Учи од Божјата Реч
Како да избереш добри пријатели?
Во оваа статија се разгледани прашања за кои можеби си размислувал. Таа ќе ти покаже каде можеш да го најдеш одговорот во твојата Библија. На Јеховините сведоци ќе им биде мило да разговараат со тебе за овие прашања.
1. Зошто треба внимателно да ги избираме пријателите?
Повеќето сакаат да бидат прифатени од другите. Оваа желба честопати нѐ тера да бидеме како оние околу нас. Затоа, нашите пријатели имаат големо влијание врз нашите ставови. Изборот на пријатели ќе влијае врз тоа какви личности ќе станеме. (Прочитај Изреки 4:23; 13:20.)
Библискиот писател Давид мудро ги избирал своите пријатели. Тој се дружел со оние што му помагале да му остане верен на Бог (Псалм 26:4, 5, 11, 12). На пример, Давид бил близок пријател со Јонатан затоа што Јонатан го храбрел да има доверба во Јехова. (Прочитај 1. Самоилова 23:16-18.)
2. Како да му станеш пријател на Бог?
И покрај тоа што Јехова е семоќен, ние можеме да му станеме пријатели. На пример, Авраам бил Божји пријател. Поради довербата и послушноста што ја покажувал Авраам, Јехова го сметал за свој пријател (1. Мојсеева 22:2, 9-12; Јаков 2:21-23). Ако имаме доверба во Јехова и го правиме она што го бара од нас, и ние можеме да станеме негови пријатели. (Прочитај Псалм 15:1, 2.)
3. Како ти помагаат добрите пријатели?
Вистинските пријатели се лојални и ти помагаат да го правиш она што е исправно (Изреки 17:17; 18:24). На пример, иако Јонатан најверојатно бил 30 години постар од Давид и се очекувало да го наследи престолот, тој лојално застанал на страната на Давид, кого Бог го избрал за цар. Ако видат дека правиш нешто што не е убаво, вистинските пријатели имаат храброст да ти укажат на тоа (Псалм 141:5). Пријателите кои го сакаат Бог, ќе ти помогнат да стекнеш добри навики. (Прочитај 1. Коринќаните 15:33.)
Луѓе кои сакаат да го прават она што е исправно можеш да најдеш во Салата на Царството, каде што се собираат Јеховините сведоци. Таму ќе стекнеш пријатели кои ќе ти помогнат да му служиш на Бог. (Прочитај Евреите 10:24, 25.)
Меѓутоа, дури и пријателите што го сакаат Бог, понекогаш може да нѐ разочараат. Немој лесно да се навредуваш кога ќе ти згрешат (Проповедник 7:9, 20-22). Треба да имаш на ум дека ниту еден пријател не е совршен и дека вреди да имаш пријатели што го сакаат Бог. Божјата Реч нѐ поттикнува да преминеме преку грешките на нашите сохристијани. (Прочитај Колошаните 3:13.)
4. Што ако „пријателите“ ти се противат?
Откако почнале да ја проучуваат Божјата Реч, многумина се соочиле со противење од своите поранешни пријатели. Можеби тие не сфаќаат какви совети и каква надеж си нашол во Библијата. Можеби ќе успееш да им помогнеш. (Прочитај Колошаните 4:6.)
Во други случаи, „пријателите“ може да се исмејуваат на добрата вест од Божјата Реч (2. Петрово 3:3, 4). Некои може да те навредуваат затоа што сакаш да го правиш она што е исправно (1. Петрово 4:4). Ако тоа ти се случува и тебе, ќе треба да избереш меѓу две работи — да останеш пријател со нив или да му бидеш пријател на Бог. Ако одлучиш да му станеш пријател на Бог, тогаш ќе го избереш најдобриот пријател што некој може да го има. (Прочитај Јаков 4:4, 8.)
Нешто повеќе можеш да прочиташ во 12. и 19. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци