Не ги заборавајте неактивните
1. Зошто треба да се трудиме да ги охрабриме оние што станале неактивни?
1 Дали познаваш некој што станал неактивен? Можеби престанал да се дружи со собранието и се одвлекол од верата. Можеби си контактирал со такво лице додека си учествувал во службата од куќа до куќа. Мора да имаме на ум дека оној што е неактивен и понатаму е наш духовен брат. Треба да му докажеме дека го сакаме и да му помогнеме да се врати во собранието и ‚кај пастирот и чуварот на нашите души‘ (1. Пет. 2:25).
2. Како можеме да охрабриме едно неактивно лице?
2 Покажи дека се грижиш: Еден краток телефонски разговор или посета може да го увери оној што станал неактивен дека не сме го заборавиле. За што би можеле да зборуваме? Можеби ќе го охрабриме едноставно со тоа што ќе му кажеме дека мислиме на него. Разговорот нека биде позитивен и изградувачки (Фил. 4:8). Би можеле да спомнеме некоја мисла што сме ја слушнале на некој неодамнешен состанок. Исто така, би било добро да го поканиме да дојде на следниот состанок или собир, да му кажеме дека ќе му чуваме едно место до нас, или, пак, да му обезбедиме превоз.
3. Како една сестра повторно станала активна?
3 Додека била во служба на подрачјето, една објавителка сретнала една сестра што била неактивна повеќе од 20 години. Иако неактивната сестра не прифатила да ја проучува Библијата, објавителката што ја нашла и понатаму ја посетувала, при што ѝ ги носела најновите списанија. По обласниот конгрес, објавителката ѝ кажала на неактивната сестра некои важни мисли од конгресот и со текот на времето таа повторно станала активна.
4. Како треба да се однесуваме со некој што повторно почнал да доаѓа на состаноците?
4 Кога некој ќе се врати: Како треба да се однесуваме со некој неактивен брат кој повторно ќе почне да доаѓа на состаноците? Па, како постапил Исус со своите ученици откако тие привремено го напуштиле? Тој топло им се обратил како на свои „браќа“ и покажал дека има доверба во нив. Дури им дал и важни задачи (Мат. 28:10, 18, 19). Кратко потоа, тие „без престан“ ја објавувале добрата вест (Дела 5:42).
5. Спомни некои ситуации во кои треба да зборуваме со старешините за некој што е неактивен.
5 Пред да му понудиме на некој што станал неактивен да ја проучува Библијата или пред да поканиме некој брат што долго време бил неактивен да нѐ придружува во службата, треба да бараме упатства од старешините. Ако на подрачјето сретнеме некој неактивен објавител, треба да ги известиме старешините за да можат да ја понудат потребната помош.
6. Каква радост би можеле да доживееме ако им помагаме на оние што се неактивни?
6 Библијата јасно покажува дека само оние што ќе ја истрчаат трката до крај ќе бидат спасени (Мат. 24:13). Затоа, обрни внимание на оние што можеби се сопнале или биле одвлечени од верата. Ако стрпливо ја одразуваме Јеховината љубов со тоа што ќе покажеме искрен интерес за нив, можеби ќе ја доживееме радоста да видиме како тие повторно учествуваат во светата служба заедно со нас (Лука 15:4-10).