Избирај статии за да ги погодиш посебните интереси на луѓето
1 Како стрелци кои внимателно нишанат со своите стрели, многу собраниски објавители и пионери доживуваат извонреден успех употребувајќи избрани статии од Стражарска кула и Разбудете се! кои се привлечни за посебните интереси на луѓето на нивното подрачје. Тие одлучуваат кој најверојатно ќе сака да прочита извесни статии од списанијата. Како го прават тоа?
2 Прво тие го читаат секое издание од почеток до крај. Потоа се прашуваат: ‚За каков тип луѓе би била привлечна секоја статија?‘ Потоа прават напор да посетат поединци кои веројатно ќе бидат заинтересирани да ја прочитаат таа статија. Кога очекуваат некое посебно издание да биде широко прифатено на нивното подрачје, тие нарачуваат дополнителна залиха.
3 Нашите списанија се многу ценети: Еден од нашите претплатници кој работи за најчитаното меѓународно списание во Нигерија, за Разбудете се! рекол: „Честитам за најдоброто списание на светот од сеопшт интерес“. Еден страстен читател на нашите списанија забележал: „Колку само прекрасни скапоцени камења на бесценета мудрост! Едвај постои некоја тема која ме интересира, а да не е дискутирана некаде на страниците на едно од овие [списанија]“.
4 Списанијата опфаќаат еден широк спектар од теми, вклучувајќи ја Библијата, светските настани, семејните грижи, социјалните проблеми, историјата, науката, животинскиот и растителниот свет — да наброиме само неколку. Сигурно дека едно лице е понаклонето да прочита нешто кога тоа е поврзано со неговите потреби, околности или професија. Бидејќи зборуваме со многу поединци, секој со свои посебни склоности и проблеми, избирањето статии кои се посебно привлечни за луѓето со кои се сретнуваме е многу делотворно.
5 Забележи што се случило кога на еден новински журналист двајца Сведоци му го понудиле изданието на Разбудете се! од 8 септември 1996 (срп.). Тој напишал: „Пред да добијам шанса да речам дека не сум заинтересиран, еден од нив додаде: ‚Има една статија за Индијанците. Знаеме дека Вие пишувавте многу на таа тема‘“. Тој го зел списанието и, за време на појадокот, го прочитал градивото за Индијанците, подоцна признавајќи дека „било одлично“ и „искрено до срж“.
6 Што ги интересира луѓето на твоето подрачје? Што си видел во списанијата во последниве месеци што може да биде привлечно за дуќанџиите и професионалните луѓе на твоето подрачје или за твоите соседи, колеги и соученици? Што би било од особен интерес за адвокатите, педагозите, семејните и училишните советници, советниците за младите, обезбедувачите на социјални услуги и здравствените работници? Ако ги имаш на ум луѓето на кои им проповедаш додека го анализираш секое издание, ќе добиеш одлични можности да ја шириш речта на вистината.
7 Кога ќе најдеш некој кој покажува посебен интерес за извесна статија од Стражарска кула и Разбудете се! и кој го зема списанието, би можел да речеш: „Кога ќе има некоја статија во некое идно издание за која мислам дека ќе Ве интересира, ќе ме радува да Ви донесам примерок“. Можеби ќе го вклучиш лицето во својата рута со списанија, навратувајќи одвреме навреме со најновите списанија. Тоа е слично на она што се правеше за да се добие отворена покана да се прават повторни посети кај лица кои можеби ќе бидат особено заинтересирани за извесни статии кои се појавуваат во нашите списанија.
8 Постави си духовна цел: Пред неколку години, еден човек ориентиран кон кариерата добил списание Разбудете се! на тема што го интересирала. Меѓутоа, овој религиозен човек го прочитал и придружното издание на Стражарска кула, кое содржело статија која го предизвикала да го преиспита своето долгогодишно верување во тројството. После шест месеци се крстил! Затоа, не се двоуми да ги вовлечеш читателите на нашите списанија во духовни дискусии. Би можел да ја воведеш брошурата Што бара Бог од нас? и да понудиш за само неколку минути да дискутирате за една лекција на секоја посета секогаш кога ќе се вратиш со нов сендвич списанија.
9 Внимателно размисли за тоа кој од твоите повторни посети и деловни контакти најверојатно ќе цени да ги има тековните изданија на Стражарска кула и Разбудете се! Потоа вложи трудољубив напор да дојдеш до нив. Допри до колку што е можно повеќе луѓе со овие вредни списанија. И никогаш не заборавај дека, додека настојуваш да им помогнеш на повеќе луѓе да ги читаат нашите списанија, ти ‚го пушташ лебот свој по водите‘. Со текот на времето, можеби ќе имаш успех во пронаоѓањето идни соученици (Проп. 11:1, 6).