Сите можат да помогнат во правењето нови ученици
1 За некој да стане нов ученик потребно е повеќе од трудот на само еден човек. Јехова може да ги користи сите свои „соработници“ за да им помогне на оние што почнале да ја проучуваат Библијата духовно да напредуваат (1. Кор. 3:6-9). Освен со нашите искрени коментари на христијанските состаноци, сите ние како поединци можеме да им помогнеме на интересентите и со нашето добро однесување, кое дава јасен доказ дека Божјиот дух дејствува во нашиот живот (Јован 13:35; Гал. 5:22, 23; Еф. 4:22, 23). Што уште можеме да сториме за да им помогнеме на интересентите?
2 Како собрание: Сите ние можеме да покажеме интерес за оние што почнале да присуствуваат на состаноците така што ќе им пристапиме, срдечно ќе ги поздравиме и ќе поразговараме со нив пред и по состаноците. Потсетувајќи се на тоа кога првпат дошол во Салата на Царството, еден човек рекол: „Само во еден ден сретнав повеќе срдечни и љубезни луѓе, кои воопшто не ги познавав, отколку што запознав во црквата во која одев уште од дете. Беше очигледно дека ја пронајдов вистината“. Тој се крстил седум месеци откако присуствувал на својот прв состанок.
3 Додека духовно напредува некој интересент искрено пофали го за тоа. Можеби истрајно поднесува противења. Присуствува ли редовно на состаноците? Дали собрал храброст за да коментира? Дали се запишал во Теократската школа за служба или започнал да учествува во службата? Пофали го за напредокот што го направил. Ова ќе го освежи и ќе го охрабри (Изр. 25:11).
4 Кога проучуваме со некого: Некои објавители им помогнале на интересентите да се запознаат со различни членови од собранието така што замолиле други објавители да дојдат со нив на библиската студија. Колку што е можно побрзо, покани го интересентот да дојде на собраниските состаноци. Кога ќе почне да присуствува на состаноците, запознај го со другите. Дали се труди да надмине некоја лоша навика, како што е пушењето? Дали некој од неговото семејство му се противи затоа што тој ја проучува Библијата? За него може да биде корисно ако разговара со некој објавител што доживеал и надминал слични тешкотии (1. Пет. 5:9).
5 На новите им треба духовна поддршка од собранието. Сите можат да им помогнат да напредуваат така што ќе покажат срдечен личен интерес за нив.