Животна приказна
Задоволството од добриот однос со Бог — моја поткрепа
РАСКАЖАЛ БЕНЏАМИН ИКЕЧУКВУ ОСУЕКЕ
Набрзо откако почнав потполно да учествувам во христијанската служба, ги посетив моите родители. Кога ме виде, татко ми ме грабна за кошулата и почна да вика: „Крадец!“ Ја зеде својата мачета и ме удри со тапата страна. Вознемирени од вревата, другите селани се собраа околу нашата куќа. Што украдов? Дозволете ми да ви објаснам.
РОДЕН сум во 1930 во селото Умариам во југоисточна Нигерија како прво од седум деца. Мојата најстара сестра почина на 13 години. Моите родители беа англиканци. Татко ми беше земјоделец, а мајка ми се занимаваше со трговија на ситно. Пешачеше до локалните пазари, околу 30 километри од нашето село, за да купи конзерва палмово масло и се враќаше дома доцна истиот ден. Потоа, рано следното утро, пешачеше до градот каде што имаше железничка станица и кој беше околу 40 километри далеку за да го продаде маслото. Ако заработеше нешто, обично не повеќе од 15 центи (американски), купуваше храна за семејството и се враќаше дома истиот ден. Тоа ѝ беше рутина околу 15 години, сѐ до нејзината смрт во 1950.
Го започнав образованието во моето село, во училиште што го водеше англиканската црква, но за да го завршам основното училиште морав да останам во интернат што беше оддалечен околу 35 километри. Бидејќи моите родители немаа пари за понатаму да се школувам, почнав да барам работа. Прво работев како слуга кај еден стражар на железницата во Лагос (западна Нигерија), а потоа кај еден државен службеник во Кадуна (северна Нигерија). Во градот Бенин, во средниот запад на Нигерија, најдов работа како службеник кај еден адвокат, а подоцна како работник во една пилана. Оттаму, во 1953, отпатував во Камерун за да живеам со еден роднина кој ми помогна да најдам работа на плантажа со каучук. Месечната плата ми беше околу девет долари. Работев само некои ниски работи, но бев задоволен сѐ додека имав што да јадам.
Еден сиромав ми дава богатство
Еден колега, Силванус Окемири, беше Јеховин сведок. Тој ја користеше секоја прилика за да го сподели со мене своето библиско спознание додека сечевме трева и стававме слој од слама и лисја околу каучуковите дрвја. Иако го слушав, во тоа време не презедов ништо повеќе. Сепак, кога мојот роднина откри дека сум во контакт со Сведоците, направи сѐ за да ме обесхрабри. Ме предупреди: „Бенџи, немој да го посетуваш г-н Окемири. Тој е човек на Јехова и сиромав е. Сите што се дружат со него ќе станат исти“.
Во почетокот на 1954, не можејќи веќе да ги поднесувам суровите услови за работа во компанијата, се вратив дома. Во тоа време, англиканската црква беше доста строга во врска со моралните мерила. Почнав да го мразам неморалот. Меѓутоа, набрзо се згрозив од лицемерството на другите што одеа в црква. Иако цврсто изјавуваа дека ги следат библиските мерила, нивниот начин на живот беше спротивен на она што го тврдеа (Матеј 15:8). Често се расправав со татко ми што многу ги затегна нашите односи. Една вечер едноставно си заминав од дома.
Се преселив во Омоба, мал град покрај железницата. Таму повторно стапив во контакт со Јеховините сведоци. Присила Исиока, која ја познавав од моето село, ми ги даде брошурките “This Good News of the Kingdom” („Оваа добра вест за Царството“) и After Armageddon—God’s New World (По Армагедон — Божјиот нов свет).a Ги прочитав во еден здив, убеден дека ја најдов вистината. Во мојата црква не ја проучувавме Библијата; се сосредоточувавме на човечки традиции. Меѓутоа, литературата на Сведоците често цитираше од Библијата.
Помалку од еден месец подоцна, ги прашав брат и сестра Исиока кога одат во нивната црква. Кога првпат присуствував на состанок на Јеховините сведоци, не разбрав ништо. Статијата од Стражарска кула беше за нападот на ,Гог од Магог‘ што е спомнат во пророчката книга на Езекиел (Езекиел 38:1, 2). Многу изрази ми беа непознати, но бев толку воодушевен од тоа колку срдечно бев пречекан што решив пак да одам следната недела. На вториот состанок слушнав за проповедањето. Така, ја прашав Присила кога одат тие да проповедаат. Третата недела, отидов со нив и носев една мала Библија. Немав ниту чанта за проповедање ниту каква и да е библиска литература. Сепак, станав објавител на Царството и на крајот на тој месец дадов извештај за служба на теренот!
Никој не ја проучуваше Библијата со мене, но кога и да го посетев семејството Исиока, учев зборови на вера и охрабрување од Библијата и добивав нешто библиска литература. На 11 декември 1954, на еден обласен конгрес во Аба, го симболизирав моето предание на Јехова со крштавање во вода. Мојот братучед со кого живеев и кај кого работев како помошник престана да ми дава храна и да ме обучува, дури не ми плати ни пара за работата што ја свршив за него. Сепак, не му се лутев; едноставно бев задоволен со тоа што имав личен однос со Бог. Ова ми даде утеха и внатрешен мир. Локалните Сведоци ми помогнаа. Семејството Исиока ми даде храна, а други ми позајмија пари за да почнам со трговија на ситно. Во средината на 1955 купив еден велосипед на старо и во март 1956 почнав со општа пионерска служба. Набргу потоа ги отплатив моите долгови. Од тргувањето заработував малку, но можев да се грижам за себе. Она што Јехова ми го даваше ми беше доволно.
„Ги крадам“ моите браќа и сестри
Штом имав свој дом, моја прва грижа беше духовно да им помогнам на моите браќа и сестри. Татко ми, затоа што имаше предрасуди и многу се сомневаше, се противеше на тоа што станав Сведок. Како, тогаш, можев да им помогнам на моите браќа и сестри да ја научат библиската вистина? Понудив да го издржувам мојот помлад брат Ернест, па така татко ми му дозволи да остане со мене. Ернест брзо ја прифати вистината и се крсти во 1956. Неговата промена го зајакна противењето на татко ми. Сепак, и сестра ми, која веќе беше мажена, ја прифати вистината заедно со својот сопруг. Кога средив мојата втора сестра, Фелишија, да го помине училишниот распуст со мене, татко ми неволно се согласи. Набрзо, и Фелишија се крсти како Јеховин сведок.
Во 1959 отидов дома да ја земам Бернис, мојата трета сестра, за да ја однесам кај Ернест. Во таа прилика татко ми ме нападна и ме обвини дека му ги крадам децата. Тој не можеше да сфати дека тие самите си донесоа одлука да му служат на Јехова. Татко ми се заколна дека никогаш нема да ја пушти Бернис да дојде кај мене. Но, Јеховината рака не беше кратка, зашто уште следната година Бернис отиде да го помине училишниот распуст кај Ернест. Како и другите сестри, и таа ја прифати вистината и се крсти.
,Ја учам тајната‘
Во септември 1957 почнав да служам како специјален пионер и секој месец посветував околу 150 часови во делото на проповедање. Јас и мојот партнер, Сандеј Иробалаки, служевме на огромното подрачје во Акпу-на-абуо (Ече). На првиот покраински собир на којшто присуствувавме додека бевме таму, се крстија 13 лица од нашата група. Колку сме воодушевени што сега во таа област има 20 собранија!
Во 1958 ја запознав Кристијана Азуике, општ пионер што служеше во собранието Аба-Исток. Се восхитував на нејзината ревност и во декември истата година се венчавме. На почетокот на 1959 бев наименуван како патувачки надгледник и ги посетував и ги зајакнував собранијата со наши духовни браќа. Оттогаш па до 1972, јас и мојата сопруга ги посетивме речиси сите собранија на Јеховиниот народ на исток и на средниот запад од Нигерија.
Собранијата беа многу оддалечени, а главно превозно средство ни беше велосипедот. Кога служевме во собранијата во големите градови, браќата ќе најмеа такси за да нѐ однесе до следното собрание. Во некои случаи собите каде што спиевме имаа земјен под и немаа таван. Спиевме на кревети направени од прачки од палма рафија. Некои кревети имаа душеци од трева прекриени со рогозина; некои воопшто немаа душеци. Количината и квалитетот на храната не беа проблем за нас. Затоа што во минатото научивме да бидеме задоволни и со малку, уживавме во секоја храна што ќе ја добиевме, а нашите домаќини го ценеа тоа. Во тоа време во некои градови немаше струја, затоа секогаш си носевме газиена ламба. Меѓутоа, и покрај тешките услови, поминавме прекрасни моменти со собранијата.
Во текот на тие години сфативме колку е важен советот на апостол Павле: „Кога имаме храна и покрив, да бидеме задоволни со тоа“ (1. Тимотеј 6:8). Павле низ неволји научил една тајна што му помогнала да остане задоволен со она што го имал. Која била таа тајна? Тој објаснил: „Навистина знам како е да имаш малку, навистина знам како е да имаш изобилство. Во сѐ и во сите околности ја научив тајната и како да бидам сит и како да гладувам, и како да имам изобилство и како да трпам оскудица“. И ние ја научивме истата таа тајна. Павле исто така рекол: „За сѐ имам сила со помош на оној [Бог] кој ми дава моќ“ (Филипјаните 4:12, 13). Колку вистинито се покажа тоа во нашиот случај! Бевме благословени со добар однос со Бог што ни помогна да бидеме задоволни со она што го имавме, со изградувачки христијански активности во полна мера и со внатрешен мир.
Им служиме на собранијата како семејство
При крајот на 1959 се роди нашиот прв син, Џоел, а во 1962 и вториот син, Семјуел. Јас и Кристијана продолживме со патувачкото дело и заедно со момчињата ги посетувавме собранијата. Во 1967, во Нигерија изби граѓанска војна. Училиштата беа затворени поради постојаните воздушни напади. Пред да ми се придружи во патувачкото дело, мојата сопруга беше учителка, па за време на војната таа ги подучуваше децата дома. На шест години, Семјуел веќе читаше и пишуваше. По војната, кога тргна на училиште, беше две одделенија понапред од неговите врсници.
Во тоа време, не сфативме потполно колку е тешко да се подигаат деца и да се остане во патувачкото дело. Меѓутоа, од корист за нас се покажа тоа што во 1972 бевме доделени да служиме како специјални пионери. Тоа ни овозможи да останеме на едно место со што можевме да обрнеме соодветно внимание на духовноста на нашето семејство. Уште на рана возраст, ги научивме нашите синови колку е важен добриот однос со Бог што ни помага да бидеме задоволни со она што го имаме. Семјуел се крсти во 1973, а истата година Џоел почна со општа пионерска служба. И двата наши сина се оженија со добри христијанки и сега ги подигаат своите семејства во вистината.
Мизеријата на граѓанската војна
Кога изби граѓанската војна, служев како покраински надгледник заедно со моето семејство во собранието Онича. Таа војна уште повеќе всади во нас колку е бескорисно да се трупаат материјални работи и да се има доверба во нив. Видов луѓе како бегаат за да спасат жива глава — оставајќи ги своите вредни работи по улиците.
Како што војната сѐ повеќе се разгоруваше, сите способни мажи беа регрутирани. Многу браќа што одбија да одат во војска беа мачени. Не можевме да се движиме слободно. Недостигот од храна предизвика нереди во земјата. Цената на половина килограм маниока се качи од 7 центи на 14 долари, а на филџан сол од 8 на 42 долари. Млеко, путер и шеќер немаше никаде. За да преживееме, мелевме недозреана папаја и ја мешавме со малку брашно од маниока. Исто така, јадевме скакулци, лушпи од маниока, лисја од хибискус, слонова трева (еден вид трска што се користи како сточна храна) — секакви лисја што ќе најдевме. Месото беше луксуз, па затоа фаќав гуштери за децата да јадат. Сепак, колку и да беше лоша ситуацијата, Јехова секогаш се грижеше за нас.
Меѓутоа, уште поопасна беше духовната немаштија што ја предизвика војната. Поголемиот дел од браќата побегнаа од воената зона во џунглата или во други села и во тој процес ги изгубија повеќето, ако не и сите свои библиски публикации. Освен тоа, блокадата од страна на владините трупи спречи да се внесува нова библиска литература во областа Бијафра. Иако повеќето собранија се трудеа да одржуваат состаноци, духовноста на браќата трпеше зашто до нив не можеа да стигнат упатствата од канцеларијата на подружницата.
Се бориме со духовна изгладнетост
Патувачките надгледници правеа сѐ за да продолжат со подготовката да го посетат секое собрание. Бидејќи многу браќа избегаа од градовите, ги барав секаде каде што би можеле да бидат. Во една прилика, ги оставив сопругата и децата на сигурно и сам патував шест седмици, посетувајќи различни села и делови од џунглата за да ги најдам браќата.
Додека бев во посета на собранието во Огбунка, слушнав дека имало голема група Сведоци во регионот Исуоки, во областа Окигве. Замолив да им пренесат на браќата во тоа подрачје да се соберат на една плантажа со индиски ореви што се наоѓаше во селото Умуаку. Јас и еден постар брат возевме со нашите велосипеди околу 15 километри до плантажата, каде што се собраа околу 200 Сведоци, меѓу кои имаше и жени и деца. Една сестра пионерка ми помогна да најдам друга група од околу стотина Сведоци, кои побарале прибежиште во шумата Ломара.
Лоренс Угуебу беше еден од групата храбри браќа што живееја во градот Овери кој беше опустошен од војната. Тој ме извести дека има голем број Сведоци во регионот Охаџи. Тие не можеа да се движат слободно зашто војниците го имаа окупирано тој регион. Ние двајцата отидовме со велосипеди таму навечер и се сретнавме со околу 120 Сведоци во еден заграден простор што му припаѓаше на еден брат. Таа прилика ја искористивме и за да посетиме некои други Сведоци во нивните скривалишта.
Брат Исак Нвагу го ризикуваше својот живот за да ми помогне да откријам каде има други раселени браќа. Ме пренесе со кану преку реката Отамири за да се сретнам со преку 150 Сведоци што беа собрани во Егбу-Ече. Таму еден брат извика: „Ова е најубавиот ден во мојот живот! Мислев дека никогаш повторно нема да видам покраински надгледник. Сега и да умрам во беснеењето на оваа војна, ќе умрам среќен“.
Ми се закануваше регрутација, но постојано ја чувствував Јеховината заштита. Едно попладне, додека се враќав до местото каде што бев сместен по една средба со околу 250 браќа, кај една барикада ме сопре една единица воени командоси. „Зошто не ѝ си се приклучил на војската?“ ме прашаа. Им објаснив дека сум мисионер што проповеда за Божјето Царство. Ми беше јасно дека беа решени да ме уапсат. По една кратка молитва во себе, му реков на нивниот капетан: „Ве молам, пуштете ме“. На мое изненадување, тој одговори: „Велиш дека треба да те пуштиме да си одиш?“ „Да“, одговорив, „пуштете ме.“ Тој рече: „Можеш да си одиш“. Никој од војниците не рече ни збор (Псалм 65:1, 2).
Тоа што сме задоволни со она што го имаме ни донесува натамошни благослови
Откако, во 1970, заврши војната, продолжив да служам во покраинското дело. Беше чест да се помогне да се реорганизираат собранијата. Потоа, јас и Кристијана служевме како специјални пионери до 1976, кога повторно бев наименуван како покараински надгледник. Кон средината на 1976 бев доделен во обласното дело. Седум години подоцна, јас и мојата сопруга бевме поканети да служиме во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Нигерија, која и сега ни е дом. Овде во подружницата, секогаш ни причинува голема радост кога повторно ќе видиме браќа и сестри што сме ги запознале за време на граѓанската војна или во некое друго време и кои сѐ уште верно му служат на Јехова.
Низ годините, Кристијана ми даваше прекрасна поддршка и ми беше лојален придружник. Нејзиниот позитивен и одлучен дух, и покрај постојаните здравствени проблеми што ги трпи од 1978, ми помогна да продолжам со моите одговорности. Ја искусивме вистинитоста на зборовите на псалмистот: „Господ ќе го поткрепи на леглото при болест“ (Псалм 41:3).
Кога ќе погледнам на сите овие години теократска активност, не можам а да не му благодарам на Јехова за неговите прекрасни благослови. Затоа што бев задоволен со она што тој ни го дава, навистина можам да речам дека сум нашол голема среќа. Радоста што гледам дека моите браќа и сестри, моите деца и нивните семејства му служат на Јехова со мене и со мојата сопруга е неспоредлив благослов. Јехова ми го даде задоволството да имам богат и смисловен живот. Ниедна моја желба не остана неисполнета.
[Фуснота]
a Издадени од Јеховините сведоци. Повеќе не се во печат.
[Рамка на страница 27]
Една навремена подготовка помага да се поткрепи братството
Во средината на 1960-те, омразата помеѓу етничките групи во северна и источна Нигерија доведе до немири, бунтови, беззаконие и етничко насилство. Овие настани ги ставија Јеховините сведоци, кои беа решени да останат потполно неутрални во судирот, под голем притисок. Околу 20-ина од нив беа убиени. Повеќето изгубија сѐ што имаа.
На 30 мај 1967 источните држави во Нигерија се отцепија од федерацијата и ја формираа Република Бијафра. Федералната војска беше мобилизирана и Бијафра беше ставена под потполна блокада. Следеше крвава и насилна војна.
Поради својата неутралност, Јеховините сведоци во областа на Бијафра беа цел на напади. Весниците објавија жестоки коментари со кои го подбуцнуваа мислењето на јавноста против нив. Меѓутоа, Јехова се погрижи неговите слуги да добиваат духовна храна. Како?
Во почетокот на 1968, еден државен службеник доби служба во Европа, а еден друг на авионската писта во Бијафра. И двајцата беа Сведоци. Со своите доделби се најдоа на спротивните краеви на единствената врска помеѓу Бијафра и надворешниот свет. Овие двајца Сведоци доброволно се пријавија да пренесуваат духовна храна во Бијафра. Тие, исто така, помогнаа да им се обезбеди на нашите браќа што беа во неволја помош во облик на различни средства. Овие двајца браќа можеа да ја одржуваат оваа многу важна подготовка во текот на целата војна, која заврши во 1970. Еден од нив подоцна рече: „Оваа подготовка беше нешто што луѓето никогаш не би можеле да го испланираат“.
[Слика на страница 23]
Во 1956
[Слика на страница 25]
Во 1965 со нашите синови, Џоел и Семјуел
[Слика на страница 26]
Каков само благослов е да му се служи на Јехова како семејство!
[Слика на страница 27]
Денес јас и Кристијана служиме во подружницата во Нигерија