Редовното присуство на состаноците — неопходно за да останеме цврсти
1 Апостол Павле нѐ поттикнал да останеме „здрави во верата“ (Тит 1:9, 13). На собраниските состаноци разгледуваме корисни мисли и поучени сме како да останеме целосно облечени во духовната бојна опрема за да можеме ‚да се одржиме против ѓаволското лукавство‘ (Ефеш. 6:11; Фил. 4:8).
2 Состаноците го обезбедуваат она што ни е потребно: Редовното присуствување на собраниските состаноци е неопходно за да останеме цврсти (1. Кор. 16:13). На состаноците се упатени молитви како благодарност и фалба на Бог, а исто и како барање во корист на собранието и неговите потреби (Фил. 4:6, 7). Здружувањето во песните на Царството нѐ возвишува и ни овозможува да ги изразиме нашите мислења и чувства додека го обожаваме Јехова (Ефеш. 5:19, 20). Нашето заедничко дружење во Салата на Царството пред и после состаноците нѐ охрабрува, нѐ изградува и нѐ освежува (1. Сол. 5:11).
3 Специјалното предавање што се одржа во април оваа година, „Близу е крајот на лажната религија“, остави силен печат врз умовите на љубителите на вистината во врска со итноста веднаш да се преземе акција за да се излезе од Големиот Вавилон (Откр. 18:4). Колку беше поттикнувачко обработувањето на трите статии од Стражарска кула во текот на јуни и јули, во врска со блесоците на светлина кои ги осветлиле патеките на праведните! (Изр. 4:18). Замисли си само што би пропуштиле ако сме изостанале од тие состаноци!
4 На нашиот конгрес „Радосни фалители“ беше ставен акцент на потребата од образование кое ја засилува нашата служба. Како што укажува книгата Организирано да ја извршуваме нашата служба на страница 73, Теократската школа за проповедање е една подготовка за континуирано школување на целокупното собрание. Не можеме да си дозволиме да го пропуштиме ова школување.
5 Нашиот Состанок за служба нѐ опремува да бидеме поделотворни во службата. Ова беше прикажано на состанокот на кој добивме упатства да земеме удел во широкото дистрибуирање на Веста за Царството бр. 34. Јеховините благослови на ова дело беа изобилни, како што може да се види и од извонредните резултати ширум светот. (Спореди 2. Кор. 9:6, 7.) Оние кои редовно присуствуваат на состаноците беа охрабрени, а тие помогнаа и во поддршката што ѝ беше дадена на кампањата.
6 Нашето чувство на итност расте на Собраниската студија на книга преку работите што ги учиме од Божјата Реч, со помош на книгата Откровение. Бидејќи настаните на светската сцена се одвиваат брзо, треба да го разбереме исполнувањето на подлабоките пророштва од Откровение.
7 Дај му предност на редовното присуство на состаноците: Во многу земји, нашите браќа сѐ уште согледуваат колку е важно да се собираат заедно секоја недела и покрај тоа што поднесуваат тешкотии. На пример, во Бурунди, Руанда, Либерија и Босна и Херцеговина, има толку многу нови луѓе на состаноците што бројот на присутните е двапати, па дури и трипати поголем од бројот на објавителите. На овој начин Јехова им помага на браќата да останат цврсти во еден дух (Фил. 1:27; Евр. 10:23-25).
8 Секој кој можеби ги запоставувал состаноците би требало токму сега да преземе чекори за да ја поправи оваа тенденција (Проп. 4:9-12). За да останеме цврсти, потребна ни е взаемната измена на мисли со зрелите, што може да се добие преку редовното посетување на состаноците (Рим. 1:11).