Мораме да го почитуваме Јеховиниот авторитет
Што ти паѓа на ум кога ќе се спомнат древните имиња Кореј, Датан и Авирон? Побуна! Против што? Против божествениот авторитет. Во Броеви 16. поглавје се изнесени деталите од нивниот трагичен начин на постапување, а во статијата „Лојално подложувај му се на божествениот авторитет“ во изданието на Стражарска кула од 1 август 2002 е даден преглед на тие настани. Ќе извлечеш корист ако го прочиташ овој материјал и потоа гледаш на каков отрезнувачки начин е прикажан на видеокасетата Почитувај го Јеховиниот авторитет. Ќе видиш каков конфликт се развил меѓу верните синови на Кореј и нивниот бунтовен татко, кој се нашол во судир со Суверенот на универзумот (Бро. 26:9—11). Оваа вистинита драма треба да нѐ поттикне сите нас да му бидеме лојални на Јехова во уште поголема мера. Иако оваа видеокасета сѐ уште ја нема на македонски јазик, можеме да извлечеме корист ако ја гледаме на некој друг достапен јазик и ако се потсетиме на драмата што беше прикажана на програмата на обласниот конгрес во 2001.
Додека ја гледаш касетата, обиди се да ги препознаеш шесте клучни полиња на кои Кореј и оние што се побунија со него не го положија испитот на лојалноста: 1) На кој начин тие покажаа непочитување кон божествениот авторитет? 2) Како дозволија гордоста, амбицијата и љубомората да влијаат врз нив? 3) Како се концентрираа само на мааните на оние што беа наименувани од Јехова? 4) Каков став на жалење се разви кај нив? 5) Зошто станаа незадоволни од своите предносни служби? 6) Како дозволија пријателите и семејството да им станат поважни од лојалноста кон Бог?
Размисли како поуките што ги извлековме од оваа библиска драма се поврзани со тоа како лично гледаме на божествениот авторитет денес: 1) Како треба да реагираме на одлуките на старешините во собранието, и зошто? 2) Како можеме да се бориме со кој и да е неисправен мотив во нас? 3) Како треба да реагираме на несовршеностите на оние што се наименувани да преземат водство? 4) Што можеме да направиме ако во нашето срце почне да се развива дух на жалење? 5) Како треба да гледаме на предностите што ни се дадени? 6) Кој не треба никогаш да ни биде поважен од нашата лојалност кон Бог, и кога ова може да стане тежок испит за нас?
Откако ќе се дискутира за овие информации во собранието, зошто да не ја гледаме видеокасетата уште еднаш? Нека се врежат уште повеќе во нашиот ум причините зошто мораме секогаш да го почитуваме Јеховиниот авторитет! (Псал. 18:25; 37:28).