Дел 2: Водење напредни библиски студии
Подготви се да ја водиш студијата
1 За да се поучува делотворно во текот на една библиска студија, потребно е повеќе отколку само да се дискутира за материјалот и да се прочитаат наведените стихови. Треба да ги изнесеме информациите така, што ќе го достигнеме срцето на оној што го поучуваме. Ова бара темелно да се подготвиме имајќи го на ум лицето со кое ќе проучуваме (Посл. 15:28).
2 Како да се подготвиме: Почни така што ќе му се молиш на Јехова за тоа лице и за неговите потреби. Замоли го Јехова да ти помогне да го достигнеш неговото срце (Кол. 1:9, 10). За да ти биде јасна темата што се обработува, разгледај ги накратко насловот на поглавјето или лекцијата, поднасловите и визуелните помагала. Прашај се: ‚Која е главната цел на овој материјал?‘ Ова ќе ти помогне да го насочиш вниманието на главните мисли додека ја водиш студијата.
3 Внимателно разгледај го материјалот пасус по пасус. Види каде точно се наоѓаат одговорите на отпечатените прашања, но потцртај си ги само клучните зборови и фрази. Анализирај како наведените стихови се поврзани со главната мисла во пасусот, и избери кои стихови ќе ги читате во текот на студијата. Можеби ќе ти биде од помош да направиш кратки белешки на маргините од публикацијата. Ученикот треба јасно да увиди дека она што го учи е од Божјата реч (1. Сол. 2:13).
4 Приспособи ја лекцијата на потребите на ученикот: Потоа, разгледај ја лекцијата размислувајќи за конкретниот ученик. Пробај да предвидиш што ќе те праша, како и кои работи ќе му бидат тешки да ги разбере или да ги прифати. Прашај се: ‚Што треба да разбере или на што треба да работи за да напредува во духовен поглед? Како можам да му го достигнам срцето?‘ Потоа приспособи го своето поучување во склад со она што ќе го заклучиш. Понекогаш можеби ќе увидиш дека има потреба да подготвиш илустрација, дополнително објаснување или уште неколку прашања за да му помогнеш на ученикот да го сфати значењето на некоја мисла или стих (Неем. 8:8). Но, избегнувај да внесуваш додатни информации што не се баш поврзани со темата. Едно кратко повторување на крајот на студијата ќе му помогне на ученикот да ги запамти главните мисли.
5 Каква само радост е за нас кога новите донесуваат праведен плод на Јеховина фалба! (Фил. 1:11). За да им помогнеш да ја постигнат таа цел, добро подготви се секогаш кога водиш библиска студија.