Да покажеме благодарност за највредниот дар од Бог
1. За што сме му многу благодарни на Јехова?
1 Од многуте ‚добри дарови‘ што ни ги дал Јехова, највредниот дар е откупнината што ја платил неговиот сакан Син (Јак. 1:17). Преку неа добиваме бројни благослови, вклучувајќи и простување на нашите гревови (Еф. 1:7). За ова сме многу благодарни. Особено во периодот околу Спомен-свеченоста длабоко размислуваме за овој скапоцен дар.
2. Што ќе ни помогне како поединци и како семејство да имаме уште поголемо ценење за откупнината?
2 Да им помогнеме да го зголемат своето ценење: За да им помогнете на членовите на своето семејство да имаат уште поголемо ценење за откупнината, би можеле, неколку седмици пред Спомен-свеченоста на 30 март, за време на Семејната вечер посветена на Јехова да проучувате материјал во врска со откупнината. Исто така, би можеле како семејство секој ден да ја читате Библијата според посебниот распоред за Спомен-свеченоста. Секој треба длабоко да размислува како нему лично му користи откупнината и како таа влијае врз неговото гледиште за Јехова, за себеси, за другите и за иднината. Ќе биде добро да ги вежбате и двете нови песни што ќе се пеат на Спомен-свеченоста — песна бр. 8 и бр. 109 (Пс. 77:12).
3. Како би можеле да ја покажеме нашата благодарност?
3 Како ќе покажеме благодарност: Ценењето за откупнината нѐ поттикнува да им кажуваме на другите за Јехова и за големата љубов што ја покажал со тоа што го испратил својот Син на Земјата (Пс. 145:2-7). Во март, април и мај, некои семејства ја покажуваат својата благодарност така што се трудат барем еден од нив да биде помошен пионер. Ако ова не е изводливо за вас, би можеле ли да си ‚откупите време‘ за повеќе да учествувате во службата? (Еф. 5:16). Исто така, благодарноста ќе нѐ поттикне да им помогнеме на другите да дојдат на Спомен-свеченоста (Отк. 22:17). Почни да си правиш список со оние што редовно ги посетуваш, како и интересентите, роднините, колегите и соседите, а потоа со сета душа учествувај во посебната акција во која ќе делиме покани за Спомен-свеченоста.
4. Како би можеле мудро да го искористиме периодот околу Спомен-свеченоста?
4 И оваа година, периодот околу Спомен-свеченоста ни дава можност да му покажеме на Јехова колку многу го цениме неговиот дар за човештвото. Да го искористиме ова време за да ја зголемиме и да ја покажеме нашата благодарност за откупнината и за „Христовото неистражливо богатство“ (Еф. 3:8).