Отворени врати со одредена цел
„ШТО се прави тука?“ Многумина што минуваат крај огромниот комплекс на Јеховините сведоци во Мохале Сити (Кругерсдорп), во близина на Јоханесбург (Јужноафриканска Република), го поставуваат ова прашање. Затоа, Сведоците одлучија подружницата да биде отворена за јавноста на 12 и 13 октомври 2007 год. Тоа беше направено со двојна цел — да се запрат озборувањата и да им се покаже на луѓето што прави подружницата за да може да се проповеда и во таа земја, како што заповедал Исус Христос (Матеј 28:19, 20).
Оние што служат во подружницата поставија огромни натписи на влезот со кои им се изразуваше добредојде на посетителите. Исто така, им поделија специјални покани на соседите. Беа поканети и деловните соработници со нивните семејства. На каков одѕив наиде тоа? Овие објекти ги разгледаа повеќе од 500 души што не се Сведоци.
Голема атракција беше офсет печатарската машина MAN Roland Lithoman, која печати и по 90.000 списанија на час. На посетителите им остави впечаток книговезницата, како и огромниот оддел за испорака, во кој се пакуваат и се испорачуваат над 14 тони литература на ден. Сведоците во различни одделенија подготвија интересни изложби, меѓу кои беше и изложбата за историјата на машинското печатење, почнувајќи од Гутенберг па сѐ до современото офсет печатење. Со една друга изложба беше прикажано како подружницата води сметка за животната средина. На пример, еден посебен уред ги отстранува отровните гасови и миризби од апаратите за сушење што се вградени во печатарските машини, а филтрите го собираат правот од хартијата, кој потоа се фрла.
Во еден локален весник беше објавена статија во која се велеше дека сите 700 лица што живеат во подружницата „се доброволни верски службеници што му го посветиле својот живот на Јехова“. Исто така, беше речено дека во печатницата владее „беспрекорна чистота и дека сѐ се одвива навреме“. Еден човек што бил противник на Јеховините сведоци дојде да ги разгледа објектите. На крајот, напишал писмо во кое вели: „Ви честитам. Ретко некој да види нешто толку убаво“.
Многу посетители се заблагодарија за обиколката низ објектите и беа изненадени кога видоа дека подружницата има во своите складови библиска литература на 151 јазик и печати публикации за 18 земји во јужна и централна Африка. Објектите на подружниците на Јеховините сведоци во целиот свет слободно можат да се посетат во работно време. Ќе биде убаво и ти да одвоиш малку време за да ја разгледаш подружницата во твојата земја.
[Слика на страница 14]
Покана
[Слика на страница 14]
Доаѓаат да го разгледаат комплексот
[Слики на страница 15]
Подружницата во Мохале Сити
[Слика на страница 15]
Офсет печатарската машина MAN Roland Lithoman
[Слика на страница 15]
Книговезница
[Слика на страница 15]
Испорака