Запишување во Теократската школа за проповедање
1 Теократската школа за проповедање е инструмент за обучување на милиони Јеховини сведоци како слуги на добрата вест. Многумина од нас се сеќаваме колку плашливо и недостаточно сме се чувствувале кога првпат сме се запишале во оваа школа, и сега со благодарност ја признаваме нејзината улога во нашиот духовен развој како говорници и учители на Божјата Реч. (Спореди Дела 4:13.) Дали си се запишал во оваа извонредна школа?
2 Кој може да се запише? Страница 73 од книгата Организирано да ја извршуваме нашата служба одговара: „Можат да се запишат сите кои се активно поврзани со собранието, вклучувајќи ги и луѓето кои од скоро присуствуваат на состаноците, сѐ додека не водат живот кој не е во склад со христијанските начела“. Ние ги покануваме сите мажи, жени и деца — кои ги исполнуваат условите — да му пристапат на надгледникот на Школата и да го замолат да бидат запишани.
3 Програма на Школата за 1997: Програмата за Теократска школа за проповедање за 1997 опфаќа широк спектар библиски учења и особини. Освен што ги развиваме нашите говорнички и учителски способности, учиме и од многуте духовни скапоцености што се наоѓаат во нејзиниот наставен план секоја седмица (Изрек. 9:9). Ако се подготвуваме за Школата, која го вклучува нашето седмично читање на Библијата, и ако сме редовно присутни, ќе можеме да извлечеме голема духовна корист од програмата.
4 Повеќето од библиските читања во задача бр. 2 за 1997 година, се пократки во однос на минатите години. Кога се подготвува за оваа задача, ученикот треба внимателно да го измери времето за читање и потоа да одреди колку од петте минути кои му се доделени за неговиот дел може да ги употреби за уводот и за заклучокот. Тоа ќе му овозможи на ученикот целосно да го употреби своето време и да ја развие како неговата способност за читање така и уметноста на импровизирано говорење (1. Тим. 4:13).
5 Во задачата бр. 3 која се темели на книгата Спознание, како можна рамка за презентацијата додадено е неформалното сведочење. Отсега, како рамка за оваа задача, една сестра може да избере или повторна посета или домашна библиска студија или, пак, неформално сведочење. Се разбира, главниот нагласок треба и понатаму да се става на делотворното поучување, а не на рамката.
6 Без разлика дали имаш предност да го држиш поучниот говор, библиските врвни точки или ученичката задача, ти можеш да го покажеш твоето ценење кон Теократската школа за проповедање со тоа што добро ќе го подготвиш и извежбаш твојот дел, така што ќе го презентираш со убедливост и одушевување, со тоа што нема да го пречекоруваш времето, а ќе го слушаш и применуваш советот од надгледникот на школата и секогаш ќе настојуваш верно да ја извршуваш својата задача. На тој начин, твоето запишување во Школата ќе се докаже како благослов — како за тебе така и за сите присутни.