Нашата служба — израз на вистинска љубов
1 Преку нашата служба ја покажуваме нашата послушност кон двете најголеми заповеди (Мат. 22:37—39). Нашата љубов кон Јехова нѐ мотивира позитивно да зборуваме за него. Љубовта кон нашите ближни нѐ поттикнува да ги охрабруваме да бараат спознание за Божјата волја и намера, па така, како нас, да го засакаат Јехова и да се постават во редот за наградата вечен живот. Значи, преку нашата служба му оддаваме чест на Јеховиното име и ја споделуваме бесценетата надеж за Царството со нашите ближни. Да, нашата служба е израз на вистинска љубов кон Бог и кон човекот.
2 Нашата љубов нѐ тера да зборуваме на секакви луѓе во секакви околности (1. Кор. 9:21—23). Да илустрираме: Во авион, еден христијански старешина седнал покрај некој римокатолички свештеник. Старешината го навел свештеникот на разговор поставувајќи му неколку тактични прашања и потоа ја насочил дискусијата кон Царството. Кога дошло време свештеникот да се симне од авионот, тој зел две од нашите книги. Колку добар исход од тоа што старешината изразил вистинска љубов кон својот ближен!
3 Вистинската љубов нѐ мотивира да проповедаме: Оние кои се ангажираат во помошното и полновременото пионерско дело, сигурно, изразуваат вистинска љубов кон Бог и кон ближниот. Пионерите постојано го жртвуваат своето време и енергија за духовно да им помагаат на другите. Што ги мотивира да го прават тоа? Една пионерка рекла: „Знам дека љубовта е плод на Божјиот дух. Затоа, без неа јас воопшто не би била во вистината, а камоли да успеам како пионер. Љубовта ме прави заинтересирана и загрижена за луѓето, свесна за нивните потреби и јас го ценам тоа што луѓето реагираат на љубовта“. Исус покажал таква љубов кон луѓето. Во една прилика, кога тој и неговите уморни ученици оделе некаде за да ‚се одморат малку‘, мноштвата отишле таму пред нив. Што сторил Исус? ‚Смилувајќи се над нив‘, тој ги одложил своите лични потреби за „да ги поучува многу“ (Мар. 6:30—34).
4 Дури и тогаш кога луѓето ја одбиваат добрата вест што ја нудиме, ние доживуваме внатрешна радост од сознанието дека, поттикнати од љубов, сме дале сѐ од себе за да им помогнеме да добијат спасение. Кога на крајот на сите ќе ни суди Христос, ќе бидеме многу среќни што сме покажале вистинска љубов со тоа што ‚потполно сме ја извршиле нашата служба‘ (2. Тим. 4:5, NW).