25).
2:22. Христијаните, особено младите, не треба толку да се преокупираат со бодибилдинг, спорт, музика, забава, хоби, патувања, бесцелни разговори и слични работи што ќе немаат време за духовни активности.
[Слика на страница 31]
Кое било последното писмо што апостол Павле го напишал под водство на светиот дух?