Сведочи секаде каде што има луѓе
1 Препознавајќи ја улогата што ја одиграл Божјиот дух во неговата служба, апостол Павле навел: „Бог направи да расте“. Исто така, тој признал: „Ние сме Му соработници на Бога“ (1. Кор. 3:5—9). Тоа е извонредна предност. Како можеме јавно да покажеме дека го цениме тоа што сме соработници на Бог? Објавувајќи ја добрата вест на сите кои ги среќаваме во делото од куќа до куќа и на секое друго место.
2 Нам ни е заповедано да ‚правиме ученици од луѓето‘ (Мат. 28:19, НС). Доколку контактираме само со малку луѓе кога учествуваме во службата, можеме брзо да се измориме и да имаме чувство дека малку сме постигнале. Од друга страна, пак, најмногу се радуваме на нашата служба кога можеме да најдеме многу луѓе и да разговараме со нив. Тоа може да биде доста предизвикувачки, бидејќи од наша страна се бара некаква иницијатива да одиме секаде каде што има луѓе за да можеме да стапиме во контакт со нив.
3 Практични примери: Можеме да им сведочиме на луѓето на пазари, во паркови, на места за одмор по патот и на транспортни терминали. Кога се возиш во јавниот превоз, дали си подготвен да дадеш сведоштво по патот? Двајца Сведоци, кои се возеле во еден преполн автобус до нивниот состанок за служба, воделе разговор во врска со сликата за рајот во книгата Спознание, дискутирајќи за Божјите ветувања за иднината. Онака како што и се надевале дека ќе се случи, еден млад човек кој стоел близу нив наслушнал и бил импресиониран од она што го чул. Пред да се симне од автобусот, тој прифатил книга и побарал некој да го посети дома.
4 Многу објавители нашле радост во вршењето неформално сведочење. Едно попладне, некоја сестра отишла во локалниот трговски центар и им пристапувала на луѓе кои завршиле со купување, но кои изгледале како да не се брзаат. Таа ја дала сета литература што ја имала во својата ташна. Еден човек кој чекал во својот автомобил со задоволство примил списанија од неа. Тој порано присуствувал на состаноците, и нивниот разговор повторно го разгорел неговиот интерес.
5 Предност е да се возвишува Јеховиното име. Демонстрирајќи ја нашата ревност за проповедничкото дело, ние покажуваме дека не сме ја промашиле целта на Божјата незаслужена љубезност кон нас. Поради тоа што ‚сега времето е особено благопријатно‘ за да им помагаме на другите, тогаш да одиме насекаде каде што има луѓе и да им сведочиме за Јеховиниот ‚ден на спасението‘ (2. Кор. 6:1, 2).