Извлечи полна корист од Обласниот конгрес за 1993 — ,Божествена поука‘
1 „Поучувај ме, о Јехова“ (Псалми 86:11, NW). Тоа треба да биде искрена молба на секој предаден Божји слуга. Ние сме решени никогаш да не престанеме да учиме и никогаш да не престанеме да го применуваме она што го учиме. Понекогаш е потребно да бидеме исправени и, како што било случај со псалмистот, да го молиме Бог да го обедини нашето срце за да не биде поделено. Програмата на Обласниот конгрес „Божествена поука“ ќе ја даде практичната подука и исправањето кое ни е потребно за да му служиме на Јехова среде притисоците на овој систем на ствари.
2 Четиридневен конгрес: Оваа година, на нашите подрачја се планира еден конгрес на македонски јазик. Програмата ќе започне во четврток во 13.20, а ќе заврши во недела попладне, отприлика во 16.15. Вратите на секој конгрес ќе бидат отворени во 7.30 секое утро. Молиме обрнете внимание на тоа дека нема да се дозволи никој да влезе пред 7.30, освен ако е одреден да работи пред тоа време.
3 Што нѐ очекува? Изобилство на цврста духовна храна прикажана на разновидни начини: говори, прикази, интервјуа и две драми. Не пропуштај ништо од овие важни поуки! Освен тоа, се радуваме што ќе обновиме стари познанства и што ќе склучиме нови. Можеби на твојот конгрес ќе присуствуваат мисионери кои служат во странство. Искористи ја приликата да се запознаеш со тие верни браќа и сестри. Ако си родител, вклучи ги и децата во разговорот. Радосниот и самопожртвуван дух на тие мисионери може да ги поттикне твоите малечки деца да размислуваат за кариера во полновремена служба.
4 Ќе го донесеш ли целиот десеток во амбарот? Во Малахија 3:10, Јехова им ветил на Израелците дека ако бидат спремни да го испитаат и да го донесат целиот десеток во амбарот, тој ќе им излие благослов сѐ додека не претече.
5 За некои, да се стави Јехова на испит ќе значи да му пристапат на својот работодавач колку што е можно побрзо за да го замолат за годишен одмор или за денови на отсуство за да присуствуваат на конгресот. Понекогаш некои браќа се колебале да го сторат тоа, претпоставувајќи дека нивниот работодавач никогаш не би им дозволил да присуствуваат на конгрес. Но, кога се работи за недуховни работи, можеби имаат мала или никаква потешкотија да му соопштат на својот работодавач за она што сакаат да го направат.
6 Мораме да се запрашаме: Кога некој драг пријател би се женел во некој друг крај, зарем не би отишле кај работодавачот и би го замолиме за слободно време за да присуствуваме на свадбата? И ако изгледа дека се колеба, зарем не би му објасниле со почит колку би ни значело кога би можеле да одиме? Сигурно дека е поважно да бидеме поучени од Јехова отколку да одиме на некоја свадба! Ако сме навистина уверени дека конгресната програма е битна за нашиот духовен раст, ќе ни биде полесно да го увериме нашиот работодавач да ни даде слободно време за да присуствуваме на конгресот (Јак. 1:7, 8).
7 Во Израел десетокот се состоел од материјална поддршка на Јеховиното место на обожавање. Во наше време, десетокот го претставуваат времето, енергијата и финансиските средства што се користат директно во Јеховината служба и за поддржување на делото на Царството. Десетокот го вклучува времето што го трошиме на состаноците, собирите и конгресите, како и за одржување и чистење на местата за состанување. Обласниот конгрес „Божествена поука“ ќе ни даде многу прилики да го донесеме целиот десеток во Јеховиниот духовен амбар. Кои се некои од нив?
8 Можеме да го донесеме десетокот така што внимателно ќе ја слушаме конгресната програма, одушевено ќе учествуваме во пеењето на секоја песна на Царството и внимателно ќе ја слушаме секоја молитва за да го додадеме нашето срдечно „амин“.
9 Нашето напредување во вистината во голема мерка зависи од тоа како слушаме. Во голема сала или на стадион е лесно вниманието да ни го одврати она што другите го прават околу нас и од таа причина мораме да се концентрираме со мислите. Погрижи се на конгресот да дојдеш потполно подготвен, со Библија, песнарка, пенкало и бележник, и изданието на Стражарска кула што ќе се проучува таа седмица. Корисно е да се запишуваат мислите и библиските стихови што ги користи секој говорник. Забелешките нека бидат кратки; запишувањето премногу забелешки може да смета на концентрацијата. И младите треба да се научат да бидат внимателни слушатели. Децата можат да го донесат десетокот заедно со своите родители така што ќе ја следат програмата колку што е можно повнимателно.
10 Некои родители секој ден планираат време на мир дома и тогаш од своите деца очекуваат да читаат или да ги гледаат сликите во некоја од публикациите на Заедницата. Таквата добра обука им олеснува на децата мирно да седат за време на состаноците и конгресите. Родителите кои одгледале примерни деца велат дека никогаш не дозволуваат нивните малечки да носат играчки или цртанки на состаноците. Дури и многу мали деца можат да научат дека причината за присуствување на состаноците е да се обожава Јехова. Навистина се за пофалба родителите кои ги поучуваат своите мали деца за она што за нив значи да го донесат целиот десеток во складиштето!
11 Можеме исто така да го донесеме десетокот ако доброволно го дадеме нашето време и енергија за да помогнеме во организацијата на конгресот. На повеќето локации се планира претконгресно чистење ден-два пред да започне конгресот. Ако живееш во близината, зошто не планираш целото семејство да учествува? Некои браќа ги донеле своите напредни библиски ученици така што и тие ќе можат да научат што е вклучено во поддржувањето на Јеховиното обожавање уште пред нивното крштение. Може многу да се направи за конгресот со сигурност да функционира без пречки. Зошто не се пријавите како доброволци целото семејство?
12 Нашата финансиска поддршка на конгресот е уште еден начин да го донесеме десетокот. Кога во главни црти прикажал како требало да се даваат материјални дарови за поддржување на чистото обожавање, Јехова ѝ заповедал на израелската нација: „Никој не смее да се јавува пред Господа со празни раце, но секој со дар во раката, според благословот од Господа, твојот Бог, од она што ти го дал Он“ (5. Мој. 16:16, 17). Без разлика дали луѓето можеле да дадат малку или многу, нивниот принос, однапред подготвен, му бил угоден на Јехова. Слично на тоа, многу браќа во молитва размислуваат за прилогот што ќе го дадат, сеедно дали во готово или на чек (напишано на „Јеховини сведоци“). Дали некогаш им дозволуваш на твоите мали деца да стават прилог во кутијата?
13 Украсувај ја науката на нашиот Спасител, Бог: Со нашите добри манири и нашето добро однесување, можеме ‚науката на нашиот Спасител, Бог, да ја украсуваме во сѐ‘ (Тит 2:10). Со други зборови, на самиот конгрес можеме да покажеме дека во нашиот живот ја применуваме божествената поука.
14 Како е со нашите манири? Обѕирноста спрема другите е ретка во светот денес. Но Јеховиниот народ, кој се води од библиски начела, мисли не за своја корист, туку за користа на својот ближен (Фил. 2:4). Ние сме свесни за другите околу нас. Не се туркаме или буткаме кога стоиме во ред за храна или за публикации. Обѕирни сме спрема постарите и малите деца кои можеби чекаат во редот со нивните родители и кои би можеле лесно да бидат турнати од возрасните кои не ги забележуваат. Во рестораните сме учтиви и љубезни спрема персоналот, а не груби или премногу да бараме ако услугата не ги исполнува нашите очекувања. И радо ќе се подложиме на обичајот да оставиме разумен бакшиш од 15 отсто за направените услуги.
15 Нашето божествено однесување има вистинско влијание на оние околу нас. Минатата година во еден конгресен град, еден полицаец кој работел 21 година во милицијата, го рекол следново: „Импресиониран сум од дисциплината на вашиот народ. [Тие се] извонредни; ги собираат отпадоците без некој да ги замоли за тоа и уредни се, а вашиот конгрес е добро организиран“. Тој додал: „Кога вашите луѓе ќе нѐ видат, ни се насмевнуваат. Тоа е добар знак. Ние тоа го бараме. Тоа е знак на пријателство и дека ништо не е скриено. И забележуваме како децата се со родителите и дека се добро воспитани. Верувајте ми, јас сум импресиониран. Задоволство ми е што сум овде доделен“.
16 Некои службеници нарочно дојдоа во Бетел за да понудат покана да се одржи конгрес во нивниот град. Друштвото ја прифати љубезната покана, а градските татковци не беа разочарани. Заменик градоначалникот рече: „Многу сме воодушевени што имаме таква угледна група каква што е вашата да се состане во нашиов град. Вложивме голем напор за да ве доведеме овде . . . и не би можеле да бидеме позадоволни“. Со нивното добро однесување, секој брат и сестра придонесе за одличното сведоштво што беше дадено таму.
17 Дали ти лично ќе го украсиш учењето на нашиот Спасител, Бог, со твоето примерно однесување? Еве неколку начини на кои може да се направи тоа:
Облекување и уредност: Додека присуствуваме на конгрес, не треба да мислиме дека сме на одмор, туку дека се појавуваме пред Јехова за да бидеме поучени од него. Бидејќи е таква работата, зарем не би требало да се облечеме така како кога присуствуваме на состанок во Царската сала? (1. Тим. 2:9, 10). Освен тоа, треба внимателно да размислиме што ќе облечеме после програмата. Откако ќе се вратиме таму каде што сме сместени, дали би биле доследни, без разлика на возраста, да ја замениме нашата скромна, достоинствена конгресна облека со облека во која би изгледале како немарно облечени и запуштени световни луѓе? Зарем тоа не би дало впечаток дека нашата облека за состаноци не е ништо повеќе отколку носија, наместо одраз на нашиот начин на живот? Да запомниме дека го носиме името на Јехова, и секој еден од нас мора да се погрижи да не се донесе оправдано обвинение на вистината.
Кандидатите за крштение треба да бидат потсетени дека не е прикладно на таква света прилика да носат маици со световни слогани, пароли или реклами. Старешните треба да се погрижат прашањата за крштение доволно однапред да бидат разгледани, и на секој кандидат навреме да му се каже дали има одобрение за крштение или не. (Кога се обработуваат прашањата, тоа може да биде прикладно време за предлози во врска со пристојна, скромна облека за крштение.) Нема потреба кандидатите за крштение кои старешините ги одобриле да бидат запишувани на конгресот.
Хотели и мотели: Кога се пријавуваш во хотелот или мотелот, покажувај ги плодовите на духот. Хотелскиот персонал можеби не е опремен да опслужи голема група за кратко време. Биди стрплив, имај сочувство и остави соодветен бакшиш.
Децата можат да го дадат својот дел ако покажуваат почитување спрема хотелскиот имот и ако се послушни на правилата кои се однесуваат на користењето на пливачкиот базен и другите објекти. Би било корисно кога родителите некое време пред конгресот со своите деца би разгледале какво однесување ќе се очекува од нив и да ги потсетат на нивната лична одговорност да се придржуваат на христијанските мерила на однесување.
Техника за снимање: Иако се дозволени видеокамери, ние знаеме дека ќе бидете обѕирни спрема другите. Не би било љубезно да им го попречите погледот на другите присутни на конгресот додека ја снимате програмата. Ако можете да снимите дискретно од своето место, можете тоа слободно да го сторите. Но, ве молиме да запомнете дека камери или уреди за снимање не смеат да се приклучуваат на електричниот или звучниот систем на конгресот, и не смее да се става опрема на премините или на прометните места.
Седење: Ве молиме да имате на ум дека СЕДИШТА МОЖАТ ДА СЕ ЧУВААТ САМО ЗА БЛИСКИТЕ ЧЛЕНОВИ НА СЕМЕЈСТВОТО И ЗА ОНИЕ КОИ МОЖЕБИ ПАТУВААТ СО ВАС ВО АВТОМОБИЛОТ. На сите конгреси ќе има специјални сектори за постарите и телесно немоќните. Ве молиме да бидете обѕирни спрема постарите. Порано, некои постари браќа морале да бараат места во неприкладни сектори затоа што помладите ги пополниле седиштата во секторот за постари. Нам ни е жал што нема да биде возможно да ги задоволиме барањата за посебни сектори или соби за оние кои имаат проблеми како што се алергиите.
Лични предмети: Се предлага да ги сведете на минимум личните предмети коишто ќе ги донесете на конгресот. Ако некој предмет не го собира под седиштето, можеби е подобро да го оставиш дома или во багажникот од автомобилот. Од безбедносни причини не е дозволено на премините да се ставаат големи ладилници, а ако ги ставите на седиштето до вас, некој можеби ќе биде лишен од седиште.
Служба за литература и исхрана: Сите ние сакаме да покажуваме ценење за Божјите добри дарови и да се погрижиме ништо да не пропадне (Јован 6:12). Како и порано, предлагаме еден член од семејството да подигне храна за целото семејство. За да не земете повеќе отколку што ви е потребно, зошто не направите список за она што секој го сака, а потоа да се држите за списокот? Имајте на ум дека храната не смее да се изнесува надвор од местото на конгресот за да се користи подоцна на друго место. Родителите треба да разговараат со децата за тоа да не ја расипуваат храната. Ве молиме, покажувајте љубезна обѕирност спрема другите кога се дели литература.
18 Од љубезна обѕирност спрема другите, планирај да дојдеш порано секој ден, посебно во четврток кога веројатно ќе биде потребно повеќе време отколку вообичаено за да се најде место за паркирање и седење.
19 Колкава предност е што сме поучувани од Јехова! Користењето на нашето време, енергија и материјални средства за поддржување на Обласниот конгрес „Божествена поука“ ова лето ќе доведе до трајни духовни користи како за нас така и за нашите семејства.
Потсетници за Обласниот конгрес
Прикладна пристојност: Важно е сите кои присуствуваат на конгресот да задржат прикладна пристојност и со полно почитување на местото на собирот да гледаат како на „Божји дом!“ (Пс. 54:14). За време на предавањата, драмите, песните, а посебно молитвите, ве молиме да избегнувате да правите сѐ што би го одвлекувало вниманието на другите кои ја слушаат програмата. Не би покажувале почитување кога би се движеле без потреба, кога би разговарале или би користеле фотоапарати со блиц или видеорекордери кое би им го одвраќало вниманието на оние кои се трудат да се сконцентрираат на она што се кажува. Нашата обѕирност и добро однесување ќе покажат дека искрено ја цениме божествената поука и дека сме дошле на конгресот за да бидеме поучени од Јехова.
Сместување: Многу ќе се цени вашата соработка ако го користите списокот за сместување којшто го дава конгресот. Ако планирате да преноќите во конгресниот град и уште не сте потврдиле резервација, ве молиме веднаш да го сторите тоа. Ако мислите дека е неопходно да ја откажете резервацијата, треба директно да им пишете или да телефонирате до хотелот, и тоа да го сторите колку што е можно доволно однапред за собата да биде на располагање за некој друг.
Собраниските секретари треба да се погрижат формуларите Барање за сместување за посебни потреби да бидат брзо испратени на соодветната конгресна адреса. Ако морате да откажете сместување кое било направено преку уредувањето за посебни потреби, треба веднаш да ги известите и домаќинот на куќата или хотелот и конгресното одделение за сместување за собата да може да се отстапи на друг.
Детски колични: На многу локации детските колички не можат да се користат на места за јавни собири. Противпожарните прописи забрануваат да се паркираат во ходници и патеки или помеѓу редовите. Бидејќи големите гужви можат да создадат застои, детските колички се потенцијална опасност не само за самото дете, туку и за секој кој би можел да се сопне на нив. Затоа ве молиме да не ги донесувате на местото на конгресот. Меѓутоа, дозволени се детски седишта или седишта за автомобили, бидејќи тие можат да се прицврстат за седиштата веднаш до родителите. Се цени вашата соработка во оваа работа.
Крштение: Кандидатите за крштение треба да бидат на своите седишта во предвидениот сектор пред да започне програмата во сабота наутро. Секој кој планира да се крсти, треба да донесе скромен костим за капење и крпа. После говорот за крштение и молитвата, претседавачот на тој дел од програмата ќе им даде кратки упатства на кандидатите за крштение, а потоа ќе ја најави песната. По последниот стих, редарите ќе ги упатат кандидатите за крштение до местото за крштение или до возилата кои ќе ги однесат до таму. Бидејќи крштението како симбол на нечие предание е интимна и лична работа помеѓу поединецот и Јехова, нема подготовка за т.н. заеднички крштенија во кое двајца или повеќе кандидати за крштение се прегрнуваат или се држат за раце додека се крштеваат.
Доброволна служба: За непречено одвивање потребна е доброволна служба на еден обласен конгрес. Па дури и ако можете да работите само еден дел од конгресот, вашите услуги ќе се ценат. Ако можете да помогнете, ве молиме да се јавите во Одделот за доброволна служба. И децата под 16 години можат да придонесат за успехот на конгресот, но се бара да работат со родител или со друг одговорен возрасен.
Значки: Ве молиме да ја носите специјално направената значка на конгресот, а и додека патувате до и од конгресното место. Тоа често ни овозможува да дадеме добро сведоштво додека патуваме. Ако сме означени како конгресни делегати со јасно испишана значка, тоа ќе го олесни функционирањето на поедноставената подготовка за исхрана. Значките треба да ги добиете преку вашето собрание, бидејќи нема да бидат достапни на конгресите.
Идентификација: Покрај конгресната значка „Божествена поука“ на реверот, секој се охрабрува да го има кај себе и своето медицинско упатство. Членовите на бетелската фамилија и пионерите треба со себе да ги носат и своите легитимации.
Предупредување: Сеедно каде паркирате, возилото во секое време треба да биде заклучено и никогаш не оставајте нешто уочливо во него. Ако е можно, чувајте ги предметите заклучени во багажникот. А чувајте се и од крадци и од џепџии кои се привлечени од големи собири. Тоа значи да не се остава ништо вредно без надзор на седиштата на конгресот. Имавме неколку известувања за бескрупулозни поединци кои се обиделе да одмамат деца од местото на конгресот. Молиме, бидете претпазливи.
Известено е дека во некои хотели лесно се достапни ТВ филмови со неморална содржина или дури од порнографска природа. Тоа ја нагласува потребата да се забрани децата да гледаат ТВ без надзор во тие места на престојување.
Некои браќа и заинтересирани луѓе се јавувале во управата на конгресните простории и барале информации за времето на почетокот на делови од програмата и за други работи. Молиме да не го правите тоа. Ако потребните информации не можете да ги најдете во Стражарска кула или во Наша служба за Царството, треба да пишете на конгресната адреса што се наоѓа отпозади на формуларите Барање за сместување за посебни потреби, кои се наоѓаат во архивата кај секој собраниски секретар.