‚Сведочи темелно за Божјето Царство‘
1. Што ќе се користи на Собраниското проучување на Библијата почнувајќи од 14 март?
1 Почнувајќи од 14 март 2011, на Собраниското проучување на Библијата ќе ја користиме книгата ‚Сведочи темелно за Божјето Царство‘. Во неа е обработена библиската книга Дела на апостолите, и тоа на таков начин што читателот може потполно да се внесе во живописно раскажаните настани. Оваа публикација не го разработува извештајот од Дела стих по стих, туку изнесува поуки од раскажаните настани кои ќе ни помогнат да видиме како лично да го примениме она што сме го научиле (Рим. 15:4).
2. Објасни некои обележја на книгата Сведочи темелно.
2 Обележја на книгата: Воведот на 2. страница е срдечно писмо од браќата од Водечкото тело во кое ни објаснуваат со каква цел е подготвена оваа книга. Од 2. поглавје понатаму, под секој наслов има една реченица со која е опишана содржината на поглавјето, а потоа се дадени и библиските стихови од книгата Дела на кои се темели тоа. Во многу поглавја има и рамки со додатни корисни информации за различни луѓе, места и настани. На широките маргини има доволно место за забелешки. Целата книга е богато илустрирана. На сликите детално се прикажани некои важни библиски настани за да можеме подобро да си ги замислиме, а на последната страница има индекс на слики со објаснувања за нивната содржина. На внатрешната страна од кориците има географски карти на кои се гледа каде патувале нашите соверници од првиот век додека ја ширеле добрата вест „до крајот на земјата“ (Дела 1:8).
3. На кои важни прашања ќе добиеме одговор додека ја обработуваме книгата Дела?
3 Одговор на важни прашања: Преку обработувањето на книгата Дела ќе добиеме јасен одговор на важни прашања во врска со христијанската служба. На пример, по кое дело и по која порака се препознаваат вистинските следбеници на Исус Христос? Кој го води ова дело што се извршува низ целиот свет, и како го прави тоа? Каква можност имале објавителите на добрата вест дури и кога се соочувале со прогонство и противење? Каква улога игра светиот дух во нашата служба на проповедање?
4. Што можеме да сториме за да извлечеме целосна корист од обработката на оваа публикација?
4 За да извлечеш целосна корист од материјалот, проучи го однапред и подготви коментари што би можел да ги дадеш за време на собраниската дискусија. Присуствувај на секој состанок и размисли како да ги примениш на својата служба поуките што биле истакнати. Додека ја обработуваме оваа убава публикација, сакаме да се засили нашата желба да дадеме темелно сведоштво за Божјето Царство! (Дела 28:23).