ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w09 1/6 стр. 21-23
  • Дали Бог се премислува?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Дали Бог се премислува?
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Зошто престанале чудата?
  • Зошто била дозволена полигамијата?
  • Зошто саботата се држела само привремено?
  • Бог на кој можеме да се потпреме и кој многу нѐ сака
  • Треба ли да ја држиш саботата?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
  • Дали Бог ја одобрува полигамијата?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • Прашања од читателите
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Дали важат за нас Десетте заповеди?
    Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
w09 1/6 стр. 21-23

Дали Бог се премислува?

БИБЛИЈАТА го вели следново за Бог: „Тој не се менува, не е како непостојана сенка“. Во тоа нѐ уверува и самиот Бог: „Јас сум Јехова, јас не се менувам“ (Јаков 1:17; Малахија 3:6). Јехова Бог воопшто не е како оние на кои е тешко да им се угоди и на кои не можеме да се потпреме затоа што постојано се премислуваат.

Меѓутоа, некои луѓе што ја читаат Библијата се прашуваат дали Бог некогаш сепак се премислил. На пример, едно време Јехова Бог им дал на христијаните моќ да прават чуда, но денес не им дава. Во старо време ја допуштил полигамијата, но денес повеќе не. Под Мојсеевиот закон барал да се држи саботата, но денес повеќе не го бара тоа. Дали овие примери покажуваат дека Тој се премислил?

Пред сѐ, можеме да бидеме сигурни дека Бог никогаш не ги менува своите мерила за љубов и правда. Исто така, ниту неговата ‚вечна намера‘ да ги благослови луѓето преку своето Царство не се променила (Ефешаните 3:11). Сепак, како што е можно ти да го смениш своето мислење за некого чие однесување постојано те разочарува така и Јехова го менува начинот на кој реагира, во зависност од промената на околностите.

Освен тоа, Бог ги менува своите упатства за луѓето ако тоа го налага нивната ситуација и нивните потреби. Ова не треба да нѐ изненади. Размисли што би направил еден добар туристички водич ако види дека има некаква опасност на патот по кој ја води групата. Ќе им каже на сите да тргнат по друг пат за да ја избегнат опасноста. Меѓутоа, тоа не значи дека се премислил и дека има намера да ги води на друго место, нели? Затоа, да ги разгледаме претходно споменатите три примери што на некои луѓе им е тешко да ги сфатат.

Зошто престанале чудата?

Зошто Бог им дал моќ да прават чуда на некои христијани во првиот век? Сигурно знаеш дека, кога Израелците биле Божји избран народ, Бог честопати со чуда покажувал дека е со нив. Преку Мојсеј, Бог ја покажал својата огромна моќ со тоа што ги избавил од Египет и ги водел низ пустината за да стигнат до Ветената земја. За жал, Израелците честопати покажувале дека немаат вера во него. Кога Јехова на крајот го отфрлил Израел и го основал христијанското собрание, им дал на апостолите и на други христијани моќ да прават чуда. На пример, апостолите Петар и Јован излекувале еден човек што бил сакат од раѓање, а Павле вратил во живот еден мртов човек (Дела 3:2-8; 20:9-11). Чудата што ги направиле помогнале да се прошири христијанството во многу земји. Тогаш, зошто престанале чудата?

Апостол Павле го објаснил тоа преку еден пример: „Кога бев дете, зборував како дете, размислував како дете, расудував како дете. А кога станав маж, го отфрлив детинското“ (1. Коринќаните 13:11). Исто како што родителите поинаку се однесуваат со мало дете отколку со возрасен син така и Јеховиниот начин на постапување со христијанското собрание се променил кога тоа повеќе не било „дете“. Апостол Павле објаснил дека таквите дарови да се прават чуда, како што била способноста да се зборува на странски јазици или да се пророкува, еден ден требало да „исчезнат“ (1. Коринќаните 13:8).

Зошто била дозволена полигамијата?

Исус покажал дека Бог го поставил мерилото за бракот кога им рекол на првите маж и жена: „Човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и двајцата ќе бидат едно тело“ (Матеј 19:5). Бракот требало да биде доживотна врска помеѓу две личности. Меѓутоа, до времето кога Бог ги организирал Израелците во народ и им го дал Законот, полигамијата станала вообичаена појава. Затоа, иако не ја вовел ниту поттикнувал на полигамија, Бог дал закони за нејзино регулирање. Кога било основано христијанското собрание, во Божјата реч јасно била забранета полигамијата (1. Тимотеј 3:2).

Јехова Бог допушта извесни работи сѐ додека не дојде време да ги исправи (Римјаните 9:22-24). Исус покажал дека Јехова привремено ги толерирал неисправните обичаи во врска со бракот како „отстапка“, која ја направил поради ‚закоравеноста на срцето‘ на Израелците (Матеј 19:8; Изреки 4:18).

Зошто саботата се држела само привремено?

Откако ги избавил Израелците од Египет, Бог вовел држење на седмична сабота. Подоцна оваа одредба влегла во составот на нивниот национален Закон (2. Мојсеева 16:22-30; 20:8-10). Апостол Павле објаснил дека Исус се понудил себеси како жртва и ‚го укинал Законот кој се состоел од заповеди и одредби‘ и ‚го избришал пишаниот документ‘ (Ефешаните 2:15; Колошаните 2:14). Во она што било ‚укинато‘ и ‚избришано‘ спаѓал и законот за саботата, бидејќи во Библијата понатаму пишува: „Затоа, никој да не ви кажува што да јадете и да пиете и да не ви заповеда да славите празници или млади месечини или саботи“ (Колошаните 2:16). Но, зошто Бог го дал Законот, вклучувајќи го и законот за саботата?

Апостол Павле напишал: „Законот ни беше воспитувач кој нѐ водеше до Христос“. Потоа додал: „А откако дојде верата, повеќе не сме под воспитувач“ (Галатите 3:24, 25). Бог не се премислил, туку само ја употребил саботата како привремено барање за да ги поучи луѓето дека треба редовно да одвојуваат време за да размислуваат за духовни работи. Иако законот за саботата бил од привремен карактер, укажувал на времето кога луѓето ќе најдат трајна починка од неволјите што ги тиштат физички и духовно (Евреите 4:10; Откровение 21:1-4).

Бог на кој можеме да се потпреме и кој многу нѐ сака

Библиските примери што ги разгледавме покажуваат дека Јехова Бог давал различни упатства и одредби во различни периоди. Но, тоа не значи дека се премислувал. Наместо тоа, реагирал на потребите на својот народ во различни околности, и тоа за нивно добро. Истото важи и денес.

Бидејќи Јехова не ги менува своите мерила, секогаш можеме да знаеме што треба да правиме за да го израдуваме. Освен тоа, можеме да бидеме уверени дека сѐ што ветил Бог ќе се исполни. Јехова вели: „Ќе направам сѐ што сакам... Она што го наумив, тоа и ќе го извршам“ (Исаија 46:10, 11).

[Истакната мисла на страница 21]

Бог никогаш не ги менува своите мерила за љубов и правда

[Истакната мисла на страница 22]

Павле објаснил дека еден ден дарот да се прават чуда требало да ‚исчезне‘

[Истакната мисла на страница 23]

Бракот требало да биде доживотна врска помеѓу две личности

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели