Сведочи како добар сосед
1 Исус рекол да го ‚љубиме својот ближен како себеси‘ (Мат. 22:39). Несомнено, ти ‚им правиш добро‘ на соверниците, но можеш ли да се рашириш во својата љубов кон луѓето кои живеат во близина? (Гал. 6:10). На кои начини можеш да го сториш тоа?
2 Со тоа што ќе се идентификуваме: Дали твоите соседи знаат дека си Сведок? Ако не, зошто не појдеш кај нив во служба на теренот? Резултатите можеби ќе те изненадат! Или, ако ти е позгодно, обиди се да им сведочиш неформално. Кога си излезен, можеби ќе ги видиш како работат во дворот или опуштено се шетаат на улица. Пристапи им со срдечна насмевка. Настојувај да зборуваш за своите верувања, за тоа каде е Салата на Царството и што се случува таму, а потоа кажи им кој друг од соседството доаѓа. Покани ги да дојдат на состанок. Биди одлучен да му дадеш темелно сведоштво за добрата вест на секого што го познаваш (Дела 10:42; 28:23).
3 Со твоето примерно однесување: Твоето добрососедско однесување многу кажува за тебе и може да го отвори патот да дадеш сведоштво. Исто така, тоа го ‚украсува учењето на Бог‘ (Тит 2:7, 10). Покажи искрен интерес за твоите соседи. Биди пријателски настроен и полн со разбирање. Почитувај го нивното право на приватност и тивка околина. Ако некој од нив се разболи, биди обѕирен и понуди се да помогнеш. Кога во соседството ќе се всели некое ново семејство, намини кај нив и изрази им добредојде. Таквите љубезни постапки оставаат поволен впечаток и тие му се угодни на Јехова (Евр. 13:16).
4 Со изгледот на твојот имот: Да бидеш добар сосед значи и да се грижиш твојот дом да биде претставителен. Домот и дворот кои се чисти и привлечни самите за себе даваат сведоштво. Но, домот кој е валкан или во кој сѐ е расфрлано, веројатно ќе одврати од пораката за Царството. Затоа, многу е важно да го одржуваш својот дом, двор и возила чисти и во добра состојба.
5 Покажувањето грижа за оние кои се надвор од христијанското собрание е показател и на љубов кон соседите. Каков може да биде исходот? Можеби „на темел на вашите добри дела чиишто очевидци се тие“, некои од нив ќе „го прослават Бог“ (1. Пет. 2:12).