Првите христијани и грчката култура
НА ГОЛЕМ дел од подрачјето на кое проповедале христијаните во првиот век се зборувал грчки јазик. Светите списи што ги користеле додека ја ширеле пораката за Исус биле на грчки. Кога писателите биле вдахновени да ги напишат библиските книги кои подоцна биле наречени Христијански грчки списи, повеќето од нив пишувале на грчки јазик, користејќи изрази и споредби што лесно можеле да ги разберат луѓето што биле во допир со грчката култура. Сепак, ниту Исус, ниту неговите апостоли, ниту кој и да е од писателите на Христијанските грчки списи не биле Грци. Сите биле Евреи (Римјаните 3:1, 2).
На кој начин грчкиот јазик одиграл толку значајна улога во ширењето на христијанството? Како успеале христијаните и мисионерите во првиот век да ги заинтересираат за својата порака луѓето што зборувале грчки? И зошто е интересно за нас ова поглавје од историјата на стариот свет?
Ширењето на грчката култура
Во четвртиот век пр.н.е., Александар Македонски го поразил Персиското Царство и продолжил да освојува уште повеќе територии од тогашниот свет. За да ги обедини различните територии што ги освоил, тој и царевите што го наследиле почнале да вршат „елинизација“, односно ширење на грчкиот јазик и култура.
Дури и откако подоцна Рим ја потчинил Грција и ја соборил од политичката сцена, грчката култура продолжила да врши силно влијание врз соседните народи. Во 2 и 1 век пр.н.е., римската аристократија била восхитена од сѐ што било грчко — уметност, архитектура, литература и филозофија — па затоа поетот Хорациј бил поттикнат да забележи: „Поробената Грција го пороби својот примитивен освојувач“.
Под римската власт, некои важни градови низ Мала Азија, Сирија и Египет се развиле во центри на грчката култура. Преку елинизмот се ширела грчката култура, па така таа навлегла во секоја пора од животот — од владините институции и законот, до трговијата, индустријата, па дури и модата. Во повеќето грчки градови обично имало гимназии, во кои вежбале младите момчиња, како и театри, каде што се играле грчки драми.
„Во овие текови на елинистичка култура биле вовлечени и Евреите, полека и малку по малку, но сигурно“, вели историчарот Емил Ширер. Во почетокот, верскиот жар им помагал на Евреите да одолеат на заканата од паганизмот што навлегувал заедно со ширењето на грчката мисла но, со текот на времето, сепак извршил влијание врз многу полиња од животот на Евреите. Ширер забележува дека тоа било разбирливо, бидејќи „малата територија на Евреите речиси од сите страни била опкружена со елинизирани земји со кои морале да одржуваат постојани контакти заради трговија“.
Улогата на Септуагинтата
Бидејќи многу Евреи заминале од својот крај и се населиле низ Средоземјето, се нашле во градови со грчка култура, каде што се зборувал грчки јазик. Тие доселеници продолжиле да си живеат според својата еврејска религија и оделе во Ерусалим на годишните еврејски празници. Меѓутоа, со текот на времето, многу од нив почнале сѐ помалку да го зборуваат хебрејскиот јазик.a Затоа се појавила потреба да се преведат Хебрејските списи на грчкиот јазик што го зборувале широките народни маси. Во 280 год. пр.н.е. со тој проект се зафатиле некои образовани Евреи, веројатно во Александрија (Египет) — која била важен центар на грчката култура. Така настанала Септуагинтата.
Септуагинтата се смета за епохално дело. Таа била клучот што ѝ ја отворил ризницата на Хебрејските списи на западната цивилизација. Без неа, она што го правел Бог за древниот Израел би останало заклучено во прилично непознатите списи напишани на јазик што повеќето луѓе не го разбирале, и затоа не би можело многу да придонесе за евангелизацијата низ целиот свет. Всушност, Септуагинтата била таа што дала подлога, концепти и јазик кои помогнале да им се пренесе знаењето за Јехова Бог на луѓе со различно етничко потекло. Бидејќи во тоа време грчкиот го зборувале толку многу луѓе, тој бил најсоодветниот јазик на кој можеле да им се пренесат светите вистини на луѓето во целиот свет.
Прозелити и богобојазливи луѓе
До 2 век пр.н.е., Евреите превеле многу свои литературни дела на грчки јазик и напишале нови дела директно на тој јазик. Ова одиграло значајна улога во ширењето на историјата и религијата на Израелците дури и во светот на не-Евреите. Според записите на историчарите, во овој период и многу не-Евреи „почнале да одржуваат врски со еврејските заедници, да учествуваат во еврејската богослужба и повеќе или помалку да ги држат еврејските закони“ (Историјата на Евреите во времето на Исус Христос — The History of the Jewish People in the Age of Jesus Christ).
Некои не-Евреи напредувале до тој степен што го прифатиле јудаизмот, се обрежале и станале прозелити. Други, пак, прифатиле извесни аспекти на јудаизмот, но не се преобратиле. Во грчката литература тие честопати се наречени „богобојазливи луѓе“. За Корнелиј се вели дека бил ‚побожен човек кој се боел од Бог‘. Апостол Павле сретнал многу такви богобојазливи луѓе кои имале контакти со Евреите низ цела Мала Азија и Грција. На пример, во писидиска Антиохија, тој им се обратил на оние што биле собрани во синагогата како на „луѓе, Израелци и вие останатите, кои се боите од Бог“ (Дела 10:2; 13:16, 26; 17:4; 18:4).
Така, кога Исусовите ученици почнале да ја проповедаат добрата вест меѓу еврејските заедници надвор од Јудеја, многумина од оние што слушале главно имале грчко потекло. Таквите заедници биле центри од кои се ширело христијанството. Кога станало јасно дека Бог им дава надеж за спасение дури и на не-Евреите, учениците сфатиле дека, во Божји очи, „немало повеќе ни Евреин ни Грк“ (Галатите 3:28).
Им се проповеда на Грците
Со оглед на религиозните и моралните мерила на луѓето од другите народи, некои од првите еврејски христијани во почетокот се колебале да ги примат нееврејските преобратеници во христијанското собрание. Затоа, кога станало очигледно дека Бог е спремен да ги прифати и не-Евреите, апостолите и постарите мажи во Ерусалим јасно ставиле до знаење дека од таквите преобратеници се бара да се воздржуваат од крв, од блуд и од идолопоклонство (Дела 15:29). Ова било многу важно за секој што го имал усвоено грчкиот начин на живот затоа што грчко-римското општество било проткаено со „срамни сексуални страсти“ и хомосексуалност. Меѓу христијаните немало место за такви работи (Римјаните 1:26, 27; 1. Коринќаните 6:9, 10).
Апостол Павле бил најпознатиот христијански мисионер што проповедал во грчкиот свет во првиот век. И ден-денес, оние што патуваат во Атина (Грција) можат да видат во подножјето на Ареопагот една бронзена плоча во знак на сеќавање на прочуениот говор што Павле го одржал во тој град. Извештајот за овој настан е запишан во 17. поглавје од библиската книга Дела. Неговите воведни зборови — „луѓе Атињани“ — биле вообичаени за еден грчки јавен говорник и сигурно ја смириле публиката во која имало епикурејски и стоички филозофи. Наместо да се разгневи или да ја критикува верата на оние што го слушале, Павле сакал да ги направи поприемливи со тоа што ги пофалил дека очигледно биле попобожни од другите луѓе. Потоа го спомнал нивниот жртвеник на „На непознатиот Бог“ и положил заеднички темел со тоа што рекол дека сака да им зборува токму за тој Бог (Дела 17:16-23).
Павле им зборувал на своите слушатели за работи што можеле да ги разберат. Стоиците се согласувале со него дека Бог е Тој што ги создал луѓето, дека сите луѓе припаѓаат на ист род, дека Бог не е далеку од нас и дека човечкиот живот зависи од Него. Павле ја поткрепил оваа последна мисла цитирајќи од делата на стоичките поети Арат (Феномен) и Клеант (Химна на Зевс). И епикурајците можеле да најдат многу заеднички работи со Павле — Бог е жив и може да го запознаеме. Тој не зависи од никого, не бара ништо од луѓето и не живее во храмови направени од човек.
Луѓето на кои им се обратил Павле добро ги знаеле термините што ги користел. Всушност, според еден извор, „светот (космос)“, „род“ и „Бог“ се изрази што грчките филозофи често ги користеле (Дела 17:24-29). Тоа не значи дека Павле бил спремен да ја разводни вистината за да ги придобие. Напротив, неговите заклучни зборови во врска со воскресението и судот биле спротивни на нивните верувања. Сепак, тој вешто ја прилагодил својата порака — начинот на кој ја изнесувал и она што го кажувал — за да ги заинтересира своите филозофски настроени слушатели.
Многу од писмата што ги напишал Павле им биле упатени на собранијата во грчките градови или во римските колонии што биле целосно елинизирани. Во овие писма, напишани на течен и силен грчки јазик, добро користел идеи и примери вообичаени за грчката култура. Павле спомнува атлетски игри, награда за победникот, воспитувач што го придружувал детето на училиште, како и многу други поими од грчкиот живот (1. Коринќаните 9:24-27; Галатите 3:24, 25). Иако слободно користел изрази од грчкиот јазик, Павле одлучно го отфрлил грчкиот морал и верски вредности.
Им бил сѐ на сите луѓе
Апостол Павле отворено рекол дека, за да им ја пренесува добрата вест на другите, требало ‚на сите да им биде сѐ‘. „На Евреите им бев како Евреин, за да ги придобијам Евреите“, напишал тој, а на Грците им бил како Грк, за да им помогне да ги сфатат Божјите намери. Се разбира, Павле можел многу добро да го прави тоа, бидејќи бил еврејски граѓанин од елинизиран град. И во денешно време христијаните мора да прават нешто слично (1. Коринќаните 9:20-23).
Денес, милиони луѓе се селат од една во друга земја, од една во друга култура. Тоа претставува огромен предизвик за христијаните, кои се трудат да ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство и да ја послушаат Исусовата заповед ‚да прават ученици од луѓето од сите народи‘ (Матеј 24:14; 28:19). Секогаш одново гледаат дека, кога луѓето ќе ја чујат добрата вест на својот мајчин јазик, таа допира до нивното срце и тие ја прифаќаат.
Од таа причина, ова списание, Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство, се издава секој месец на 169 јазици, а неговото придружно списание, Разбудете се!, излегува на 81 јазик. Освен тоа, за да им ја кажуваат добрата вест на луѓе што се доселиле во нивното соседство, многу Јеховини сведоци се трудат да научат некој нов јазик — вклучувајќи ги и тешките јазици како што се арапскиот и кинескиот. И денес целта е иста како што била и во првиот век. Апостол Павле добро рекол: „На сите им бев сѐ, за да можам на секој можен начин да спасам некои“ (1. Коринќаните 9:22).
[Фуснота]
a Многу Евреи во Ерусалим зборувале грчки јазик. На пример, таму живееле „оние од синагогата наречена Синагога на ослободените... Киринијците... Александријците и... оние од Киликија и од Азија“, кои најверојатно зборувале грчки (Дела 6:1, 9).
[Карта на страница 18]
(Види во публикацијата)
Рим
ГРЦИЈА
Атина
АЗИЈА
Антиохија (писидиска)
КИЛИКИЈА
СИРИЈА
ЈУДЕЈА
Ерусалим
ЕГИПЕТ
Александрија
Киринија
СРЕДОЗЕМНО МОРЕ
[Слика на страница 19]
„Септуагинтата“ помогнала да се пренесе знаењето за Јехова во првиот век
[Извор на слика]
Israel Antiquities Authority
[Слика на страница 20]
Плочата на Ареопагот во знак на сеќавање на говорот на Павле