Искористувај ги најдобро што можеш нашите списанија
1 Кога ќе застанеш пред некој киоск, што гледаш? Списанија. Што ти го привлекува вниманието во продавниците на аглите од улиците? Списанијата. Со што му е преполна торбата на поштарот? Со списанија. Според тоа, што читаат многу луѓе? Списанија. Анкетите покажуваат дека од 10 млади на возраст меѓу 10 и 18 години, 9 читаат најмалку по едно списание месечно, а истиот процент важи и за возрасните. Светот е заинтересиран за списанија.
2 Можеме ли да направиме искрените луѓе да се интересираат за Стражарска кула и за Разбудете се!? Да, ако самите НИЕ се интересираме за Стражарска кула и за Разбудете се! Што може да ни помогне? Разгледај ги следниве предлози:
◼ Читај ги списанијата: Еден патувачки надгледник известува дека во неговата покраина, во просек само 1 од 3 објавители го чита секој број на Стражарска кула и на Разбудете се! од почеток до крај. Дали го читаш и ти? Додека ја читаш секоја статија, прашај се: ‚Кој би ги ценел овие информации — некоја мајка, некој агностичар, некој деловен човек или некој младинец?‘ Во својот личен примерок обележи мисла до две што можеш да ги користиш кога ќе го презентираш списанието. Потоа размисли како можеш да го побудиш интересот за темата само со една-две реченици.
◼ Нарачката на списанија нека ти биде одредена: Нарачај кај братот кој се грижи за списанија, реален број примероци од секое издание. На овој начин, ти и твоето семејство ќе бидете редовно и соодветно снабдени со списанија.
◼ Испланирај редовен Ден за списанија: Многу собранија имаат одредено ден првенствено за сведочење со списанија. Можеш ли и ти да го поддржиш собранискиот Ден за списанија? Ако не можеш, обиди се понекогаш да користиш дел од времето кога си во служба за да сведочиш на улица со списанија и лично да ги растураш било од врата до врата било на обиколките со списанија.
◼ Биди заинтересиран за „Стражарска кула“ и за „Разбудете се!“: Кога патуваш или купуваш, носи со себе од списанијата. Понуди ги кога разговараш со соработниците, со соседите, со соучениците или со наставниците. Еден брачен пар кој често патува со авион користи некоја мисла од најновите списанија за да започне разговор со патниците кои седат до нив. Тие доживеале голем број извонредни искуства. Некои млади редовно носат на училиште статии за кои сметаат дека ќе бидат интересни за нивните наставници или за соучениците. Понеси списанија со себе кога вршиш приватни работи, и понуди им ги на трговците откако ќе ја завршиш работата. Многумина од нас редовно купуваат бензин; зошто да не им ги понудиме списанијата на вработените на бензинските пумпи? Нека ти бидат при рака кога те посетуваат роднините, кога се возиш во јавен превоз или кога чекаш да се сретнеш со некого. Можеш ли да се сетиш на други соодветни прилики?
◼ Подготви кратка презентација на списание: Планирај да кажеш малку, но тоа да биде кратко и добро кажено. Биди одушевен. Обраќај се на срцето. Биди конкретен. Извлечи една мисла од некоја статија, изрази ја со неколку зборови и понуди ги списанијата. Најдобро може да се презентираат ако се постави едно прашање на темата на која се зборува, а потоа да се укаже на една статија која го дава библискиот одговор. Разгледај неколку примери како може ова да се изведе:
3 Ако истакнуваш статија за зголемената стапка на криминал, можеш да прашаш:
◼ „Што е потребно да се направи за да можеме ноќе да спиеме без страв од криминал?“ Станарот можеби не се надева дека работите ќе се подобрат. Можеш да му одговориш дека многу луѓе го чувствуваат истото, и да додадеш дека имаш некои информации за кои веруваш дека ќе го интересираат. Потоа осврни се на една соодветна мисла од статијата.
4 Кога нудиш статија за семејниот живот, можеш да речеш:
◼ „Многу луѓе сметаат дека во денешно време е вистински предизвик да се заработува за живот и да се подига фамилија. На оваа тема се напишани бројни книги, но дури ни стручњаците не се согласни околу решенијата на нашите проблеми. Можеме ли некаде да се обратиме за сигурно водство?“ Потоа укажи на некој конкретен коментар во списанието, коментар што ја прикажува мудроста која се наоѓа во Библијата.
5 Можеш да го примениш и следниов пристап кога нудиш статија за социјалните проблеми:
◼ „Повеќето луѓе денес се под притисок. Бог никогаш немал намера да живееме на ваков начин.“ Потоа покажи како може материјалот во статијата, што е темелен на Библијата, да ни помогне сега да се соочиме со проблемите во животот и да ни даде надеж за трајно решение во иднина.
6 Што да се каже за донациите? За да можат луѓето што имаат ценење, да знаат за начинот на кој можат да помогнат, можеш да речеш: „Иако нашата литература се нуди бесплатно, прифаќаме скромни прилози за нашето светско дело“.
7 Сведочењето на улица е делотворно: Уште во изданието на Информатор (Наша служба за Царството) од јануари 1940 година, објавителите беа за првпат охрабрени да планираат посебен ден во седмицата за сведочење на улица со списанија. Дали учествуваш одвреме-навреме во сведочењето на улица? Ако учествуваш, дали методата што ја користиш е навистина делотворна? Забележано е дека некои објавители стојат на некој агол од прометна улица, разговарајќи меѓу себе додека мноштва луѓе поминуваат незабележани. Наместо да стоиме еден до друг со списанијата, поделотворно е да се одделиме и да им пристапуваме на луѓето. Непознатите луѓе можат да застанат и кратко да сослушаат ако им пристапи само една особа, но малкумина ќе преземат иницијатива да ѝ пристапат на некоја група која е задлабочена во разговор. Бидејќи на улица привлекуваме големо внимание, постои посебна потреба да бидеме уредни и скромно облечени, како што им прилега на Божјите слуги (1. Тим. 2:9, 10).
8 Обиколки со списанија: Оние кои имаат обиколка со списанија даваат многу списанија дури и кога подрачјата се редовно обработувани. Обиколките со списанија се извонреден извор на потенцијални домашни библиски студии.
9 Кога правиш редовни повторни посети за да ги однесеш списанијата, ќе увидиш дека срдечноста и пријателството меѓу тебе и станарот расте. Колку подобро ќе се запознаете толку полесно ќе биде да разговарате за библиски теми. Ова може да доведе до започнување на продуктивна домашна библиска студија. На посетите каде што е очигледно ценењето за списанијата, понуди претплата. И запомни, секојпат кога ќе контактираш со станарот можеш да известиш повторна посета.
10 Една сестра редовно ѝ носела списанија на некоја жена која секогаш ги земала списанијата, но велела: „Не верувам во она што ми го кажувате“. Подоцна, при една посета сестрата го нашла дома сопругот. После еден пријателски разговор, биле направени подготовки да се започне библиска студија. Сестрата се спријателила со трите сина кои им се придружиле во студијата. На крајот, мајката и нејзините три сина му го предале својот живот на Јехова и се крстиле. До денес, 35 членови од семејството ја прифатиле вистината. А сето ова било затоа што сестрата се придржувала кон својата обиколка со списанија!
11 Постојат многу начини за започнување на обиколка со списанија. Можеш да започнеш со обиколка ако едноставно водиш белешки за местата каде што си оставил списанија и ако испланираш да доаѓаш секоја втора седмица со најновите броеви. Еден начин е да ги користиш информациите од рубриката „Во следното издание“. Кога ќе дојдеш повторно, кажи му на станарот дека ја имаш статијата што претходно си ја споменал. Или, кога ќе правиш повторна посета, можеш да речеш: „Кога ја читав оваа статија, помислив дека ќе ве интересира . . .“ Потоа, дај неколку кратки коментари за статијата и понуди ја. Кога ќе завршиш со посетата, забележи пет едноставни работи во своите белешки од куќа до куќа: 1) името на станарот, 2) адресата на станарот, 3) датумот на посетата, 4) списанијата што си му ги оставил и 5) понудената статија. Некои објавители се многу успешни во развивањето на обиколки со списанија, собирајќи до 40, па и повеќе посети на својот список!
12 Деловно подрачје: Објавителите кои работат на деловно подрачје, врачуваат голем број списанија. Дали си се обидел со работа од дуќан до дуќан? Извештаите покажуваат дека во некои собранија, учествувањето во оваа гранка на службата е прилично слабо. Пред сѐ, некои се плашат да ги посетуваат деловните луѓе, но откако ќе се обидат неколку пати, увидуваат дека тоа е и интересно и носи награди. Зошто не замолиш некој искусен објавител или пионер да ти помогне да започнеш?
13 Во работата од дуќан до дуќан има неколку предности. Најчесто сите се тука, барем во работно време! Деловните луѓе обично се учтиви, дури и ако не се особено заинтересирани за Библијата. Започни рано; веројатно ќе бидеш подобро примен. Откако ќе се претставиш, можеш да речеш дека ретко ги наоѓаш дома вработените луѓе, па затоа само накратко ги посетуваш на нивното работно место за да им ги понудиш најновите броеви на Стражарска кула и Разбудете се! Укажи дека голем број деловни луѓе ги ценат нашите списанија затоа што сакаат да бидат во чекор со настаните во светот, но дека имаат малку време за читање. Списанијата содржат информации кои подбудуваат на размислување, а изнесени се од понова перспектива — без религиозни, политички или комерцијални предрасуди. Кај заинтересираните лица кои ќе ги најдеме на деловно подрачје можеме да започнеме обиколка со списанија.
14 Подгответе се како семејство: Може да се одвои за тоа малку време на вашата семејна студија за да дискутирате кои статии од најновите списанија ќе одговараат на вашето подрачје. Членовите на семејството — вклучувајќи ги и децата — можат наизменично да ги вежбаат своите презентации и совладувањето на вообичаените приговори што се јавуваат, како: „Имам работа“, „Имаме своја религија“ или „Не ме интересира“. Добрата соработка може да придонесе целото семејство редовно да учествува во дистрибуцијата на списанија.
15 Водителот на студија на книга може да помогне: Секогаш кога е тоа практично, планирајте ги состаноците за служба во Деновите за списанија, на местата каде што се одржува студија на книга, наместо целото собрание да се состане во Салата на Царството. Оние кои се задолжени да ги водат состаноците за служба на подрачјето, треба да бидат добро подготвени со конкретни предлози за групата. Тоа може да вклучува примерна презентација и една од две мисли од најновите списанија што може да се користат за да се побуди интересот на локалното подрачје. Состаноците за служба на подрачјето — вклучувајќи го и организирањето на групата — треба да бидат кратки, да не траат повеќе од 10 до 15 минути. Водителите на студија треба да се погрижат да има доволно подрачја за да може групата да работи цело време додека е во служба на подрачјето.
16 Покажи ценење за списанијата: Статијата „Добро да се користат Стражарска кула и Разбудете се!“, што беше објавена во Наша служба за Царството од јули 1993, ја содржеше следнава важна мисла: „Стражарска кула и Разбудете се! не ја губат својата вредност, дури и ако не се врачат за месец или два по нивниот датум на издавање. Информациите што тие ги содржат не стануваат помалку важни со изминувањето на времето . . . Допуштањето да се натрупаат постари списанија и никогаш да не се употребат покажува недостиг на ценење за овие вредни орудија. . . . Наместо да се оставаат настрана постарите списанија и да се заборави на нив, зар не би било подобро да се направат посебни напори да им се врачат на заинтересираните луѓе?“
17 Денес има голем број искрени лица кои ја бараат вистината. Информациите што ги содржи едно списание можат да бидат токму она што им е потребно да ги доведе до вистината! Јехова ни дал да објавиме возбудлива порака, а нашите списанија играат важна улога во пренесувањето на таа порака на другите. Ќе бидеш ли во иднина повеќе заинтересиран за дистрибуција на списанијата? Ќе примениш ли некои од овие предлози уште овој викенд? Ако го сториш тоа, ќе бидеш богато благословен.
Практични предлози:
◼ Прочитај ги списанијата однапред и запознај се со статиите.
◼ Избери статија која се занимава со нешто што е од општ интерес во вашето место.
◼ Подготви презентација која ќе одговара за различни видови луѓе — за мажи, за жени или за млади. Покажи како списанијата се однесуваат на станарот и како ќе може да ужива во нив целото семејство.
◼ Планирај да учествуваш во службата на своето подрачје кога повеќето луѓе се дома. Некои собранија прават подготовки за вечерно сведочење со списанија.
◼ Презентацијата нека ти биде кратка и директна.
◼ Не зборувај пребрзо. Ако твојот слушател не е заинтересиран, брзото зборување нема да помогне. Обиди се да бидеш опуштен и дај му на станарот прилика да одговори.
Нудење списанија од куќа до куќа
◼ Имај пријателска насмевка и љубезен тон на гласот.
◼ Биди одушевен кога ги нудиш списанијата.
◼ Зборувај полека и разбирливо.
◼ Зборувај само на една тема; со малку зборови поттикни го интересот и покажи му ја на станарот вредноста на темата.
◼ Истакни само една статија.
◼ Покажи само едно списание, нудејќи му го другото како придружно.
◼ Списанијата дај му ги в раце.
◼ Кажи му дека планираш да дојдеш повторно.
◼ Доколку списанијата се одбиени, заврши го разговорот пријателски, позитивно.
◼ Забележи го во своите белешки од куќа до куќа секој интерес и место каде што си оставил литература.
Прилики да се врачат списанија:
◼ Сведочење од куќа до куќа
◼ Сведочење на улица
◼ Работа од дуќан до дуќан
◼ Обиколка со списанија
◼ Вечерно сведочење
◼ На повторни посети
◼ При посета на поранешни библиски ученици
◼ Кога патуваш, купуваш
◼ Кога разговараш со роднини, соработници, соседи, соученици, наставници
◼ Во јавниот превоз, во чекални