Сочувството — дел од нашата служба
1 Исус забележал дека мноштвата што ја слушале неговата порака биле „одрани и расеани како овци без пастир“ (Мат. 9:36). Со нежен тон на гласот и со љубов, тој ги поучувал за Јеховините мерила, ги тешел и сочувствително ги задоволувал нивните духовни потреби. Додека длабоко размислуваме за начинот на кој постапувал Исус, учиме да размислуваме и да чувствуваме како него, и тогаш и самите покажуваме сочувство кон луѓето кога сме во служба.
2 Размисли за момент за реакцијата на Исус кога му пристапиле луѓето кои очајно барале помош (Лука 5:12, 13; 8:43-48). Тој бил обѕирен кон оние што имале посебни потреби (Мар. 7:31-35). Бил свесен за чувствата на другите и постапувал во согласност со тоа. Не ги проценувал луѓето според надворешниот изглед (Лука 7:36-40). Навистина, Исус совршено го одразувал длабокото сочувство на нашиот Бог.
3 „Се сожали над нив“: Исус не ја извршувал својата служба само од чувство на должност. Тој ‚се сожалил над‘ луѓето (Мар. 6:34). Слично е и денес. Ние не одиме само за да пренесеме една порака, туку се обидуваме да спасиме скапоцени животи. Труди се да разбереш зошто луѓето реагираат на одреден начин. Што ги загрижува или ги вознемирува? Дали се занемарени и излажани од пастирите на лажната религија? Ако сме искрено заинтересирани за другите, можеби ќе ги поттикнеме да ја слушаат добрата вест (2. Кор. 6:4, 6).
4 Сочувството ги допира срцата на луѓето. На пример, една жена многу тагувала поради смртта на нејзината тримесечна ќеркичка. Кога на врата ѝ дошле две жени кои биле Јеховини сведоци, ги поканила да влезат со намера да ги побие нивните аргументи за причините од кои Бог дозволува да страдаме. Меѓутоа, жената подоцна рекла: „Тие ме слушаа со големо сочувство, и кога си одеа, се чувствував толку подобро што се согласив да дојдат и друг пат“. Дали се трудиш да покажеш сочувство кон секој што го сретнуваш во службата?
5 Нашето сочувство кон другите ќе ни помогне вистински да ги утешиме. На тој начин го славиме „Таткото на нежни милосрдија“, Јехова (2. Кор. 1:3).