СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 50
ПЕСНА 48 Секој ден одиме со Јехова
Да бидеме понизни како Јехова
Угледајте се на Бог, како негови љубени деца (ЕФ. 5:1)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да разгледаме четири практични начини на кои може да бидеме понизни како Јехова.
1. Што ти остава посебен впечаток во врска со понизноста на Јехова?
КОГА ги набљудуваш луѓето што се на власт денес, дали би рекол дека се понизни? Веројатно не. Но Јехова, кој е Семоќен, е понизен (Пс. 113:5-8). Понизноста е нераздвоен дел од Јеховината личност. Кај него нема ни трошка ароганција. Многу ќе ни користи тоа што ќе разгледаме четири аспекти на Јеховината прекрасна личност и ќе откриеме како неговата понизност се одразува во секој од нив. Ќе разгледаме и како Исус покажувал понизност како својот Татко. Тоа ќе ни помогне уште повеќе да се зближиме со Јехова и во уште поголема мера да покажуваме понизност како него.
ЈЕХОВА Е ПРИСТАПЛИВ
2. Што ни открива Псалм 62:8 за Јехова? (Види ја и сликата.)
2 Обично не е лесно да им пристапиш на горделиви луѓе. Поради нивното големо его, постапуваат на начин поради кој на другите им е тешко да им пристапат, или пак ги избегнуваат. Колку поинаков е Јехова! Бидејќи нашиот небесен Татко е понизен, тој нѐ поканува да му пристапиме и да му кажеме сѐ што ни тежи на срце. (Прочитај Псалм 62:8.) Исто како што еден грижлив татко спремно слуша кога неговите деца му кажуваат што ги загрижува така и Јехова сака да ги слуша молитвите на своите слуги. Всушност, многу од тие молитви дозволил да бидат запишани во Библијата. Од тоа се гледа колку Јехова е пристаплив (Ис. Нав. 10:12-14; 1. Сам. 1:10-18). Но, што ако понекогаш од некои причини сметаме дека не сме достојни да му се обратиме на Јехова?
По примерот на Јехова, еден татко понизно го слуша своето синче кое играјќи скршило вазна (види во пасус 2)
3. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова сака редовно да му се обраќаме во молитва?
3 Можеме да му се обратиме на Јехова во молитва дури и ако сметаме дека не ја заслужуваме неговата љубов. Зошто го велиме ова? Во приказната за изгубениот син, Исус го споредил Јехова со еден добар татко чиј покајнички син сметал дека не е достоен повторно да биде примен во семејството. Како реагирал таткото кога неговиот син се вратил дома? Исус рекол дека, кога таткото го здогледал својот син, веднаш потрчал, му паднал околу вратот и го избакнал (Лука 15:17-20). Јехова е како тој татко. Кога ќе ги чуе молитвите на оние кои се измачуваат со чувства на вина или се притиснати од грижи, неговата понизност веднаш го поттикнува да им обрне целосно внимание (Плач 3:19, 20). Поттикнат од сочувство, Јехова, така да се каже, им притрчува за да ги утеши и да ги увери дека ќе им покаже милост и љубов (Иса. 57:15). Како го прави Јехова тоа денес? Тој обично ги користи старешините, членовите на нашето семејство и пријателите кои се негови слуги (Јак. 5:14, 15). Јехова ни ја пружа оваа помош бидејќи сака да бидеме блиски со него.
4. Како Исус покажал дека е лесно да му се пристапи?
4 Исус го следи примерот на својот Татко. Исто како својот Татко, и Исус е понизен. Поради тоа, додека бил на Земјата, луѓето се чувствувале слободни да му пристапат. Не им било незгодно да му поставуваат прашања (Мар. 4:10, 11). Така, кога ќе ги прашал за нешто, тие слободно му кажувале што мислат (Мат. 16:13-16). И, кога ќе згрешеле, тие не се треселе од страв, знаеле дека Исус е љубезен, милостив и стрплив (Мат. 17:24-27). Токму поради тоа што Исус многу добро го следел примерот на својот Татко, неговите следбеници можеле да го запознаат Јехова подобро (Јован 14:9). Тие увиделе дека Јехова воопшто не е како горделивите, сурови и резервирани верски водачи, туку дека е понизен и пристаплив.
5. Како тоа што ќе сме понизни ќе им олесни на другите слободно да ни пристапат?
5 Како можеме ние да го следиме примерот на Јехова? Кога се трудиме да бидеме понизни, на другите им е полесно да ни пристапат. Понизноста ни помага да не бидеме завидливи, горделиви и неспремни да простиме — особини поради кои ќе им бидеме одбивни на другите. Освен тоа, понизноста ќе ни помогне да бидеме љубезни, стрпливи и спремно да простуваме — особини со кои ќе ги привлечеме другите (Кол. 3:12-14). Особено старешините мора да им стават до знаење на другите дека слободно може да им се обратат за што и да било. Но се разбира, за да можат да им се обратат, треба да бидат со браќата и сестрите. Ова значи дека се трудат физички да бидат присутни на состаноците, наместо непотребно да ги следат преку видеоконференција. И, во склад со нивните околности, тие се трудат да одат заедно со своите браќа и сестри во служба од куќа до куќа. Кога објавителите подобро ќе се запознаат со старешините, ќе се чувствуваат послободни да им се доверат кога ќе имаат потреба.
ЈЕХОВА Е РАЗУМЕН
6-7. Наведи примери од кои се гледа дека Јехова е спремен да попушти на барањата на своите слуги.
6 Горделивите луѓе главно се неразумни во односите со другите. Но, бидејќи Јехова е понизен, тој е разумен, односно знае да попушти и покрај тоа што е супериорен во секој поглед и во однос на секого. Размисли како постапил со Маријам, сестрата на Мојсеј. Таа и Арон зборувале лошо против Мојсеј, кој го застапувал Јехова. Со тоа Маријам, всушност, покажала непочитување кон Јехова. Како резултат на тоа, Јехова се разгневил и ја удрил Маријам со лепра. Но кога Арон се помолил за неа и кога Мојсеј го замолил Јехова да ја излекува неговата сестра, што направил Бог? Да бил горд, немало да отстапи од одлуката што ја донел. Но, бидејќи е понизен, ја излекувал Маријам (4. Мој. 12:1-15).
7 Јехова покажал понизност и кон цар Езекија. Преку својот пророк, тој му кажал на царот дека ќе умре. Езекија со солзи го преколнувал Јехова да го излекува. И, Јехова милостиво му го продолжил животот за уште 15 години (2. Цар. 20:1, 5, 6). Бидејќи е понизен, Јехова е сочувствителен и е спремен да прави отстапки.
8. Од кои примери се гледа дека Исус е разумен? (Марко 3:1-6).
8 Исус го следи примерот на својот Татко. Додека бил на Земјата, Исус покажал дека е разумен со тоа што, секогаш кога можел, им правел добро на другите. На пример, лекувал луѓе на сабат и покрај острите критики од неговите противници. (Прочитај Марко 3:1-6.) Исус е разумен и денес како глава на христијанското собрание. На пример, кога некој во собранието ќе направи сериозен грев, тој е стрплив со него и му дава прилика да се поправи (Отк. 2:2-5).
9. Како може да научиме да размислуваме и да постапуваме разумно? (Види ги и сликите.)
9 Како можеме ние да го следиме примерот на Јехова? Мора понизно да учиме од Јехова како да размислуваме и да постапуваме разумно (Јак. 3:17). На пример, разумните родители не се премногу попустливи, но не очекуваат од своите деца повеќе отколку што тие можат да прават. Добар пример за ова е Јаков, како што се гледа од извештајот во 1. Мојсеева 33:12-14. Освен тоа, понизните и разумни родители не треба да прават споредби меѓу своите деца. И старешините мора да бидат разумни. Еден начин на кој можат да покажат дека се разумни е така што ќе ја поддржат одлуката на поголемиот дел од старешините кога со неа не се прекршуваат библиските начела (1. Тим. 3:2, 3). А и сите ние можеме да се потрудиме да го разбереме гледиштето на другите дури и кога ние имаме поинакво гледиште (Рим. 14:1). Да, сите во собранието треба да се трудат нивната „разумност [да] им биде позната на сите луѓе“ (Фил. 4:5).
Еден татко има разумни очекувања од своите деца во службата на проповедање (види во пасус 9)
ЈЕХОВА Е СТРПЛИВ
10. Како Јехова покажал стрпливост?
10 Веројатно си забележал дека горделивите луѓе не сакаат да чекаат. Гордоста ги прави нестрпливи. Колку поинаков е Јехова! Тој е синоним за стрпливост. На пример, во времето на Ное, Јехова рекол дека ќе чека 120 години за да ги уништи злобните (1. Мој. 6:3). Во тој период, на Ное му пораснале децата, и потоа заедно со нив ја изградил арката. Подоцна, Јехова стрпливо го слушал Авраам додека го распрашувал во врска со уништувањето на Содом и Гомор. Една горделива личност би можела да му рече: „Кој си ти да ме прашуваш мене?“ Но, бидејќи е понизен, Јехова бил стрплив со Авраам (1. Мој. 18:20-33).
11. Според 2. Петрово 3:9, зошто Јехова е стрплив денес?
11 Јехова понизно покажува стрпливост и денес. Тој го чека времето што го одредил за да му стави крај на овој свет. Зошто е стрплив? „Бидејќи не сака никој да биде уништен, туку сите да дојдат до покајание.“ (Прочитај 2. Петрово 3:9.) Дали Јехова залудно чека? Не. Затоа што е стрплив, милиони луѓе почнале да му служат, а се надеваме дека уште милиони ќе го направат тоа. Но, неговата стрпливост има граници. Јехова ги сака луѓето, но не е претерано попустлив. И, затоа нема да дозволи злобата да трае засекогаш (Авак. 2:3).
12. Како Исус покажува стрпливост исто како Јехова?
12 Исус го следи примерот на својот Татко. Веќе илјадници години, Исус стрпливо чека исто како Јехова. Исус со векови гледа како Сатана ги клевети и Јехова и верните луѓе (1. Мој. 3:4, 5; Јов 1:11; Отк. 12:10). Тој е сведок и на невидени страдања. Колку мора Исус да копнее по денот кога ќе ги „уништи делата на Ѓаволот“! (1. Јов. 3:8). Што му помага на Исус стрпливо да чека Јехова да даде знак за потполно да ги уништи делата на Ѓаволот? Нешто што му помага е понизноста. Бидејќи е понизен, Исус знае дека само Јехова има право да одлучи кое е вистинското време за да дејствува (Дела 1:7).
13. Како Исус покажал дека е стрплив со своите апостоли, и зошто?
13 Кога бил на Земјата, Исус бил стрплив и со своите апостоли. На пример, кога апостолите одново и одново се карале кој е најголем, Исус не се разочарал и не кренал раце од нив. Наместо тоа, и понатаму бил стрплив (Лука 9:46; 22:24-27). Имал доверба дека со текот на времето ќе се сменат. Дали и ти повеќепати си повторил една иста грешка? Зарем не си благодарен што имаме таков понизен и стрплив Цар?
14. Што ќе ни помогне да бидеме пострпливи?
14 Како можеме ние да го следиме примерот на Јехова? Ако се трудиме да го стекнеме „Христовиот ум“, ќе можеме да размислуваме и да постапуваме како Јехова (1. Кор. 2:16). Што ќе ни помогне подобро да го разбереме Христовиот ум? Нема скратен пат. Мора да ги читаме евангелијата. Потоа, треба да си одвоиме време за да размислуваме како од тие извештаи се гледа како размислува Исус. И се разбира, мора да го молиме Јехова да ни помогне и ние да бидеме стрпливи и понизни како Исус. Ако се трудиме да размислуваме како Христос, ќе бидеме послични на Бог и ќе бидеме пострпливи и со себеси и со нашите браќа и сестри (Мат. 18:26-30, 35).
ЈЕХОВА ИМ УКАЖУВА ЧЕСТ НА ПОНИЗНИТЕ
15. Наведи примери од кои се гледа дека Јехова ги цени понизните.
15 Прочитај Псалм 138:6. Јехова, кој е Севишен во целиот универзум, ги цени понизните. Колкава чест е тоа! Низ вековите имало многу такви луѓе на кои Јехова им укажал чест. Некои од нив нема веднаш да ни дојдат на ум, но запишани се во Библијата. Јехова го поттикнал Мојсеј да го запише името на една жена, Девора, која живеела во времето на Исак и Јаков. Во нивниот дом, таа верно служела како доилка речиси 125 години! Иако не знаеме многу за оваа жена, Јехова се погрижил во Библијата да биде запишано колку била сакана (1. Мој. 24:59; 35:8, фус.). Со векови подоцна, Јехова го избрал Давид, едно младо овчарче, да биде цар на Израел (2. Сам. 22:1, 36). Кога се родил Исус, Бог испратил ангели кај едни понизни овчари за најпрво ним да им кажат дека во Витлеем се родил идниот Месија (Лука 2:8-11). А кога Јосиф и Марија го донеле Исус во храмот, на остарените Симеон и Ана, Јехова им ја дал честа да го видат неговиот Син (Лука 2:25-30, 36-38). Да, „Јехова е високо, а сепак го гледа понизниот“!
16. Како постапувал Исус со другите по примерот на својот Татко?
16 Исус го следи примерот на својот Татко. Исто како својот Татко, Исус им укажувал чест на луѓето кои другите ги презирале. Тој поучувал за Божјето Царство луѓе „неуки и обични“ (Дела 4:13; Мат. 11:25). Исус лекувал и болни, и тоа го правел на начин со кој им го враќал и достоинството (Лука 5:13). Последната ноќ пред својата смрт, Исус им ги измил нозете на своите апостоли — нешто што обично го правел еден слуга (Јован 13:5). А пред да се вознесе на небото, на своите сегашни и идни понизни ученици, им ја дал честа да ја извршуваат најважната задача што човек може да ја има — да им помагаат на другите да добијат вечен живот (Мат. 28:19, 20).
17. Како може да им укажуваме чест на другите? (Види ја и сликата.)
17 Како можеме ние да го следиме примерот на Јехова? Им укажуваме чест на луѓето со тоа што им ја проповедаме добрата вест без разлика на нивното потекло, боја на кожа или образование. А на нашите браќа и сестри им укажуваме чест со тоа што ги сметаме за поголеми од нас без разлика какви способности или задачи имаме (Фил. 2:3). Јехова се радува кога понизно предводиме во искажувањето почит еден кон друг на овие и на други начини (Рим. 12:10; Соф. 3:12).
Покажуваме дека сме понизни како Јехова така што им ја проповедаме добрата вест на најразлични луѓе (види во пасус 17)a
18. Зошто сакаш да бидеш понизен како Јехова?
18 Ако се трудиме да бидеме понизни како нашиот добар небесен Татко, ќе бидеме попристапливи, поразумни и пострпливи. Исто така, ќе им укажуваме чест на другите како што прави Јехова. Не заборавај дека, кога се трудиме да бидеме што е можно послични на нашиот понизен Бог, ќе бидеме уште поскапоцени во негови очи! (Иса. 43:4).
ПЕСНА 159 Славата тебе ти припаѓа
a ОПИС НА СЛИКАТА: Две сестри понизно го следат примерот на Јехова со тоа што поучуваат затворенички.