ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА: ТРЕБА ЛИ ДА СЕ ПЛАШИШ ОД КРАЈОТ НА СВЕТОТ?
Крајот на светот — страв, возбуда и разочарување
Што би рекол за 21 декември 2012 год., датумот на кој, според календарот на Маите, мнозина очекуваа да настапи промена од светски размери? Во зависност од она што си го очекувал, можеби сега чувствуваш олеснување, разочарување или, пак, си рамнодушен. Дали тоа беше само уште едно од многуте неточни предвидувања за крајот на светот?
А што да се каже за „крајот на светот“ кој се спомнува во Библијата? (Матеј 24:3, Радосна Вест). Некои се плашат дека целата Земја ќе биде изгорена. Други со возбуда очекуваат да видат што ќе се случи кога ќе дојде крајот. А на многумина веќе им е смачено да слушаат дека крајот е близу. Но, можно ли е сите овие реакции да се резултат на заблуди, а не на факти?
Можеби ќе се изненадиш ако дознаеш што вели Библијата за крајот на светот. Таа не само што ни дава причини со радост да го чекаме крајот туку и потврдува дека некои може да бидат разочарани ако им изгледа дека крајот премногу доцни. Да видиме каков одговор дава Библијата на некои вообичаени прашања во врска со крајот на светот.
Дали Земјата ќе изгори?
КАКОВ ОДГОВОР ДАВА БИБЛИЈАТА: „[Бог] ја утврди земјата на нејзините темели; нема да се разниша довека, за сета вечност“ (ПСАЛМ 104:5).
Земјата нема да биде уништена — ниту со оган ниту на некој друг начин. Наместо тоа, Библијата кажува дека нашава планета вечно ќе им биде дом на луѓето. Во Псалм 37:29 пишува: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 115:16; Исаија 45:18).
Откако ја создал Земјата, Бог рекол дека сѐ било „многу добро“, и тој сѐ уште го мисли истото (1. Мојсеева 1:31). Не само што не планира да ја уништи туку ветува дека ќе „бидат уништени оние што ја уништуваат земјата“ и дека ќе ја заштити од трајна штета (Откровение 11:18).
Но, можеби имаш прашања во врска со 2. Петрово 3:7. Тој библиски стих гласи: „А сегашните небеса и земја... се зачувани за оган“. Зар тоа не покажува дека Земјата ќе изгори? Всушност, Библијата понекогаш ги користи зборовите „небеса“, „земја“ и „оган“ во симболична смисла. На пример, во 1. Мојсеева 11:1 пишува: „Целата земја имаше само еден јазик“. Овде зборот „земја“ се однесува на целото човештво.
Контекстот на 2. Петрово 3:7 покажува дека небесата, земјата и огнот што се спомнати овде се исто така симболични. Во стиховите 5 и 6 се зборува за Потопот од времето на Ное. Тогаш бил уништен еден древен свет, но не и планетата. Наместо тоа, Потопот збришал едно злобно општество, наречено „земја“. Исто така, уништил и еден вид „небеса“, односно луѓето коишто владееле со тоа општество (1. Мојсеева 6:11). Слично на тоа, во 2. Петрово 3:7 е проречено дека едно злобно општество и неговите расипани влади ќе бидат трајно уништени како со оган.
Што ќе се случи кога ќе дојде крајот на светот?
КАКОВ ОДГОВОР ДАВА БИБЛИЈАТА: „Светот поминува и неговата желба, но оној што ја врши Божјата волја, останува засекогаш“ (1. ЈОВАНОВО 2:17).
„Светот“ што треба да помине не е планетата Земја, туку сите луѓе во светот кои не живеат во склад со Божјата волја. Исто како што еден хирург ќе отстрани канцерозен тумор за да му го спаси животот на пациентот, така и Бог ќе ги ‚истреби‘ злобните за да можат добрите луѓе вистински да уживаат во животот на Земјата (Псалм 37:9). Во таа смисла, „крајот на светот“ е нешто убаво.
Со оглед на тоа што и луѓето и Земјата ќе го преживеат крајот, зар не е логично да заклучиме дека ќе настапи еден нов поредок? Библијата дава потврден одговор на ова прашање, бидејќи во неа се спомнува „поредокот што доаѓа“ (Лука 18:30).
Исус го нарекол овој период ‚повторно создавање‘. Тогаш тој ќе им овозможи на луѓето да живеат во истите услови што Бог ги замислил на почетокот (Матеј 19:28). Во тоа време:
Земјата ќе биде рај во кој ќе има мир и убав живот за секого (Исаија 35:1; Михеј 4:4).
Секој ќе има работа што ќе му биде интересна (Исаија 65:21-23).
Сите болести ќе бидат излекувани (Исаија 33:24).
Старите ќе се подмладат (Јов 33:25).
Умрените ќе воскреснат (Јован 5:28, 29).
Ако ја вршиме „Божјата волја“, односно го правиме она што Бог го бара од нас, нема потреба да се плашиме од крајот на светот. Наместо тоа, можеме да го очекуваме со голема радост.
Дали крајот на светот е навистина близу?
КАКОВ ОДГОВОР ДАВА БИБЛИЈАТА: „Кога ќе видите дека сето тоа се случува, знајте дека Божјето царство е близу!“ (ЛУКА 21:31).
Во својата книга, професор Ричард Кајл напишал дека „наглите промени и хаосот во општеството оставаат простор за разни предвидувања во врска со крајот на светот“. Тоа е така, особено кога е тешко да се објаснат причините за ваквите промени и хаос (The Last Days Are Here Again).
Меѓутоа, пророците од Библијата што зборувале за крајот не се обидувале да ги објаснат збунувачките настани од нивно време. Наместо тоа, Бог ги водел да ги опишат условите што ќе владеат на Земјата непосредно пред да дојде крајот. Разгледај некои од тие пророштва и самиот процени дали се исполнуваат во нашево време.
Ќе има војни, глад, земјотреси и епидемии од смртоносни болести (Матеј 24:7; Лука 21:11).
Значително ќе се зголеми стапката на криминал (Матеј 24:12).
Луѓето ќе ја уништуваат Земјата (Откровение 11:18).
Луѓето ќе бидат себељубиви и ќе ги сакаат парите и задоволствата, а нема да го сакаат Бог (2. Тимотеј 3:2, 4).
Семејствата ќе се распаѓаат (2. Тимотеј 3:2, 3).
Општо земено, луѓето нема да им обрнуваат внимание на доказите дека крајот е близу (Матеј 24:37-39).
Низ целиот свет ќе се проповеда добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14).
Како што рекол Исус, кога ќе го видиме „сето тоа“, треба да бидеме свесни дека крајот на светот е близу (Матеј 24:33). Јеховините сведоци веруваат дека доказите се многу убедливи и тоа им го кажуваат на сите луѓе така што проповедаат во 236 земји.
Дали тоа што предвидувањата за крајот многупати не се исполниле значи дека тој воопшто нема да дојде?
КАКОВ ОДГОВОР ДАВА БИБЛИЈАТА: „Кога ќе зборуваат: ‚Мир и сигурност!‘ — тогаш ненадејно ќе ги снајде уништување како што ја снаоѓаат родилни болки бремена жена, и нема да побегнат“ (1. СОЛУЊАНИТЕ 5:3).
Библијата го споредува уништувањето на светот со почеток на родилни болки — тие се неизбежни и доаѓаат одеднаш. И времето пред да дојде крајот е како бременоста на една жена — идната мајка е свесна дека сѐ почесто ќе се јавуваат симптоми што укажуваат дека наскоро ќе се породи. Нејзиниот лекар може да процени на кој датум таа треба да се породи, но дури и ако не се породи баш тогаш, и понатаму ќе биде уверена дека нејзиното бебе ќе се роди многу скоро. Слично на тоа, погрешните очекувања за крајот не ги менуваат јасните обележја кои покажуваат дека живееме во „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1).
Но, можеби ќе прашаш: ‚Ако знакот дека е близу крајот е толку очигледен, зошто толку многу луѓе не го препознаваат?‘ Библијата покажува дека, кога крајот ќе биде близу, мнозина ќе ги потценуваат доказите за тоа. Наместо да признаат колку големи промени се случуваат во овие последни денови, тие ќе се потсмеваат: „Откако умреа нашите прататковци, сѐ си стои како што било од почетокот на создавањето“ (2. Петрово 3:3, 4). Со други зборови, знакот за последните денови е јасен, но мнозина нема да му обрнуваат внимание (Матеј 24:38, 39).
Во оваа статија разгледавме само неколку докази од Библијата дека крајот е близу.a Би сакал ли да дознаеш уште некои? Ако да, стапи во контакт со Јеховините сведоци и бесплатно проучувај ја Библијата со нив. Тоа може да го правите кај тебе дома или на некое друго место што ти одговара, па дури и преку телефон. Единствено што треба е да одвоиш време за тоа, но ќе извлечеш голема корист.
a Нешто повеќе можеш да прочиташ во 9. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци. Ова поглавје е со наслов „Дали живееме во ‚последните денови‘?“