Љубовта нѐ мотивира да проповедаме
1 Како Јеховини сведоци, најмногу сме познати по тоа што сме ревносни проповедници на пораката за Царството (Мат. 24:14). Во светот се активни повеќе од шест милиони, а се придружуваат и нови кога ќе почнат заедно со нас да учествуваат во проповедањето. Врз основа на учеството во ова дело се внесуваат податоци во табели.
2 Што нѐ мотивира доброволно да учествуваме во оваа предизвикувачка задача? Не сме присилени, намамени од некаква материјална добивка ниту, пак, ни се понудени некои посебни почести. Во почетокот, многумина од нас се плашеле затоа што се чувствувале неквалификувани, а одѕивот на луѓето честопати бил негативен (Мат. 24:9). Повеќето од оние кои нѐ набљудуваат, не можат да сфатат што е тоа што нѐ мотивира. Мора да постои некоја силна причина што истрајуваме.
3 Моќта на љубовта: Исус открил која е најголемата заповед кога рекол дека мораме ‚да го љубиме Јехова, својот Бог, со сето свое срце, душа, ум и сила‘ (Мар. 12:30). Нашата љубов кон Јехова се темели на длабоки чувства на ценење за тоа кој и што е тој — Суверен Владетел, Творец на сите нешта, оној кој е ‚достоен да прими слава, чест и моќ‘ (Откр. 4:11). Неговите прекрасни особини се неспоредливи (Изл. 34:6, 7).
4 Тоа што го познаваме и го сакаме Јехова, нѐ поттикнува да пуштиме нашата светлина да свети пред луѓето (Мат. 5:16). Нашата светлина свети кога јавно го фалиме, зборуваме за неговите чудесни дела и ја шириме пораката за неговото Царство. Исто како ангелот среде небото, и ние имаме ‚вечна добра вест за да ја објавиме како радосна новост . . . на секоја нација и племе и јазик и народ‘ (Откр. 14:6). Нашата љубов е силата што стои зад проповедничкото дело низ целиот свет.
5 Во очите на светот нашето проповедање е „безумство“ на кое не треба да му се обрнува внимание (1. Кор. 1:18). Насекаде се правеле обиди да се спречи нашето дело. Нашата лојална љубов нѐ зајакнува, исто како апостолите, да изјавиме: „Не можеме да престанеме да зборуваме за она што сме го виделе и чуле . . . Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето“ (Дела 4:20; 5:29). Делото на проповедање и понатаму се шири низ сите делови на земјата и покрај противењето.
6 Нашата љубов кон Јехова е како распален оган кој нѐ тера да ги објавуваме насекаде неговите извонредности (Ерем. 20:9; 1. Пет. 2:9). Ќе продолжиме да ‚им ги објавуваме на народите Неговите дела . . . зашто тој создаде убавини‘! (Иса. 12:4, 5).