Обласниот конгрес разгласува подбудувачки повик! — радосно фалете го Јехова од ден на ден!
1 „Ако трубата не дава разбирлив глас, тогаш кој ќе се готви за битка?“ прашал апостол Павле (1. Кор. 14:8). Дали беше гласен и јасен повикот што го чувме на Обласниот конгрес „Радосни фалители“? Да, навистина. ‚Фалете го Јехова радосно и секојдневно‘, гласеше поттикнувачката порака! Дали беше подбудено твоето срце на акција со овој повик? Конгресната програма изобилуваше со силни причини за нашето постојано фалење на Царот на вечноста Јехова (Пс. 34:27, 28).
2 Небото кое влева стравопочитување ја објавува Јеховината слава „од ден за ден“ (Пс. 19:1-3, НС). Ако немите, неживи творби постојано го фалат Јехова, зарем не треба ние како интелигентни суштества да се чувствуваме наведени во секое време да го подигнеме својот глас за да го фалиме заради неговите неспоредливи особини и способности? Кој заслужува поголема фалба од нашиот величествен Творец? (Пс. 144:3, 7).
3 Од ден на ден: Инспирираниот псалмист напишал: „Благовестете го од ден на ден спасението од Него; зашто велик е Господ и достоен за пофалба“ (Пс. 95:2, 4). Дали ова важи само за пионерите? Не! Дали тоа значи дека сите ние треба да им зборуваме на другите за Јехова секогаш и секаде каде што можеме, дури и во деновите кога не сме во службата од куќа до куќа? Да! Итна е потребата да се слави Јехова секојдневно и да им се зборува на другите за неговото средство за спасение. Луѓето мораат да знаат дека Јехова е Царот Вечен и дека Тој му го дал владетелството над светот на Својот прославен Син, Исус Христос. Љубовта кон Јехова и кон луѓето ќе ни овозможи да им зборуваме на луѓето за оваа порака и за подготовките за спасение, секаде каде што ќе ги најдеме (Пс. 70:15).
4 Секој ден додека служел на Земјата, Исус Христос го давал најдобриот пример на постојан фалител на Јехова. Тој рекол: „Јавно те фалам Оче, Господару на небото и на Земјата“ (Мат. 11:25, НС). Доследен на она што го кажувал, Исус Христос јавно го фалел Јехова, сеедно каде се наоѓал. И секаде каде што ќе се собереле мноштва — било во синагогите, било во храмот во Ерусалим, било на планина или на морски брег — тој го фалел Јехова. Ако точно ги следиме Исусовите стапки со секојдневна, постојана активност во јавното величење на Јехова, ќе доживееме радосни и среќни резултати.
5 Да одговориме на повикот: Ќе одговориш ли на повикот да го фалиш Јехова јавно секој ден? Запомни, годините не се препрека. Псалм 148:12 ги повикува момчињата, девојките, старците и децата да го фалат Јехова. Млади, дали вие ќе го фалите Јехова меѓу соучениците и наставниците во текот на новата учебна година? Возрасни, дали оние кои работат со вас можат да слушаат за Јехова и за неговите намери кога постои соодветна прилика да разговарате? Сите ние треба зборувањето за Јехова да го направиме дел од својот живот исто колку што се дишењето и јадењето. Дури и ако рамнодушните луѓе не обрнуваат внимание на она што им го зборуваме, сепак постои Еден кој го прави тоа и кој ќе нѐ награди (Мал. 3:16).
6 Како што се приближува крајот на системот, до краевите на Земјата се шири повикот: „Луѓе, фалете го Јах“ (Пс. 106:1, НС). Нека со секој изминат ден нашиот извик на фалба станува сѐ погласен за да знаат сите дека Оној, чие име е Јехова, е највишиот над целата Земја (Пс. 83:18, НС).