Продлабочувај го своето ценење за Јеховините особини
„Угледајте се на Бог, како негови љубени деца“ (ЕФ. 5:1)
1. а) Кога размислуваш за Јехова, кои негови особини ти доаѓаат на ум? б) Како ќе ни помогне проучувањето на Божјите особини?
КОГА размислуваме за Јехова, обично ни доаѓаат на ум неговите четири главни особини: љубовта, правдата, мудроста и моќта. Сепак, ние знаеме дека Јехова има и многу други прекрасни особини. Всушност, низ годините, во нашите публикации беа разгледани повеќе од 40 негови особини. Ако ги истражуваме во текот на личното проучување или на Семејната вечер, можеме да откриеме многу скапоцени детали за Јеховината личност! Тоа ќе ни помогне уште повеќе да го продлабочиме своето ценење за нашиот небесен Татко. А колку повеќе го цениме Јехова, толку поголема е нашата желба да бидеме блиски со него и да го следиме неговиот пример (Ис. Нав. 23:8; Пс. 73:28).
2. а) Како може да го продлабочиме своето ценење за Јеховините особини? Наведи пример. б) Што ќе разгледаме во оваа и во следните две статии?
2 Да цениме нешто значи да бидеме свесни за неговата вредност. Ценењето обично расте постепено. На пример, кога станува збор за некој специјалитет што никогаш порано не сме го пробале, можеби најпрво ќе нѐ привлече убавиот мирис, потоа ќе уживаме во неговиот вкус и на крајот и самите ќе почнеме да го приготвуваме. На сличен начин, може да го зголемиме своето ценење за некоја Јеховина особина ако дознаеме нешто повеќе за неа, ако размислуваме за она што сме го научиле, и ако се трудиме да ја покажуваме таа особина во нашиот живот (Еф. 5:1). Во оваа и во следните две статии ќе видиме како можеме уште повеќе да цениме некои Божји особини за кои можеби не размислуваме толку често. Во врска со секоја од нив, ќе разгледаме три прашања: Што значи таа особина? Како ја покажува Јехова? И, како можеме да ја покажуваме и ние?
ЈЕХОВА Е ПРИСТАПЛИВ
3, 4. а) Што значи некој да е пристаплив? б) Како Јехова нѐ уверува дека е пристаплив?
3 Најпрво да видиме што значи да се биде пристаплив. Пристапливата личност е срдечна, спремна да одвои време за другите и со неа лесно може да се разговара. Обично може да препознаеме дали некој е пристаплив по она што го кажува, но и по неговите гестови и изразот на лицето.
4 Како Јехова покажува дека е пристаплив? Иако е семоќен Творец на нашата огромна вселена, тој нѐ уверува дека сака да ги сослуша нашите молитви и дека е спремен да ни помогне кога го молиме за нешто. (Прочитај Псалм 145:18; Исаија 30:18, 19.) Може долго да разговараме со него во секое време и на секое место. Слободно можеме да му пристапиме, знаејќи дека никогаш нема да нѐ прекори поради тоа (Пс. 65:2; Јак. 1:5). За да ни покаже дека Јехова е пристаплив, Библијата го опишува со изрази кои им се познати на луѓето. На пример, псалмистот Давид напишал дека „очите на Јехова нѐ гледаат“ и дека Неговата ‚десница цврсто нѐ држи‘ (Пс. 34:15; 63:8). Пророкот Исаија го споредил Јехова со пастир, кога рекол: „Со рака ќе ги собере јагнињата, ќе ги носи во пазувите“ (Иса. 40:11). Замисли си! Јехова сака да бидеме исто толку близу до него како што е едно јагненце во прегратката на својот грижлив пастир. Кога размислуваме колку е пристаплив нашиот небесен Татко, зарем не сме поттикнати да го сакаме уште повеќе? Да видиме како можеме да го следиме неговиот пример.
ОСОБИНА ШТО Е МНОГУ ЦЕНЕТА
5. Зошто е важно старешините да бидат пристапливи?
5 Неодамна на некои ревносни Сведоци од разни делови на светот им беше поставено прашањето: „Која особина најмногу ја цениш кај еден старешина?“ Најголемиот дел од нив одговорија: „Пристапливоста“. Иако секој христијанин треба да ја развива оваа особина, многу е важно особено старешините да се трудат да бидат пристапливи (Иса. 32:1, 2). Зошто? Една сестра рекла дека убавите особини што ги има некој старешина ќе им користат на другите само ако тој е пристаплив и ако тие можат слободно да разговараат со него. Навистина е така, зарем не? Но, како може некој да биде пристаплив?
6. По што може да се види дека некој е пристаплив?
6 Оној што е пристаплив покажува искрен интерес за другите. Ако некој старешина е заинтересиран за другите и ако секогаш е спремен да им помага, неговите браќа и сестри, па дури и децата во собранието, ќе го забележат тоа (Мар. 10:13-16). Карлос, кој има 12 години, вели: „Многу ми се допаѓа кога гледам дека старешините во Салата се насмеани и љубезни“. Се разбира, не е доволно еден старешина само да каже дека е пристаплив — тој треба да покаже дека навистина е таков (1. Јов. 3:18). Да разгледаме еден пример.
7. Зошто луѓето се чувствуваат слободни да ни се обратат кога носиме конгресна значка, и што може да научиме од тоа?
7 Неодамна, додека се враќал од конгрес со авион, еден брат сѐ уште ја имал на себе конгресната значка. Кога стјуардот ја видел значката на која пишувало: „Нека дојде Божјето Царство!“, му рекол на братот: „Да, нека дојде! Баш би сакал да позборуваме повеќе на таа тема“. Подоцна имале прилика да разговараат, и стјуардот со задоволство зел од нашите списанија. Мнозина од нас имале слични искуства. Зошто луѓето се чувствуваат слободни да ни се обратат кога носиме конгресна значка? Затоа што таа им ја поттикнува љубопитноста и им покажува дека сме спремни да ги споделиме нашите верувања со нив. На сличен начин, и старешината мора да им покаже на своите браќа и сестри дека секогаш е спремен да разговара со нив. Како може да го стори тоа?
8. Како старешините покажуваат дека искрено се интересираат за другите, и како тоа влијае врз собранието?
8 Обично може да покажеме дека сме искрено заинтересирани за нашите браќа и сестри со тоа што ќе им се насмевнеме, срдечно ќе се ракуваме со нив и пријателски ќе ги поздравиме. Кој треба да го направи првиот чекор во овој поглед? Забележи каков пример ни дал Исус. Во Библијата пишува дека, при една средба со своите ученици, ‚тој им пришол‘ и им се обратил (Мат. 28:18). На сличен начин, и старешините денес се трудат први да им пристапат на соверниците за да ги поздрават и да поразговараат со нив. Како може ова да влијае врз собранието? Една сестра, која има 88 години и служи како пионер, рекла: „Кога ќе влезам во Салата на Царството, старешините ме пречекуваат со срдечна насмевка и охрабрувачки зборови. Затоа ми се многу мили“. Една друга верна сестра додала: „Иако можеби изгледа како мала работа, многу ми значи кога некој старешина ќе ме пречека со насмевка кога ќе дојдам на состанок“.
ОДВОЈУВАЈ ВРЕМЕ ЗА ДРУГИТЕ
9, 10. а) Каков убав пример ни дава Јехова? б) Како старешините може да го следат примерот на Јехова?
9 Се разбира, другите не можат да ни пристапат ако сме постојано зафатени со нешто. Затоа, мора да им посветиме време и внимание. Јехова ни дава добар пример во овој поглед. Библијата вели: „[Бог] не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:27). Еден начин на кој старешините можат да го следат примерот на Јехова е така што ќе одвојуваат време пред и по состанокот за да разговараат со своите браќа и сестри — и со младите и со старите. Еден брат кој служи како пионер рекол: „Кога некој старешина ќе ме праша како сум, а потоа внимателно слуша додека му одговарам, чувствувам дека ме цени“. Една сестра која му служи на Јехова речиси 50 години, рекла: „Старешините кои одвојуваат време да позборуваат со мене по состанокот ми покажуваат дека ме ценат и ме почитуваат“.
10 Точно е дека христијанските пастири имаат и други обврски. Сепак, кога се на состанок, главна цел треба да им биде да им посветат внимание на своите браќа и сестри.
ЈЕХОВА Е НЕПРИСТРАСЕН
11, 12. а) Што значи да се биде непристрасен? б) Од каде знаеме дека Јехова е најголем пример за непристрасност?
11 Друга прекрасна особина на Јехова е непристрасноста. Што значи некој да биде непристрасен? Таквата личност нема предрасуди, односно не гледа кој е кој туку со сите постапува праведно. Според тоа, оваа особина го вклучува и нашиот став кон другите и нашето постапување со нив. Во Христијанските грчки списи, изворниот израз преведен со „непристрасен“ буквално значи „не гледа на лице“, односно не суди според надворешниот изглед (Дела 10:34, Превод на МПЦ). Значи, оној што е непристрасен ги проценува луѓето според нивниот карактер, а не според нивниот изглед или финансиска состојба.
12 Јехова е најголемиот пример за непристрасност. Неговата Реч јасно вели дека Бог „не е пристрасен“. (Прочитај Дела 10:34, 35; 5. Мојсеева 10:17.) Да разгледаме еден пример од времето на Мојсеј кој потврдува дека Јехова постапува непристрасно кон луѓето.
Ќерките на Салпад ја ценеле Божјата непристрасност (Види во пасуси 13-14)
13, 14. а) Со каков проблем се соочиле ќерките на Салпад? б) Како Јехова покажал дека е непристрасен?
13 Кратко пред Израелците да влезат во Ветената земја, петте немажени ќерки на Салпад се соочиле со еден проблем. Тие знаеле дека нивното семејство, исто како и другите израелски семејства, треба да добие во наследство парче земја кое му следувало на нивниот татко (4. Мој. 26:52-55). Но, татко им, кој бил од племето на Манасија, починал. Според обичајот, наследството требало да премине на неговите синови, но тој имал само ќерки (4. Мој. 26:33). Дали тоа значело дека земјата на Салпад ќе им била предадена на роднините, и дека неговите ќерки ќе останеле без семејно наследство?
14 Петте сестри му пристапиле на Мојсеј и го прашале: „Зошто името на нашиот татко да биде избришано од неговото семејство поради тоа што немаше син?“ Тие го молеле: „Дај ни наследство меѓу браќата на нашиот татко!“ Дали Мојсеј им рекол: ‚Не може, такво е правилото и нема никаков исклучок‘? Не. Тој ‚го изнел нивниот случај пред Јехова‘ (4. Мој. 27:2-5). Како одговорил Јехова? Тој му рекол на Мојсеј: „Право велат ќерките на Салпад. Секако, дај им имот што ќе биде нивно наследство меѓу браќата на нивниот татко и пренеси го на нив наследството од нивниот татко“. Но, Јехова не останал само на тоа. Всушност, овој исклучок го претворил во правило, велејќи: „Кога некој ќе умре, а нема син, пренесете го неговото наследство на неговата ќерка“ (4. Мој. 27:6-8; Ис. Нав. 17:1-6). Оттогаш натаму, сите Израелки што ќе се нашле во слична ситуација добивале наследство.
15. а) Како постапува Јехова со своите слуги, а особено со оние кои се беспомошни? б) Кои други библиски извештаи покажуваат дека Јехова е непристрасен?
15 Колку праведна и непристрасна одлука! Јехова постапил со почит кон овие беспомошни жени исто како што постапувал и со Израелците кои биле во подобра положба (Пс. 68:5). Ова е само еден од многуте библиски извештаи кои јасно потврдуваат дека Јехова е непристрасен кон сите свои слуги (1. Сам. 16:1-13; Дела 10:30-35, 44-48).
МОЖЕ ДА СЕ УГЛЕДАМЕ НА ЈЕХОВА
16. Како можеме да бидеме непристрасни како Јехова?
16 Како можеме да бидеме непристрасни како Јехова? Не смееме да заборавиме дека ќе постапуваме непристрасно кон другите само ако навистина сме непристрасни. Можеби си мислиш дека ти немаш предрасуди. Но, веројатно ќе се сложиш дека не е секогаш лесно објективно да се процениме себеси. Како можеш да откриеш дали и другите те сметаат за непристрасна личност? Кога Исус сакал да дознае што мислат другите за него, тој им го поставил следново прашање на своите блиски пријатели: „Што велат луѓето, кој е Синот човечки?“ (Мат. 16:13, 14). Дали би можел да постапиш како него? Би можел да замолиш некој близок пријател искрено да ти каже дали смета дека си непристрасен и дали другите те гледаат така. Што ако ти каже дека понекогаш си пољубезен со луѓето од одредена националност или со оние што се побогати или имаат повисока положба во општеството? Моли му се на Јехова во врска со своите чувства, и барај да ти помогне да го промениш својот став кон другите за да можеш да бидеш уште посличен на него и да постапуваш непристрасно кон сите (Мат. 7:7; Кол. 3:10, 11).
17. Како можеме да постапуваме непристрасно кон другите?
17 Во христијанското собрание, можеме да се угледаме на Јехова со тоа што ќе постапуваме љубезно и со почит кон сите наши браќа и сестри. На пример, добро е да им укажуваме гостопримство на сите сохристијани, вклучувајќи ги и оние кои се од друга националност и култура. Би можеле да ги поканиме на гости и оние кои се посиромашни, на кои им починал брачниот другар или, пак, помладите чие семејство не е во вистината. (Прочитај Галатите 2:10; Јаков 1:27.) Освен тоа, непристрасно им ја проповедаме добрата вест на луѓе од најразлично потекло, дури и на оние што се од други земји. Јеховината организација издава библиска литература на повеќе од 600 јазици. Зарем тоа не е видлив доказ за непристрасност?
18. Како ти лично ќе покажеш дека ги цениш Јеховините особини кои ги разгледавме во оваа статија?
18 Кога размислуваме за тоа колку пристаплив и непристрасен е Јехова, нашето ценење за овие негови особини се продлабочува. Како резултат на тоа, поттикнати сме уште повеќе да го следиме неговиот пример, и да бидеме пристапливи и непристрасни кон соверниците и кон оние на кои им проповедаме.
„Јехова е близу до сите што го повикуваат“ (Пс. 145:18) (Види во пасус 9)
„Јехова, вашиот Бог... не е пристрасен“ (5. Мој. 10:17) (Види во пасус 17)